Connect with us

Банки

ЕБОР одобри 9 милиони ЕУР кредит на ПроКредит Банка во Северна Македонија

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) доделува нови средства за поддршка на младите претприемачи и основање на бизниси, како и за промовирање на зелени финансии во Северна Македонија, преку финансискиот пакет од 9 милиони ЕУР одобрен за ПроКредит Банка.

ЕБОР одобри 2 милиони ЕУР од Програмата Млади во бизнис (МвБ), која е за прв пат застапена во Северна Македонија, а со неа ќе се поддржат локалните микро, мали и средни претпријатија (ММСП), кои се во сопственост или управувани од претприемачи под 35 години.

Церемонијата за потпишување на договорот со ПроКредит банка од Програмата Млади во бизнис, се одржа во рамки на настанот организиран од ЕБОР, каде беше промовирано претприемништвото кај младите, а каде учество земаа Народната банка на Република Северна Македонија, претставници од Владата, комерцијални банки, младински организации, стартапи и акцелератори.

Неодамна лансираната Програма за Млади во бизнис, наменета за шесте економии на Западен Балкан, е креирана за младите претприемачи, кои имаат ограничен пристап до финансирањето и советодавните услуги. Во наредниве пет години, Банката планира да додели до 100 милиони ЕУР во регионот, преку локалните партнерски банки, како и преку не-банкарските институции под Програмата за Советодавни услуги за мали бизниси .

Советодавната поддршка и гаранциите поврзани со Програмата МвБ се поддржани од Владите на Шведска, Италија и Луксембург. 

Средствата во износ од 7 милиони ЕУР од Програмата за зелено финасирање (Green Finance Facility – GFF) ќе се одобруваат на локалните мали и средни претпријатија (МСП). Покрај потребното кредитирање на домашните бизниси, ќе се доделуваат и грантови (до 10 отсто од износот на заемот) за поддршка на инвестициите во обновливи извори и енергетски ефикасни технологии.

Фондовите за техничка соработка под оваа програма ќе бидат наменети за  локалните банки кои се заинтересирани да финансираат и за локалните бизниси кои ќе имплементираат зелени проекти. Оваа комбинација на кредити и грантови е обезбедена од Заедничкиот фонд за одржлививи и развојни цели и Владата на Северна Македонија под покровителство на Развојната Програма на Обединетите Нации. Програмата за зелено финансирање е заедничка иницијатива на ЕБОР, Развојната Програма на Обединетите Нации и Владата на Северна Македонија. Таа обезбедува пристап до достапно зелено финансирање за малите и средни претпријатија, како и пазарни, но до сега не покриени групи на поединци и домаќинства, кои сакаат да инвестираат во обновлива енергија и енергетски ефикасни решенија, придонесувајќи кон намалување на емисиите на стакленички гасови и загадување на воздухот.

Откако Северна Македонија се приклучи кон ЕБОР во 1993 година, Банката до сега има инвестирано над 2,6 милијарди ЕУР во 180 проекти, од кои скоро половина се во приватниот сектор. Приоритет на Банката за земјата е да поддржи конкурентност, зелена транзиција и понатамошна интеграција во регионалните и глобалните пазари.

Банки

Пред 59 години беше поставен првиот банкомат: Како започна револуцијата што го промени банкарството?

Објавено

на

Банкоматот, денес едно од најважните и најкористени банкарски решенија, во јуни годинава одбележа 59 години од поставувањето на првиот уред за подигнување готовина.

Првиот банкомат бил инсталиран во јуни 1967 година, во филијала на британската банка „Barclays“ во Северен Лондон. Иако за негов пронаоѓач најчесто се смета Џон Шеперд-Барон, идејата за машина преку која клиентите би можеле да подигнуваат пари датира уште од 1939 година.

Тогаш американскиот иноватор од ерменско потекло Лутер Дорге Симџијан развил уред за автоматско подигнување пари. „Citigroup“ ја тестирала идејата, но по само неколку месеци проектот бил прекинат поради слаб интерес од клиентите.

Речиси три децении подоцна, „Barclays“ повторно ја актуелизирала идејата. Првиот уред користел картички за еднократна употреба, со кои можело да се подигнат 10 фунти.

Следната година, американскиот иноватор Доналд Ветцел придонел за развојот на технологијата, овозможувајќи банкоматите да исплаќаат различни износи, во зависност од расположливите средства на сметката.

Првите банкомати значително се разликувале од денешните. Некои од нив не ја враќале картичката веднаш, па корисниците морале дополнително да ја подигнат од филијалата.

Од едноставна машина за подигнување готовина, банкоматот со текот на годините прерасна во клучна точка на современото банкарство, а неговиот развој го отвори патот кон 24-часовниот пристап до банкарски услуги.

Продолжи со читање

Банки

Маја Михајлова реименувана за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка

Објавено

на

Маја Михајлова ќе продолжи да биде дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје и во следните четири години, информира Банката преку Македонската берза.

Народната банка на Република Северна Македонија на 15 јули 2026 година издала решение со кое се дава претходна согласност за реименување на Михајлова за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, со мандат од четири години.

Со реименувањето на Михајлова, Управниот одбор на ПроКредит Банка продолжува да работи во состав од четири членови:

  • Емилија Спировска
  • Стевче Кузмановски
  • Милан Дамчевски
  • Маја Михајлова

Михајлова е дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка од 2024 година, кога Банката го прошири својот менаџмент со нејзиното именување.

Актуелниот состав на Управниот одбор е наведен и на официјалната веб-страница на ПроКредит Банка.

Продолжи со читање

Банки

4 милиони евра за енергетски поефикасни домови: НЛБ Банка со нова кредитна линија од Европската банка за обнова и развој

Објавено

на

НЛБ Банка преку нова кредитна линија во износ од 4 милиони евра ја зајакнува поддршката и го проширува пристапот на домаќинствата до зелено финансирање за енергетски поефикасни домови. Средствата се обезбедени во соработка со ЕБОР во рамките на програмата GEFF III REpower Residential на Западен Балкан, а ќе се пласираат преку Банката. Наменети се за зелени инвестиции што придонесуваат за енергетски поефикасни, поодржливи и покомфорни домови, овозможувајќи конкретни придобивки за граѓаните – намалени трошоци и подобрен квалитет на живеење.

Во време кога енергетската ефикасност и одговорното користење на ресурсите стануваат сè поважен дел од секојдневието, ваквата финансиска поддршка отвора можност повеќе домаќинства да ги реализираат потребните подобрувања во своите домови – изолација, нови прозори и врати, котли, топлински пумпи, сончеви колектори за топла вода, фотоволтаични системи или други енергетски ефикасни решенија.Сите овие технологии директно придонесуваат за пониски трошоци на домаќинствата, поголема удобност и  порационална потрошувачка.

НЛБ Банка во своето портфолио веќе нуди зелени кредити наменети за поддршка на одржливи и еколошки решенија, а новата кредитна линија од 4 милиони евра од ЕБОР претставува зајакнување на оваа определба.

Дополнителна придобивка на овие кредити е повратот на средства, кофинансиран од Европската Унија, кој може да изнесува и до 20% од вкупната инвестиција. На овој начин, зелените кредити стануваат практичен инструмент преку кој енергетската ефикасност, одржливоста и заштитата на животната средина се претвораат во реални и достижни решенија за секое домаќинство.

Придобивки од „зелените“ инвестиции во домот

Кога домот троши помалку енергија, преку намалените сметки, придобивките се чувствуваат веднаш. Долгорочно, тие имаат и пошироко значење. Секоја инвестиција што ја намалува потребата од енергија придонесува и за помала потрошувачка на ресурси, помал притисок врз енергетскиот систем и помало влијание врз животната средина. Во Македонија, ваквите вложувања се особено значајни имајќи ја предвид потребата од обновување и модернизација на станбениот фонд.

Токму затоа, зеленото финансирање има сè поважна улога во претворањето на одржливоста од концепт во конкретна одлука за секое домаќинство. Со соодветна финансиска поддршка, граѓаните можат полесно да направат чекор кон зелени решенија.

*GEFF програмата на ЕБОР во Западен Балкан е кофинансирана од европската Унија преку инвестициската рамка за Западен Балкан, Австрија, јапонија, данска и швајцарија преку Партнерството со високо влијание врз климатската акција (HIPCA).

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange