Connect with us
no baners

Банки

Претседателката на ЕБОР Ренo Басо: Монетарната политика е претпазлива и ужива доверба од меѓународните финансиски институции

Објавено

на

Претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Одил Рено Басо, изрази поддршка за работата на Народната банка и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, посебно во овие тешки времиња. Монетарната политика е претпазлива и ја ужива довербата од меѓународните финансиски институции. Соработката помеѓу двете институции е одлична и таква и ќе остане. ЕБОР и натаму ќе ја поддржува земјата на различни начини и во македонскиот банкарски систем гледа важен партнер.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оствари работна средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Ренo Басо, на која заедно со тимовите на Народната банка и на ЕБОР го истакнаа значењето на долгогодишната успешна соработка и партнерство помеѓу двете институции. На средбата беше разговарано за повеќе актуелни прашања, при што тимот на Народната банка ги претстави согледувањата за макроекономските остварувања, економските движења, инфлациските и девизните состојби и состојбите во банкарскиот сектор.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска оцени дека инфлацијата во домашната економија е значително намалена, девизните резерви се зголемени и на солидно ниво, а финансиската стабилност е зајакната. Според неа, насоката на монетарната политика во наредниот период ќе зависи од динамиката на инфлацијата и забавувањето на инфлациските притисоци на потрајна основа, како и од состојбите на девизниот пазар.

„Трендовите кај инфлацијата се поволни, a поволни се и движењата на девизниот пазар, каде што од почетокот на годината интервенираме со нето-откуп на девизи. Годишната стапка на инфлација во јуни позначително забави, пред сѐ во делот на прехранбената и базичната компонента и се сведе на 3,2%. За оваа година, според пролетните проекции, просечната годишна стапка на инфлацијата би се свела на 3,5 проценти“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска и оцени дека економијата во земјава полека закрепнува, а банкарскиот систем е стабилен, добро капитализиран и може да обезбеди понатамошна поддршка на економијата.

„Макропрудентните мерки на Народната банка ја зајакнаа капиталната сила на банките, што е од суштинско значење за задржувањето на стабилноста на банкарскиот систем при соочување со евентуални ризици. Во целиот изминат период расте поддршката за граѓаните и фирмите, при што во мај стапката на раст на кредитите изнесува 6,8%, со раст на кредитите на домаќинствата од 7,3%, а на фирмите од 6,5%“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

На средбата, гувернерката беше придружувана од вицегувернерката Емилија Нацевска и од генералната директорка на Секторот за супервизија Викторија Глигорова, а од страна на ЕБОР присуствуваа Томас Ревијал, директор на Кабинетот на претседателката на ЕБОР, Шарлот Руе, извршна директорка за Централна и Југоисточна Европа, Олег Левитин, задолжен за политички прашања, Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на ЕБОР во Македонија и Наум Рибароски, самостоен банкар од Канцеларијата на ЕБОР во Скопје.

Банки

„Финансиска училница“ на Комерцијална банка со 90 ученици од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје

Објавено

на

Деведесет ученици од трето одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје беа дел од едукативната програма „Финансиска училница“ на Комерцијална банка, преку која на интерактивен и забавен начин се запознаа со основите на финансиската писменост.

Преку интерактивни активности и практични примери прилагодени на нивната возраст, децата учеа како функционираат парите, зошто е важно штедењето и како одговорното управување со финансии може да помогне во носењето подобри одлуки во секојдневниот живот.

Големиот интерес и активното учество на децата потврдија дека финансиската едукација може успешно да се приближи и до најмладите, поттикнувајќи ги уште од рана возраст да развиваат здрави финансиски навики.

За многумина од нив, ова беше прв чекор кон разбирање на светот на финансиите и беше направен со голема самодоверба.

„Финансиската училница“ е дел од заложбите на Комерцијална банка за поддршка на финансиската едукација и градење генерации кои ќе располагаат со поголемо финансиско знаење, самостојност и одговорност. Од банката истакнуваат дека вложувањето во знаење е најдобрата инвестиција за посигурна финансиска иднина.

Продолжи со читање

Банки

Посебен сообраќаен режим поради велосипедската манифестација „Вози право, вози здраво“

Објавено

на

Стопанска банка информира дека утре ќе се одржи традиционалната велосипедска манифестација „Вози право, вози здраво“, поради што во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во координација со надлежните институции.

Од Банката ги повикуваат сите учесници и граѓани да се однесуваат одговорно и да обрнат посебно внимание на најмладите велосипедисти кои ќе бидат дел од настанот.

Воедно, организаторите препорачуваат користење заштитна опрема и внимателно чување на личните предмети, со цел сите учесници безбедно да уживаат во спортската и рекреативна дружба.

Мапата на трасата и дополнителни информации за настанот се достапни преку каналите на Стопанска банка.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк нуди онлајн депозити со фиксни каматни стапки до 3,5 проценти

Објавено

на

Халкбанк ја промовира својата услуга „Онлајн депозит“, која им овозможува на клиентите дигитално, брзо и едноставно да ги орочат своите средства без посета на филијала.

Во понудата се достапни повеќе рокови на орочување со фиксни каматни стапки во денари и евра. За депозит со рок од 13 месеци банката нуди каматна стапка од 3,2 проценти во денари и 2,4 проценти во евра. За орочување на 25 месеци каматата изнесува 3,4 проценти во денари и 2,6 проценти во евра.

Највисока каматна стапка е предвидена за депозитите со рок од 36 месеци, при што клиентите можат да остварат принос од 3,5 проценти за штедење во денари и 2,7 проценти за штедење во евра.

Од Халкбанк посочуваат дека услугата е наменета за корисници кои сакаат своите заштеди да ги управуваат онлајн, со едноставна процедура и однапред познати услови за орочување.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange