Connect with us
no baners

Банки

Средби со ММФ: Народната банка спроведува соодветна монетарна политика

Објавено

на

Политиките кои ги води Народната банка се соодветен одговор на тековните предизвици. Глобалната ситуација е сложена поради финансиските превирања, продолжувањето на војната во Украина и геоекономската фрагментација. Оттаму, централните банки треба да останат доследни на антиинфлаторната затегната монетарна политика, но исто така будно да ги следат случувањата во финансискиот сектор и доколку има потреба да ги искористат соодветните инструменти. Ова се главните заклучоци од состаноците коишто ги остварија гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Фадил Бајрами со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка во Вашингтон, САД.

Делегацијата се сретна со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли, како и со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со шефот на Мисијата на ММФ, Жак Миниан.

На средбата со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли, беше разговарано и за реализацијата на Кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ), која што и беше доделена минатата година на нашата земја. Станува збор за инструмент којшто обезбедува ликвидност за надминување одредени шокови и предизвици за време на кризни епизоди и кој им се доделува на земји коишто имаат здрави економски фундаменти и практикуваат здрави макроекономски политики. Во тој контекст, во разговорите со претставниците на ММФ беше  констатирано дека монетарната политика се води и треба да продолжи да се води  на прудентен начин, со оглед на сеуште присутната глобална неизвесност. Согласно последните проекции на Фондот за нашата економија, растот на инфлацијата годинава ќе забави, а ќе продолжи да забавува и следната година, додека на среден рок би се постигнала целната инфлација од 2%. Притоа, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска истакна дека нашата централна банка будно ги следи случувањата и презема одлучни чекори за справување со инфлаторните притисоци и постигнување на основната цел – обезбедување на среднорочна ценовна стабилност. Таа ги наведе преземените мерки и политики од страна на Народната банка, и посочи дека курсот на монетарната политика започна да се менува уште на крајот на 2021 година, преку интервенциите на девизниот пазар. Потоа се продолжи со интервенции преку зголемување на каматната стапка, неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон растот на штедењето во денари, како и воведувањето на системски мерки, како противцикличниот заштитен слој на капиталот. Воедно, акцентот беше ставен и на стабилноста на банкарскиот сектор, кој е во солидна кондиција и може да ја поддржи домашната економија, а притоа има капацитет да се справува со евентуалните поголеми шокови.

Во глобални рамки, согласно оцените на ММФ растот на инфлацијата годинава успорува, но истата се покажа како многу порезистентна од она што беше очекувано пред само неколку месеци. Остриот пад на цените на енергентите и храната придонесоа кон падот на вкупната стапка на инфлацијата, меѓутоа базичната инфлација во глобални рамки се покажа како попостојана. Случувањата во глобалниот финансиски систем може да придонесе кон намалување на агрегатната побарувачка, што би делувало антиинфлаторно, но сепак препораката на ММФ за централните банки е да останат внимателни, бидејќи прераната промена на курсот на монетарната политика може да предизвика големи штети.

Делегацијата на Народната банка оствари работна средба и со Одделот за монетарна политика и пазари на капитал. Притоа, беше заклучено дека ММФ и во натамошниот период ќе ја поддржува Народната банка преку размена на искуства за натамошно унапредување на поставеноста на оперативната рамка на монетарната политика и механизмите за учество на Народната банка на девизниот пазар.

Банки

ЕЦБ ја отвори јавната анкета за новиот изглед на евро-банкнотите

Објавено

на

Европската централна банка ја повика јавноста да учествува во изборот на новиот изглед на евро-банкнотите, во рамките на процесот за нивен редизајн.

ЕЦБ претстави десет предлог-дизајни, изработени според две теми – „Европска култура“ и „Реки и птици“. Граѓаните можат да ги разгледаат понудените решенија и да го дадат своето мислење преку јавната анкета.

Резултатите од анкетата ќе бидат земени предвид при изборот на конечниот дизајн на новата серија евро-банкноти.

Анкетата ќе биде отворена до 21 септември 2026 година, а повеќе информации се достапни на официјалната интернет-страница на Европската централна банка.

Продолжи со читање

Банки

АЛТА банка ги намали надоместоците за СЕПА-трансфери до крајот на 2026 година

Објавено

на

АЛТА банка АД Битола воведе промотивни надоместоци за приливни и одливни кредитни трансфери преку СЕПА, кои ќе важат до 31 декември 2026 година.

За домашните правни лица, надоместокот за приливен СЕПА-трансфер е намален на фиксни 180 денари, без оглед на износот на трансакцијата. За одливните трансфери е утврден фиксен надоместок од 250 денари.

Кај правните лица нерезиденти, приливниот трансфер преку СЕПА ќе се наплатува три евра, додека надоместокот за одливен трансфер е намален на пет евра.

Физичките лица резиденти нема да плаќаат надоместок за приливни СЕПА-трансфери. За одливните трансфери, надоместокот изнесува 250 денари за хартиени налози, а 200 денари за трансакции извршени преку електронско или мобилно банкарство.

Приливните СЕПА-трансфери се без надоместок и за странските физички лица со девизни сметки или штедни влогови во банката. За одливните трансфери тие ќе плаќаат пет евра за хартиен налог, односно четири евра преку електронско или мобилно банкарство.

Од банката информираат дека измените се дел од промотивната тарифа со која се намалуваат трошоците за прекугранични плаќања во евра за физичките и правните лица.

Продолжи со читање

Банки

МИПС успешно го помина првиот тест: Македонија чекор поблиску до модерни платежни услуги – ISO 20022

Објавено

на

Во текот на јули 2026 година, Народната банка, заедно со банките и останатите учесници во МИПС, успешно го спроведе првиот циклус тестирање на новото системско решение, при што беше потврдена неговата функционалност и подготвеноста за продолжување на следните фази од примената. Во рамките на тестирањето беа успешно обработени најголемиот дел од платежните пораки предвидени со проектот, согласно со стандардот ISO 20022.

По завршувањето на првиот циклус на тестирањето, во Народната банка се одржа работен состанок со учесниците во МИПС, на кој беа презентирани резултатите од досегашните активности, беа разгледани прашањата коишто се појавија во текот на тестирањето и беа усогласени наредните чекори за успешно спроведување на проектот.

Како што истакна Биљана Доновска-Гечева, директорка на Дирекцијата за платни системи во Народната банка, во наредниот период ќе продолжат активностите за финализирање на тестирањата и подготовка за воведување на новото системско решение во редовна употреба.

Воведувањето на стандардот ISO 20022 претставува значаен чекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура. Новиот стандард ќе овозможи размена на поквалитетни и побогати податоци во платниот промет, поефикасна автоматска обработка на плаќањата, поедноставно спроведување на контролите и поголема усогласеност со стандардите и практиките на Европската централна банка и европските платни системи. Со тоа ќе се создадат услови за поефикасни, посигурни и помодерни платежни услуги, во согласност со европските трендови и обврските во процесот на европската интеграција.

Проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“, покрај воведувањето на стандардот ISO 20022 во МИПС, опфаќа и воспоставување склад на податоци за потребите на екстерните статистики, со што дополнително се зајакнуваат институционалните капацитети на Народната банка во овие две значајни области.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange