Connect with us
no baners

Банки

ЕБОР е најголем инвеститор во Северна Македонија! Како гледа на македонската економија?

Објавено

на

no baners

Македонската економија во 2022 година е поддржана од Европската банка за обнова и развој со 250 милиони евра, со што оваа институција практично е најголемиот поединечен инвеститор во земјава, а со тоа и најголем помагач на домашниот економски раст и развој. За пет години, од 2017 до 2022 година, ЕБОР има вложено во Северна Македонија 684 милиони евра за поддршка на 71 проект, а за 20 години, од 1993 година наваму дури 2,49 милијарди евра во 171 проект.

  • 2,49 милијарди евра инвестиции за 20 години
  • 684 милиони евра инвестирани од 2017 до 2022 година
  • 250 милиони евра инвестиции во 2022 година
  • поддршка за 300 мали и средни фирми, кои оствариле дополнителен приход од 160 милиони евра
  • 31 милион евра за над 3.700 проекти за енергетски ефикасни домови и бизниси

Директните инвестиции на ЕБОР во земјава се на завидно ниво дури и во споредба со вкупниот обем на директни инвестиции во Република Северна Македонија заклучно со 31.12.2021 година, кој изнесува 6,3 милијарди евра, од кои 4,6 милијарди евра се вложувања во сопственички капитал, а 1,7 милијарди евра се вложувања во должнички инструменти. Речиси половина од вложените инвестиции се наменети за поддршка на приватниот сектор.

Од сумарниот извештај на ЕБОР за активностите на банката во земјава може да се види дека инвестициите во 2022 година се најголемото годишно достигнување на Европската банка за обнова и развој во земјава, што има исклучителна важност ако се земе предвид фактот дека минатата година беше клучна за санирање на економските последици од Covid-кризата, при што економијата претрпе дополнителен удар и од војната во Украина и драстичниот раст на цените на храната и на енергенсите. Македонскиот БДП во 2022 година оствари пад од 3%, а инфлацијата порасна за рекордни 20%.

Фокусот на ЕБОР е насочен кон зголемување на конкурентноста на приватниот сектор и раст на малите и средните претпријатија, создавање одржлива инфраструктура и регионално поврзување и транзиција кон зелена економија. Како посебни области на кои се фокусираат проектите на банката се надминување на последиците од Covid-19 врз пазарот на труд и социјалната заштита, поддршка и започнување тендери за обновлива енергија, помош за енергетскиот регулатор за воспоставување тарифна методологија согласно енергетските перформанси на потрошувачите, поддршка за Македонската берза за подобрување на корпоративното управување и ЕСГ известувањето и развивање на законска рамка за енергетска ефикасност со цел поттикнување на инвестициите.

Кои слабости во македонската економија ги детектира ЕБОР?

Според ЕБОР, транзицискиот јаз во Северна Македонија е најакутен во однос на конкурентноста (нееднаква примена на регулативата, висока неформалност и слабо корпоративно управување), интеграцијата (бавна имплементација на проекти за транспортна и енергетска инфраструктура) и зелената транзиција (висока енергетска интензивност и ранливост на климатските промени). Изгледите за приближување кон ЕУ се сметаат за клучно сидро за структурните реформи. 

„Сакаме да ѝ помогнеме на земјата во транзицискиот пат кон демократска и пазарно одржлива економија. Финансираме проекти за засилување на приватниот сектор во економии кои транзитираат кон функционален пазарен систем. Нашите инвестициски одлуки се водени од шест „транзициски квалитети“ кои имаат за цел да ја направат економијата поконкурентна, добро управувана, зелена, инклузивна, отпорна и интегрирана“, истакнуваат од ЕБОР во сумарниот извештај.

Дури 87% од финансиската поддршка од ЕБОР е наменета за создавање одржлива инфраструктура, 9% се наменети за финансиските институции, а 4% за индустријата, трговијата и агробизнисот. Од 1993 до 2022 година, за подобрување на транспортната инфраструктура се вложени 980 милиони евра, а за општините и животната средина 140 милиони евра. Меѓу позначајните проекти се автопатско поврзување на Скопје и Приштина, енергетско поврзување на Албанија и Северна Македонија со 400 киловолтен далновод, изградба на источната секција од Коридорот 8, финансиска поддршка за изградба на првата голема соларна централа во земјава (10MW), поддршка за изработка на национална стратегија и акциски план за е-мобилност, набавка на 33 автобуси на природен гас за Скопје. Според оценките на ЕБОР, Северна Македонија заостанува во однос на земјите од ОЕЦД и од Југоисточна Европа според поврзаноста со патишта, а лошо стои и според квалитетот на снабдување со електрична енергија.

Бизнис климата не е во прилог на бизнисот

ЕБОР дијагностицира и значајни пречки во бизнис климата во земјава и покрај спроведените реформи и приливот на странски инвестиции. Северна Македонија во овој сегмент е особено лошо рангирана според нивото на вештините, при што заостанува и во однос на земјите од ЈИЕ. Како клучни проблеми се детектирани високото ниво на сива економија и товаротшпто го носи таа врз легалните бизниси, слабото спроведување на законите и слабиот капацитет на администрацијата, недостигот на пристап до финансии за многу компании, како и тешката бизнис клима за малите и средни претпријатија иако тие доминираат во домашната економија. 

За поддршка на финансискиот сектор ЕБОР има вложено 851 милион евра, а за индустријата, трговијата и агробизнисот 267 милиони евра. Како резултат на овие проекти за повеќе од 200 мали и средни претпријатија е обезбеден пристап до 47 милиони евра за подобрување на конкурентноста и доближување до ЕУ стандардите, над 200 жени бизнис-лидери се поддржани со 3,3 милиони евра, повеќе од половина од советуваните мали и средни претпријатија ја зголемиле продуктивноста и генерирале дополнителен извоз од 74 милиони евра. Обезбедени се и 35 милиони евра за поддршка на фирмите за време нa Covid-кризата, како и 10 милиони евра за рестартирање на бизнисите по кризата.  

ЕБОР е особено фокусирана на зелената транзиција на Северна Македонија. За поддршка на енергетскиот сектор во земјава досега има вложено 253 милиони евра, а за зелена економија дури 733 милиони евра. Банката забележува дека земјава е една од енергетски најинтензивните економии во регионот, дека енергетската ефикасност е на ниско ниво, дека загрижува квалитетот на воздухот… Заради тоа, ЕБОР обезбедува директна финансиска поддршка за нови проекти за обновлива енергија, техничка помош за спроведување тендери за проекти за обновлива енергија, помага за изработка на нов закон за енергетска ефикасност, кој треба да поттикне нови инвестиции во оваа област. Преку ГЕФФ програмата ЕБОР има обезбедено над 31 милион евра за повеќе од 3.700 проекти за намалување на потрошувачката на енергија кај домаќинствата и компаниите.

Целосниот извештај за Северна Македонија е достапен тука.

no baners
no baners

Банки

НЛБ Банка ја продолжи понудата за промотивен депозит на 25 месеци

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје ја продолжи понудата за промотивен депозит на 25 месеци, со фиксна каматна стапка за депозити во денари и во евра.

Понудата важи до 31 август, а клиентите можат да ги орочат своите средства преку мобилен телефон, преку мКлик мобилната апликација, или преку експозитура на банката.

За депозити во денари, фиксната каматна стапка изнесува 3,5 проценти за онлајн депозит преку мКлик, додека за депозит преку експозитура каматната стапка е 2,8 проценти. Минималниот влог изнесува 2.500 денари.

За депозити во евра, фиксната каматна стапка изнесува 2,6 проценти за онлајн депозит преку мКлик, односно 2,2 проценти за депозит преку експозитура. Минималниот влог изнесува 50 евра.

Рокот на орочување е 25 месеци, а од банката посочуваат дека понудата е достапна до 31 август.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка ги зголеми потрошувачките кредити до 2,6 милиони денари

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје го зголеми максималниот износ на потрошувачките кредити, со што клиентите сега можат да аплицираат за средства до 2.600.000 денари.

Од банката информираат дека повисокиот максимален износ е достапен за Онлајн потрошувачкиот кредит и за Ненаменскиот потрошувачки кредит, како финансиска поддршка за различни лични планови и потреби на граѓаните.

Онлајн потрошувачкиот кредит преку OneID овозможува целосно онлајн аплицирање, инстант одговор и исплата на средствата, без трошоци за аплицирање, одобрување и меница.

Ненаменскиот потрошувачки кредит, пак, нуди можност за вклучување осигурување преку Триглав Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување Живот АД Скопје.

Од Комерцијална банка посочуваат дека клиентите можат да се информираат за условите, калкулаторот за рата и потребните документи преку официјалните канали на банката.

Продолжи со читање

Банки

Светската банка ги запира развојните кредити за Кина од 2031 година

Објавено

на

Светската банка од 2031 година целосно ќе ги запре развојните кредити за Кина, во рамки на новиот петгодишен партнерски план кој го одразува економскиот напредок на земјата.

Според планот договорен меѓу Светската банка и Кина, вкупното кредитирање на Пекинг ќе биде ограничено на две милијарди долари до 2031 година, по што развојните заеми ќе бидат прекинати.

Документот треба да биде разгледан од Одборот на директори на Светската банка во текот на неделата што почнува на 20 јули, но формално гласање не е предвидено, изјавил извор запознаен со процесот.

Претставник на Светската банка, кој сакал да остане анонимен, изјавил дека Кина во изминатите децении постигнала значаен развоен напредок, со поддршка од Светската банка и други меѓународни институции.

„Сега влегуваме во нова фаза од нашите односи, која ја одразува таа реалност“, изјавил претставникот, пренесува Ројтерс.

Кредитирањето на Кина од средствата на Светската банка континуирано се намалувало во последните години, паралелно со силниот економски раст на земјата и намалувањето на сиромаштијата. Обемот на заемите достигнал врв во 2017 година, кога Кина добила 2,42 милијарди долари кредити, додека во 2025 година тој износ бил намален на 750 милиони долари.

Според Светската банка, нејзината улога во односите со Кина постепено се менува – од кредитор кон партнер кој обезбедува стручна и техничка поддршка во развојот.

Кина, истовремено, останува еден од најголемите финансиери на Меѓународното здружение за развој, фонд на Светската банка наменет за најсиромашните држави. Во последниот циклус на финансирање Кина придонела со 1,5 милијарди долари, со што е петти најголем донатор.

Светската банка во последните години постепено ја намалува кредитната изложеност кон земјите кои достигнале повисоко ниво на економски развој. Претходно овој месец беше донесена слична одлука и за Полска, на која развојните кредити исто така ќе ѝ бидат укинати по 2031 година.

Соединетите Американски Држави и уште неколку земји со години бараа Светската банка да го прекине кредитирањето на Кина, со образложение дека Пекинг повеќе не треба да користи развојни заеми. Портпарол на американското Министерство за финансии го оцени планот како „чекор во добра насока“ и изрази очекување дека и други меѓународни финансиски институции ќе го следат истиот пристап.

Продолжи со читање
no baners

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange