Фондови
КБ Прво пензиско друштво: Младите и вториот пензиски столб-што треба да знаеме при нашето прво вработување
Кога сме во раните дваесетти години, последното нешто на што размислуваме е пензијата. Планираме каде ќе одиме на одмор, каков телефон ќе купиме, патики итн. Но, дали знаеме каде одат нашите пари? Не, притоа не мислам на нашите месечни трошоци за шопинг, излегување или викенд во Охрид, туку за придонесите што ни ги уплаќа работодавецот. Како некој што секојдневно е во комуникација со млади нововработени лица, можам да ја забележам нивната недоволна запознаеност со вториот пензиски столб, т.е. задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување. За нив тоа е нешто за што се грижи работодавецот, а средствата што им се уплаќаат за пензиско не ги ни сметаат за свои лични пари. Некои на пензијата гледаат како на нешто толку далечно, па не веруваат ниту дека воопшто ќе ја дочекаат. Но, реалноста е дека средствата од вториот пензиски столб се навистина наши лични пари, пари од кои во добар дел ќе зависи и нашата финансиска иднина.
Ако досега не си слушнал за вториот пензиски столб, или пак би сакал да дознаеш нешто повеќе за него, ова е вистинскиот текст за тебе, напишан од млад човек, кому пензиското осигурување му е професионална определба и секојдневно поле на работа и дискусија.
Поделба на пензискиот систем
Реформата на пензискиот систем е направена во 2003 година, а од 2005 година истата започнува и да се применува. Пред 20 години, од самите почетоци на реформата, е основано и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, како едно од приватните пензиски друштва на пазарот. Пензискиот систем од едностолбен се трансформирал во двостолбен, а подоцна и во тростолбен пензиски систем. Согласно моменталната законска регулатива, осигурениците кои за првпат се вработени по 01.01.2019 година, а на денот на вработувањето се помлади од 40 години се задолжителни членови на двата пензиски столба:
• Прв столб – Државниот пензиски фонд ПИОСМ
• Втор столб – членови во едно од друштвата кои управуваат со приватните задолжителни пензиски фондови
Што треба да знае секој нововработен за вториот столб при неговото прво вработување?
Од моментот кога работодавецот за првпат ќе го пријави, по случаен избор, Фондот на ПИОСМ времено го распределува нововработениот во некое од пензиските друштва во вториот столб. Нововработениот има период од 3 месеци од датумот на вработување во кој може да одбере со кое пензиско друштво ќе склучи договор за задолжителен пензиски фонд. Доколку не направи избор, тогаш останува во пензиското друштво во коешто претходно бил времено распределен.
Со зачленувањето во вториот пензиски столб, на членот му се отвора индивидуална пензиска сметка на која месечно му се акумулираат дел од средствата кои му ги уплаќа работодавецот по основ на придонеси. Од бруто платата,18,8% се уплаќаат за пензиско осигурување во Фондот на ПИОСМ, кој потоа ги дели на два дела:
• 12,8% задржува врз основа на принципот на меѓугенерациска солидарност; од овие средства се исплаќаат пензии на сегашните пензионери, а на членовите им се засметува стаж;
• 6% уплаќа на индивидуалните пензиски сметки на членовите на пензиските друштва во вториот пензиски столб.
Средствата на членовите акумулирани на нивните индивидуални пензиски сметки друштвото ги инвестира во финансиски инструменти, а остварениот принос од инвестирањето се распределува на сметките на членовите.
Кога може да се користат средствата од вториот пензиски столб?
Членовите може да ги користат средствата од вториот пензиски столб кога:
• Членот ќе оствари право на пензија, на возраст од 64 години за маж и 62 години за жена со минимум 15 години работен стаж. Тогаш средствата од вториот столб месечно ќе му бидат исплаќани на членот како составен дел од неговата пензија.
• Членот не ги исполнува условите за старосна пензија, тогаш по навршување на возраст од 65 години има можност за избор средствата од вториот пензиски столб да му бидат еднократно исплатени или месечно да се исплаќаат доколку утврдената пензија е поголема или еднаква на 40% од најнискиот износ на пензија.
• Членот ќе почине, средствата од вториот пензиски столб ги наследува семејството во оставинска постапка.
Зошто е важно да се склучи договор за втор пензиски столб?
Иако членството во вториот пензиски столб е задолжително и без склучување на договор, со склучувањето на договорот пензиското друштво ги добива сите потребни информации за членот за да може редовно да му испраќа годишен извештај (по пошта или електронски) за состојбата на неговата пензиска сметка.
Зошто е важно да сте информирани за состојбата на Вашата индивидуална сметка?
Откако накратко го објаснивме пензискиот систем, да видиме зошто е важно да следиме што се случува со средствата од вториот пензиски столб.
Од износот на средствата во вториот пензиски столб во најголем дел ќе зависи и идната пензија на членот. Во зависност од тоа, членот може да се реши и за дополнително доброволно штедење во третиот пензиски столб, за да ја осигура својата иднина и да има безгрижни пензионерски денови. На веб-страната на КБ Прво во делот „Моја Сметка“, е овозможено 24/7 следење на состојбата на сметка, каде во секој момент може да се провери кога се уплатени придонесите, колкав е износот на акумулираните средства и како друштвото ги оплодува средствата на членовите.
Пензијата ни делува далечна, но нејзината основа се поставува денес, кога започнуваме со нашиот работен однос. Ако за првпат почнеме да размислуваме за пензија неколку години пред самото пензионирање, ќе биде предоцна, затоа што многу малку ќе можеме да промениме.Само информиран член може да има контрола, да препознае дали неговите средства се управуваат правилно и да носи разумни одлуки за својата финансиска иднина. Затоа, не чекајте, осигурајте ја Вашата иднина денес.
Напишано од Ангел Пулев
Авторот на текстот е вработен во Сектор за продажба на КБ Прво пензиско друштво. Одговорен е за работа со членовите на вториот пензиски столб, со посебен фокус на младите нововработени членови.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02/ 32 24 229
Фондови
КБ Прво пензиско друштво: Доброволниот пензиски фонд сè почесто станува бенефит за вработените
Грижата за вработените сè почесто не се ограничува само на висината на платата, туку и на дополнителните бенефиции што компаниите ги нудат за поголема финансиска сигурност во иднина, посочуваат од КБ Прво пензиско друштво.
Од компанијата нагласуваат дека доброволниот пензиски фонд може да претставува дополнителна придобивка за вработените и начин компаниите да покажат дека долгорочно инвестираат во својот кадар.
Според КБ Прво, вложувањето во идната пензиска сигурност на вработените може да придонесе за создавање постабилни и помотивирани тимови, а ваквиот тип бенефиции добива сè поголемо значење во современите политики за управување со човечки ресурси.
Доброволното пензиско осигурување претставува дополнување на задолжителното пензиско осигурување и овозможува дополнително штедење за периодот по пензионирањето.
Супервизија над капитално финансираното пензиско осигурување во земјава врши Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.
Фондови
ВФП Пензиско друштво сака да влезе и во вториот пензиски столб, поднесе барање до МАПАС
ВФП Пензиско друштво АД Скопје направи чекор кон проширување на своето работење и на пазарот на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, односно вториот пензиски столб. Друштвото до МАПАС доставило барање за добивање дозвола за управување со задолжителни пензиски фондови.
Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС денеска информираше дека ВФП Пензиско друштво АД Скопје доставило барање за добивање дозвола за вршење дејност управување со задолжителни пензиски фондови.
Истовремено, друштвото побарало и условно одобрение за управување со задолжителен пензиски фонд, како и запишување на фондот во Регистарот на задолжителни и доброволни пензиски фондови.
МАПАС ќе ја оценува документацијата
Кон барањето ВФП доставило документација согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување и релевантната подзаконска регулатива.
Документацијата се однесува на самото друштво и неговиот акционер, органите на управување, предложениот менаџерски тим, организациската структура и внатрешните акти.
Дополнително, доставена е и документација која се однесува на задолжителниот пензиски фонд и на банката која треба да ја има улогата на чувар на имот.
Следниот чекор е на МАПАС, која треба да ја разгледа документацијата и да оцени дали се исполнети законските и регулаторните услови за издавање на потребните дозволи и одобренија.
Оттука, поднесувањето на барањето не значи дека ВФП веќе добило дозвола за управување со задолжителен пензиски фонд, туку дека е започната регулаторната постапка пред МАПАС.
ВФП со амбиција за проширување на пензискиот бизнис
Потегот е значаен за домашниот пензиски пазар бидејќи покажува амбиција на ВФП Пензиско друштво да го прошири работењето и во сегментот на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.
Во следниот период клучна ќе биде одлуката на МАПАС по поднесеното барање и исполнувањето на сите услови предвидени со регулативата.
Доколку постапката заврши позитивно, тоа би значело проширување на присуството на ВФП на домашниот пазар на капитално финансирано пензиско осигурување и дополнителна конкуренција во управувањето со средствата од вториот пензиски столб.
Извор: Мапас
Фондови
АДПФ: Вториот пензиски столб е стабилен механизам за долгорочно штедење
Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови одржа брифинг посветен на актуелните состојби и предизвици во пензискиот систем, во услови на зголемен интерес на јавноста.
Од АДПФ порачаа дека вториот пензиски столб претставува стабилен и доверлив механизам за долгорочно пензиско штедење и има важна улога во обезбедувањето финансиска сигурност за идните пензионери.
На брифингот беше нагласено дека висината на идната пензија зависи од повеќе фактори, меѓу кои времетраењето на осигурувањето, работниот стаж, висината на платата на која бил пријавуван осигуреникот, како и приносите што ги остваруваат пензиските друштва.
Од Асоцијацијата посочија дека приносите во моментов се ограничени и од конзервативната законска рамка, поради што е потребно натамошно унапредување на системот.
Според АДПФ, идниот развој треба да опфати регулаторни промени, воведување мултифондови, измени на лимитите за инвестирање и проширување на листата на дозволени финансиски инструменти.
Дополнително, беше истакната и потребата од понатамошен развој на доброволното пензиско осигурување.
Супервизор на капитално финансираното пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.
-
Кариерапред 2 месециСтопанска банка Скопје вработува трезорист, отворен оглас за апсолвенти и дипломирани економисти
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со поволности за клиентите кои ќе ја префрлат платата
-
Кариерапред 1 месецНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии





