Uncategorized
Висок раст на профитот и силни перформанси во сите сегменти – Групација Триглав на крајот на првиот квартал проценува дека ќе ги постигне годишните насоки за добивката
Групација Триглав, во Q1 2024-та година ефикасно го надмина недостатокот на премија за дополнително здравствено осигурување во Словенија. Групацијата значително го зголеми деловниот обем на другите сегменти, особено на сегментот неживот (раст од 12%), a постигна раст и на пазарите во регионот Адриа (раст од 14%) и поширокото меѓународно опкружување (раст од 19%), воедно одржувајќи ги својата финансиска стабилност и силната капитализација. Заработката на Групацијата пред оданочување изнесува 43,3 милиони евра (раст од 153%), а нето добивката изнесува 36,6 милиони евра (раст од 154%). Имајќи ги предвид очекуваните деловни услови за остатокот од годината, на крајот на првиот квартал Групацијата проценува дека ќе го оствари планираниот годишен резултат. Управниот и Надзорниот одбор предложија на овогодинешното редовно Собрание на акционери, што ќе се одржи на 4-ти јуни, 2024-та година, да се одобри исплата на дивиденда од 1,75 евра бруто по акција, што претставува дивиденден принос од 5% по тековната цена на акцијата.
Финансиски индикатори за Q1, 2024-та година
Вкупниот деловен обем на Групацијата во Q1 2024-та година изнесува 488,7 милиони евра, слично на истиот период минатата година. Кварталната добивка на Групацијата пред оданочување изнесува 43,3 милиони евра (Q1 2023-та: 17,1 милиони евра, индекс 253), а нето добивката на Групацијата изнесува 36,6 милиони евра (Q1 2023-та: 14,4 милиони евра, индекс 254). Заваровалница Триглав, матичната компанија на Групацијата, оствари добивка пред оданочување од 29,4 милиони евра (Q1 2023-та: 8,8 милиони евра, индекс 335) и нето добивка од 24,9 милиони евра (Q1 2023-та: 7,3 милиони евра, индекс 341).
Комбинираниот количник за сегментите на неживотно и здравствено осигурување, што ја покажува профитабилноста на овие два сегмента, изнесуваше поволни 87,9% (11,0 процентни поени помалку споредено со истиот период минатата година). Новата деловна маржа на сегментот на животното осигурување изнесуваше 14,9%, што е раст од 3,5 процентни поени во споредба со првиот квартал минатата година.
Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, изјави: „Направивме многу ветувачки почеток оваа година, со забележително подобрување на резултатите на Групацијата во однос на минатата година. Врз основа на резултатите од крајот на првиот квартал, проценуваме дека ќе го постигнеме нашиот планиран годишен резултат, земајќи ги предвид очекуваните деловни услови за остатокот од годината. Групацијата Триглав во Q1, 2024-та година во голема мера го надмина недостатокот на премија за дополнително здравствено осигурување во Словенија, која што во првиот квартал од 2023-та година изнесуваше 11% од вкупната бруто полисирана премија, преку раст на премиите во другите класи на осигурување, како во регионот, така и на меѓународно ниво. Нашето работење во првиот квартал од 2024-та година беше под влијание на помалку интензивни штетни настани, што имаше позитивно влијание. Накратко, работевме добро во сите сегменти на двете дејности – осигурување и управување со средства – за што сакам да им се заблагодарам и на сите вработени во Групацијата Триглав“.
ФИНАНСИСКИ РЕЗУЛТАТИ ЗА Q1 2024-та ГОДИНА
Групација Триглав е финансиски стабилна и соодветно ликвидна со силна капитална основа. Вкупниот биланс на состојба на Групацијата се зголеми на 4,2 милијарди евра (индекс 102) во однос на 31-ви декември, 2023-та година, додека вкупниот капитал изнесува 929,8 милиони евра (индекс 104).
Вкупниот деловен обем на Групацијата достигна 488,7 милиони евра (индекс 99), а бруто полисираната премија, која сочинува 92% од вкупниот деловен обем, изнесува 448,7 милиони евра (индекс 99). Поради укинувањето на дополнителното здравствено осигурување, на словенечкиот пазар има намалување на полисираната премија за 10% во однос на истиот период минатата година, додека на меѓународниот пазар и во регионот Адриа е забележан раст од 19% и 12% респективно. Во однос на географската структура на полисираната премија, Групацијата обезбеди 58,6% од вкупната полисирана премија на осигурителниот пазар на Словенија (Q1 2023-та: 64,7%) и 19,9% на останатите пазари во регионот Адриа (Q1 2023-та: 17,5%), додека учеството на меѓународниот пазар за осигурување и реосигурување се зголеми за 3,7 процентни поени на 21,5% на годишно ниво.
Кварталната добивка на Групацијата пред оданочување изнесува 43,3 милиони евра (Q1 2023-та: 17,1 милиони евра). Најголемиот дел од нив, 38,3 милиони евра, се генерирани од осигурителната дејност (Q1 2023-та: 7,4 милиони евра), со висок раст во сите три сегменти, односно неживот, живот и здравје. Нето инвестицискиот резултат во извештајниот период достигна 5,2 милиони евра. На споредливиот резултат минатата година (11,3 милиони евра) позитивно влијаеше промената на резервациите за неостварување на гарантираниот принос (5,5 милиони евра), додека годинава немаше значително влијание (0,4 милиони евра). Урош Иванц, член на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, објасни: „Инвестицискиот дел од нашиот бизнис покажа силни перформанси во првиот квартал, првенствено поттикнат од растот на приходите од камати. Во сегментот на управување со средства, значително ги зголемивме средствата под управувањето со взаемните и пензиските фондови, како и дискреционите мандатни средства врз основа на нето-приливите и ефектите на пазарот на капитал, кои што обезбедија добри резултати“.
Вкупните средства под управување на Групацијата на 31-ви март, 2024-та година изнесуваат 5.162,7 милиони евра, што е за 6% повеќе во однос на 31-ви декември, 2023-та година. Од нив, 3.508,8 милиони евра (индекс 103 во однос на крајот на 2023-та година) се однесуваа на сопствени средства и средства кај кои што осигуреникот го презема инвестицискиот ризик, а со кои што компаниите на Групацијата управуваа. Структурата на ова портфолио е споредлива со таа на 31-ви декември, 2023-та година, при што најголемиот дел (52,8%) опфаќа обврзници инвестирани на развиени пазари, од кои што повеќето имаат висок кредитен рејтинг. Одржливите инвестиции со фиксни приходи достигнаа 267,4 милиони евра, што е за 2% повеќе во однос на 31-ви декември, 2023-та година, а нивното учество во вкупното портфолио на обврзници порасна на 11,3% (31.12.2023: 11,1%). Групацијата, исто така, управува со средства во заеднички и пензиски фондови, како и со дискрециони мандатни средства под индивидуално управување во износ од 1.542,6 милиони евра (индекс 115).
Годишната стапка на поврат на инвестициите на Групацијата (без средства кај кои што осигуреникот го презема инвестицискиот ризик) изнесуваше 2%, што е исто како и минатата година.
Останатите сеопфатни приходи изнесуваат 2,1 милиони евра (Q1 2023-та: 7,6 милиони евра). Урош Иванц, член на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, објасни: „Нема значајни промени во Q1, 2024-та година во врска со ревалоризацијата на финансиските инструменти и обврските за осигурување. Водиме грижа времетраењето на средствата и обврските да е соодветно усогласено, што резултира со релативно ниско нето влијание врз сеопфатната добивка“.
Перформанси по сегменти во Q1, 2024-та година
Сегмент Неживот: Вкупниот деловен обем на сегментот се зголеми за 12% на 397,5 милиони евра. Приходите од осигурување пораснаа со иста стапка на 260,5 милиони евра, а нивниот раст произлегува од зголемувањето на обемот на осигурување, влијанието на минатите зголемувања на стапките на премиите врз зголемувањето на премијата и поголем обем на продажба на осигурување врз основа на принципот на слободен проток на услуги (FOS зделки). Настанатите штети се намалија за 6% на 125,2 милиони евра на годишно ниво, додека трошоците за прибава и административните трошоци, вклучувајќи ги и трошоците, кои што не се припишуваат, пораснаа за 2% на 65,0 милиони евра. Комбинираниот количник на сегментот неживот изнесува поволни 89,5% (Q1 2023-та: 98,8%). Кварталната добивка пред оданочување изнесува 28,5 милиони евра (Q1 2023-та: 7,1 милиони евра).
Сегмент Живот: Вкупниот деловен обем на овој сегмент се зголеми за 5% на 59,6 милиони евра. Профитабилноста на новите бизниси достигна 14,9%, што е раст од 3,5 процентни поени на годишно ниво. Маржата за договорни услуги порасна за еден процентен поен на 224,7 милиони евра, додека учеството на маржата за договорни услуги за нови договори во вкупната маржа за договорни услуги се зголеми за 0,6 процентни поени на 5,0%. Кварталната добивка пред оданочување изнесува 6,1 милиони евра (Q1, 2023-та: 3,5 милиони евра).
Сегмент Здравје: По укинувањето на дополнителното здравствено осигурување во Словенија, вкупниот обем на работа во Q1, 2024-та година се намали за 90% на годишно ниво на 5,0 милиони евра. Кварталната добивка пред оданочување беше позитивна и изнесува 4,2 милиони евра, главно поради влијанието на намалувањето на резервациите, како последица на укинувањето на дополнителното здравствено осигурување.
Управување со средства: Вкупниот обем на деловно работење изнесува 26,6 милиони евра (индекс 92); приходите од управување со средства (приходи од надоместоци) се зголемени за 16% на 11,2 милиони евра. Кварталната добивка пред оданочување изнесува 4,5 милиони евра, со намалување од 32% на годишно ниво, пред сѐ како резултат на ефектот од еднократните настани, кои што позитивно влијаеа на добивката во претходната година.
ДРУГИ ИНДИКАТОРИ
Дивиденда и редовно собрание на акционери. Управниот и Надзорниот одбор НА Заваровалница Триглав предложија овогодинешното Собрание на акционери, кое што ќе се одржи на 4-ти јуни 2024-та година, да одобри исплата на дивиденда од 1,75 евра бруто по акција, или вкупно 39,8 милиони евра, што претставува дивиденден принос од 5% на моменталната цена на акцијата. Компанијата има за цел да ја спроведува својата политика за дивиденда доследно, а со тоа да ги исполни очекувањата на акционерите да биде стабилна, сигурна и профитабилна долгорочна инвестиција.
Сегмент Здравје. Во тек е процесот на спојување на Триглав, Здравствена заваровалница со Заваровалница Триглав, матичната компанија на Групација Триглав. Спојувањето ќе го поедностави и оптимизира работењето на Групацијата во здравствениот сегмент на словенечкиот пазар по укинувањето на дополнителното здравствено осигурување.
Uncategorized
Зелените станбени кредити се пробиваат на Балканот – ЕБОР одвои 4 милиони евра и за НЛБ Банка Скопје
Зеленото кредитирање сè посилно навлегува и во станбениот сектор на Западен Балкан, а последните финансиски аранжмани на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) покажуваат дека банките во регионот постепено отвораат повеќе простор за финансирање енергетски ефикасни домови и други зелени инвестиции.
ЕБОР обезбедува пакет од најмногу 24 милиони евра за Хипотекарна банка во Црна Гора, од кои 20 милиони евра се наменети за станбено кредитирање, а дополнителни 4 милиони евра се обезбедуваат преку програмата Western Balkans Green Economy Financing Facility III, односно GEFF III.
Најмалку 10 проценти од средствата од станбената кредитна линија треба да бидат насочени кон инвестиции што ги исполнуваат критериумите на ЕБОР за зелена економска транзиција, со што ќе се поддржи купување енергетски ефикасни домови и станбени објекти.
Дополнителната кредитна линија од 4 милиони евра е наменета за високоефикасни станбени објекти, мерки за енергетска ефикасност и користење обновливи извори на енергија. Според ЕБОР, целта е да се зголеми понудата на „зелени“ станови, но и да им се овозможи на домаќинствата пониска потрошувачка на енергија и помали трошоци.
Сличен модел веќе се применува и во Северна Македонија.
ЕБОР обезбедува необезбеден кредит од најмногу 4 милиони евра за НЛБ Банка АД Скопје, исто така во рамки на програмата WB GEFF III – REPower. Средствата се наменети за понатамошно кредитирање на резиденцијалниот сектор во земјава и за поттикнување инвестиции во зелената економија.
Проектот на ЕБОР за НЛБ Банка Скопје е регистриран под број 57312 и во моментов е со статус „Disbursing“, односно средствата се во фаза на исплата и реализација.
Развојот на овие кредитни линии покажува дека концептот на зелено станбено финансирање сè повеќе добива место и во понудата на банките во регионот. Наместо станбениот кредит да се гледа само како средство за купување недвижност, новите финансиски модели сè повеќе го поврзуваат кредитирањето со енергетските перформанси на домот и намалувањето на неговата потрошувачка.
Во Црна Гора, ЕБОР директно го комбинира класичното станбено кредитирање со зелено финансирање преку пакетот за Хипотекарна банка. Во Северна Македонија, пак, линијата од 4 милиони евра за НЛБ Банка Скопје треба да овозможи натамошно финансирање зелени инвестиции во резиденцијалниот сектор.
GEFF III е дел од пошироката програма на ЕБОР за декарбонизација на станбениот фонд во земјите од Западен Балкан. За подобните инвестиции во рамки на програмата може да бидат достапни и техничка помош и инвестициски стимулации поддржани од Европската унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и од Владата на Јапонија.
Со тоа, прашањето повеќе не е дали зеленото станбено кредитирање ќе пристигне во регионот, туку колку брзо ваквите кредитни линии ќе се претворат во конкретни и широко достапни банкарски производи за граѓаните.
Uncategorized
Нови правила за лиценци за игри на среќа: Ќе се проверуваат репутацијата, интегритетот и потеклото на парите
Министерството за финансии донесе нов Правилник за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа, кој произлегува од новиот Закон за игрите на среќа, донесен во јуни годинава.
Со Правилникот детално се утврдува документацијата што треба да ја достават правните и физичките лица кои бараат лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.
Апликантите ќе треба да докажат дека ги исполнуваат условите за репутација и интегритет, меѓу другото преку документи поврзани со евентуално изречени санкции за забрана за вршење професија, забрана за приредување игри на среќа и други околности значајни за нивното учество во оваа дејност.
Со новиот подзаконски акт се воведува и строга контрола на потеклото на средствата во основната главнина. Преку банкарски извештаи, договори и финансиски биланси, Министерството за финансии ќе проверува дали постои непрекинат траг на движењето на парите, од нивниот извор до уплатата во друштвото.
Правилникот ги уредува и постапките при промена на сопственичката структура и главнината, како и при именување членови во органите на управување и надзор.
Една од новините во Законот за игри на среќа е оценувањето на репутацијата на содружниците и соработниците на друштвата кои имаат лиценци, како и на членовите на органите на управување и надзор во трговското друштво за приредување игри на среќа во кое државата е единствен акционер.
Од Министерството посочуваат дека ваквите проверки се важен дел од мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Новиот Закон за игри на среќа беше донесен во јуни 2026 година со цел воспоставување посовремена, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област.
Uncategorized
НЛБ Фондови со нов инвестициски прашалник за полесен избор на фондови
НЛБ Фондови АД Скопје ги повикува граѓаните да го откријат својот инвестициски профил преку нов онлајн инвестициски прашалник, наменет да им помогне полесно да ги разберат сопствените финансиски цели и односот кон ризикот.
Од компанијата информираат дека прашалникот се состои од пет едноставни прашања, преку кои корисниците можат да добијат подобра слика за тоа колкав ризик се подготвени да преземат при инвестирање и кои видови фондови најмногу одговараат на нивните потреби.
Според НЛБ Фондови, алатката помага да се утврди дали инвеститорот е повеќе насочен кон сигурност или е подготвен да прифати повисок ризик со цел да оствари потенцијално поголем принос. Дополнително, корисниците добиваат насоки за тоа дали за нив се посоодветни акциски, комбинирани, обврзнички или парични фондови.
По завршувањето на прашалникот, достапен е и персонализиран PDF извештај со препорачан инвестициски сооднос.
Од НЛБ Фондови нагласуваат дека прашалникот има исклучиво информативна намена и не претставува инвестициски совет. Како што посочуваат, одлуките за вложување треба да се носат по внимателно разгледување на ризиците и карактеристиките на фондовите.
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 1 месецОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје





