Connect with us

Банки

Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика – Народна банка ја задржува каматната стапка на 5,35%

Објавено

на

На 29 јули 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше одлучено каматните стапки да бидат непроменети, односно каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, соодветно на условите во економијата и на ризиците коишто произлегуваат од надворешното и домашното окружување. Целокупниот сет досегашни мерки — тековните каматни стапки, промените кај задолжителната резерва и применетите макропрудентни мерки — е насочен кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во однос на поставеноста на монетарната политика во еврозоната, ЕЦБ на состанокот во јули донесе одлука за задржување на каматните стапки на тековното ниво.

Во услови на стабилен девизен пазар, движењето на инфлацијата и натаму е во центарот на вниманието и треба внимателно да се следи. Имено, во јуни 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 4,5%. Забрзувањето на годишната стапка на инфлација главно произлегува од повисокиот раст на цените на храната и на базичната компонента, пред сѐ под влијание на променливите ценовни движења кај овошјето и кај воздушниот транспорт. Истовремено, цените во рамките на енергетската компонента на инфлацијата и во јуни бележеа пад на годишна основа, но поумерено во споредба со мај. Годишната стапка на инфлација остварена во вториот квартал од годината е малку над проектираното ниво, што упатува на потребата од натамошна претпазливост. Од друга страна, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока. И покрај тоа, неизвесноста околу идната динамика на цените на примарните производи на берзите е висока поради геополитичките тензии, позатегнатите трговски политики и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката.

Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. На крајот на јуни, нивото на девизните резерви изнесува 4.697,6 милион евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со јуни упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се во согласност со очекувањата според априлската проекција, додека трговскиот дефицит остварен во април и мај засега е понизок од проекциите за вториот квартал. Во првиот квартал од 2025 година, тековите во билансот на плаќања се близу до очекувањата.

Во првиот квартал од 2025 година, економската активност и натаму расте и изнесува 3,0%, што е слично со остварувањата во претходните два квартала и во согласност со очекувањата. Расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2025 година главно упатуваат на забрзување на економскиот раст, поткрепено од поволните движења во градежништвото, индустријата и угостителството. Ризиците за растот во наредниот период од надворешното окружување се претежно надолни, што се поврзува со високата непредвидливост во услови на геополитички и трговски тензии. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со којашто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од најважните фактори што ќе влијаат врз темпото на раст на домашната економија.

Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, којашто е над очекуваната динамика. Во јуни депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки од априлските проекции.

Општо земено, се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, согласно најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели и согледувањата за ризиците. Ризиците од надворешното окружување и натаму се изразени, а внимателно се следат и домашните фактори што можат да влијаат врз побарувачката, особено во услови на постојан пораст на реалните плати. Народната банка е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за да придонесе кон одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и на ценовната стабилност на среден рок.

Банки

Халкбанк го нуди Halk Smart пакетот со повеќе банкарски услуги за 150 денари месечно

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје го промовира Halk Smart пакетот, кој на корисниците им овозможува користење повеќе банкарски и дополнителни услуги за месечен надоместок од 150 денари.

Во рамки на пакетот се вклучени одржување на платежна сметка, дебитна картичка, електронско и мобилно банкарство, како и СМС известувања.

Корисниците на Halk Smart имаат можност и за повлекување готовина без надоместок од банкоматите на сите банки во земјата.

Дополнително, во пакетот е вклучена и услугата ORYX Home Assistance, која обезбедува 24-часовна помош при штети и дефекти во домот.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на Халкбанк.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Групацијата влегува во сопственичката структура на Дежелна Банка Словенија д.д

Објавено

на

НЛБ Групацијата склучи договор за купување акции со Скупина ПРВА д.д. и нејзините поврзани страни, за стекнување на 25.66% од акциите на Дежелна Банка Словенија д.д (ДБС), извести вчера НЛБ. Завршувањето на трансакцијата се очекува по добивањето на сите потребни регулаторни одобренија, најверојатно во втората половина од следната година. Покрај тоа, Групацијата ја разгледува и можноста за стекнување дополнителни акции во ДБС.

Со оваа планирана инвестиција, НЛБ Групацијата ја нагласува важноста на земјоделскиот сектор, област во која ДБС има значајно присуство преку своите производи и услуги. Во рамки на НЛБ Групацијата, земјоделството долго време се третира како сектор со пошироко општествено значење.

Во време кога светот се соочува со сè поголема неизвесност, можноста за обезбедување сигурен домашен синџир на снабдување со храна стана стратешко прашање. Словенечките земјоделци, производителите на храна, агро-прехранбените компании и земјоделскиот сектор во целина имаат клучна улога не само во обезбедувањето прехранбена сигурност, туку и во пошироката словенечка економија, националната отпорност, како и во зачувувањето на традицијата, идентитетот и иднината на нашето општество и словенечкиот пејзаж – истакнува Блаж Бродњак, главен извршен директор на НЛБ.

Бродњак посочи дека, како водечка Банка во Словенија, НЛБ има улога на клучен развоен партнер и додаде дека целта на планираното стекнување на овој сопственички удел е   дополнително зајакнување на системската улога на НЛБ и нејзин придонес во обликувањето на иднината на Словенија.

Компаниите од Групацијата ПРВА поседуваат сопственички удел во ДБС првенствено преку нивната улога како управувачи со пензиски фондови, чии инвестициски портфолија вклучуваат акции од Банката. Акции од Банката се дел и од инвестициските портфолија на Групацијата ПРВА и ПРВА Финансии.

Продолжи со читање

Банки

ММФ: Независна Народна банка е клучна за ценовната и финансиската стабилност

Објавено

на

Независноста на централните банки е клучна за зачувување на ценовната и финансиската стабилност, особено во услови на висока глобална неизвесност, зголемен јавен долг, геополитички тензии и брзи технолошки промени, оценува Бо Ли, заменик-генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд.

Во интервју со НБРМ, посветено на улогата на централните банки, Ли посочува дека искуството од различни земји покажува оти независните монетарни институции се во подобра позиција да ја контролираат инфлацијата, да ги стабилизираат инфлациските очекувања и навремено да реагираат на економски шокови.

Според него, тоа особено се покажало во периодот по пандемијата, кога централните банки одговориле со заострување на монетарната политика во услови на инфлација каква што не била забележана со децении.

Ли предупредува дека политичките притисоци врз монетарната политика можат да создадат сериозни економски последици. Доколку каматните стапки се одржуваат на пониско ниво од она што го бара економската состојба, може да следуваат повисока и подолготрајна инфлација, зголемени премии за ризик, девизни притисоци и намалување на инвестициската активност.

Притоа, како што посочува, најголемиот товар од високата инфлација најчесто го чувствуваат домаќинствата со најниски приходи.

„Доколку пазарите и јавноста стекнат впечаток дека одлуките се носат во функција на политички цели, наместо во согласност со законскиот мандат, се намалува довербата во институцијата, а со тоа и ефикасноста на монетарната политика“, предупредува Ли.

Тој нагласува дека независноста на централната банка не значи отсуство на отчетност. Напротив, таа мора да биде придружена со добро управување, транспарентност, јасна комуникација и силни механизми на отчетност.

Посебно внимание во интервјуто е посветено и на Северна Македонија. Според Ли, во мала и отворена економија со фиксен девизен курс, довербата во монетарните и финансиските институции има суштинска улога во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност и во создавањето услови за одржлив економски раст.

Тој оценува дека Народната банка во изминатите години континуирано ги зајакнувала рамките за носење политики, транспарентноста и комуникацијата, притоа задржувајќи јасен фокус на исполнувањето на својот мандат.

„Овие напори придонесоа за зајакнување на довербата на јавноста и за одржување на макроекономската стабилност, особено во периоди на зголемена глобална неизвесност“, посочува заменик-генералниот директор на ММФ.

Ли додава дека за малите економии институционалниот кредибилитет е особено важен при надворешни шокови, како нестабилни цени на примарните производи или промени во условите за надворешно финансирање.

За одржување на довербата, според него, потребни се јасен законски мандат, оперативна автономија, доследни политики, квалитетни податоци, професионален кадар и координација со останатите макроекономски политики.

ММФ, пак, ја поддржува независноста на централните банки преку совети за политики, техничка помош, обуки и истражувања.

Ли ја издвојува Северна Македонија и како позитивен пример во однос на транспарентноста. Земјата била меѓу првите во кои била спроведена проценка според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ, при што било утврдено дека Народната банка применува напредни практики на транспарентност и ужива висок степен на доверба кај јавноста.

Извор: NBRM

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange