Connect with us

Осигурување

АНАЛИЗА Животно Осигурување: За кого е, кои се бенефитите од него и што да очекуваме во иднина?

Објавено

на

Растечкиот интерес за полисите за животно осигурување во нашата земја покажува дека свеста за оваа проблематика е во пораст, а луѓето стануваат се’ поодговорни за нивното здравје во иднина, но и за финансиската иднина на најблиските. Животното осигурување постои токму за тоа: да обезбеди финансиска поддршка за луѓето кои ги сакаме, во случај нешто лошо или непредвидено да ви се случи вам. Бројот на осигуреници и на активни договори постојано расте и се добива впечаток дека просечниот Македонец ја сфаќа вредноста на заштита на својот живот и чувството на безбедност која полисата за осигурување им ја дава на неговите најблиски. Трендот е позитивен, но осигурувањето на живот во Македонија се уште е во развојна фаза. Според густината на премијата за осигурување на живот, Македонија е на последното место од земјите во поранешна Југославија со околу 22 евра премија за осигурување на живот по жител, додека останатите држави од регионот имаат значително повисока густина на премија (во Босна и Херцеговина висината на премијата се движи околу 32 евра, Србија има околу 35 евра, Црна Гора има 36 евра премија, додека Хрватска и Словенија имаат значително повисок износ на премија по жител од останатите држави со 102 и 384 евра соодветно). Полисата за животно осигурување, претставува инвестиција во иднината, но и во финансиската сигурност на целото семејство. Имајќи ја предвид значајноста на темата се решивме да контактираме неколку осигурителни компании, и темата да ја доближиме до пошироката јавност.

Зошто треба да имаме полиса за животно осигурување, и кој се треба да биде осигуран?

Маја Станковска Костова, Кроациа Осигурување Живот:  Животното осигурување е од суштинско значење поради неколку причини:

– Акумулација на приход –  обезбедува извор на приход за вашето семејство, помагајќи му да ги подмири дневните трошоци, трошоците за образование и идните финансиски цели.

– Финансиска сигурност за финансиски зависни лица – осигурувањето на живот овозможува семејство да го одржи својот животен стандард во случај на загуба на член кој е главна финансиска поддршка.

– Покриеност на долгот –  Може да ги отплати долговите како хипотека, автомобилски заеми или лични заеми, олеснувајќи го финансискиот товар на вашите најблиски.

Кој треба да биде осигуран?

Согласно искуството и профил на осигуреници сметам дека задолжително е животното осигурување за: 

– Примарен носител на финансиски средства  –  лицето чиј приход е критичен за одржување на животниот стил на семејството.

– Сопственици на бизниси – може да обезбеди континуитет на бизнисот и да ги покрие неподмирените деловни долгови.

– Кредитокорисници –  секој што е кредитно задолжен, кредити, заеми, кредитни лимити и сл , за да спречите други лица да бидат оптоварени со вашиот долг.

Животното осигурување бележи раст, но сеуште заостануваме зад регионот. Која е главната причина за тоа?

Дарко Дедиќ, Винер Лајф: Степенот на развој на една економија секогаш е во делумна корелација со степенот на развој на сите учесници во таа економија вклучително и животното осигурување. Развојот на животно осигуривање кај нас отпочна пред неполни 20 години и сосема е природно сеуште да имаме одредени разлики во обемот на пазарот на животно осигурувањево однос на земјите во регионот.

Што се однесува до палетата на производи и квалитетот на истите кои се нудат на македонскиот пазар, ние воопшто не заостаниваме не само од земјите во регионот туку гледано и пошироко од земјите во Централна и Југоисточна Европа. Како основачи на сите компании за животно осигурување на нашиот пазар се јавуваат групации/компании со седишта во земји членки на Европската Унија и ние сме во можност да ја понудиме истата палета на производи која се нуди и во земјите членки на Европската Унија.

Она што сеуште не разликува од поразвиените пазари е степенот на финансиска едукација, која што кај нас е на пониско ниво. Сепак во услови на глобализација и лесен пристап до информации и тука се видливи позитивни промени, посебно кај помладата популација. За ралика од популацијата над 40 години кои животното осигурување често  примарно го перцепираат како можност за вложување, младите генерации се поголем акцент ставаат на компонентата на покривање на ризик од несакани настани вклучени во полисите за животно осигурување.

Кај одредени групи на граѓани и понатаму е евидентен наративот дека вложувањето во животно осигурување не се исплати. Како може да ја промениме перцепцијата дека осигурувањето не е само трошок на џебот на осигуреникот?

Христина Џамбазовска Анастасов, Триглав Осигурување Живот: Континуирано работиме на подигнување на финансиската писменост. Од самите почетоци па до сега организираме јавни дебати, едукативна настани и пласираме информации кој начин на инвестирање да го одберат идните наши клиенти. Секоја индивидуа има своја потреба и план за долгорочно инвестирање и заштита па ние најпрво ги слушаме нивните барања за на крајот да им помогнеме да го изберат она кое им е потребно. Големо олеснување е кога ќе бидете сигурни дека на Вашите деца не им оставате долг како наследство, него напротив сте вложувале за подобро образование и сте ја обезбедиле нивната иднина.

Целиот сектор континуирано работи на промена на перцепцијата на граѓаните, зголемување на знаењето за финансиските услуги, како и можноста за инвестирање во различни производи од осигурителниот сектор, и заштита од ризиците кои се непредвидливи.

Ако ја изолираме годината на пандемијата, животното осигурување забележува двоцифрени стапки на раст целата измината деценија. Денеска зборуваме за сегмент од пазарот на осигурување чија понуда е целосно доближена до секој развиен европски пазар, поставени се јасни стандарди, а регулаторно сме во фаза во која транспарентноста, правилното информирање на клиентот и заштита на неговите права се примарен фокус. Сето наведено е резултат на порастот на побарувачката за животно осигурување. Иако степенот на пенетрација е сѐ уште многу понизок од земјите во регионот, треба да бидеме реални и да кажеме дека е адекватен на целокупниот економски развој. Животното осигурување е една од основите на добар економски систем во секоја развиена економија. Единствено овој производ има уникатна компонента на осигурување, но и на заштеда и секако е солиден дополнителен приход за пензиски денови за клиентите. Гледајќи ретроактивно, но и перспективно, сѐ уште зборуваме за пазар во развој, но со развиена свест дека ова е производ на кој сѐ повеќе граѓани гледаат придобивка од него и сакаат да го имаат во своето инвестициско портфолио.

Какво влијание имаат глобалните услови на понудата на осигурителните компании? Дали пандемијата од пред неколку години некако влијаеше на условите и пакетите кои се нудат на пазарот?

Христина Џамбазовска Анастасов, Триглав Осигурување Живот: Во време на пандемијата осигурителниот сектор остана стабилен, компаниите успешно одговорија на предизвикот и се справија со новите околности.

Иако тој период е далеку зад нас, кога би се навратиле можам да констатирам дека добро се справивме со специфичната ситуација која беше присутна речиси две години. Клучно во тој период беше што во нашите производи веќе ризикот од пандемија беше имплементиран со целосно покритие па обезбедивме поголема сигурност за нашите клиенти. Пандемија го забрза процесот на развој на емоционалната свест кај нашите граѓани. Сметаме дека оттогаш наваму чувството на одговорност кај секој од нас веќе е доволно развиено и дека секој наш граѓанин е свесен колку осигурувањето е значајно за неговата и заштитата на неговите најблиски. Битно за секторот е што после пандемијата граѓаните се уверија дека овој тип на производ не е привилегија него потреба.

Што ни носи иднината во полето на животно осигурување? Како ќе влијаат поновите механизми поврзани со животното осигурување, како што се рентното осигурување и ризикоосигурување, во поглед на интересот на потенцијалните осигуреници? 

Маја Станковска КостоваКроациа Осигурување Живот:  Иднината на животното осигурување во Македонија изгледа ветувачка, со неколку трендови и случувања кои се подготвени да ја обликуваат индустријата:

– Зголемена свест и образование- како што се подобрува финансиската писменост, повеќе луѓе ќе ја разберат важноста на животното осигурување, што очекувано ќе доведе до зголемено прифаќање.

– Прилагодени производи – осигурителите може да понудат поприспособени полиси за задоволување на специфичните потреби, привлечни за пошироката публика.

– Рентното осигурување како една од опциите за исплата на ануитети во период на пензионирање очекувам да има значаен допринос во развој на животното осигурување. 

Ануитетите обезбедуваат постојан прилив на приходи за време на пензионирањето. Воведувањето на повеќе опции за ануитет би можело да привлече поединци кои бараат стабилен приход по пензионирањето, што ќе го подобри долгорочното финансиско планирање.

-Ризико осигурувањето е производ кој со релативно ниска премија нуди осигурителна заштита при настанување на осигурен случај-смрт на осигуреникот. Изминативе години ризико осигурувањето се почесто е дел од понудата на Банките – застапници во осигурување, кои го нудат заедно со кредитни производи во насока на заштита на клиентите кои се кредитно задолжени. Компаниите го вклучуваат колективното ризико осигурување како дел од бенефитите за вработените. Очекувам да продолжи трендот на застапеност на ризико осигурувањето.

Сумирано, иднината на животното осигурување во Македонија очекувам да се карактеризира со поголема достапност, разновидност и прилагодување на производите, да се зголеми интересот кај потенцијалните осигуреници, што на крајот ќе создаде посилен осигурителен пазар.

Осигурување

Халк Осигурување со понуда за професионална одговорност за повеќе дејности

Објавено

на

Халк Осигурување АД Скопје ја истакнува важноста на осигурувањето од професионална одговорност како заштита од штети што можат да настанат поради грешки или пропусти при извршување на професионалните обврски.

Од компанијата посочуваат дека вниманието, знаењето и професионалноста се основа на довербата во секоја професија, но и дека целосната посветеност не може секогаш да ја исклучи можноста за ненамерна грешка или пропуст.

Осигурувањето од професионална одговорност е наменето токму за вакви ситуации и обезбедува заштита при штети настанати во текот на совесното и професионално извршување на работните обврски.

Халк Осигурување нуди решенија приспособени за различни професионални дејности, меѓу кои ревизори, сметководители, адвокати, здравствени работници, нотари, проектанти и геодети, како и други професии.

„Професионалноста е ваша одговорност. Сигурноста е наша“, порачуваат од Халк Осигурување.

Продолжи со читање

Осигурување

Осигурувањето расте низ Балканот – каде е Северна Македонија?

Објавено

на

Осигурителниот сектор во земјите од регионот продолжува да расте и во 2026 година. Во Босна и Херцеговина, Косово и Албанија во првите седум месеци се бележи зголемување на бруто-полисираната премија, а регионалните бројки повторно го отвораат прашањето колку е развиен македонскиот осигурителен пазар и колку граѓаните користат животно осигурување.

Во БиХ, осигурителните компании во периодот јануари–јули оствариле бруто-премии од 496,1 милиони конвертибилни марки, односно околу 253,7 милиони евра. Тоа претставува раст од 4,2 отсто во однос на истиот период минатата година.

Во Косово, пак, премиите во првите седум месеци од годинава пораснале за околу 5 отсто, додека албанскиот осигурителен пазар бележи раст од околу 3 отсто.

Северна Македонија со посилен раст, но пазарот останува доминиран од неживотното осигурување

Последните целосни годишни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување покажуваат дека македонскиот пазар во 2025 година забележал значително повисок раст. Вкупната бруто-полисирана премија достигнала 17,93 милијарди денари, што е раст од 12,31 отсто во споредба со 2024 година.

Премијата по жител, еден од показателите за развиеноста и распространетоста на осигурувањето, во државата во 2025 година изнесувала 9.840 денари, односно приближно 160 евра по жител. Тоа е за 13,18 отсто повеќе од претходната година. Истовремено, учеството на осигурувањето во БДП се зголемило од 1,67 на 1,72 отсто.

Но, структурата на пазарот покажува дека неживотното осигурување и натаму убедливо доминира. Од вкупната премија во 2025 година, 14,74 милијарди денари или 82,21 отсто се однесувале на неживотно осигурување. Животното осигурување учествувало со 17,79 отсто, со премии од 3,19 милијарди денари. Премиите во животното осигурување за една година пораснале за 10,22 отсто.

За споредба, во Албанија животното осигурување во првата половина од 2026 година учествувало со само 9,26 отсто во вкупниот пазар, додека повеќе од 90 отсто од премиите се однесувале на неживотно осигурување. Тоа покажува дека Северна Македонија има поголем удел на животното осигурување од дел од пазарите во регионот, иако и кај нас овој сегмент останува далеку помал од неживотното осигурување.

Регионалните податоци, според тоа, покажуваат дека растот на осигурувањето не е изолиран тренд. Премиите се зголемуваат во повеќе балкански земји, но вистинската разлика меѓу пазарите сè повеќе ќе се мери преку премијата по жител, учеството на осигурувањето во економијата и развојот на животното осигурување.

За Северна Македонија бројките покажуваат солиден раст, но и значителен простор за понатамошно продлабочување на пазарот, особено преку поголемо користење на животното осигурување и доброволните осигурителни производи.

Продолжи со читање

Осигурување

Vienna Insurance Group го прошири работењето во Црна Гора, групацијата е силно присутна и во Северна Македонија

Објавено

на

Vienna Insurance Group (VIG) го прошири своето присуство во Црна Гора со основање на компанијата Wiener Städtische Osiguranje Podgorica a.d. – Vienna Insurance Group, која доби дозвола за работа од Агенцијата за надзор на осигурувањето и официјално започна со работа.

По долгогодишното работење во сегментот на животно осигурување, групацијата сега влегува и на пазарот на неживотно осигурување, со што го продолжува инвестицискиот циклус во земјата.

Основачкиот капитал на новата компанија изнесува пет милиони евра, што е значително над законски пропишаниот минимум од три милиони евра.

Vienna Insurance Group поседува 50,1 отсто од капиталот, додека Wiener Städtische животно осигурување Подгорица и Wiener Städtische осигурување Белград имаат по 24,95 отсто.

Извршниот директор Петар Вујошевиќ изјави дека новата компанија од самиот почеток ќе има силна поддршка од целата групација, преку меѓународно искуство, финансиска стабилност и пренесување на знаење од компаниите во Подгорица и Белград.

Одлуката за новата инвестиција следува по успешното работење на Wiener Städtische во сегментот на животно осигурување во Црна Гора. Според податоците за крајот на вториот квартал од 2026 година, компанијата има околу 48 проценти пазарен удел според бруто-фактурираната премија и е лидер во овој сегмент.

Од компанијата посочуваат дека капиталот од пет милиони евра треба да обезбеди дополнителна финансиска стабилност и простор за инвестиции во продажната мрежа, дигитализацијата, новите производи и подобрување на услугите.

Vienna Insurance Group има значајно присуство и во Македонија, каде што работи во сегментите на животно и неживотно осигурување преку „Винер лајф“ и „Македонија осигурување“. Во јули 2024 година, Winner Non-Life беше споен со „Македонија осигурување“, по што компанијата продолжи да работи под брендот „Македонија осигурување“.

Vienna Insurance Group работи во околу 30 земји во Централна и Источна Европа преку приближно 50 компании, има повеќе од 30.000 вработени и над 33 милиони клиенти. Новата инвестиција во Црна Гора е дел од пошироката стратегија на групацијата за зајакнување на позициите на осигурителните пазари во регионот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange