Connect with us
no baners

Совети

Водич за станбени кредити – Дел 2: Дали банката ве гледа како сигурен клиент?

Објавено

на

Кога аплицирате за станбен кредит, вие не ја интервјуирате само банката – и таа ве интервјуира вас. Банката сака да биде сигурна дека сте доволно стабилни, одговорни и финансиски способни за да го отплатите кредитот во следните 20 или 30 години. Затоа, постојат јасно дефинирани критериуми што секој апликант мора да ги исполнува за да биде прифатен.

Овие критериуми не се тука за да ве одбијат – туку за да ја намалат веројатноста за нередовна отплата. Колку подобро ги разбирате, толку повеќе можете да се подготвите – и да добиете подобри услови.

Работен однос:

Еден од клучните критериуми при одобрување на станбен кредит е стабилноста на работниот однос. Банките сакаат сигурност – и затоа првенствено ги разгледуваат условите во кои остварувате приходи.

• Вработување на неопределено време е најпосакуваната форма од страна на банките. Особено ако сте вработени во бонитетни компании и институции, банките тоа го сметаат за знак на стабилност и нисок ризик.

• Вработените на определено време исто така може да добијат станбен кредит, но често со дополнителни услови: вклучување на кобарател, поголемо сопствено учество или задолжително животно осигурување. Веројатноста за одобрување на станбен кредит во случај кредитобарателот да е вработен на определено време е поголема доколку банката има директна соработка со компанијата каде што работите и работниот однос на определено е веќе неколку пати продолжуван (пр. повеќе од 24 месеци), со што практично ги имате бенефициите слични на вработување на неопределено време.

• Фриленсери, хонорарци и самовработени лица се третираат како клиенти со повисок ризик, но тоа не значи дека не можат да добијат кредит. Овие клиенти се поретки и одобрувањето на овие пласмани се врши на поединечна основа.

Висина и структура на месечни приходи:

Еден од најважните фактори при одобрување на станбен кредит е прашањето: Дали можете редовно и безбедно да ја отплаќате месечната рата?

За да го процени тоа, банката ја анализира вашата кредитна способност, односно колку од вашите стабилни месечни приходи може да се насочат кон отплата на кредит – без да биде загрозено секојдневното функционирање на вашето домаќинство.

Во оваа анализа, банките ги земаат предвид следниве извори на приход:

• Плата (нето износ) – најчесто се пресметува како просек од последните 6 месеци, иако некои банки бараат подолг период (12 месеци) зависно од вработувањето и професијата.

• Додатоци на плата – како што се бонуси, прекувремени часови или други додатоци, може да се земат предвид само ако се редовни. Вообичаено, банката ги зема просек од овие приходи врз основа на исплати во последните 2 до 3 години, со цел да добие реална слика за стабилноста на тие приходи.

• Други приходи кои се предмет на оданочување според Законот за персонален данок – како наемнини, хонорари, авторски договори, дивиденди, итн. За овие приходи важат неколку услови, истите треба да се редовни, документирани преку банкарски сметки и клиентот да поседува договори или индиции за стабилност и во следните неколку години (на пр. закупен стан со долгогодишен договор).

Златно правило: Месечната рата на кредитот не треба да надмине 50% од вкупните месечни нето приходи на апликантот или домаќинството (вклучувајќи го кобарателот, ако има). Ова не е само банкарско правило, туку и паметна финансиска препорака – за да не се доведете во ситуација каде што сите приходи ви одат на кредит, а животниот стандард страда.

Кредитна историја – МКБ и Кредитниот регистар на НБРСМ

Пред банката да ви одобри станбен кредит, ќе направи детална проверка на вашата финансиска дисциплина во минатото. Тоа го прави преку две клучни бази на податоци:

1. Македонско кредитно биро (МКБ)

Во извештајот од МКБ банката ќе види:

• Дали сте ги отплатувале редовно сите досегашни кредити, кредитни картички, дозволени минуси и останати кредитни обврски

• Дали имало задоцнувања, и ако да – колку долго и колку често

• Дали имате тековни задолжувања кои веќе го оптоваруваат буџетот

• Колку кредити имате, во кои банки, и колкава е нивната вкупна вредност

• Дали клиентот имал блокирани сметки и колку често

Нарушена кредитна историја – дури и само со неколку задоцнувања – може значително да ви ги намали шансите за добивање нов кредит, особено доколку се работи за голем износ и долг рок.

2. Кредитен регистар на Народна банка на РСМ

Освен во МКБ, банката има пристап и до Кредитниот регистар што го води Народната банка, кој содржи информации за:

• Сите кредити и обврски кои физичките лица ги имаат во сите банки и штедилници

• Историја на задоцнувања поголеми од 60 дена

• Детали за кобарателства, жирантства и други обврски

Кредитниот регистар им овозможува на банките централен увид во вкупната изложеност на секој клиент, што е особено важно кај станбени кредити – каде износите се високи, а роковите долги.

Совет: Пред да аплицирате, направете детална проверка на својата кредитна историја.

• Проверете го својот извештај од МКБ, кој може да се добие онлајн или лично и потврдете дека немате непокриени обврски, задоцнувања или преостанати рати што би можеле да ви бидат пречка.

• Подмирете ги заостанувањата, ако ги има и оставете најмалку 3 месеци редовност пред да поднесете апликација.

Запомнете – банките не ве гледаат само преку бројки, туку и преку вашата финансиска одговорност во минатото. Добра историја значи поголема доверба.

Возраст и рок на отплата

Кога аплицирате за станбен кредит, банките не ја земаат предвид само вашата финансиска состојба, туку и вашата возраст – бидејќи таа директно влијае на рокот на отплата, ризикот за банката и видот на обезбедување.

Вообичаено, максималната возраст на клиентот на денот на исплата на последната рата не треба да надминува 70 до 75 години, во зависност од политиката на конкретната банка.

Овие мерки ги намалуваат потенцијалните ризици за банката, особено бидејќи со возраста расте веројатноста за здравствени проблеми, намалени примања или пензионирање. Со пензионирање, вашите приходи може драстично да се намалат – што влијае на способноста за редовна отплата на кредитот.

Ако сте помлади, имате значително поголема флексибилност – и шанси да добиете кредит со подолг рок и пониска месечна рата.

Внимавајте:

• Рок на отплата од над 15 години значи дека ќе платите значително повеќе камата низ времето.

• Размислете дали можете финансиски да издржите пократок рок со повисока рата, но помали вкупни трошоци.

Добро е да направите баланс меѓу месечната рата и вкупниот износ кој ќе го вратите. Понекогаш е подобро да се одлучите за пократок рок со повисока рата, отколку за долгорочен кредит кој ќе ве чини многу повеќе на крај.

Учество

Кога аплицирате за станбен кредит, банката речиси секогаш ќе побара да вложите сопствени средства, познати како учество. Тоа претставува вашата директна инвестиција во недвижноста и е еден од главните фактори што ја одредуваат безбедноста на кредитот.

Најчесто се бара минимум 10–20% учество од продажната цена.

Доколку немате доволно за учество, банката може да побара вклучување на втора хипотека на друг имот, вклучување на кобарател, задолжително животно осигурување.

Важно да знаете:

*Разликата помеѓу проценетата вредност на имотот и продажната цена влегува како ваше учество. Пример: ако купувате стан за 100.000 евра, а проценката од вештакот изнесува 90.000 евра, банката ќе ви одобри кредит врз база на 90.000 евра и вие ќе треба да ги покриете останатите 10.000 евра дополнително на износот на сопствено учество.

Колку е поголемо вашето учество, толку се поголеми шансите да добиете подобри услови – пониска каматна стапка, подолг рок на отплата или повисок износ на кредит. Но, внимавајте! Ако целото расположливо учество го вложите во купувањето, може да ви недостасуваат средства за уредување или опремување на станот, трошоци за префрлување на имотот, такси, нотарски услуги итн.

Во таков случај, ќе треба дополнително да аплицирате за потрошувачки кредит, што може да го оптовари вашиот буџет. Затоа, паметно е да оставите дел од вашите средства на располагање, а да се одлучите за малку повисок станбен кредит ако условите го дозволуваат тоа.

Други фактори што можат да влијаат врз одобрувањето на станбениот кредит

Покрај основните критериуми како работен однос, приходи, кредитна историја и учество, банките разгледуваат и други аспекти кои можат значајно да влијаат врз нивната одлука. Еве кои се тие:

1. Семеен статус и број на приходи во домаќинството

Ако во едно домаќинство има две стабилни примања (на пример, брачна двојка со вработувања), тоа значително ги зголемува шансите за добивање кредит. Банката го анализира вкупниот семеен буџет, па дури и ако едно лице е формално апликант, вториот партнер може да биде вклучен како кобарател или само како извор на дополнителни приходи.

2. Постоечки задолжувања

Секој активен кредит, кредитна картичка или дозволен минус го намалува вашето слободно располагање со средства, што директно влијае на кредитната способност. Дури и ако редовно ги сервисите обврските, банката ќе пресмета колку од вашите месечни приходи веќе се насочени кон други долгови.

3. Тип и состојба на имотот

Банките не сакаат ризични хипотеки. Затоа, не одобруваат кредити за купување на руинирани или несоодветни станови и имоти без целосна и валидна документација (недовршена легализација, несогласности во имотен лист итн.) Имотот мора да биде во употреблива состојба, со јасна сопственост и без правни пречки за упис на хипотека.

4. Локација на имотот

Иако не секогаш отворено наведено, локацијата игра важна улога. Банката ќе биде многу повнимателна ако имотот е во рурална или слаборазвиена област или е тешко достапен или нема соодветна инфраструктура. Причината е едноставна, ако дојде до неможност за отплата и треба да се активира хипотеката, вредноста на таков имот е тешко остварлива на пазарот.

Совет: Пред да изберете имот, консултирајте се со банката дали би прифатила хипотека на таа конкретна локација и состојба – така ќе избегнете непријатни изненадувања откако веќе сте вложиле пари во капара или учество.

Како да ја подобрите вашата „кредитна слика“ пред да аплицирате?

Подготовката пред поднесување апликација е клучна. Со неколку чекори, можете да ги зголемите шансите за одобрување и да добиете поволни услови:

1. Исплатете ги постоечките обврски

Затворете кредитни картички, дозволени минуси и мали кредити, особено ако влијаат на вкупната искористеност на вашиот буџет.

2. Обезбедете ги сите неопходни документи за приходи

Подгответе изводи, платни листи, потврди за хонорари или договори – сѐ што покажува дека имате стабилни и редовни приходи.

3. Вклучете дополнителен кобарател со редовни примања

Ова е особено важно ако вашиот приход сам по себе не е доволен или ако сакате да добиете повисок износ.

4. Направете симулации со кредитен советник

Користете го искуството на банкарските советници за да направите реална проценка на вашите можности и месечната рата.

5. Побарајте официјална понуда од најмалку две до три банки

Не се врзувајте за првата понуда. Споредете ги каматите, трошоците и дополнителните услови.

Паметна подготовка = Подобри услови

Секоја апликација за кредит е различна, но ако знаете што бараат банките и се подготвите навреме, ќе добиете не само позитивен одговор, туку и подобри услови.

Запомнете: Целта не е само да добиете кредит – туку кредит што можете удобно да го отплаќате.

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Автор: Филип Чижбановски.

no baners
no baners

Совети

Ова е правилото за пензиска заштеда: колку годишни плати треба да имате на 30, 40, 50 и 60 години?

Објавено

на

Колку пари треба да имате заштедено за да можете финансиски посигурно да ја дочекате пензијата? Одговорот зависи од приходите, возраста, животниот стандард и плановите за пензионирање, но американската финансиска компанија „Фиделити“ има едноставно правило кое може да послужи како ориентација.

Наместо да се користи еден фиксен износ, „Фиделити“ ја поврзува целта за штедење со годишната заработка на поединецот. Според оваа методологија, колку што сте постари, толку поголем дел од годишниот приход би требало да имате акумулирано како пензиска заштеда.

Колку треба да имате заштедено?

Според возраста, на 30 години треба да имате заштеда од една годишна плата. На 40 години три годишни плати. На 50 години шест годишни плати, а на 60 години осум годишни плати. Целта на „Фиделити“ е до 67-годишна возраст човек да има акумулирано заштеди во вредност од околу 10 годишни заработки.

  • На 30 години: една годишна плата
  • На 40 години: три годишни плати
  • На 50 години: шест годишни плати
  • На 60 години: осум годишни плати
  • На 67 години: десет годишни плати

Така, доколку некој на 40 години заработува 1.000 евра месечно, односно 12.000 евра годишно, според ова правило би требало да има акумулирано околу 36.000 евра за пензија.

На 50 години, со иста годишна заработка, целта би била околу 72.000 евра, додека до 67 години би требало да се достигне ниво од околу 120.000 евра.

Зошто целта расте со возраста?

Логиката е едноставна – во помладите години имате повеќе време за вашите заштеди да растат преку редовно издвојување и инвестирање. Со приближувањето кон пензијата, потребно е да имате поголем акумулиран капитал кој ќе може да го надополни пензискиот приход.

„Фиделити“ проценува дека акумулирана заштеда во висина од околу 10 годишни заработки до 67-годишна возраст, заедно со други извори на пензиски приход, може да помогне во одржувањето на животниот стандард по пензионирањето.

Правило, а не универзална формула

Важно е овие бројки да се гледаат како ориентација, а не како задолжителна финансиска цел за секого.

Потребната заштеда зависи од тоа колку планирате да трошите во пензија, кога сакате да се пензионирате, дали имате сопствен дом, какви други приходи очекувате и како ги чувате или инвестирате средствата.

Исто така, инфлацијата и приносот од инвестициите можат значително да влијаат врз реалната вредност на заштедите на долг рок.

Најважната порака, сепак, е дека за пензијата не треба да се штеди само кога ќе се приближи пензискиот период. Колку порано започне редовното издвојување од приходите, толку подолг период средствата имаат потенцијал да растат.

Затоа, наместо прашањето „Колку ми требаат за пензија?“, покорисно е да се започне со прашањето: „Колкав дел од мојата плата можам редовно да издвојувам уште денес?“

Продолжи со читање

Совети

Каде да ги инвестирате вишокот пари: Банкарски депозити, државни обврзници или инвестициски фондови?

Објавено

на

За граѓаните кои располагаат со поголема заштеда, но не сакаат да преземаат висок ризик, изборот не се сведува само на орочен депозит во банка. Алтернативи можат да бидат државните записи и обврзници, како и одредени инвестициски или парични фондови.

На пример, доколку располагате со 30.000 евра, разликите во приносот, достапноста на средствата и ризикот можат да бидат значајни. Затоа, покрај номиналната каматна стапка или очекуваниот принос, важно е да се земат предвид даноците, надоместоците, рокот на инвестирање и можноста средствата да се повлечат предвреме.

Штедењето е наједноставно, но приносот обично е понизок

Орочениот депозит останува една од наједноставните опции за инвеститорите кои приоритет им даваат на сигурноста и предвидливоста.

Каматата е однапред позната, а средствата не зависат од секојдневните промени на финансиските пазари. Од друга страна, каматните стапки може да бидат пониски во споредба со потенцијалниот принос од други инструменти.

Кај орочените депозити треба да се проверат и условите за предвремено повлекување, бидејќи тоа може да значи губење на дел или целата договорена камата.

Државните обврзници нудат поинаков однос меѓу приносот и рокот

Државните записи и обврзници се уште една можност за инвеститорите кои бараат релативно конзервативна инвестиција.

Државните записи обично имаат пократок рок и се купуваат по цена пониска од номиналната вредност, додека разликата до номиналната вредност го претставува приносот за инвеститорот.

Кај државните обврзници, пак, инвеститорот може да добива однапред утврдена камата во текот на периодот на нивното траење.

Сепак, важно е да се има предвид дека обврзницата не е исто што и депозит. Доколку инвеститорот сака да ги повлече средствата пред достасување, а обврзницата треба да се продаде на пазарот, нејзината цена во тој момент може да биде повисока или пониска од куповната.

Инвестициските и паричните фондови нудат поголема флексибилност, но и пазарен ризик

Паричните и другите конзервативни инвестициски фондови можат да бидат интересни за инвеститори кои сакаат поголема ликвидност и диверзификација.

Сепак, приносот не е однапред гарантиран, а вредноста на вложувањето може да се менува зависно од движењата на пазарите и структурата на портфолиото. Дополнително, треба внимателно да се проверат влезните и излезните надоместоци, како и годишните трошоци за управување.

Совет: не инвестирајте според највисоката камата

При избор на инвестиција за 30.000 евра, најважно е да не се гледа само кој инструмент нуди највисок принос.

Практично правило е прво да се одреди кога ќе ви бидат потребни парите и колкав ризик сте подготвени да преземете. Средствата што може да ви бидат потребни во краток рок не е разумно целосно да се врзуваат во долгорочни инструменти.

За поконзервативен инвеститор, комбинација од ликвидна заштеда и инструменти со фиксен принос може да биде посоодветна од вложување на целиот износ во една опција.

Најдобрата инвестиција не е нужно онаа со највисока камата, туку онаа што најдобро одговара на вашиот рок, потреба за ликвидност и подготвеност да преземете ризик.

Продолжи со читање

Совети

Како да заштедите до 150 евра месечно со неколку едноставни промени што прават голема разлика

Објавено

на

Кога трошоците за живот растат, првата помисла често е да се намалат највисоките сметки – помалку греење, помалку гориво или откажување од работи што директно влијаат на квалитетот на животот. Но, не мора секогаш да штедите на греење, гориво или работи што директно влијаат на квалитетот на животот, за да заштедите.

Понекогаш најголемата разлика ја прават малите секојдневни навики како помалку импулсивни купувања, купување само онолку колку што ви е навистина потребно, повторна употреба на предметите и поевтини алтернативи за одредени производи.

Според пресметка објавена од францускиот портал „French Minutes Maison“, комбинацијата од помалку импулсивни купувања, рационално купување храна и повторна употреба на предметите може да донесе заштеда од околу 150 евра месечно, односно до 1.800 евра годишно.

Првата промена започнува во маркет, купувајте онолку колку што навистина ви треба

Еден од наједноставните начини за намалување на трошоците е купувањето на потребните количини, особено кај житарките, мешунките и другите суви производи.

Поголемото пакување не секогаш значи и поголема заштеда. Ако дел од храната не се искористи и заврши во отпад, практично се фрлаат и потрошените пари.

Затоа, наместо да купувате повеќе само затоа што производот е на попуст или се нуди во поголемо пакување, корисно е да се процени колку навистина ќе се потроши.

Втората промена е намалување на непотребните производи за домаќинството

Дополнителна заштеда може да се постигне со рационализирање на производите за одржување на домот.

Наместо повеќе различни средства за различни површини, дел од нив може да се заменат со поедноставни и поевтини алтернативи, како бел оцет и сода бикарбона, каде што се соодветни за употреба.

Иако поединечните трошоци изгледаат мали, нивното повторување секој месец може значително да влијае врз домашниот буџет.

Најмногу пари често се трошат на импулсивни купувања

Една од најголемите „дупки“ во буџетот се производите што не сме планирале да ги купиме.

Ситни купувања поради попуст, моментална потреба или привлечна понуда можеби изгледаат безопасно, но кога ќе се соберат во текот на месецот, износот може да биде значителен.

Едно едноставно прашање пред купувањето може да помогне: „Дали навистина ми треба ова?“

Затоа, третата и можеби најважна промена е стоп за импулсивните купувања!

Искористете го повторно она што веќе го имате

Заштедата не секогаш значи да купите нешто поевтино. Понекогаш најдобрата опција е воопшто да не купите нов производ.

Стаклените тегли можат повторно да се користат за складирање, мебелот може да се поправи наместо да се замени, а одредени предмети можат да добијат нова намена.

Со постепено менување на овие навики, малите заштеди можат да се претворат во значаен износ на годишно ниво.

До 1.800 евра годишно, но овој износ не е загарантиран за секое домаќинство

Според наведената пресметка, комбинацијата од рационално купување, намалување на импулсивните трошоци, повторна употреба и поевтини алтернативи може да донесе до околу 150 евра заштеда месечно, односно околу 1.800 евра годишно.

Секако, вистинските заштеди зависат од големината на домаќинството, претходните навики и цените каде што се купува, па затоа 150 евра не треба да се сметаат за загарантиран износ за секое домаќинство. Но, принципот останува ист. Големите дупки во семејниот буџет не секогаш се предизвикани од една огромна сметка.

Главната поента е едноставна: домашниот буџет не го оптоваруваат само големите сметки. Често најголемата разлика ја прават десетиците мали, непланирани трошоци што се повторуваат секој месец.

Продолжи со читање
no baners

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange