Банки
Ангеловска-Бежоска: Геоекономската фрагментација како предизвик, но и можност за позитивна економска трансформација на земјите од Западен Балкан
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на меѓународната конференција „Повторно поврзување на глобалната економија“, на која најпрво се обрати заменик извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Гита Гопинат, свое обраќање имаше и извршната директорка на Банката за меѓународни порамнувања, Андреа Махлер, а учествуваа гувернери од повеќе земји во светот.
„Геоекономската фрагментација претставува ризик за глобалната економија. Иако сè уште не се согледуваат негативни ефекти врз регионот на Западен Балкан, нема сомнение дека геополитичките ризици се на историски високо ниво и можат да доведат до намалување на трговијата и финансиските приливи. Земјите од Западен Балкан, како мали и отворени економии, можат да ги ублажат ефектите од неповолните геополитички состојби на повеќе начини. Во услови кога меѓународните корпорации ја преоценуваат географската локација на своите производствени капацитетите, обидувајќи се да ги намалат оперативните ризици во работењето, регионот на Западен Балкан може да биде привлечен за преместување на европските бизниси. Преселувањето на странските производствени капацитети од ЕУ во нашиот регион ќе донесе повисоки странски директни инвестиции, поголема трговска размена, како и пренесување искуства, знаења и напредни технологии. Предностите на земјите од регионот се нивната географска близина до ЕУ, кандидатскиот статус на дел од земјите, пониските трошоци по единица производ и високо квалификуваната работна сила. Сепак, за да се искористат овие можности, треба да се направат структурни реформи, со цел земјите од регионот да станат попривлечни за странските инвеститори“, ова беше истакнато од гувернерката Ангеловска-Бежоска во рамките на 15. годишна конференција организирана од Комитетот за преобразување на Бретон Вудс и Централната банка на Перу, што се одржа во Куско.
Преселувањето на производствените капацитети, дури и во мал обем, може да има значително влијание врз економскиот раст, којшто според студијата од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за земјите од Западен Балкан би се зголемил меѓу 3% и 10% од БДП. „Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во глобалната економија во изминатите две децении е значително зголемена. Трговската размена бележи раст од 25 п.п. од БДП, додека финансиската интеграција бележи раст од 70 п.п. од БДП, а ова претставуваше главната движечка сила на доходната конвергенција на регионот“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска којашто истакна дека е од исклучително значење да се продолжи со интеграцијата, зашто за малите економии таа е предуслов за повисок раст на доходот.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска учествуваше на панел-дискусијата „Економската фрагментација, регионалните блокови и нивното влијание врз глобалната финансиска архитектура“, заедно со Фелипе Лараин, професор по економија на Католичкиот универзитет во Чиле, Дејвид Пасарели, директор на Универзитетскиот центар за истражување на политиките на Обединетите нации, Елина Рибакова од Американскиот институт за меѓународна економија Петерсон, а претседавач на панел-дискусијата беше Хозе Урибе, претседател на Резервниот фонд на Латинска Америка.
Банки
Стопанска банка го отвори новото седиште
Стопанска банка свечено го отвори своето ново седиште во Скопје, инвестиција вредна 50 милиони евра, со што банката означи почеток на ново поглавје во својата повеќе од осумдецениска историја.
На гала-церемонијата присуствувале околу 300 гости, а настанот се одржа под мотото „Обележје за иднината. Уметност во создавање на утрешнината“. Свеченоста вклучуваше музика, театар, танц, гастрономија и визуелна уметност, со што беше нагласена долгогодишната поврзаност на банката со уметноста и заедницата.
Стопанска банка е основана во 1944 година како прва банка во земјата. Новото седиште, според раководството, претставува дел од пошироката трансформација на банката и треба да создаде современа работна средина која ќе ги поддржи идниот развој, иновациите и одржливиот раст.

Генералната извршна директорка и претседателка на Управниот одбор на Стопанска банка, Хрисула Кутуди, истакна дека во реализацијата на проектот се вложени значителна визија, труд и посветеност.
Таа нагласи дека новата деловна зграда не е само современ архитектонски објект, туку простор кој треба да ја поттикнува креативноста, соработката и иновациите, како и да создава дополнителна вредност за клиентите, партнерите, вработените и заедницата.
На свеченоста присуствуваше и највисокото раководство на Националната банка на Грција, што, според банката, го потврдува стратешкото значење на Стопанска банка во рамки на NBG Групацијата.
Претседателот на NBG Групацијата, Гикас Хардувелис, оцени дека новото седиште претставува ново обележје на Скопје и симбол на вредностите што ги споделуваат Стопанска банка и НБГ Групацијата – доверба, банкарство насочено кон клиентите, приспособување кон технолошките промени и поддршка на одржливиот економски раст.
Генералниот извршен директор на NBG Групацијата, Павлос Милонас, пак, посочи дека новото седиште е значајна пресвртница во процесот на трансформација на банката и дека во следниот период се очекуваат нови иновации во банкарството и финансиските услуги.
На отворањето присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која порача дека стабилната и предвидлива регулаторна рамка е еден од клучните предуслови за развојот на финансискиот и банкарскиот сектор.
Според неа, силниот и модерен банкарски систем има важна улога во создавањето услови за економски раст и развој, а институциите треба да продолжат со креирање политики кои ќе обезбедуваат сигурност, доверба и предвидливост за финансиските институции, граѓаните и компаниите.
Седиште на 17.893 квадратни метри
Новото седиште на Стопанска банка се простира на површина од 17.893 квадратни метри и располага со 11 ката современ деловен простор.
Во објектот ќе работат повеќе од 500 вработени, а во неговите рамки се сместени и современ дата-центар, банкарска филијала со целосен опсег на услуги, ATM зона, брокерски услуги, трезорски капацитети, како и конференциски и едукативни простории.
Според податоците на банката, на крајот на 2025 година Стопанска банка управувала со вкупна актива од 157,2 милијарди денари, односно околу 2,6 милијарди евра.
Кредитите кон клиентите изнесувале 108,9 милијарди денари, а депозитите 119,8 милијарди денари. Во текот на 2025 година, кредитното портфолио и депозитите пораснале за 10%, додека вкупната актива забележала раст од 9,1%.
Банката располага со мрежа од 55 филијали и 173 банкомати, а бројот на физички и корпоративни клиенти се приближува до половина милион.
Со отворањето на новото седиште, Стопанска банка го продолжува развојот од нова деловна адреса која, според раководството, треба да стане центар на нејзината идна трансформација и модернизација.
Банки
Претставници на АЛТА банка на одбележувањето на 25 години КИБС
Претставници на АЛТА банка присуствуваа на свеченото одбележување на 25-годишниот јубилеј на КИБС.

Од банката посочуваат дека настанот бил можност да се истакне значењето на континуираната соработка и партнерските односи во финансискиот сектор.

Присуството на претставниците на АЛТА банка на јубилејното одбележување уште еднаш ја нагласува важноста на институционалната соработка и поврзаноста меѓу учесниците во финансискиот систем.
Банки
Народната банка ги заострува условите за кредитирање на граѓаните
Народната банка воведува построги макропрудентни мерки за кредитирањето на физичките лица, со кои се намалува дозволеното ниво на задолженост на граѓаните и се скратува максималниот рок за отплата на дел од кредитите. Новите правила ќе почнат да се применуваат од 1 декември 2026 година.
Според одлуката на Извршниот одбор на Народната банка, максималниот однос меѓу месечните кредитни обврски и приходите на кредитокорисникот, познат како ДСТИ, се намалува за пет процентни поени.
Кај кредитите во денари, максималниот ДСТИ ќе изнесува 45%, наместо досегашните 50%, додека кај кредитите со валутна компонента лимитот се намалува од 45% на 40%. Тоа значи дека банките при одобрувањето кредити ќе треба да водат сметка месечните отплати на клиентите да не го надминуваат утврдениот процент од нивните месечни приходи.
Исклучок остануваат граѓаните кои за првпат купуваат сопствено живеалиште. За нив и натаму ќе важат досегашните лимити од 50% за денарските кредити и 45% за кредитите со валутна компонента.
Промени се предвидени и кај роковите за отплата. Максималниот рок за станбените кредити се скратува од 30 на 25 години, додека кај хипотекарните потрошувачки кредити ќе се намали од 20 на 15 години. За кредитите наменети за прво купување сопствено живеалиште максималниот рок останува 30 години.
Од Народната банка посочуваат дека мерките се носат превентивно, во услови кога банкарскиот систем е здрав и стабилен и нема присутни системски ризици. Истовремено, кредитирањето на населението продолжува да расте.
Во првото полугодие од 2026 година, кредитите на физичките лица бележат годишен раст од 12,2%, во споредба со 11,2% во 2025 година. Најголема динамика има кај станбените кредити, чиј годишен раст достигнал 16,6%.
Народната банка оценува дека ваквата динамика бара навремено ограничување на можните ризици од прекумерно задолжување на домаќинствата, со цел да се зачува одржливоста на кредитирањето и финансиската стабилност.
Макропрудентните ограничувања за кредитирањето на физичките лица првпат беа воведени во јули 2023 година, а дополнително беа зајакнати во декември 2025 година. Според централната банка, досегашната примена на мерките придонела за подобрување на структурата на новото кредитирање и за намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар.
Со новите измени и натаму се задржува поповолниот регулаторен третман за граѓаните кои првпат решаваат станбено прашање.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита
-
Банкипред 1 месецНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 1 месец10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот

