Анализи
Што може да очекувате од трите најголеми банки во 2024 година?

Изминатата 2023 година ја завршивме со сериозни турбуленции, големи неизвесности и неповолни движења на многу полиња. Дали излеговме како победници? Можеби. Но, никој сигурно не може официјално да прогласи победа затоа што неизвесноста продолжува, а опасности демнат од повеќе страни.
Банките во земјава дефинитивно ќе ја запаметат 2023 година како најуспешна поради рекордните добивки. Дали поради тоа може да се опуштат во 2024 година? Ги анализираме очекувањата на менаџментот на трите најголеми банки кои веќе ги објавија неревидираните финансиски извештаи за 2023 година и плановите за 2024 година.
Општ заклучок е дека нивните очекувања и најавувања за оваа година се доста општи, претпазливи и со многу забелешки поврзани со политиките на централната банка, економската состојба во земјата и случувањата на геополитички план.
Стопанска банка Скопје, која годинава прославува јубилеј – 80 години постоење, најавува продолжен фокус на поддршката на клиентите, но и на управувањето со ризиците и одржувањето висока стабилност. Ова секако е вокабулар својствен за неизвесни времиња. Се очекувања раст на депозитите од 8% и на кредитите од 7%.
„Стопанска Банка АД – Скопје ги проектира своите деловни активности во согласност со сите очекувања за макроекономскиот амбиент во следниот период, со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од работењето, вклучително и одржување на значајно пазарно учество. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, како и подготовка на понуда на нови услуги. 2024 е година во која Стопанска банка прославува 80 години од основањето и следствено на тоа целиот натамошен период ќе биде исполнет со бројни новитети и изненадувања на задоволство на нашите клиенти и соработници, но и за пошироката заедница“, најавуваат од Банката.
Стопанска банка гради и нова управна зграда, а за клиентите подготвува нови дигитални решенија за правни и физички лица затоа што дигитализацијата е процес кој интензивно започна за време на Ковид-пандемијата и во кој сега домашните банки сериозно вложуваат.
Менаџментот на Стопанска банка се држи до проекциите на Меѓународниот монетарен фонд кога станува збор за макроекономските прогнози. ММФ очекува глобален економски раст од 2,9% во 2024 година и поизразен пад на економската активност кај развиените економии, стабилизирање на инфлаторните притисоци и намалување на потребата од натамошно затегнување на монетарната политика и зголемување на каматните стапки од страна на централните банки во светот.
Комерцијална банка е попрецизна во укажувањето на можните ризици на глобален и национален план во 2024 година. Менаџментот на оваа банка препознава високо ниво на неизвесност во домашната економија и на меѓународен план, што наметнува потреба од „поконзервативен пристап во обликувањето на очекувањата“. Иако се очекува инфлацијата во 2024 година да забави на 3,5% до 4%, менаџментот на Комерцијална банка смета дека се уште постојат нагорни ризици околу инфлацијата и ги поврзува со цените на примарните производи, промените на регулираните цени и со политиките на побарувачката (расположивиот доход).
Комерцијална банка има за нијанса попесимистички прогнозира од Стопанска банка Скопје и за очекуваниот кредитен раст (6,4%) и депозитен раст (7,6%).
„Комерцијална банка ќе ги преземе сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред се на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и слично“, најавуваат од Комерцијална банка.
НЛБ банка се чини има најоптимистични очекувања или најдипломатски речник во презентирањето на своите очекувања за 2024 година. Менаџментот на НЛБ банка очекува „позитивно влијание од движењата кај каматните стапки на меѓународните и домашните финансиски пазари и респонзивноста на монетарната и фискалната политика, кои се значајни за одржување на ликвидноста на компаниите, доходот на домаќинствата и севкупната економска активност“. Но, препознава ризици поврзано со глобалните фактори и геополитички случувања.
„Во вакви околности НЛБ банка и понатаму делува во насока на поддршка на приватниот сектор во земјава, со што има значаен придонес во макроекономскиот и финансискиот амбиент на државата. Притоа, Банката и понатаму ја има водечката позиција на полето на дигитализацијата, технолошките иновации, примената на вештачката интелигенција и силната посветеност кон заштитата на животната средина и социјалните аспекти (ESG)“, коментираат од НЛБ банка.
Оттаму најавуваат унапредување на капацитетите н дигиталните канали, зајакнување на улогата на контакт-центарот, проширување на палетата производи и услуги преку продажба на различни банкарски и небанкарски производи, зголемување на квалитетот на услугите, акцентрање на „зелените кредити“ за производство на електрична енергија обновливи извори, проширена поддршка за старт-ап компании.
Анализи
Дали светот е на работ на нова нафтена криза?

Геополитичките тензии меѓу Иран и Израел повторно ја раздвижуваат глобалната економија и предизвикуваат загриженост на светските енергетски пазари. Долготрајната непријателска реторика и конфликтите со посредници во регионот, како Хезболах и Хамас, добиваат нова димензија, при што аналитичарите предупредуваат на потенцијална директна конфронтација меѓу двете држави. Но најголемата закана за глобалната економска стабилност би била евентуалното затворање на клучните поморски теснеци – Хормуз и Баб ал-Мандеб.
Зошто се важни Хормуз и Баб ал-Мандеб?
Теснецот Хормуз лоциран меѓу Персискиот Залив и Оманскиот Залив, е најважниот транспортен коридор за нафта во светот. Според податоците на Меѓународната агенција за енергија (IEA), секој ден низ овој теснец се пренесуваат околу 17–20 милиони барели нафта, што претставува над 20% од глобалната дневна потрошувачка.
На другата страна на Арапскиот Полуостров се наоѓа теснецот Баб ал-Мандеб, кој ги поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и е клучна врска за нафтениот и трговскиот сообраќај помеѓу Европа, Азија и Источна Африка. Во услови на затворање на овие теснеци, алтернативните поморски рути се значително подолги и поскапи, што веднаш ќе влијае врз цените на транспортот и енергенсите.
Какво би било влијанието врз цената на нафтата?
Затворањето на Хормуз и Баб ал-Мандеб би предизвикало шок на нафтените пазари. Понудата на нафта би се намалила преку ноќ, додека побарувачката останува стабилна или дури зголемена поради неизвесноста. Ова ќе предизвика нагло зголемување на цената на нафтата, со прогнози кои одат над 100 или дури 150 долари по барел, во зависност од должината и сериозноста на блокадата.
Таквиот пораст ќе има директно влијание врз цените на горивата, но и индиректни ефекти врз синџирите на снабдување, транспортот и производствените трошоци во речиси сите индустрии.
Последици за глобалната економија
Инфлациски притисоци: Скапата нафта ќе ги поттикне цените на основните производи, што дополнително ќе ја зголеми инфлацијата, особено во чувствителни економии со слаб монетарен капацитет.
Монетарна политика: Централните банки ќе бидат приморани да задржат повисоки каматни стапки подолго време или дополнително да ги зголемат со цел да ја намалат инфлацијата, а тоа ќе придонесе да се забави кредитната активност и инвестициите и значително ќе се намали економскиот раст.
Развиените и економиите во развој: Развиените економии ќе забават, додека економиите кои зависат од увоз на енергенси и храна ќе се соочат со сериозни структурни предизвици.
Финансиски пазари: Волатилноста ќе се зголеми. Инвеститорите ќе бараат засолниште во “безбедни” средства како злато, американски долар и државни обврзници, додека на удар ќе бидат поризичните инвестиции како акциите, инвестициските фондови, криптовалутите и слично.
Дали светот може да реагира?
Иако големите нафтени резерви во САД, Кина, Русија и земјите на ОПЕК можат краткорочно да го ублажат шокот, затворање на овие теснеци би имало структурни последици ако трае подолго. Воена интервенција за ослободување на теснеците би претставувала уште поголем ризик, со потенцијал за регионален конфликт со глобални импликации.
Според ова може да се заклучи дека ситуацијата помеѓу Иран и Израел повеќе не е само регионален безбедносен предизвик, туку сериозна закана за глобалната економска стабилност. Светот е на работ на нова нафтена криза и прашање е само дали дипломатијата ќе успее да ја спречи следната фаза на ескалација, а со тоа да се спречи и крајно непосакувана Трета светска војна.
Анализи
МАКЕДОНИЈА НАПРЕДУВА – Додека некои европски земји тонат во инфлација, ние растеме!

Според најновата проекција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), 2026 година ќе донесе различни инфлациски сценарија за европските земји, при што се очекува значајна дисперзија во движењата на цените меѓу економиите. Додека одредени држави успешно ја ставаат инфлацијата под контрола, други продолжуваат да се соочуваат со ценовни шокови и инфлаторни притисоци.
Швајцарија и Франција со најниски инфлациски стапки
Најниска проектирана инфлација за 2026 година ќе има Швајцарија, со стапка од само 0,5%, што ја позиционира како стабилен економски простор со ефективни монетарни механизми. Следат Франција со 1,6% и Ирска со 1,7%, кои исто така покажуваат солидна способност да одржат ценовна стабилност.
Во групата на најразвиените економии, Германија ќе има умерена инфлација од 1,9%, додека Хрватска ќе ја надмине просечната инфлација на ЕУ со 2,6%, што укажува на послабо амортизирање на внатрешните и надворешните притисоци врз цените.
Полска, Унгарија и Турција со повисоки стапки
Од земјите на Европската Унија, Полска и Унгарија ќе забележат највисоки инфлациски стапки, од 3,4% и 3,6% соодветно. Овие нивоа, иако далеку пониски од постпандемиските пикови, сепак покажуваат дека ценовната стабилизација сè уште не е целосно постигната.
Меѓу најзагрижувачките е случајот на Турција, која и покрај напорите на монетарните власти, ќе се соочи со екстремно висока инфлација од 22,8%, највисока на континентот. Ова е резултат на долгогодишна неортодоксна монетарна политика, девалвација на лирата и структурни економски слабости.
Русија и Украина со задржана ценовна нестабилност
Инфлацијата ќе остане релативно висока и во Русија (5,5%) и Украина (7,7%), што е очекувано со оглед на продолжените геополитички тензии, нестабилноста во снабдувачките ланци и ограничениот пристап до меѓународните финансиски пазари.
Македонија со позитивен сигнал и стабилизација
Во однос на Македонија, ММФ очекува економски раст од 3,2% и во 2025 и 2026 година, што претставува сигнал за постепено заздравување и стабилизирање на економските текови. Инфлацијата е проектирана на 3,4% во 2025 и се очекува да се намали на 2,2% во 2026, што укажува на успешни чекори кон нормализирање на ценовната динамика.
Со вакви проекции, Македонија се позиционира во групата на земји со контролирана инфлација, што е позитивен сигнал за инвеститорите, кредиторите, како и за општата макроекономска стабилност.
Анализи
АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?

Секој месец носи свои предизвици за паричникот, но еден од нив се издвојува како апсолутен шампион во трошењето на Македонците. Дали попустите за Black Friday, сезонските попусти или пак празничната еуфорија најмногу го празнат паричникот на граѓаните и буџетот на фирмите?
Македонците имаат јасна шема кога се парите во прашање и, иако попустите се примамливи, само еден месец ги собира желбите, навиките и непланираните трошоци во едно. Декември, со сета своја магија, се чини дека не е само месец на подароци, туку и месец на најголеми финансиски авантури.
А, овој тренд може да биде и финансиски неодговорен. Наместо да ги искористат попустите од претходните месеци, како Black Friday или сезонските акции, навиката да се купува во очи новогодишните празници, кога цените се често повисоки, значи преплатени производи и услуги. Трговците веројатно добро го знаат овој тренд и умешно го користат.
Дали декември е најнеодговорниот финансиски месец во годината? Статистиката на Народната банка на Македонија вели да. Секој декември во изминатите 9 години и граѓаните и компаниите едноставно не го штеделе својот буџет. Предновогодишната еуфорија, проследена со забави и подароци, ги тера да не ги штедат своите сметки и картички. Платежната статистика на НБРМ покажува дека во декември 2024 вредноста на вкупните платежни трансакции со картички изнесува 38,2 милијарди денари (622 милиони евра) и тоа е рекорд од 2016 година досега. Во декември претходната година биле извршени трансакции со картички во вредност од 33,2 милијарди денари (539 милиони евра).
Најмногу пари граѓаните повлекуваат како готовина од банкомат. Во декември лани вкупно биле пивлечени 20,6 милијарди денари (336 милиони евра), од кои само граѓаните повлекле 20,2 милијарди денари. За разлика од нив, најмногу трансакции вршат со плаќања на ПОС терминали.
Во јануари веќе започнува финансискиот пост. Во јануари 2024 година биле извршени трансакции во вредност од 27,1 милијарда денари (441 милион евра), што значи околу 100 милиони евра помалку отколку претходниот месец. И така е секој јануари. Граѓаните потрошиле 25,8 милијарди денари, а компаниите 1,3 милијарди денари.
Интересно е дека после декември како месеци со најмногу плаќања во 2024 биле јули и ноември. За време на летните одмори повторно не се штедат пари, ниту на личните ниту на бизнис картичките. Вкупно биле извршени трансакции во вредност од 32,9 милијарди денари (535 милиони евра), од кои на граѓаните отпаѓаат 31,2 милијарди денари (485 милиони евра), а на компаниите 1,7 милијарди денари (28 милиони евра).
Исто така и во ноември, кој се совпаѓа со Black Friday попустите, се трошело и вкупно биле извршени трансакции со картички во вредност од 32,9 милијарди денари (535 милиони евра). Притоа граѓаните потрошиле 509 милиони евра, а компаниите 26 милиони евра.
Кога Македонците трошат најмногу пари?
Месец/Категорија | Декември | Ноември | Јули |
Вкупна вредност на трансакции со картички | 622 мил. евра | 535 мил. евра | 535 мил. евра |
Трансакции на физички лица | 593 мил. евра | 509 мил. евра | 485 мил. Евра |
Трансакции на правни лица | 29 мил. евра | 26 мил. евра | 28 мил. евра |
Што се однесува до платежните навики на македонските граѓани, e-трговијата зема се поголемо учество во трошоците. Од декември 2016 до декември 2024 година, вредноста на платежните трансакции со картички на ПОС терминали пораснала за помалку од 3 пати, а вредноста на трансакциите на места за е-трговија е зголемена за 13,5 пати. Иако и во е-трговијата најмногу се троши во декември, сепак тоа не е правило секоја година. Во 2022 година најмногу се трошело онлајн во март, а од 2016 до 2018 година тоа било случај во февруари.

Странците во Македонија најмногу пари на картичка трошат во август, кога си доаѓаат македонските иселеници. Во август минатата година потрошиле 8,8 милијарди денари (143 милиони евра). Следен месец кога најмногу придонесуваат за македонската економија е јули, а за третото место се натпреваруваат септември и декември.
Македонците во странство, пак, најмногу пари трошат во нули или во август, што повторно се поклопува со годишните одмори. Лани во јули и во август вкупно потрошиле 7,7 милијарди денари (125 милиони евра). Од статистиката може да се заклучи и дека странците во Македонија во лето трошат многу повеќе пари на картички отколку Македонците како туристи во странство. Сепак, треба да се има предвид и фактот дека Македонците на одмор почесто одат со пари во џеб отколку на картичка.
- Банкипред 2 месеци
НЛБ Банка Скопје e првата банка во земјата со формална апликација кон СЕПА, единствената област за плаќање во евра
- Банкипред 2 месеци
ПРВ КВАРТАЛ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивката зголемена за речиси 20,1%!
- Банкипред 2 месеци
Централна кооперативна банка АД Скопје: Известување за исплата на пензиите за април 2025 година
- Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје во првиот квартал од 2025 година оствари добивка од 13,5 милиони евра!
- Анализипред 1 месец
АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?
- Берзапред 2 месеци
Заеднички настан на Македонска берза и EBRD „Финансирајте се пазарно!“
- Банкипред 2 месеци
ММФ оценува дека Народната банка успешно се справува со шоковите и ја води политиката претпазливо и професионално
- Банкипред 2 месеци
Халкбанк АД Скопје со нова експозитура во Diamond Mall – банкарските услуги поблиску до клиентите