Connect with us

Анализи

Две од трите најголеми банки во државата со повисок даночен товар: Што носи глобалниот минимален данок?

Објавено

на

Две од трите најголеми деловни банки во Македонија – Стопанска Банка АД – Скопје и НЛБ Банка оваа година ќе платат значително повисок износ на данок, иако добивката им останува речиси непроменета во однос на истиот период лани. Причината е новата законска регулатива што стапи на сила од 2025 година, Законот за минимален глобален данок на добивка.

Според новите правила, ефективната даночна стапка за големите мултинационални компании (и нивните подружници во Македонија) е зголемена од 10% на 15%. Промената има значителен фискален ефект, што може да се види и од полугодишните извештаи објавени на Македонската берза.

Зголемен данок без раст на добивката

Стопанска Банка АД – Скопје

Според официјалниот извештај, Стопанска Банка АД – Скопје за првата половина на 2025 година ќе плати данок во износ од 281 милион денари, во споредба со 198 милиони денари што биле уплатени за истиот период во 2024 година. Банката истакнува дека зголемувањето на ефективната даночна стапка на 15% довело до раст од 42% на износот на платениот данок, што, секако, се одразува на добивката по оданочување.

„Согласно примената на регулативата за глобален данок кој ја засега, Стопанска Банка АД – Скопје пресметува данок со примена на ефективната даночна стапка од 15%, кој претставува зголемување од 42% во однос на истата категорија од минатата година и соодветно се одразува на намалување на добивката по оданочување“, се наведува во извештајот на банката.

НЛБ Банка АД Скопје

Речиси идентично како Стопанска банка, и НЛБ Банка АД Скопје покажува слична слика. За првите шест месеци од 2025 година, таа пресметала и пријавила вкупен данок од 232 милиони денари, во споредба со 182 милиони денари за претходната година. И покрај тоа што нето добивката останува речиси идентична со минатогодишната, поголемиот даночен товар е резултат на примената на новата регулатива.

„Во првата половина од 2025 година, Банката оствари нето добивка по оданочување од 1.610 милиони денари, и пресмета вкупен данок од 232 милиони денари, по ефективна даночна стапка од 15% којашто вклучува дополнителен минимален глобален данок, воведен на крајот на 2024 година“, стои во берзанскиот коментар на НЛБ Банка.

БанкаДобивка (2024)Добивка (2025)Данок 2024 (10%)Данок 2025 (15%)Промена во данок
Стопанска АД – Скопје1.980 милиони денари1.874 милиони денари198 милиони денари281 милиони денари+42%
НЛБ Банка1.620 милиони денари1.610 милиони денари182 милиони денари232 милиони денари+27%

Што претставува минималниот глобален данок?

Минималниот глобален данок на добивка е дел од меѓународната иницијатива предводена од ОЕЦД и ЕУ, со цел големите мултинационални компании да не ги избегнуваат даночните обврски преку пренос на добивките во даночни раеви. Законот во Македонија се усогласи со Директивата на Советот на ЕУ за глобално минимално ниво на оданочување, и се однесува на:

  • Мултинационални компании или домашни групации со годишен приход над 750 милиони евра;
  • Компании чии матични централи се во странство, но остваруваат деловна активност во земјата.

Каде ќе се плаќа овој данок?

Дополнителниот данок ќе се наплатува во земјата каде што компанијата остварува деловна активност, во овој случај, Македонија наместо во државата каде што се наоѓа нејзиното седиште. Тоа значи дека дел од глобалните приходи ќе се оданочуваат и локално, што претставува нов извор на приходи за домашниот буџет.

Кој сè ќе биде опфатен со новиот данок?

Покрај двете наведени банки, според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, со законот ќе бидат опфатени и други големи корпоративни играчи како:

  • Македонски Телеком
  • А1 Македонија
  • Титан Усје
  • ЕВН Македонија
  • и други компании кои не работат во слободните економски зони.

Иако бројот на мултинационални корпорации што работат во Македонија е ограничен, нивниот вкупен економски обем е значителен, па така се очекува зголемениот данок да има реално фискално влијание.

Воведувањето на глобалниот минимален данок претставува голем чекор кон усогласување на македонската фискална политика со европските и глобалните стандарди. Иако новите даночни оптоварувања имаат директен импакт врз добивките на најголемите финансиски институции, истовремено овозможуваат стабилни и предвидливи приходи за државата, што е особено важно во време на економски предизвици.

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Анализи

ЕУ од суфицит премина во дефицит, трговскиот биланс се влоши за 89 милијарди евра

Објавено

на

Европската унија го заврши првото полугодие од 2026 година со дефицит во стоковната размена со остатокот од светот од 14,9 милијарди евра, откако во истиот период минатата година имаше суфицит од 74,1 милијарда евра, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Тоа значи дека трговскиот биланс на ЕУ за една година се влошил за дури 89 милијарди евра.

Од јануари до крајот на јуни, извозот на стоки од ЕУ во земјите надвор од Унијата изнесувал 1.317 милијарди евра, што е намалување од 2,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Во исто време, увозот се зголемил за 4,7 отсто, на 1.331,9 милијарди евра.

Само во јуни, ЕУ остварила суфицит од 3,9 милијарди евра, во споредба со 5,2 милијарди евра во истиот месец минатата година. Извозот на годишно ниво пораснал за 12,5 отсто, на 241,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,5 отсто, на 237,7 милијарди евра.

Евростат наведува дека трговскиот биланс во јуни се влошил за 1,3 милијарди евра во споредба со истиот месец во 2025 година. Главната причина е зголемениот дефицит во трговијата со енергенси, кој делумно бил ублажен со поголемиот суфицит кај хемиските и сродните производи.

ЕУ во јуни извезла енергенси во вредност од 12,2 милијарди евра, додека увозот достигнал 42,6 милијарди евра. Со тоа, дефицитот во оваа категорија изнесувал 30,4 милијарди евра, наспроти 23,8 милијарди евра една година претходно.

Најголем суфицит бил забележан во трговијата со хемиски производи, во износ од 17,3 милијарди евра, додека кај машините и возилата бил остварен вишок од 14,6 милијарди евра.

Најголем трговски дефицит ЕУ имала со Кина, во износ од 35,1 милијарда евра. Со Соединетите Американски Држави бил остварен суфицит од 11,2 милијарди евра, а со Обединетото Кралство од 17,1 милијарда евра.

Еврозоната, пак, во јуни повторно се вратила во суфицит, кој изнесувал 8,6 милијарди евра, по дефицитот од девет милијарди евра во мај. Во јуни минатата година суфицитот изнесувал 4,8 милијарди евра.

Извозот од еврозоната во јуни пораснал за 14,4 отсто, на 272,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,1 отсто, на 264 милијарди евра.

Сепак, резултатот за целото прво полугодие е значително послаб од лани. Суфицитот на еврозоната се намалил од 82,2 милијарди евра во првите шест месеци од 2025 година на само 9,8 милијарди евра во истиот период годинава.

Продолжи со читање

Анализи

Европските берзи тргуваат претпазливо и покрај рекордот на Волстрит

Објавено

на

На европските берзи во петокот претпладне се тргуваше претпазливо, и покрај растот на Волстрит претходниот ден и новото рекордно ниво на американскиот индекс S&P 500.

Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, околу 9:30 часот беше речиси непроменет во однос на претходниот ден.

Лондонскиот FTSE се намали за 0,12 отсто, на 10.758 поени, додека германскиот DAX порасна за 0,55 отсто, на 26.445 поени. Парискиот CAC забележа минимален раст од 0,02 отсто и достигна 8.650 поени.

Мирно тргување беше забележано и на Загрепската берза, каде прометот остана релативно скромен.

Околу 10:30 часот индексот Crobex беше во плус од 0,09 отсто, на 4.433 поени, додека Crobex10 порасна за 0,06 отсто, на 2.865 поени.

Редовниот промет со акции до тој момент изнесуваше околу 370.000 евра, што е приближно 270.000 евра повеќе во споредба со истиот период претходниот ден.

Најголем промет, од околу 250.000 евра, беше остварен со акциите на Končar, чија цена остана непроменета на 1.010 евра.

Акциите на Maistra забележаа промет од околу 36.000 евра, а нивната цена се намали за 0,8 отсто, на 65,50 евра.

Промет поголем од 20.000 евра беше остварен и со уште две акции. Акциите на Zagrebačka banka поевтинија за 0,4 отсто, на 22,40 евра, додека повластените акции на Adris grupa пораснаа за 0,5 отсто, на 107 евра, пренесува Хина.

Продолжи со читање

Анализи

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, Северна Македонија на 30. место

Објавено

на

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, покажуваат податоците од Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), кој ја оценува подготвеноста на државите да спречат и да одговорат на сајбер-напади.

На ранг-листата што ја изработува естонската Академија за е-управа се опфатени 155 држави и територии, а Албанија го освои првото место со 98,33 од максимални 100 поени.

Со овој резултат, балканската земја зад себе остави некои од технолошки најразвиените држави во светот, меѓу кои Германија и САД, како и второпласираната Чешка.

Особено впечатлив е напредокот на Албанија во последните неколку години. Минатата година земјата се наоѓала на 15. место, додека во 2023 година била дури на 54. позиција.

Индексот ја оценува способноста на земјите да спречуваат сајбер-закани, да ја заштитат критичната инфраструктура и најважните услуги, да реагираат на сајбер-инциденти, да развиваат национални стратегии, да ги подобруваат стручните капацитети и да ја зајакнуваат меѓународната соработка.

Некои од најголемите светски економии се пласираа значително пониско. Франција е на 16. место, Германија на 19., а Соединетите Американски Држави се на 31. позиција.

Северна Македонија се најде на високото 30. место, една позиција пред САД. Од земјите во регионот, Словенија е на 15. место, Хрватска на 35., додека Србија е на 40. позиција.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange