Интервјуа
Интервју | ЕМИЛИЈА КРАЈЧЕВА: Финансиски партнер за секојдневието – 25 години Штедилница Можности
По повод 25-годишниот јубилеј на Штедилница Можности, разговаравме со г-ѓа Крајчева, извршен директор на институцијата, за значењето на овој важен момент, клучните достигнувања и визијата за иднината. Во интервјуто, таа споделува како од скромни почетоци, Штедилница Можности прерасна во стабилен и доверлив финансиски партнер на илјадници граѓани и мали бизниси низ цела Македонија. Фокусот на микрофинансирање, финансиска едукација и дигитална трансформација се само дел од темите на разговорот, кои ја покажуваат нејзината посветеност на социјално одговорно и инклузивно работење.
Банкарство: Г-ѓа Крајчева, најпрво честитки за јубилејот! Како гледате на развојот на Штедилница Можности во изминатите 25 години и нејзината улога во финансискиот сектор во Македонија? Кои се клучните достигнувања што би ги издвоиле како најзначајни во историјата на Штедилница Можности?
Емилија Крајчева: Пред се сакам да се заблагодарам на честитката за јубилејот 25 години Штедилница Можности и благодарност и до Вас како медиум, што активно сте вклучени во објективно и едукативно информирање во делот на финансискиот пазар и трендовите поврзани со него.
25 години или четврт век постоење, претставуваат значаен јубилеј за нас и доказ дека сме изградиле институција која има долгорочна визија, одржлива стратегија и долгорочни релации со клиентите.
Штедилницата изминативе 25 години го следи трендот и развојот на финансискиот пазар, бидејќи тоа е и единствениот предуслов за да се одржите како институција. Станува збор за многу динамичен и конкурентен пазар од една страна, но и значајно регулиран од НБРСМ од друга страна. За да се опстане и развива во ваква динамична средина потребно е многу посветеност, одговорност и истрајна работа. Фокусот на Штедилница Можности е микрофинансирањето, нејзината улога и учество во делот на нано и микро кредитирањето е голема и значајна. Да се делува во тој сегмент е од големо значење особена за една економија како нашата, бидејќи се допира до еден сегмент на кредитирање за кој што е потребна голема посветеност, едукација а истовремено се поддржуваат физички лица и бизниси кои креираат нови работни места и учинок во екомонијата.
Довербата којашто ни е доверена од страна на штедачите сите овие 25 години исто така дава дополнителна вредност и сатисфакција во нашето работење и делување.
Особено сме горди што сме прва финансиска институција која уште пред 20 години ја препозна важноста на поддршка на домаќинствата во делот на инвестирање во енергетска ефикасност за нивните домови поддржувајќи инвестиции во одржливи решенија.
Преку финансиската едукација, вложуваме во знаење и свесност, за граѓаните да носат подобри и поодговорни лични одлуки. Овие вредности се темелот на нашата мисија – поддршка на луѓето и нивни партнер за одржлив и инклузивен развој.
Вредност којашто ја создаваме се задоволни корисници – физички лица штедачи, претприемачи што ги поддржуваме, како и финансиски писмени млади генерации.
Банкарство: Како успеавте да изградите доверба кај клиентите и да се етаблирате како лидер меѓу штедилниците на македонскиот пазар?
Емилија Крајчева: Од скромни почетоци до модерна финансиска институција, штедилницата ги совлада сите предизвици и покажа дека вредностите како одговорност и грижа за заедницата се темелот на долгорочниот успех. Низ овие 25 години посветена работа, не само што ги унапредувавме своите услуги, исто така инвестиравме и во развој на човечкиот капитал, нови технологии и соработки. Особено сме благодарни на нашите вработени и довербата на нашите клиенти.
Довербата не се гради преку ноќ, градењето на истата е долг процес на многу работа и стратешки пристап кој е комбинација од транспарентност, квалитет на услуга, доследност и грижа и достапност за клиентот. Успеавме да останеме доследни на нашата мисија, поддршка на луѓето и нивните идеи. Нашите клиенти не се бројка, тоа се бројни успешни реализирани идеи и приказни кои се преточиле во фамилијарни бизниси, работни места и влијание во заедницата. Секогаш се трудиме да ги разбереме реалните потреби на нашите клиенти и да понудиме решенија што навистина ќе помогнат, а во исто време водејќи грижа да не бидат кредитно презадолжени. Брзата и персонализирана услуга, јасните и прилагодени продукти за секој клиент, сето тоа потврдено со одговорно кредитирање ја дава нашата формула за успех.
Банкарство: Штедилница Можности е препознатлива по поддршката на микро, мали и семејни бизниси. Кои производи и услуги денес ги нудите за да им овозможите полесно и поефикасно менаџирање со нивните финансии?
Емилија Крајчева: Да, штедилницата од своето основање до денес е препознатлива токму по поддршката што ја дава на микро, мали и семејни бизниси, која поддршка не е само финансиски средства, туку и финансиско советување и едукација. Поддршката за овој сегмент значи прилагодување на кредитните продукти согласно нивните потреби, поволни кредити, финансиско советување и флексибилни услуги што им помагаат на овие бизниси, не само да опстанат туку и да растат, да инвестираат и да креираат одржливи работни места. Тоа исто така значи и градење долгорочни партнерства со локалната економија.
Во Штедилница Можности, веруваме во персонализиран пристап кон секој клиент. Нашите производи и услуги се внимателно дизајнирани според потребите, капацитетите и целите на различни групи корисници. Применуваме модел на сегментација кој придонесува за стабилност и квалитет на нашето кредитно портфолио.
Нудиме посебни решенија за микро и мали бизниси, фармери, индивидуални клиенти – вработени, пензионери и студенти. По анализа на профилот и потребите на секој клиент, заедно го избираме најсоодветниот финансиски производ или комбинација од услуги.
Банкарство: Какви се условите и пристапот кон кредитирање за физички лица – вработени, пензионери, студенти? Што ја издвојува Штедилница Можности од останатите финансиски институции во овој сегмент?
Емилија Крајчева: Условите и пристапот кон кредитирање на физички лица, сме фокусирани да ги прилагодиме на нивните финасиски можности со конкуретни ценовни услови, брзина во услуга и едноставна процедура, а при тоа во согласност со законската рамка. Применуваме индивидуален пристап, со брза обработка и поддршка во целиот процес, не само до момент на одобрување на кредитите, туку во целиот животен век на кредитната изложеност на клиентот. Штедилница Можности нуди лично внимание, доверлив однос, професионална комуникација со клиентите и понуда на решенија креирани според специфични потреби и сегмент. Главен фокус ни е доверба, стабилност и долгорочна соработка.
Банкарство: Како ја одржувате брзината, флексибилноста и ефикасноста во процесот на кредитирање и дали новоотворените финансиски друштва се конкуренција за вашиот сегмент на работа?
Емилија Крајчева: Брзината, флексибилноста и ефикасноста ги одржуваме преку добро организирани интерни процедури, кои се флексибилни и ги менуваме согласно потребите на клиентите, стручните тимови и директна комуникација со клиентите. Дел од процесите се децентрализирани на ниво на експозитури, но сето тоа носи во насока на постојано градење и развивање и на системот на контрола со цел одржување на квалитетна ефикасност на ниво на институција. Секако секој нов чинител на финансискиот пазар е потенцијална конкуренција, но ние на конкуренцијата гледаме позитивно, бидејќи нашите конкурентски предности кои ги издвојуваме се довербата која што ја градиме сите овие изминати 25 години, стабилност и деловен однос со клиентите, што тешко се постигнува на краток рок.
Банкарство: Обезбедување депозити е една од клучните и примарни активности на штедилниците. Кои се тековните понуди за штедење што ги нуди Штедилница Можности во своето портфолио и дали каматните стапки се поконкурентни во однос на банките? Дополнително, каква е вашата стратегија за промовирање на навиката за штедење?
Емилија Крајчева: Со гордост можеме да кажеме дека довербата која што ни ја даваат штедачите е од големо значење за нас, како една од примарните и клучни активности на штедилницата во делот на прибирање на денарски депозити од физички лица. Во моментот нашата понуда на штедни продукти се: денарски депозит и отворен денарски депозит со услови конкурентни на пазарот. Штедилницата нуди можност за месечно подигнување на камата или подигање по истекот на рокот на орочување. Сите депозити на Штедлиница Можности се осигурани и во Фондот за осигурување на депозити и примена на законот во тој дел. Стратегијата која што ја негуваме и развиваме сите овие години во делот на зголемување на навиките за штедње, генерално вклучува едноставни и флексибилни штедни продукти, редовна финансиска едукација и персонализирана поддршка, која мотивира одговорно и сигурно штедење кај клиентите за својата иднина. Штедењето го промовираме преку едукативни кампањи кај младата популација со цел кревање на свеста за штедење од рана возраст, индивидуални совети и преку поддршка на проекти за финансиска писменост.
Банкарство: Во 2023 година беше донесен нов закон за платежни услуги и платни системи од Народната банка. Дали се зголемија обврските и одговорностите на штедилниците со новиот закон и како овие промени влијаеа врз вашето работење?
Емилија Крајчева: Со промените кои што се во делот на платежни услуги и платни системи односно новиот Закон за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти од Народна банка, за штедилницата секако се отвараат нови можности на кои што посветено се работи се цел да се искористат истите согласно делувањето на штедилницата.
Банкарство: Новиот Закон за платежни услуги и платни системи им овозможува на штедилниците да нудат платежни услуги. Колку Штедилница Можности е во тренд со дигиталната трансформација и какви новини и дигитални решенија може да очекуваат вашите клиенти во блиска иднина од аспект на нови услуги и производи?
Емилија Крајчева: Дигиталната трансформација не е еднократен процес, и тешко може било кој чинител во било која област да дефинира дека е целосно дигитално трансформиран, бидејќи тоа е тренд кој прогресивно се менува со многу брза динамика. Но, можеме да кажеме дека штедилицата има своја дигитална стратегија, гледаме можности во иднина на дигитализација на одредени услуги, воведување на иновативни финансиски продукти како и проширување на поддршката за нашите клиенти физички лица и за микро и мали бизниси. Тоа еден комплексен процес кој што бара макро пристап и е повеќенасочен процес, која бара дигитални реформи и едукација во пошироки размери. Секако штедилницата и во овој дел посветено работи со цел подобрување на услугите, зголемување на ефикасноста и олеснување на пристапот до финасии за сите постоечки но и потенцијални клиенти.
Банкарство: Штедилница Можности има 11 свои експозитури во 10 различни градови низ државата. Дали постојат планови за проширување на оваа мрежа на експозитури и отворање на нови во градовите во кои се уште не сте присутни?
Емилија Крајчева: Во изминатите години успешно изградивме мрежа која овозможува квалитетна и навремена услуга за нашите клиенти во различни региони низ државата. Континуирано ја следиме динамиката на пазарот и потребите на пазарот, и во таа насока, отворени сме за можности што ќе придонесат за понатамошен развој.
Наш фокус останува на подобрување на пристапноста – како преку физичко присуство, така и преку дигитални канали, со цел да бидеме уште поблиску до клиентите, без разлика каде се наоѓаат.
Штедилницата има експозитури во 10 градови низ државата, но тоа не значи дека градовите кои што немаат експозитури не се достапни за услугите на штедилницата, бидејќи нашите експозитури покриваат поголем регион од само градот во кој што се лоцирани. Секако ние внимателно ги анализираме потребите на пазарот, и доколку постои економска оправданост за истото секогаш постои можност и за одлука за нова експозитура.
Интервјуа
Дигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
Македонскиот банкарски сектор во изминатите години поминува низ значајна трансформација, поттикната од дигитализацијата, променетите навики на клиентите и растечкиот интерес за нови форми на инвестирање. Во такви услови, банките сè повеќе се позиционираат како финансиски партнери кои, покрај традиционалните услуги, нудат пристап до современи инвестициски решенија и дигитални финансиски алатки.
Во најновото издание на емисијата FinSight, гостин е Беркан Имери, член на Управниот одбор на Халк Банка, една од најбрзорастечките банки на македонскиот пазар во последните години.
Во интервјуто, Имери говори за развојниот пат на банката, промените во финансиското однесување на граѓаните и компаниите, како и за предизвиците и можностите што ги носи новата економска реалност.
Посебен акцент е ставен на сè поголемиот интерес на домашните инвеститори за вложување во хартии од вредност на меѓународните пазари, тема која добива на значење во услови на глобализирани финансиски текови и потреба од диверзификација на инвестициите.
Во разговорот се анализираат и актуелните движења на каматните стапки на депозитите и кредитите, побарувачката за станбени кредити, како и најчестите причини поради кои граѓаните се задолжуваат.
Дополнително, Имери зборува за искористеноста на средствата од унгарската кредитна линија од страна на македонските компании, улогата на банките во поддршката на бизнис-секторот и можностите за понатамошен економски развој.
Во време кога дигиталните услуги стануваат стандард, интервјуто отвора и важни прашања поврзани со сајбер безбедноста, заштитата од финансиски измами и иднината на безготовинските плаќања. Дали мобилниот телефон ќе стане главна алатка за плаќање и дали класичните платежни картички постепено ќе ја губат својата улога се дел од темите на кои Имери дава свој осврт.
На крајот од разговорот, тој ги открива и стратешките приоритети на Халк Банка за следните пет години, визијата за понатамошен раст и позиционирање на банката во сè поконкурентна финансиска средина.
Целото интервју со Беркан Имери во FinSight можете да го проследите во продолжение.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
Филомена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
Како изгледа иднината на плаќањата во време кога дигитализацијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на кој купуваме, плаќаме и управуваме со сопствените финансии?
На овие и на многу други актуелни прашања одговори дава Филомена Пљакоска Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на CaSys, во најновата епизода на поткастот FinSight, реализирана со поддршка на GEA – Алијансата за родова еднаквост при АЕТСМ.
Во разговорот се отвораат теми поврзани со улогата на CaSys во развојот на современата платежна инфраструктура во земјата, како и предизвиците и можностите што ги носи забрзаната дигитална трансформација на финансискиот сектор.
Дали мобилниот телефон постепено го заменува традиционалниот паричник? Се менуваат ли навиките на граѓаните кога станува збор за плаќањата и дали пластичната платежна картичка ќе остане дел од нашето секојдневие и во иднина? Ова се само дел од прашањата за кои се дискутира во интервјуто.
Пљакоска Аспровска зборува и за подготвеноста на македонското општество за безготовински плаќања, трендовите во користењето на платежните картички, како и за улогата на институциите во градењето поголема доверба кај граѓаните во дигиталните начини на плаќање.
Во фокусот на разговорот е и развојот на е-трговијата во Македонија. Каде се наоѓаме во споредба со земјите од регионот и со развиените европски пазари? Зошто дел од граѓаните сè уште се воздржани кога станува збор за онлајн купување и како можат подобро да се заштитат од злоупотреби и интернет измами?
Интервјуто обработува и теми поврзани со токенизираните плаќања, нивната безбедност и разликите во однос на традиционалните картични трансакции, како и очекувањата за тоа како ќе изгледаат плаќањата во следната деценија.
Дополнително, се разговара и за трансформацијата на банките во дигиталната ера, односно дали финансиските институции постепено стануваат технолошки компании, како и за активностите на Casys во областа на родовата еднаквост и намалувањето на разликите меѓу мажите и жените на работното место.
Новата епизода на FinSight е достапна на YouTube каналот на Банкарство.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
FinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
Разговараме со Нина Ангеловска Станков по повод издавањето на нејзината прва книга „Ништо случајно“, во која се навраќа на професионалните и животните лекции што ги стекнала низ годините.
На прашањето дали денес би променила нешто во одлуките што ги носела, Ангеловска вели дека не се кае за ниту еден чекор.
„Од денешен аспект, за ништо не се каам. Секако дека некои работи сум можела да ги направам подобро, бидејќи верувам дека во животот секогаш можеме да направиме нешто подобро“, вели таа.
Според неа, најважно е чувството дека во секој момент го дала својот максимум.
„Главното чувство кое го имав и тогаш, а и сега додека ја пишував книгата, е дека сум го дала мојот апсолутен максимум во секоја дадена околност“, посочува Ангеловска.
Зборувајќи за периодот кога ја извршуваше функцијата министерка, таа признава дека искуството од приватниот сектор не секогаш било лесно применливо во политиката.
„Мислам дека во некои ситуации можев да бидам уште подипломатична на почетокот и потрпелива. Доаѓав од приватен сектор каде што работите се одвиваат многу побрзо и каде што, ако има аргументи, разговорот завршува и започнува реализацијата“, објаснува таа.
Но, политиката функционира по поинакви правила.
„Во политиката аргументот е само почетокот на разговорот“, вели Ангеловска.
Таа открива и една порака што ја добила кога стапила на функцијата министерка, а која останала како една од најважните животни лекции.
„Еден пријател ми напиша: ‘Пливај како делфин во морето на ајкули’. Мислам дека тоа е една од лекциите што ги научив“, заклучува Ангеловска во разговорот за FinSight.
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Советипред 2 месеци
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата
-
Продуктипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Редовното инвестирање е пат до посигурна финансиска иднина
-
Бизниспред 2 месециДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари
-
Бизниспред 2 месеци„МЕПСО“ ја обжали одлуката во спорот со „Енергоинвест“, уверени се во победа на арбитражa
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со кредитна линија за поддршка и развој на одржлива земјоделска активност во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)
-
Останатопред 2 месеци
УЈП испрати над 860.000 даночни пријави, граѓаните имаат рок до 31 мај за потврда


