Connect with us

Банки

НЛБ Банка укинува и намалува надоместоци во домашниот и меѓународниот платен промет

Објавено

на

Согласно препораките и сигналите од Народната банка, а со цел поддршка на граѓаните, компаниите и дигиталната трансформација на платниот промет, НЛБ Банка укинува и намалува дел од надоместоците во домашниот и меѓународниот платен промет, со посебен фокус на електронските плаќања.

Новата структура на надоместоци во домашниот и меѓународниот платен промет, пред сè, значи осетно пониски трошоци и заштеди за граѓаните и компаниите. Истовремено претставува уште еден придонес на Банката кон одржливост на економскиот раст, обезбедување на едноставен и прифатлив пристап до платежните услуги и чекор повеќе во справувањето со сивата економија.

Веќе од задутре, значајни ценовни олеснувања во домашниот платен промет

Во домашниот платен промет за плаќања по електронски пат за физички лица преку МИПС, НЛБ Банка го намалува надоместокот на износ од 55 денари, а целосно го укинува надоместокот за плаќањата во рамките на Банката.

Без надоместок, како и досега, останува месечно одржување на платежна сметка со основни функции, како и пакетот за млади од 18 до 25 години за мобилно банкарство кој вклучува: НЛБ мКлик со право на плаќање и дебитна картичка.

Во домашниот платен промет за плаќања по електронски пат за правни лица преку МИПС, НЛБ Банка го намалува надоместокот на износ од 90 денари, додека за плаќањата во рамките на Банката го сведува на 7 денари.

Новите надоместоци во домашниот платен промет стапуваат на важност, веќе од задутре, 6 август.

Побрз, поефикасен и поекономичен меѓународен платен промет

НЛБ е и првата банка која веќе постави нова структура со намалени надоместоци за меѓународни плаќања преку СЕПА. Новите надоместоци за плаќања и приливи во евра во СЕПА, кои стапуваат на важност од 6 октомври годинава, се повеќекратно намалени и за граѓаните и за компаниите. И тука, посебен фокус е ставен на надоместоците кај електронските плаќања, сè со цел да се стимулира дигиталната трансформација.

Поконкретно, за кредитни трансфери преку дигиталните канали за физички лица, НЛБ Банка ќе понуди цени почнувајќи од 1 евро во денарска противвредност за најниските рангови на износи, односно 5 евра во денарска противвредност за најголемиот број на кредитни трансфери. За приливите продолжува со цена од 0,16 евра во денарска противвредност за најниските рангови на износи, односно 3 евра во денарска противвредност за најголемиот број на приливни транасакции.

Примателите на странски плати и пензии директно преку НЛБ Банка, продолжуваат да ги реализираат приливите по овие основи без надоместок.

Истовремено за компаниите, Банката ќе понуди и до седум пати намалени просечни тарифни провизии за плаќањата во СЕПА. Повластените провизии за плаќањата на физичките лица и компаниите помеѓу банките во рамките на НЛБ Групацијата остануваат непроменети.

Ценовното стимулирање на електронските плаќања наспроти плаќањата на шалтер е во насока на промовирање на користење на брзи и безбедни дигитални услуги, како и во насока на стратегијата на Банката на среден рок да овозможи, максимален број на своите производи и услуги да биде на располагање преку дигиталните канали. Сепак, Банката воведе пониски надоместоци и за шалтерските налози, почитувајќи ги различните навики и потреби на клиентите.

Целокупната структура на новите провизии во домашниот и меѓународниот платен промет претставува повеќекратно намалување на досегашните надоместоци, со што Банката прави значаен чекор кон овозможување на достапни, разумни и одржливи трансакции за граѓаните и компаниите.

Банки

Рајфајзен банка пласираше обврзници вредни 141 милион евра на Берзата во Букурешт

Објавено

на

Рајфајзен банка Романија (Raiffeisen Bank Romania) котираше нова емисија корпоративни обврзници во вредност од 750 милиони романски леи, односно околу 141 милион евра, на регулираниот пазар на Букурешката берза (BVB). Станува збор за десеттата емисија обврзници на банката што се тргува на романскиот пазар на капитал.

Новата емисија, која од 16 октомври е достапна за тргување под берзанскиот симбол RBRO33, опфаќа вкупно 1.250 обврзници, со номинална вредност од 600.000 леи по обврзница.

Според податоците објавени од Букурешката берза, обврзниците носат фиксна каматна стапка од 7,538 проценти до 2032 година, по што каматата ќе стане променлива и ќе се пресметува врз основа на тримесечната референтна стапка ROBOR, зголемена за 0,85 процентни поени.

Средствата се обезбедени преку институционални инвеститори

Емисијата беше реализирана на 13 август годинава и беше наменета за институционални инвеститори, како дел од стратегијата на банката за зајакнување на капиталната позиција и диверзификација на изворите на финансирање.

Обврзниците се од категоријата приоритетни необезбедени должнички инструменти и се подобни за исполнување на регулаторните барања за минимално ниво на сопствени средства и прифатливи обврски на кредитните институции.

Десетта емисија обврзници на романскиот пазар

Со новото котирање, Рајфајзен банка продолжува да го користи домашниот пазар на капитал како извор за долгорочно финансирање.

Емисијата е дел од меѓународната програма за финансирање EMTN (Euro Medium Term Notes), која овозможува прибирање средства преку издавање среднорочни должнички хартии од вредност.

Рајфајзен банка е меѓу позначајните банкарски институции во Романија, со приближно 2,4 милиони клиенти од редот на физичките и правните лица. Банката е активна и во финансирањето одржливи проекти и во развојот на пазарот на зелени финансиски инструменти.

Новата емисија претставува дополнително проширување на понудата на корпоративни обврзници на Букурешката берза и ја потврдува улогата на пазарот на капитал како алтернативен канал за финансирање на банкарскиот сектор во Романија.

Продолжи со читање

Банки

Славески: Западен Балкан мора да го промени моделот на економски раст за побрзо приближување кон ЕУ

Објавено

на

Зголемувањето на продуктивноста, инвестициите во нови технологии и развојот на човечкиот капитал се клучни за забрзување на економскиот раст и приближување на земјите од Западен Балкан кон животниот стандард во Европската Унија. Ова го порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настан организиран во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка во Бангкок.

Говорејќи на настанот посветен на Регионалниот економски преглед за Европа, Славески нагласи дека постојниот економски модел во регионот, кој во голема мера се потпира на евтина работна сила и акумулација на капитал, повеќе не е доволен за постигнување повисоки стапки на раст.

Според него, неопходно е економиите да се насочат кон создавање производи и услуги со поголема додадена вредност, воведување современи технологии и поттикнување на иновациите.

„Забрзувањето на економската конвергенција не може да се потпира само врз капиталот и зголемувањето на вработеноста, туку бара сеопфатен реформски план насочен кон повисока продуктивност“, истакна гувернерот.

Тој посочи дека реформите треба да опфатат зајакнување на институциите и владеењето на правото, подобрување на деловниот амбиент, модернизација на пазарот на трудот, како и поголеми вложувања во образованието, истражувањето и дигитализацијата.

Продуктивноста во регионот е двојно пониска од европската

Еден од најголемите предизвици за економиите од Западен Балкан останува ниската продуктивност, која, според податоците што ги презентираше Славески, достигнува приближно половина од просекот во Европската Унија.

Ваквата состојба го ограничува потенцијалот за побрз економски развој и намалување на разликите во животниот стандард.

Гувернерот оцени дека значителен простор за напредок постои преку поголема примена на дигитални решенија, нови технологии и иновации, но и преку подобра соработка меѓу приватниот сектор, образовните институции и научноистражувачките центри.

Посебно внимание беше посветено и на странските директни инвестиции. Иако земјите од регионот успеваат да привлечат значителен странски капитал, според Славески, потребно е инвестициите повеќе да се насочуваат кон дејности што создаваат повисока вредност и овозможуваат поголемо вклучување на домашните компании во меѓународните производствени синџири.

Иселувањето и недостигот од квалификувани работници го ограничуваат растот

Покрај продуктивноста и инвестициите, како сериозна пречка за долгорочниот економски развој беа посочени и демографските движења.

Иселувањето на населението, недостигот од квалификувана работна сила и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на компаниите го намалуваат развојниот потенцијал на регионот.

Дополнителен предизвик претставуваат ниското учество на жените на пазарот на трудот и високата невработеност кај младите, што укажува на значителни неискористени човечки ресурси.

Славески нагласи дека поблиската економска интеграција со Европската Унија може да придонесе за надминување на дел од овие ограничувања.

„Подлабоката интеграција со европскиот пазар може да им овозможи на компаниите да го прошират работењето, да ја зголемат специјализацијата, да привлечат инвестиции и да се вклучат во посложени синџири на вредност“, рече гувернерот.

Тој додаде дека Планот за раст на ЕУ и постепеното вклучување на земјите од Западен Балкан во единствениот европски пазар можат да имаат важна улога во забрзувањето на економската конвергенција.

Инфлацијата изнесува 2,6 отсто, но ризиците остануваат

Во своето обраќање, Славески се осврна и на монетарната политика и мерките што Народната банка ги презеде за справување со инфлациските притисоци и енергетските шокови.

Тој посочи дека комбинацијата од монетарни и макропрудентни мерки, заедно со измените во задолжителната резерва, придонела за стабилизирање на девизниот пазар и забавување на инфлацијата.

Според информациите изнесени од гувернерот, инфлацијата во моментов изнесува 2,6 отсто.

Сепак, предупреди дека глобалната економска неизвесност и можноста од нови надворешни шокови бараат претпазливо водење на монетарната политика.

Во таа насока, Народната банка ќе продолжи да ги следи економските показатели и да ги темели своите одлуки врз расположливите податоци и анализи, со цел зачувување на ценовната и финансиската стабилност.

Продолжи со читање

Банки

Банките наплаќаат просечна камата од 4,67% на кредитите, а исплаќаат 2,18% на депозитите

Објавено

на

Разликата меѓу каматните стапки на кредитите и депозитите останува значајна карактеристика на македонскиот банкарски пазар, покажуваат последните расположливи податоци на Народната банка за август 2026 година.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 4,67%, додека просечната каматна стапка на вкупните депозити е 2,18%. Разликата меѓу овие две стапки изнесува 2,49 процентни поени.

Во споредба со август минатата година, просечната каматна стапка на кредитите е пониска за 0,23 процентни поени, додека кај депозитите годишното намалување изнесува само 0,01 процентен поен.

Овие движења покажуваат дека цената на кредитирањето постепено се намалува, но не со еднаква динамика кај сите банкарски производи. За граѓаните ова е особено важно при споредувањето на понудите за станбени и потрошувачки кредити, додека за компаниите каматните услови директно влијаат врз цената на финансирањето на инвестициите и тековното работење.

Разликата од 2,49 процентни поени не треба да се поистоветува со нето-профитната маржа на банките, бидејќи во неа не се опфатени трошоците за работење, кредитните загуби, капиталот и останатите извори на приходи и расходи.

За штедачите, пак, важен показател останува реалниот принос на депозитите. При годишна инфлација од 2,7% во септември, просечната депозитна камата од август е пониска од последната објавена годишна стапка на раст на потрошувачките цени. Сепак, директната споредба е само илустративна, бидејќи се однесува на различни периоди и на просечни камати на постојните депозити, а не на конкретна нова понуда за штедење.

Редакција Банкарство

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange