Банки
До крајот на овој месец граѓаните ќе можат да вршат увид во надоместоците за платежни услуги на банките, на веб-страницата на Народната банка

Народната банка на својата интернет-страница до крајот на овој месец ќе започне да објавува споредбени податоци за видот и висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежните сметки, по поединечен давател на платежни услуги (по банка). Овие активности на централната банка се преземаат за натамошно зајакнување на заштитата на граѓаните како потрошувачи на овие услуги и се овозможени со новиот Закон за платежни услуги и платни системи. Со пристапот до овие податоци, граѓаните ќе можат да споредат и да проценат кои услуги и производи соодветствуваат најмногу на нивните потреби. Покрај транспарентноста, се очекува дека оваа мерка ќе придонесе и кон повисока конкуренција помеѓу давателите на платежни услуги, а со тоа и кон понуда на поповолни услови.
За оваа цел, Народната банка подготви листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно, на воедначен начин, ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги, коишто за граѓаните ќе бидат достапни преку посебна платформа за споредба на надоместоците, што веќе ја изработија стручните служби на централната банка. Платформата ќе им овозможи на граѓаните на прегледен начин да прават споредби на надоместоците за одделен производ или услуга, кога одлучуваат кај кој давател да користат платежни услуги.
Новиот Закон за платежни услуги и платни системи, којшто стапи на сила на почетокот на годинава, обезбедува добра правна рамка за заштита на правата на граѓаните како потрошувачи на платежни услуги. За првпат во историјата на користењето на платежните услуги во нашата земја се воведува законска обврска за давателот да ги уреди правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма, во којшто треба да биде содржан и задолжителен сет информации, вклучително и за можностите и условите под кои може да биде изменет или раскинат. Притоа, од посебно значење за заштитата на потрошувачот е законската обврска за давателот на платежните услуги да му даде информативен документ за надоместоците, пред потрошувачот да се обврзе да ги користи неговите платежни услуги со рамковниот договор. Информативниот документ за надоместоците е стандардизиран и има за цел да им обезбеди на потрошувачите споредливи информации за надоместоците за најчесто користените платежни услуги во Република Северна Македонија, или т.н. најрепрезентативни услуги. Давателот има законска обврска да доставува извештај за наплатените надоместоци до потрошувачот, најмалку еднаш годишно.
Банки
Стопанска банка започнува со SEPA кредитни трансфери од 5 октомври 2025 година

Стопанска банка АД – Скопје информира дека започнувајќи од 5 октомври 2025 година, официјално ќе започне со извршување на SEPA (Single Euro Payments Area) кредитни трансфери. Со оваа значајна промена, банката им овозможува на своите клиенти – физички и правни лица да вршат плаќања во евра на побрз, поефикасен и побезбеден начин кон 41 земја членка на SEPA зоната.
SEPA претставува унифициран европски платен систем кој ги стандардизира плаќањата во евра во рамките на земјите-членки, без оглед на нивната географска локација. Клиентите на Стопанска банка ќе можат да извршуваат трансакции под еднакви услови како и клиентите на банките во Европската Унија – со значително намалени трошоци, скратено време на процесирање и поголема транспарентност.
Сите SEPA плаќања ќе се обработуваат најдоцна до следниот работен ден, што значи побрза извршна реализација, како и подобра контрола и следење на трансакциите за клиентите.
„Посебно нè радува фактот што приклучувањето кон SEPA зоната не само што ќе донесе подобрување на квалитетот на платежните услуги, туку и ќе создаде силен импулс за зголемена дигитализација, поддршка на е-трговијата, како и полесен пристап до европските пазари и деловни партнери. Веруваме дека ова ќе придонесе за уште подобра конкурентност и деловни можности на македонските компании и ќе донесе реални придобивки за граѓаните“, се наведува во соопштението на Стопанска банка АД – Скопје.
Што значи SEPA за клиентите на Стопанска банка АД – Скопје?
- Плаќања во евра со исти услови како во ЕУ
- Намалени надоместоци за трансакции
- Брза обработка – најдоцна до следниот работен ден
- Подобрена безбедност и следливост на плаќањата
- Поттик за меѓународна е-трговија и деловна соработка
Со ова, Стопанска банка АД – Скопје уште еднаш го потврдува своето стратешко определување за унапредување на своите услуги и активно вклучување во европските финансиски текови, во интерес на своите клиенти и на националната економија.
Банки
Комерцијална банка со поволни услови ќе овозможи брзи и лесни трансакции во евра во земји членки на СЕПА

Комерцијална банка прави уште еден чекор напред во понудата на напредни и конкурентни услуги, со што граѓаните и компаниите ќе можат да ги намалат своите трошоци за меѓународни трансфери во евра кон СЕПА земјите.
Со новите пониски надоместоци и со поедноставени процедури Банката ќе им овозможи на своите клиенти поевтини и побрзи трансфери за испраќање и прилив во евра кон земји членки на СЕПА.
Новата услуга за овозможување кредитни трансфери во евра преку европската платежна шема SEPA (Single Euro Payments Area), која ќе биде достапна од 07.10.2025 година, ќе значи брзи и сигурни плаќања и приливи во евра со поволни провизии.
Досегашните провизии за плаќања и приливи во евра за физички лица се намалуваат повеќекратно. За најниските износи на приливи до 29,99 евра, надоместокот ќе изнесува само 10 денари, додека за кредитни трансфери до 29,99 евра надоместокот ќе изнесува само 60 денари. За најголем дел од кредитните трансфери преку Интернет банка клиентите ќе плаќаат до 300 денари, а за кредитни трансфери во евра преку шалтерите на Банката до 360 денари. Највисокиот надоместок за приливи над 10.000 евра ќе изнесува 300 денари, a за кредитни трансфери 600 денари.
За клиентите правни лица, исто така, се воведуваат пониски тарифни ставки со фиксни износи за кредитни трансфери и приливи од земји членки на СЕПА, кои се неколкукратно намалени во однос на досегашните надоместоци.
Комерцијална банка е меѓу првите банки во земјава што воведува тарифник за СЕПА плаќања согласно препораките на Народната банка на Република Македонија. Целта на Банката е преку воведување економични финансиски решенија и напредни дигитални технологии да им овозможи на клиентите едноставно и ефикасно управување со секојдневните финансии и да ја поттикне дигиталната трансформација во земјата.
Ова е уште една потврда за посветеноста на Банката на создавање брзи, сигурни и економични решенија што се прилагодуваат на потребите на клиентите, без разлика дали станува збор за физички лица, компании или деловни субјекти кои работат со партнери низ Европа.
Банки
Проширување на услугите што ќе можат да се користат преку платежната сметка со основни функции – нова иницијатива на Народната банка

Гувернерот Трајко Славески истакна дека иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги веќе ги даде првите резултати и изрази задоволство од одлуките на банките за намалување на трошоците.
Гувернерот Славески, на денешната конференција за печатот, најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива и за измени на сегашното законско решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи, се предлага отстранување на дел од постојните ограничувања и значително проширување на услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.
Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги – којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција. Во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.
„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1% од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, истакна Славески.
Народната банка ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.
Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Се очекува дека поповолните услови за користење на платежните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и за микротрговците по донесувањето на законските измени, односно дека ќе бидат во примена од почетокот на 2026 година.
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
-
Продуктипред 3 недели
Apple Pay доаѓа во Македонија: Подготовките се во тек, стартот се очекува наесен
-
Банкипред 3 недели
Оставка на член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје
-
Банкипред 2 недели
Промени во составот на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје
-
Банкипред 1 недела
Промени во Надзорниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје – кој е новиот член што носи меѓународно искуство и визија за финансискиот развој на Банката!?
-
Останатопред 4 недели
Промени во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје
-
Банкипред 2 недели
Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје со одлуки за промени во составот и бројот на членовите на Управниот одбор
-
Фондовипред 4 недели
Промени во Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје