Connect with us

Банки

Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за 2025 година

Објавено

на

Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2025 година. Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.

Кој може да учествува?

Право за учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.

Што треба да содржи трудот со којшто се конкурира?

Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:

апстракт;

осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;

опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;

анализа;

заклучни согледувања и

библиографија.

Дали може да се конкурира и со труд којшто веќе бил објавен?

Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд коишто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2023 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

Како и каде се поднесуваат трудовите?

Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: [email protected]. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.

Според кои критериуми ќе се вреднуваат трудовите?

Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;

Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;

Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;

Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Северна Македонија);

Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;

Конзистентност и логичност на тезите во трудот;

Заклучоци и препораки и нивната соодветност.

Кој е крајниот рок за доставување на трудовите?

Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2025 година.

Од што се состои Годишната награда?

Наградата е во парична форма, којашто за првонаградениот труд изнесува 130.000 денари, додека втората награда изнесува 65.000 денари.

Каде е објавен конкурсот?

Конкурсот е објавен на следнава врска.

Банки

НЛБ Банка ја исплати септемвриската пензија

Објавено

на

НЛБ Банка информира дека е извршена исплатата на пензиите за месец септември, а средствата веќе им се достапни на пензионерите.

Од Банката посочуваат дека корисниците можат веднаш да располагаат со средствата и ги охрабруваат пензионерите да ги користат достапните дигитални и безготовински канали за плаќање.

„Ве советуваме вашето ценето време да го заштедите преку користење на мрежата на банкомати, поголемо користење на безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство“, наведуваат од НЛБ Банка.

Со ова, пензионерите кои својата пензија ја примаат преку НЛБ Банка можат да ги користат средствата уште веднаш, без потреба од чекање на шалтер.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја отвора новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ за студентите

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје на 1 октомври ќе ја отвори новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ настан во Паркчето Кино Карпош.

Настанот е најавен како неформален почеток на новата академска година и е наменет пред сè за студентите и младите.

Програмата ќе трае од 14:00 до 16:00 часот, а за атмосферата ќе се погрижи DJ THE AFT3R. Предвидени се и street food понуда и коктели.

Од НЛБ Банка ги повикуваат младите по првите предавања да се соберат во Паркчето Кино Карпош и заедно да го одбележат стартот на академската година.

Со отворањето на новата NLB Next зона, Банката продолжува со активности насочени кон помладата генерација и создавање простор за дружење, комуникација и современо банкарско искуство.

Продолжи со читање

Банки

Фич: Кредибилната монетарна политика и стабилниот банкарски систем се клучни фактори за економската стабилност

Објавено

на

Во својот најнов извештај за нашата земја, меѓународната рејтинг-агенција „Фич“ ги нагласува кредибилноста и континуитетот на монетарната политика на Народната банка, како и стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Агенцијата оценува дека долгорочната посветеност за одржување стабилна монетарна политика, поддржана од фиксниот курс на денарот кон еврото, претставува важен фактор за макроекономската стабилност. Фич воедно оценува дека девизните резерви остануваат стабилни и обезбедуваат соодветна покриеност на идните надворешни плаќања.

Во извештајот, „Фич“ наведува дека кредибилната и конзистентна монетарна политика придонесува за стабилноста на економијата. Во услови на повисоки инфлациски притисоци, Народната банка, во јуни 2026 година, ја зголеми основната каматна стапка за 25 базични поени на 4,25%. Според „Фич“, просечната инфлација во периодот јануари – август 2026 година изнесува 3,7%, при што повисоките цени на енергијата и растот на трошоците за труд и кредитната активност се меѓу факторите што влијаат врз ценовните движења.

Во однос на банкарскиот сектор, извештајот потврдува дека тој останува стабилен и добро капитализиран, со солидна ликвидност и отпорност. Во вториот квартал од 2026 година банките имаат висока адекватност на капиталот од 19,5%. Квалитетот на активата останува солиден, со нефункционални кредити од околу 2%.

Народната банка и натаму е посветена на одржувањето на ценовната и финансиската стабилност. Во услови на променливи глобални економски услови и присутни инфлациски и надворешни ризици, централната банка внимателно ги следи инфлациските движења, кредитната активност и состојбата на финансискиот систем и соодветно ја приспособува монетарната политика.

Наодите на „Фич“ се потврда за важноста на кредибилната и соодветно водена монетарна политика, како и на стабилниот и добро капитализиран банкарски сектор, за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange