Connect with us

Банки

Ангеловска-Бежоска на Конституенцата на ММФ и СБ: Потребно е двојно зголемување на уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање

Објавено

на

Потребна е поголема мобилизација на финансиски средства, особено од приватниот сектор, за зелена трансформација, како дел од структурните реформи и за конвергенција на економиите во развој кон ЕУ. Анализите на ММФ покажуваат дека до 2030 година, уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање треба да се зголеми од 40% на 80 до 90% кај брзорастечките и економиите во развој. Улогата на централните банки во поддршката на зелената трансформација станува сѐ поизразена во изминатите пет години, вклучително и на Народната банка, којашто ова прашање го разгледува на системски начин поставувајќи го  во рамките на своите стратегиски цели. Ова го порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во својата дискусија на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, којшто се одржува во Кишињев, Молдавија. На состанокот на Конституенцата учествуваше и вицегувернерката Емилија Нацевска.

Гувернерката зборуваше на панел-дискусијата на тема „Зошто е важна мобилизацијата на приватниот капитал“, којашто ја отвори главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ивајло Изворски, со свое излагање. Таа се осврна на доходовниот јаз помеѓу нашата и земјите од регионот со економиите во ЕУ, којшто сѐ уште е длабок, како и на ефектите од мобилизацијата на приватниот капитал за остварување на потребните структурни реформи во економиите, особено зелената трансформација. „Јазот за финансирање на зелените инвестиции е особено голем кај земјите во развој, во нашиот случај се проценува дека е околу 7,7% од БДП. Имајќи предвид дека јавните ресурси се ограничени, особено по скорешните кризи, при зголемена цена на капиталот, потребна е мешавина од повеќе политики за негово надминување. “, посочува Ангеловска-Бежоска.  

Гувернерката се осврна на улогата на централните банки во зелената трансформација, за која поради можните ефекти врз ценовната и финансиската стабилност, има се поголем интерес од центрланите банки. Ангеловска-Бежоска нагласи дека Народната банка усвои среднорочна стратегија за утврдување на климатските ризици, којашто се заснова врз претходно спроведена анкета за мапирање на екосистемот на зелените финансии во земјава и со која се поставува рамката за сите активности што ги спроведува нашата централна банка во овој домен. Во рамките на активностите спроведени досега, Народната банка издаде насоки за деловните банки за начинот на вградување на климатските ризици во нивните стратегии и известувања, а беше направена и првична анализа на изложеноста на банките кон овие ризици. За полесно да се следи уделот на зелените кредити во кредитните портфолија на банките, Народната банка започна да прибира и да објавува статистички податоци, т.н. „зелена статистика“, а годинава е објавен и преглед на зелени показатели за полесно следење на напредокот на климатските цели. „Народната банка, за да даде пример, ја заврши Политиката за одржливост. Повеќе предизвици се пред нас, како градењето методологија и капацитети за спроведување стрес-тестови поврзани со климатските промени, коишто се особено важни при оцената на ризиците и при соодветното оформување на политиките“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

На маргините на состанокот на Конституенцата, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска имаше средби со гувернерите на земјите членки на Холандско-белгиската конституенца и високи претставници на меѓународни финансиски институции.

Банки

НЛБ Банка ја исплати септемвриската пензија

Објавено

на

НЛБ Банка информира дека е извршена исплатата на пензиите за месец септември, а средствата веќе им се достапни на пензионерите.

Од Банката посочуваат дека корисниците можат веднаш да располагаат со средствата и ги охрабруваат пензионерите да ги користат достапните дигитални и безготовински канали за плаќање.

„Ве советуваме вашето ценето време да го заштедите преку користење на мрежата на банкомати, поголемо користење на безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство“, наведуваат од НЛБ Банка.

Со ова, пензионерите кои својата пензија ја примаат преку НЛБ Банка можат да ги користат средствата уште веднаш, без потреба од чекање на шалтер.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја отвора новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ за студентите

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје на 1 октомври ќе ја отвори новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ настан во Паркчето Кино Карпош.

Настанот е најавен како неформален почеток на новата академска година и е наменет пред сè за студентите и младите.

Програмата ќе трае од 14:00 до 16:00 часот, а за атмосферата ќе се погрижи DJ THE AFT3R. Предвидени се и street food понуда и коктели.

Од НЛБ Банка ги повикуваат младите по првите предавања да се соберат во Паркчето Кино Карпош и заедно да го одбележат стартот на академската година.

Со отворањето на новата NLB Next зона, Банката продолжува со активности насочени кон помладата генерација и создавање простор за дружење, комуникација и современо банкарско искуство.

Продолжи со читање

Банки

Фич: Кредибилната монетарна политика и стабилниот банкарски систем се клучни фактори за економската стабилност

Објавено

на

Во својот најнов извештај за нашата земја, меѓународната рејтинг-агенција „Фич“ ги нагласува кредибилноста и континуитетот на монетарната политика на Народната банка, како и стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Агенцијата оценува дека долгорочната посветеност за одржување стабилна монетарна политика, поддржана од фиксниот курс на денарот кон еврото, претставува важен фактор за макроекономската стабилност. Фич воедно оценува дека девизните резерви остануваат стабилни и обезбедуваат соодветна покриеност на идните надворешни плаќања.

Во извештајот, „Фич“ наведува дека кредибилната и конзистентна монетарна политика придонесува за стабилноста на економијата. Во услови на повисоки инфлациски притисоци, Народната банка, во јуни 2026 година, ја зголеми основната каматна стапка за 25 базични поени на 4,25%. Според „Фич“, просечната инфлација во периодот јануари – август 2026 година изнесува 3,7%, при што повисоките цени на енергијата и растот на трошоците за труд и кредитната активност се меѓу факторите што влијаат врз ценовните движења.

Во однос на банкарскиот сектор, извештајот потврдува дека тој останува стабилен и добро капитализиран, со солидна ликвидност и отпорност. Во вториот квартал од 2026 година банките имаат висока адекватност на капиталот од 19,5%. Квалитетот на активата останува солиден, со нефункционални кредити од околу 2%.

Народната банка и натаму е посветена на одржувањето на ценовната и финансиската стабилност. Во услови на променливи глобални економски услови и присутни инфлациски и надворешни ризици, централната банка внимателно ги следи инфлациските движења, кредитната активност и состојбата на финансискиот систем и соодветно ја приспособува монетарната политика.

Наодите на „Фич“ се потврда за важноста на кредибилната и соодветно водена монетарна политика, како и на стабилниот и добро капитализиран банкарски сектор, за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange