Банки
Народната банка и ЕИБ ќе соработуваат за поддршка на зелените финансии

Народната банка и Европската инвестициска банка (ЕИБ), денеска, потпишаа Договор за соработка, со кој се обезбедува поддршка на напорите на Народната банка во сферата на зелените финансии. Договорот беше потпишан од страна на гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и претставникот на ЕИБ во земјава, Бјорн Габриел, додека на средбата присуствуваше амбасадорот на ЕУ, Н.Е. Дејвид Гир, амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е. Петра Дрекслер, како и дел од тимот на Народната банка.
Соработката помеѓу двете институции се состои во консултантска поддршка за централната банка за понатамошно унапредување на регулаторната и супервизорската рамка за управување со климатските ризици, како и на капацитетите за известување, собирање и обработката на податоци за зелените финансии. Целта е преку овие активности да се зајакне разбирањето на изложеноста на климатските ризици кај корпоративниот сектор од страна на банките и да се поддржат одржливите практики. Соработката ќе се спроведува во рамки на Програмата на ЕИБ за зелени финансиски системи.
Гувернерката посочи дека Народната банка почнувајќи од 2020 година, постојано презема мерки и активности за поттикнување на финансирањето на зелената трансформација на нашата економија. “Досега преземените мерки и активности на Народната банка за поттикнување на зеленото финансирање, како и идните чекори се содржани во првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. Спроведувањето на планираните активности од Среднорочниот план е веќе започнато. Во насока на зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем на климатските ризици, Народната банка неодамна усвои Насоки за банките за начинот на управување со ризиците поврзани со климатските промени. Првичните анализи за оцена на изложеноста на банкарскиот систем на физички и транзициски ризици поврзани со климатските промени, кои се темелат на тековно расположливите податоци во овој домен се особено значајни, и во наредниот период е предвидено да се продлабочат, а во подготовка е и Преглед со зелени показатели”, истакна Ангеловска-Бежоска.
Киријакос Какурис, потпретседателот на ЕИБ, кој е одговорен за операциите во земјава, изјави: „како дел од Тимот Европа, среќни сме што сме активен придонесувач за зелената транзиција и целите за одржливост на Северна Македонија. Договорот со Народната банка се заснова на одличната соработка воспоставена во последните неколку години. Тој ги надополнува другите наши активности во Северна Македонија, како што е „зелената“ кредитна линија потпишана во 2023 година со Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ), како и проектите за одржлив транспорт, енергетска ефикасност и заштита на животната средина во рамките на Економскиот и инвестицискиот план. Овие активности имаат големо значење за Северна Македонија, која има за цел да стане дел од семејството на ЕУ и ги усогласува своите активности со Зелената агенда и Парискиот договор“.
Германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер, изјави дека „постојат три карактеристики кои се особено погодни за карактеризирање на денешните германско-македонски односи: цврсто европски, економски одржливи, климатски ориентирани. „Програмата за зазеленување на финансиските системи“ го илустрира ова на прекрасен начин. Финансискиот сектор игра клучна улога во приближувањето кон одржлива, отпорна глобална економија, која ги зачувува ресурсите. Без инвестиции во климатската отпорност, не може да има одржливи економии во иднина. Затоа, климатската акција е основен столб на германската надворешна политика. Благодарна сум на Европската инвестициска банка и на Народната банка на Северна Македонија што се наши партнери во ова“.
Шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, амбасадорот Дејвид Гир забележа: „Финансиските институции и регулаторите може да играат важна улога во акциите за борба против климатските промени. Со обезбедување приспособена техничка помош за Народната банка на Северна Македонија и локалните комерцијални банки, оваа програма ќе помогне во развојот на ефикасно зелено кредитирање и инвестиции во Северна Македонија, а со тоа ќе придонесе за климатските цели на земјата“.
Програмата на ЕИБ за зелени финансиски системи обезбедува техничка помош за градење финансиски системи кои се отпорни на ризиците кои произлегуваат од климатските промени, со крајна цел поддршка на приватниот сектор во процесот на насочување на расположливите средства во климатски и еколошки одржливи инвестиции. Програмата е финансирана од Меѓународниот фонд за климатска иницијатива на ЕИБ, во име на германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски активности. Таа претставува заеднички придонес на германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски активности и Европската инвестициска банка кон работата на NDC Partnership, а пред се’ кон иницијативата „Поддршка за подготвеност за зелени централни банки“ и Национално утврдените придонеси на РСМ.
На средбата беше заклучено дека меѓуинституционалната соработка, координираниот национален пристап и градењето системи за поголема отпорност и ублажување на штетите, се од суштинско значење за справувањето со климатските промени коишто се идентификуваат како еден од најголемите ризици во светот на кус и на долг рок. Улогата на меѓународните финансиски институции и нивната подготвеност за поддршка во овој домен е од исклучителна важност за нашата земја.
Банки
Штип добива нова, модернизирана услужна единица на ПроКредит Банка

ПроКредит Банка и оваа година ја продолжува својата стратегија за модернизација, подобрување и ширење на својата мрежа низ Македонија, повторно отворајќи ја реновираната услужна единица во Штип. Лоцирана на ул. Тоше Арсов бр. 46, во централното подрачје на градот, оваа услужна единица нуди современо банкарско искуство и повисоко ниво на услуги за клиентите.
Реновираната услужна единица се одликува со модерен дизајн и функционалност, прилагодена на потребите на клиентите. Оваа локација е опремена со Зона 24/7, со современи банкомати кои им овозможуваат на клиентите самостојно да вршат банкарски трансакции во кое било време од денот, без разлика дали е викенд, празник или останати неработни денови. Клиентите можат да вршат уплата и исплата на денари и евра, внесување на дневен промет и користење на drop box сеф за депонирање поголеми суми на средства.

Покрај дигиталните поволности, клиентите имаат пристап и до стручниот тим на ПроКредит Банка, кој е достапен за консултации и поддршка секој работен ден од 08:30 до 16:30 часот.
„Реновирањето на нашата услужна единица во Штип е дел од нашата долгорочна стратегија за унапредување на банкарските услуги и зајакнување на односите со нашите клиенти, создавајќи простор кој овозможува поголема ефикасност, флексибилност и сигурност. Веруваме дека овие промени ќе придонесат за поголема практичност во банкарските операции кај граѓаните и продлабочување на соработката со компаниите од Штип,“ изјавија од ПроКредит Банка.
Банката останува посветена на својата мисија за овозможување на лесни и практични банкарски услуги за сите клиенти, истовремено вложувајќи во модернизација на своите физички објекти.

Повеќе информации за локациите на ПроКредит Банка можете да најдете на веб страницата ProCredit Bank – Експозитури и Банкомати
Банки
УНИБанка АД Скопје и Развојна банка на Р.С. Македонија потпишаа Рамковен договор за учество во кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва, т.н. Унгарска кредитна линија

УНИБанка АД Скопје е една од банките во земјата преку која клиентите, правни лица, ќе може да аплицираат за поволен кредит за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва.
Сметаме дека оваа кредитна линија има силна развојна и инвестициска компонента, и ќе допринесе за поттикнување на нови инвестиции во основни средства и поддршка на економскиот развој, иновации и инвестиции. Истите позитивно ќе влијаат врз економијата и ќе донесат нови вработувања, раст на БДП и сеопфатен економски раст и развој во државата.
Договорот потпишан со Развојна банка на Р.С. Македонија ќе ни овозможи пласман на кредитната линија согласно дефинираните критериуми на Владата.
Нашата соработка со Развојна банка на Р.С. Македонија, со оваа, како и со претходни кредитни линии, секогаш е во насока на зајакнување на македонската економија.
“Со кредитната поддршка на нови инвестиции во основни средства преку оваа линија придонесуваме кон јакнење на капацитетот на домашните субјекти, кон зголемување на позитивните ефекти од нивното работење, создавајќи долгорочен придонес за економски развој на земјата.
Целта е подобрување на вкупните перформанси, зголемена економска продуктивност и поголема конкурентност на претпријатијата. Веруваме дека во земјава има компании со голем економски потенцијал, со проекти кои можат да бидат конкурентни на светскиот пазар”, истакна Милка Тодорова, Претседател на Управен Одбор на УНИБанка АД Скопје.
Кредитот е со намена за нови инвестиции во основни средства, со фиксна каматна стапка од 1,95%, а максималниот износ на кредит изнесува 615.000.000 МКД при што се зема предвид и изложеноста кон поврзани лица. Кредитот е со максимален рок до 15 години, со вклучен грејс период до 3 години, без надомест за одобрување, управување и предвремена отплата.
ПР објава
Банки
Народната банка продолжува со финансиската едукација преку нов циклус предавања

Со почетокот на второто полугодие од учебната година, започнува и новиот циклус предавања на Народната банка од областа на финансиската едукација. Во современите услови на динамичен финансиски систем, финансиската едукација станува сѐ попотребна за сите граѓани. Токму затоа, финансиската едукација е дел од стратегиските цели на Народната банка, којашто преку обезбедување непрекинатост во процесот и постојано зголемување на опфатот на населението од различни целни групи, цели кон унапредување на финансиската писменост во земјава.
Во изминатите години, Народната банка преку активностите за унапредување на финансиската писменост, има одржано едукативни предавања за над 25.550 граѓани, од различни возрасти и образование, а исто така има изработено и голем број едукативни материјали во печатена и електронска форма, игра, квизови, инфографики и др. Интересот кај учениците за посета на Народната банка од година в година бележи раст, а се зголемува интересот и кај повозрасните граѓани за финансиска едукација.
За закажување предавање во делот на финансиската едукација, наставниците и професорите од основните и средните училишта и од факултетите треба да го пополнат формуларот којшто може да го најдат на страницата за финансиска едукација на Народната банка https://www.nbrm.mk/finansiska-edukacija.nspx и да го достават на е-адресата [email protected] , по што ќе бидат побарани за организација на предавањето. Предавањата се изведуваат на македонски, албански и на англиски јазик.
- Банкипред 2 недели
Комерцијална банка: Исплатата на пензиите за јануари започнува на 31 јануари
- Business Womanпред 2 месеци
Празничен оптимизам во пресрет на новите предизвици преку здрав раст, етичко и одговорно работење
- Банкипред 1 месец
Даниела Ѓоршевска нов член на Управниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола
- Банкипред 2 недели
КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ЈА ЗГОЛЕМИ ДОБИВКАТА ЗА НЕВЕРОЈАТНИ 40% – во 2024 година оствари добивка од рекордни 80,7 милиони евра!
- Банкипред 2 месеци
Континуиран растечки тренд на користењето на дигиталните канали за извршување на електронските плаќања
- Банкипред 2 недели
Добивката на ТТК Банка порасна за 2,9% и дојде до 1,76 милиони евра во 2024 година
- Банкипред 2 недели
Халкбанк АД Скопје: Јануарските пензии се веќе исплатени!
- Банкипред 2 месеци
Дигитална зона 24/7 и нов современ изглед доби Филијалата на Комерцијална банка во Струмица