Connect with us

Анализи

И македонските банки ќе мора да овозможат инстант плаќања

Објавено

на

Македонските банки ќе мора да дозволат инстант плаќања за граѓаните и компаниите кои ќе се извршуваат во многу кратко време од околу 10 секунди. Тоа значи дека парите од сметката на плаќачот ќе легнат на сметката на примачот за не подолго време од 10 секунди. Ова претставува своевидна револуција во светот на платежните трансакции затоа што примачот веднаш ќе може да располага со парите и да врши натамошни трансфери доколку му се потребни.

Но, инстант плаќањата ќе може да се вршат само во домашниот платен промет, а не и во меѓународниот затоа што тука основна пречка е Законот за девизно работење кој не дозволува граѓаните од земјава туку така да префрлаат пари во странство. Инаку, и во земјите од Европската унија сите банки и платежни институции од 1 јануари следната година ќе мора да извршуваат инстант плаќања, услуга која досега беше достапна на доброволна основа на платежната институција.

Новитет со инстант плаќањата во домашниот платен промет го воведува КИБС заедно со учесниците во платниот систем во земјава – деловните банки, Народната банка и двата трезори при Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување. Системот за инстант плаќања на кој се работи ќе се состои од две платформи, платформа за централно решение за инстант плаќања и платформа која ќе овозможи канали (решенија) за иницирање и прифаќање инстант плаќања, која ќе биде поврзана директно за централното ИП-решение.

Предвидена е и платформа која за потрошувачите (физички и правни лица) ќе овозможи мобилна апликација преку која ќе може да се иницираат инстант плаќања, а за трговците што ќе прифаќаат инстант плаќања, предвидени се повеќе решенија поддржани од платформата: мобилна апликација за трговци, ИП-платежна апликација за ПОС-терминали, функционалност за ИП кај интернет-продавниците и функционалност за ИП интегрирана во системот на трговецот, согласно неговите потреби.

Придобивките од инстант плаќањата се тоа што плаќачот може да плати од својата сметка во кое било време, каде било и кому било, парите се веднаш достапни за користење за примачот, а трошоците на банките за управување со готовина ќе се намалат.

Дознаваме дека се уште не се испеглани сите детали околу функционирањето на новиот систем за инстант плаќања затоа што банките бараат средствата што ќе ги издвојат на посебна сметка во централната банка за порамнување на инстант плаќањата во реално време да се евидентираат како дел од задолжителната резерва.

Но, останува фактот дека граѓаните и компаниите нема да можат да вршат инстант плаќања кон странство затоа што Законот за девизно работење строго забранува брзи и нерегулирани одливи на финансиски средства од земјава затоа што тоа може да предизвика големи одливи и нарушување на монетарната стабилност и на девизниот курс.

Инаку, од почетокот на следната година инстант плаќања ќе мора задолжително да дозволат и банките и платежните институции во еврозоната, а неколку месеци подоцна и во целата Европска унија.

Европскиот парламент формално ја одобри легислативата, која наложува плаќањата помеѓу граѓаните и компаниите да се вршат во рок од 10 секунди, во кои е вклучена и нотификација дека примачот ги примил парите.

Во овие 10 секунди платежната институција треба:

  • Да го провери идентитетот на примачот
  • Да провери евентуална измама
  • Да провери евентуални забрани и казни

Познавачите коментираат дека овој новитет навистина е голем предизвик за многу банки и платежни институции, кои ќе треба да ги ревидираат своите инструменти за мониторирање на трансакциите и за превенција од злоупотреби и измами.

Според новата регулатива, сите платежни институции ќе мора да им обезбедат на своите клиенти опција во кој било период од денот да вршат кредитен трансфер што нема да трае подолго од 10 секунди од моментот на одобрување. Трошокот за инстант плаќањата не смее да биде повисок од тој за редовни кредитни трансфери, за кои пак некогаш се потребни повеќе денови за да се извршат.

Според агенцијата Ернст и Јанг, на крајот од 2021 година само 11% од кредитните трансфери во ЕУ биле извршени со брзи плаќања. Комесаријатот за надоместоци за финансиски услуги во Брисел проценува дека близу 200 милијарди евра се заглавени секој ден во транзитот на кредитните трансфери во европскиот финансиски систем.

Со овие новитети, ЕУ сака да се доближи на Бразил, Индија, Австралија и Велика Британија, каде инстант плаќањата растат многу брзо. Застапниците на новата регулатива коментираат дека системот на ЕУ за платежни трансакции е базиран на систем од 80-те години на минатиот век и дека со новата регулатива конечно ќе влезе во 21 век.

Анализи

Трошоците за живот поскапени за 3,2 проценти за една година!

Објавено

на

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, е намалена за 0,7%, додека цените на мало бележат пад од 2,7%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

На годишно ниво, трошоците на живот во јануари 2026 година во однос на јануари 2025 година бележи зголемување од 3,2 %, а индексот на цените на мало се покачил за 1,2% во споредба со јануари 2025 година.

Месечниот пад на инфлацијата е резултат на значително поевтинување кај транспортот (-9,3%), како и намалување на цените во групите информации и комуникации (-1,6%), рекреација, спорт и култура (-1,5%), облека и обувки (-1,2%) и лична нега и разновидни услуги (-0,5%).

Истовремено, зголемување на трошоците е забележано кај домувањето и енергенсите (+1%), покуќнината (+1%), рестораните и хотелските услуги (+0,7%), како и кај образованието и алкохолните пијалаци (+0,1%).

На годишна основа, најголем раст на цените е регистриран кај покуќнината и апаратите за домаќинство (5,8%), храната (5,5%) и алкохолните пијалаци (5,3%). Кај индустриските прехранбени производи цените се зголемени за 4,8%, а кај земјоделските производи за 3,2%.

Од јануари 2026 година, Државниот завод за статистика започна со примена на новата европска класификација ECOICOP 2, усогласена со стандардите на Евростат и Обединетите нации, без промени во методологијата на пресметка на индексите.

Фото: ВИ

Продолжи со читање

Анализи

БУМ НА ПАЗАРОТ НА НЕДВИЖНОСТИ: Квадратот стигна до 3.000 евра – дали купувањето стан стана луксуз?

Објавено

на

Пазарот на недвижности во Македонија продолжува со силен раст – во последниот квартал од 2025 година се изградени и регистрирани 1.004 нови станови, што е за 159 повеќе од претходниот квартал, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини. Истовремено, цените на недвижностите бележат раст од 25% на годишно ниво.

Во Агенцијата за катастар се евидентирани и 27.522 листови за предбележување градба, што укажува на значителен број нови објекти кои допрва ќе влезат на пазарот, дополнително засилувајќи ја градежната активност.

Највисоката цена по квадратен метар е регистрирана во општина Центар, каде што стан од 83 квадратни метри е продаден по цена од 182.404 денари за квадрат (околу 3.000 евра). Најголем број станови се продадени во Аеродром – вкупно 304, додека најмногу куќи се продадени во Битола (91). Продажбата на деловни простории е најизразена во Центар, земјоделско земјиште и шуми најмногу се тргувале во Куманово, а градежно земјиште во Ѓорче Петров.

Во четвртиот квартал се реализирани вкупно 9.283 трансакции со недвижности, од кои 6.230 купопродажби и 3.053 договори за закуп. Најголем обем на трансакции е регистриран во Центар, Аеродром и Штип.

Податоците на Народната банка потврдуваат дека цените на недвижностите во последниот квартал од 2025 година пораснале за 25% на годишно ниво, додека Државниот завод за статистика бележи 304 одобренија за градење во ноември, за изградба на 761 стан, најмногу во Скопскиот регион.

Сите индикатори упатуваат дека побарувачката за станбен простор останува висока, а ценовниот тренд и понатаму е нагорен, особено во Скопје и поголемите урбани центри.

Продолжи со читање

Анализи

Крај на СМС кодовите за онлајн плаќања: што се менува за корисниците?

Објавено

на

Од 1 март стапуваат на сила измените во регулативата за силна автентикација при онлајн плаќања со платежни картички, со кои повеќе нема да биде дозволено трансакциите да се потврдуваат со код испратен преку СМС-порака.

Оваа промена е дел од усогласувањето со европските безбедносни стандарди, чија цел е зголемување на заштитата при електронските плаќања, но воедно наметнува обврска за банките да воведат нови начини на автентикација на корисниците.

Наместо СМС-код, банките ќе треба да понудат алтернативни решенија за потврда на онлајн плаќањата – најчесто преку мобилните банкарски апликации, биометриска автентикација или други безбедносни дигитални механизми.

Засега, само Комерцијална банка и НЛБ Банка јавно информираа на кој начин ќе се одвива новиот процес на автентикација за нивните клиенти, додека останатите банки сè уште немаат објавено детални информации за решенијата што ќе ги применуваат.

Иако промената има за цел повисоко ниво на безбедност, таа несомнено ќе има влијание врз корисничкото искуство, особено кај корисниците кои не користат мобилно банкарство или не се навикнати на ваков тип дигитална потврда на плаќањата.

Банките во наредниот период ќе имаат клучна улога навремено да ги информираат и едуцираат клиентите, со цел транзицијата кон новиот начин на автентикација да помине без застои и проблеми при онлајн плаќањата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange