Банки
ПроКредит Групацијата постигна значителни резултати последните 9 месеци со принос на капиталот од 13,6%
Групацијата ПроКредит, која главно е активна во Југоисточна и Источна Европа, објави висок финансиски резултат од 94,0 милиони евра за првите девет месеци од 2023 година. Приносот на капиталот значително се подобри на ниво од 13,6 %, со што се нагласуваат среднорочните проекции на групацијата. Добриот резултат главно беше поттикнат од континуираната позитивна динамика на нето-каматната маржа, како и од подобрениот коефициент трошоци-приходи од 58,7%. Стабилните показатели за кредитниот ризик доведоа до умерена цена на ризикот од 20 базични поени, каде спаѓаат и дополнителните резервации за загуби резервирани во третиот квартал на работењето на групацијата во Украина. Како резултат на силниот оперативно-финансиски развој во целата групација, Управниот одбор реши на 26 октомври 2023 година повторно да ги подигне проекциите за финансиската 2023 година.
Кредитното портфолио се зголеми за 119 милиони евра или 1,9% во првите девет месеци од годината (9М 2022: 6,2%). Во вториот и третиот квартал, остварен е раст од 165 милиони евра или 2,7%. Од крајот на годината, депозитите се зголемија за 649 милиони евра или 10,3% (9М 2022: 8,0%), што конкретно се припишува на приватните клиенти и покажува цврст напредок на целосно дигиталната понуда за приватните клиенти на групацијата, како и на стратегијата „ПроКредит Директ“. Во однос на истиот период претходната година, коефициентот на депозитите и кредитното портфолио се зголеми за 16,3 процентни поени на добро ниво од 111,4% (9М 2022: 95,1%). Коефициентот ЦЕТ1 изнесуваше 14,9% на крајот на третиот квартал; зголемувањето во текот на годината пред сѐ се должи на припишување на полугодишната добивка (минус 1/3 за дивиденди) како и на поголемата ефикасност на средствата пондерирани за ризикот (RWA).
Развојот на добри резултати е многу разновиден во групацијата
Деветмесечниот резултат на групацијата од 94,0 милиони евра е значително повисок отколку во истиот период лани (9М 2022: 17,3 милиони евра) и одговара на принос на капиталот од 13,6% (9М 2022: 2,7%).
Оперативните приходи на групацијата се зголемија за 22,1%, поттикнати од повисоките нето-приходи од камати и повисоките нето-приходи од надоместоци и провизии. Нето-приходите од камати се зголемија за 52,6 милиони евра или 27,4% на 244,7 милиони евра (9М 2022: 192,1 милиони евра), бидејќи растот на приходите од камати ги надмина зголемените расходи за камати. Досега оваа година, нето-каматната маржа се зголеми за околу 50 базични поени, растејќи на 3,6% главно поради повисоките клучни каматни стапки. Во К-3, нето-каматната маржа изнесува 3,9%.
Со 43,2 милиони евра, нето-приходите од надоместоци и провизии се за 7,4% над приходите во истиот период лани (9М 2022: 40,2 милиони евра). Особено позитивно се развиваа приходите од трансакции и картички. Останатите нето-оперативни приходи придонесоа со 13,2 милиони евра во вкупната заработка (9М 2022: 14,3 милиони евра); Релативниот пад од 1,1 милион евра се должи на неповторливите позитивни ефекти во периодот лани.
Општо, оперативните приходи на групацијата се подобрија за 54,5 милиони евра, а кадровско-административните расходи се зголемија за 27,1 милиони евра. Ова доведе до видливо подобрување на коефициентот трошоци-приходи за 2,0 процентни поени на 58,7% (9М 2022: 60,7%) и солидно зголемување од 27,4 милиони евра или 28,3% на добивката пред оданочување и резервациите за загуби.
Резервациите за загуби од 9,0 милиони евра (9М 2022: 79,1 милион евра) одговараат на цената на ризикот од 20 базични поени. Показателите за кредитниот ризик на групацијата од третата фаза уште повеќе се подобрија од веќе добрите нивоа забележани на крајот на 2022 година. Во третиот квартал, регистрирани се резервации за загуби од 8,5 милиони евра главно за работењето на групацијата во Украина. На ниво на групација, учеството на нефункционалите („лоши“) кредити се намали од 3,3% на крајот од годината, на 3,0%. За групацијата без Украина, овој показател, исто така, благо се намали од 2,4% на 2,3%.
Позитивниот оперативно-финансиски развој на групацијата во 9М од 2023 година беше поддржан од сите десет банки во Југоисточна и Источна Европа. Во Југоисточна Европа, остварен е резултат од 72,4 милиони евра, што одговара на поврат на капиталот од 14,2%. Во Источна Европа, резултатот од 36,3 милиони евра е еквивалентен на поврат на капиталот од 23,0%.
Коментари на Управниот одбор околу зголемените изгледи за 2023 година објавени на 26 октомври 2023 година
На 26 октомври 2023 година, Управниот одбор ги подигна изгледите за финансиската 2023 година, доведувајќи ги проекциите за принос на капиталот на нивото на среднорочни изгледи од околу 12% (со опсег од плус/минус 1 процентен поен). Претходно проектираниот опсег за принос на капиталот беше 8%-10%. Ажурираните проекции сега се врз основа на претпоставената цена на ризикот до 30 базични поени (претходно: до 45 базични поени). Коефициентот трошоци-приходи сега се очекува на 60%-62% (претходно: 62-64%). Растот на кредитното портфолио се предвидува во ниска до средна едноцифрена процентна рамка (претходно: средна едноцифрена процентна рамка). Ажурираните проектирани рамки и натаму се предмет на негативни претпоставки за четвртиот квартал од годината; поточно, во нив и натаму се земаат предвид актуелните воени активности во Украина и поврзаната неизвесност.
Изгледите за коефициентот ЦЕТ1 од над 13% и за коефициентот на задолженост од околу 9% беа потврдени во текот на овие прилагодувања. Заради пресметување на показателите на капиталот, една третина од полугодишната добивка за финансиската година е акумулирана за исплата на дивиденди во 2024 година.
Претседател на Управниот одбор, Хуберт Шпехтенхаузер: „Нашите деветмесечни резултати ги гледаме како цврста потврда за многу добриот напредок остварен во групацијата. Особено сме задоволни од добрите и стабилни резултати на нашите клиенти-мали и средни претпријатија и фактот што сите наши десет банки во Југоисточна и Источна Европа од година во година го зголемуваа својот придонес во добивката на групацијата. И покрај нашиот многу грануларен и разнолик позитивен развој, повторно ги зголемивме проекциите за тековната година и сега очекуваме да постигнеме поврат на капиталот на ниво на нашата среднорочна амбиција од околу 12%. Важно е да се напомене дека сè уште гледаме неизвесност поради проблематичната работна средина на некои пазари, како и поради ризиците од сè уште тековната војна против Украина. Сепак, остануваме сигурни и веруваме дека нашите резултати од 9М ги нагласуваат нашите среднорочни цели и го демонстрираат среднорочниот и долгорочниот потенцијал за заработка на нашиот бизнис-модел. Покрај финансиските резултати, сакаме повторно да ја истакнеме успешната правна конверзија во АГ што ја финализиравме во овој квартал. Убедени сме дека и натаму можеме да ја зајакнеме нашата позиција на пазарите на капитал во 2024 година. Затоа, со задоволство го најавувам нашиот втор Ден на пазарите на капитал што ќе се одржи на 21 март 2024 година, на кој сакаме подетално да ги претставиме нашите стратешки иницијативи и амбиции за финансиската 2024 година и понатаму“.
Кварталниот финансиски извештај на групацијата ПроКредит заклучно со 30 септември 2023 година од денеска е достапен на веб-страницата на ПроКредит Холдинг под Односи со инвеститори на https://www.procredit-holding.com/en/investor-relations/reports-publications/financial-reports. Финансискиот календар за ПроКредит Холдинг е достапен на https://www.procredit-holding.com/investor-relations/financial-calendar.
Банки
Вицегувернерката Митреска на „Инвеститорскиот појадок на Ерсте“: Политиките на централната банка придонесуваат за намалување на инфлацијата и за одржување на финансиската стабилност
„Македонската економија покажува стабилност и отпорност, и покрај зголемената светска геополитичка неизвесност. Народната банка одигра значајна улога во зачувувањето на стабилноста на економијата преку внимателно обмислени мерки што придонесоа за смирување на инфлацијата и зајакнување на стабилноста на финансискиот систем“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во своето обраќање на дванаесеттата конференција по ред насловена како „Инвеститорски појадок на Ерсте“, којашто традиционално ја организираат австриската групација „Ерсте“ и македонската „Шпаркасе банка“.
Вицегувернерката посочи дека инфлацијата во домашната економија постепено се намалува и е далеку од максимумот достигнат во екот на светската инфлациска епизода. „Иако инфлацијата главно се движи по надолна патека, процесот сè уште не е целосно завршен. Нашите проекции упатуваат на нејзино постепено враќање кон историското ниво во следните две години, под услов да не се појават нови шокови на светските пазари и да има ограничени притисоци на страната на домашната побарувачка“, рече Митреска.
Таа подвлече дека девизниот пазар е стабилен, а нивото на девизните резерви е високо и е доволно за целосно да ја гарантира стабилноста на денарот. Ваквата стабилност, заедно со смирените инфлациски очекувања и растот на денарските заштеди, ги потврдува довербата и кредибилитетот на Народната банка како важни фактори за ефикасноста на монетарната политика.
Говорејќи за монетарната политика, вицегувернерката посочи дека во 2024 година Народната банка започна со постепена нормализација на каматната стапка, во услови на опаѓање на инфлацијата и инфлациските очекувања, како и поволна надворешна позиција. Сепак, со повторното појавување на неизвесност во светот на почетокот на 2025 година и на одредена инерција кај инфлацијата, политиката беше приспособена со определба за повнимателен пристап со цел да се осигури понатамошно забавување на инфлацијата и нејзино сведување кон историскиот просек во догледен временски период.
Во однос на финансискиот систем, Митреска истакна дека Народната банка во изминатиот период го засили макропрудентниот инструментариум за дополнително да ја зајакне отпорноста на банкарскиот сектор и за да ја поддржи ефективната поставеност на монетарната политика.
На крајот од своето обраќање, вицегувернерката нагласи дека во услови на зголемени геополитички ризици и можни почести непредвидливи шокови на страната на понудата, Народната банка и во иднина ќе има внимателен и приспособлив пристап заснован на релевантни информации и податоци, заради одржување на ценовната и финансиската стабилност како предуслов за одржлив економски раст.
Банки
Новото банкарство за млади е тука! Zipp Club пакет од Комерцијална банка – бесплатно, забавно и полно со поволности!
Комерцијална банка го лансираше Zipp Club пакетот – нова и возбудлива програма за млади до 29 години со бесплатно банкарство и многу дополнителни бенефиции што ги следи енергијата, слободата и стилот на младоста. Наменет е за млади што сакаат целосно дигитално искуство комбинирано со ексклузивни попусти, награди, бенефити при патувања и учество во корисни иницијативи што го менуваат општеството.
Сè започнува со бесплатна Zipp Mastercard дебитна картичка, која е од еко пластика зашто се грижиме за животната средина и е во два различни супер дизајни.
Zipp Mastercard картичката носи специјални попусти во омилените продажни места означени како Zipp Spots, а секое плаќање со картичката, каде било во светот носи поени за кешбек или ваучери преку програмата BonusBox.

Освен бесплатната Zipp картичка, Zipp Club пакетот носи уште цел сет на одлични
бенефиции за младите:
- Бесплатно дигитално банкарство и платежна сметка за целосна контрола на личните финансии,
- Бесплатни налози за плаќања кон факултет за партиципација, уписи, потврди,
- Бесплатен роаминг интернет, пристап до VIP зони на над 1.500 аеродроми и попусти при патување во странство,
- Модерни, брзи и лесни плаќања со Apple Pay, Google Pay, Garmin Pay, Плати на пријател, Подели сметка, а без потреба од паричник,
- Посети на настани посветени на менталното здравје, финансиската писменост и други интересни теми,
- Учество во наградни игри за концерти, патувања и многу други изненадувања.
Zipp Club е супер поддршка за секој млад човек затоа што добива современо банкарство, бесплатни услуги, безброј привилегии и многу забава.
„Во годината кога одбележуваме 70 години од постоењето на Комерцијална банка одлучивме да создадеме нешто што ќе донесе конкретен бенефит за нашата иднина, за младите, кои заслужуваат посебна поддршка. Со овој пакет кој е специјално креиран за нив сакаме да имаат лесен и модерен пристап до банкарските услуги, но и да се чувствуваат дел од заедница што создава позитивна разлика. Веруваме во нивната енергија и креативност и сакаме да им дадеме алатки и искуства што ќе им помогнат да ја обликуваат својата иднина“, изјави Никола Џамбазовски, Главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
Zipp Club пакетот се активира веднаш преку Интернет банка или со пополнување кратко барање во експозитура на Комерцијална банка. Целосно е бесплатен за младите кои не се вработени, а за оние кои се вработени чини само 30 денари месечно.
Zipp отвора ново поглавје и во грижата за создавање подобро општество. Со секој отворен Zipp Club пакет, Комерцијална банка ќе засади дрво како „Зелен поБОРник“ и поддржувач на иницијативата Боренка за пошумување опожарени места во Македонија. Банката ќе издвојува и парични донации за проекти кои ги засегаат младите, а членовите на Zipp заедницата ќе гласаат кој проект да добие најголема донација. Ќе има и работилници посветени на менталното здравје на младите, финансиската едукација, кариерниот развој и на други интересни и корисни теми.
Zipp додава нова вредност во нашата мисија да бидеме вистински сојузник на
младите. Преку бројни проекти, активности и пријатни изненадувања ќе ги
поддржуваме во нивните први чекори кон самостојност, финансиска сигурност и
исполнување на нивните цели.
Повеќе информации за Zipp Club се достапни на следниот линк.
ПР објава
Банки
ПроКредит Банка продолжува со поддршка на младите лидери од Економскиот факултет – Скопје при УКИМ
На свечената промоција на дипломираните студенти на Економскиот факултет – Скопје, одржана на 12 ноември 2025 година, ПроКредит Банка уште еднаш ја потврди својата посветеност кон младите, образованието и вредностите што создаваат одржливо општество.
Во присуство на професори, студенти и гости, Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, им се обрати на дипломците со инспиративен говор во кој ја сподели својата лична приказна како поранешен студент токму на овој факултет и им посака да бидат амбициозни, храбри, љубопитни и да не забораваат дека вистинскиот успех започнува од внатрешната верба и од интегритетот.
„Овој факултет не ме научи само економија, туку ме научи како да размислувам. Да прашувам зошто, да слушам пред да зборувам, и да гледам можности таму каде што другите гледаат пречки. Тоа се вештините што ме водат и денес, во ПроКредит Банка,“ истакна Дамчевски.
ПроКредит како институција која ги вреднува знаењето, интегритетот и развојот на потенцијалот, на десетте најуспешни дипломци ќе им даде можност за вработување во Банката, а дополнително на најуспешните три студенти им додели финансиска награда.
ПроКредит Банка е партнер на младите и на академската заедница повеќе години наназад. Нивната соработка со Економскиот факултет – Скопје израсна во вистинска заедничка мисија: да се создаде генерација економисти кои ќе размислуваат критички, ќе дејствуваат одговорно и ќе градат економија со човечко лице. Еден од највпечатливите резултати на ова партнерство е и новоотворената ProLab – креативната лабораторија поддржана од ПроКредит Банка, создадена како современ простор за идеи, тимска работа и иновации.
На свечениот прием по повод 75 години од основањето на Економскиот факултет – Скопје, УКИМ, кој ќе се одржи во МОБ на 12 ноември од 19 часот, Милан Дамчевски прими благодарница во име на ПроКредит Банка за долгогодишната соработка и поддршка.
За ПроКредит Банка, оваа соработка е повеќе од корпоративна општествена одговорност – таа е вложување во генерации што ќе го движат економскиот и етичкиот напредок на земјата. Банката останува доследна на својата мисија да биде мост меѓу финансискиот сектор и образованието, меѓу идеите и нивната реализација.
-
Анализипред 2 месециАНАЛИЗА: Како платежните картички ја покажуваат трагата на македонската миграција?
-
Продуктипред 2 месециЌе ни донесе ли септември нова банка со Apple Pay?
-
Продуктипред 1 месецMastercard до 2030 ќе ги замени бројките на картичките со токени
-
Продуктипред 1 месецХалкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење
-
Осигурувањепред 1 месецДигитализацијата во осигурувањето: SignPlus како пример за модерно и безбедно е-потпишување
-
Анализипред 1 месецАНАЛИЗА: Потрошувачките кредити повторно во фокус: пониски камати, промоции и полесно аплицирање
-
Криптовалутипред 2 месециОбразование за крипто иднината: Binance ги стартува Learning Lab работилниците на Балканот
-
Банкипред 1 месецСЕПА во Македонија: Брзи, поевтини и дигитални плаќања во Европа од 7 октомври





