Connect with us

Банки

Народна банка: Основната каматна стапка и каматните стапки на расположливите депозити се покачени за 0,25 процентни поени

Објавено

на

На 20 јуни 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за дополнителни 0,25 п.п. до нивото од 6%. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,90% и 3,95%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика којшто започна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на  каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем.

Поместувањата во изминатиот период во сегментите релевантни за монетарната политика се главно во согласност со очекувањата, но ризиците и натаму постојат. Од тие причини е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Имено, во согласност со очекувањата, во мај 2023 година, годишната стапка на инфлација и натаму забавува, а забавување бележи и базичната инфлација, којашто во мај се сведе на едноцифрено ниво. Сепак, инфлацијата и натаму е висока и над историскиот просек, а базичната инфлација којашто сѐ уште е висока упатува на тоа дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната сѐ уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите се засилуваат во надолна насока, но и натаму се проследени со  неизвесност. На девизниот пазар движењата се поволни, а растат и приливите на менувачкиот пазар. Во такви околности, Народната банка е присутна на девизниот пазар со откуп на вишокот девизна ликвидност.

За стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа, водечките централни банки продолжуваат со затегнување на монетарната политика, но интензитетот е поумерен. Имено, од аспект на странската каматна стапка, на состанокот во јуни, ЕЦБ донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки за дополнителни 0,25 п.п., во согласност со изгледите за одржување на инфлацијата на повисоко ниво подолг период од очекуваниот.

Во однос на најновите показатели, кај домашните цени, во мај 2023 година годишната стапка на инфлација и натаму забавува сведувајќи се на 11,3% (13% во претходниот месец), во согласност со оцените за забавување на стапката на инфлација во рамките на априлскиот циклус проекции. Забавувањето на годишната стапка на инфлација е условено од забавениот раст на цените кај сите три компоненти. Ревизиите во однос на очекуваните движења кај надворешните влезни претпоставки за проекцијата на инфлацијата се главно во надолна насока. Сепак, и натаму е нагласена високата неизвесност во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, при неизвесни економски ефекти од војната во Украина.

Во согласност co меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на мај е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на мај беа поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, движењата и натаму се поволни, односно трговскиот дефицит засега е понизок од очекувањата за вториот квартал од 2023 година според априлската проекција. Поволни се и остварувањата на менувачкиот пазар, коишто од почетокот на годината, заклучно со мај, упатуваат на можност за остварување повисоки нето-приливи кај приватните трансфери во однос на проектираните.

Што се однесува до домашната економска активност, во првиот квартал од 2023 година реалниот раст на БДП забрза достигнувајќи 2,1% на годишна основа (по растот од 0,6% во претходниот квартал), малку посилно во однос на проектираното забрзување на растот за овој квартал од априлскиот циклус проекции. Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за април покажуваат умерени негативни движења кај индустриското производство, наспроти минималниот раст во претходниот квартал, како и реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, по растот во претходниот квартал.

Во однос на монетарните движења, првичните податоци за мај 2023 година засега се во согласност со проекциите за забрзан раст кај депозитите, а поумерен кај кредитите во вториот квартал од годината.

Општо земено, инфлациските остварувања, во комбинација со неизвесното и променливо надворешно окружување и ризиците коишто сѐ уште постојат, налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики и соодветна реакција со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се стабилизира инфлацијата на подолготрајна основа. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.

Банки

НЛБ Банка со порака до учениците за почетокот на новата учебна година

Објавено

на

По повод почетокот на новата учебна година, НЛБ Банка Скопје упати честитка до сите ученици, посакувајќи им успешна година исполнета со нови знаења, предизвици и успеси.

„Нови предизвици, нови знаења и уште една година полна со успеси“, порачаа од Банката.

Оттаму на учениците им посакаа успешен почеток и многу причини за гордост во текот на целата учебна година.

„Среќно!“, се наведува во честитката на НЛБ Банка Скопје.

Продолжи со читање

Банки

Седум години „Среќно прваче“ – Халкбанк со поддршка за најмладите ученици

Објавено

на

Повеќе од 2.500 првачиња во четири градови во Македонија годинава добија подароци за успешен почеток на новата учебна година во рамки на иницијативата „Среќно прваче“ на Халкбанк. Станува збор за традиционална активност за општествена одговорност, која банката ја спроведува седма година по ред. Пакетчето содржи училишни материјали и Бонтон за убаво однесување во училиштето и во домот, прилагоден за возраста на учениците од прво одделение. Главната цел на оваа иницијатива е да се поддржи едукацијата на децата уште од најмала возраст.

„Задоволни сме што „Среќно прваче“ прерасна во препознатлива активност на Халкбанк, особено што во изминатите седум години со неа беа опфатени повеќе од 15.000 првачиња. Секоја година се трудиме подароците со училишни материјали да бидат доделени во различни општини и во различни делови на Македонија. Првачињата заслужуваат топло добредојде во училишните клупи и среќни сме што и Халкбанк има можност да придонесе во исполнувањето на оваа цел“, вели Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.

Годинава пакет подароци со ликот на слончето Халки, кое е симбол на детското штедење на Халкбанк, добија првачињата во сите основни училишта во Охрид, Кичево, Гевгелија и во дел од скопските општини.

„Нѝ претставува особено задоволство што општина Гевгелија е дел од иницијативата „Среќно прваче“ на Халкбанк, со која на нашите првачиња им посакуваме успешен, исполнет и радосен почеток на нивното образование. Ваквите иницијативи имаат посебна вредност бидејќи покажуваат дека грижата за најмладите е заедничка одговорност на локалната заедница, институциите и општествено одговорните компании“, изјави Андон Сарамандов, градоначалник на Општина Гевгелија.

„Упатувам благодарност до Халкбанк за оваа општествено одговорна иницијатива и за вниманието посветено на децата од нашата општина. Вложувањето во нивното образование и знаење е вложување во иднината на Кичево и на целото наше општество“, рече Александар Јовановски, градоначалник на Општина Кичево.

Покрај „Среќно прваче“, Халкбанк спроведува и поддржува голем број активности наменети за децата и младите, пред сè со фокус на финансиска писменост, заштита на животната средина, социјална инклузија, развој на креативни навики и одговорно родителство.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ ја отвора вратата за блокчејн: Парите на банката влегуваат во нова дигитална ера

Објавено

на

Европската централна банка сè поотворено ја разгледува можноста парите на централните банки да станат дел од токенизираниот финансиски систем, односно директно да функционираат на дигитални платформи базирани на технологија на дистрибуирани регистри – DLT.

Членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел, на економскиот симпозиум во Џексон Хол порача дека централните банки треба да ја прифатат оваа технологија и самите да „одат on-chain“, наместо нивните пари да останат надвор од новите дигитални финансиски системи.

Според неа, токенизацијата има потенцијал значително да го промени начинот на кој функционираат финансиските пазари, особено во делот на порамнувањето на трансакциите, управувањето со колатерал и обезбедувањето ликвидност.

Доколку централнобанкарските пари станат директно достапни на ваквите платформи, тие би можеле да функционираат како програмабилен дигитален имот. Со користење паметни договори, одредени финансиски операции би можеле автоматски да се извршуваат кога ќе бидат исполнети однапред утврдени услови, со што би се намалиле рачната обработка и потребата од усогласување податоци меѓу институциите.

Шнабел оцени и дека стабилните криптовалути, односно stablecoin-ите, можат да имаат улога во идниот финансиски систем доколку се добро регулирани, но дека не можат целосно да ги заменат резервите на централните банки.

Како една од главните причини ја посочи способноста на централните банки во периоди на финансиски стрес да обезбедат дополнителна ликвидност и да го стабилизираат системот, што приватните издавачи на stablecoin-и не можат да го направат на ист начин.

Евросистемот веќе работи на инфраструктура за поврзување на постојните финансиски системи со DLT платформите преку проектите „Pontes“ и „Appia“.

„Pontes“ треба да ги поврзе постојните TARGET услуги на Евросистемот со DLT платформите, додека „Appia“ има подолгорочна цел – да испита како би можела да изгледа целосната архитектура на токенизираните финансиски пазари во Европа.

Меѓу опциите што се разгледуваат е и заедничка европска инфраструктура во која би можеле истовремено да функционираат централнобанкарските пари, парите на комерцијалните банки и различни видови финансиски средства.

Од ЕЦБ посочуваат дека токенизацијата може да донесе побрзо порамнување на трансакциите, пониски оперативни трошоци и поголема автоматизација, особено кај прекуграничните плаќања и управувањето со колатерал.

Сепак, новата технологија отвора и прашања поврзани со безбедноста, управувањето, интероперабилноста и концентрацијата на ризици.

Конечниот европски модел сè уште не е утврден, но пораката од ЕЦБ е дека централните банки не сакаат да останат само набљудувачи доколку финансиските пазари постепено се преселат на токенизирани и програмабилни платформи.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange