Осигурување
Групација ТРИГЛАВ: Резултатите во 2024-та година над очекувањата, поставени високи стратешки амбиции до 2030-та година
Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав го потврди ревидираниот годишен извештај на Групација Триглав и матичното друштво за 2024-та година. Групација Триглав во 2024-та година ги надмина плановите и оствари деловен резултат пред оданочување од 159 милиони евра, додека нето добивката изнесуваше 131,4 милиони евра. До 2030-та година, Групација Триглав постави стратешка амбиција да ја удвои добивката, значително да го зголеми обемот на деловното работење и обемот на средствата со кои што управува. Управата и Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на овогодинешното собрание на акционери ќе предложат исплата на дивиденда во бруто износ од 2,80 евра по акција, односно вкупен износ од 63,7 милиони евра. Предложената дивиденда им гарантира на акционерите дивиденден принос од 6 проценти.
Во 2024-та година, Групацијата Триглав оствари вкупен обем на деловно работење од 1,72 милијарди евра, што е над планираната вредност од околу 1,6 милијарди евра. Покрај добрите резултати, и во осигурителната дејност и во управувањето со средства, врз работењето позитивно влијаеја и поволните услови на финансиските пазари, релативно поволните штетни побарувања и еднократните настани, особено ефектите во сегментот Здравје. Деловниот резултат на Групацијата пред оданочување достигна 159 милиони евра, а нето добивката изнесуваше 131,4 милиони евра. Комбинираниот количник на сегментите неживотно и здравствено осигурување, изнесуваше поволни 93,6 проценти. Групацијата Триглав ја зацврсти својата водечка позиција на пазарот на осигурување како во Словенија, така и во регионот Адриа и има висока кредитна оцена „А“ со подобрени, позитивни среднорочни изгледи. Групацијата е добро капитализирана, а детални информации за солвентноста и финансиската состојба на Групацијата и нејзиното матично друштво се достапни во извештаите на следниот линк.
Претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, изјави:
„Во 2024-та година остваривме одлични резултати во сите сегменти на работењето и значително ги надминавме плановите, задржувајќи ја финансиската стабилност и капиталната постојаност. Со 2025-та година влегуваме во нов стратешки период до 2030-та година, за кој што поставивме високи амбиции.“
Во 2025-та година, Групацијата Триглав планира да оствари деловен резултат пред оданочување во износ од 130 до 150 милиони евра (нето деловен резултат помеѓу 100 и 120 милиони евра). Стратешката амбиција на Групацијата е до 2030-та година да го удвои деловниот резултат пред оданочување, односно да достигне износ помеѓу 250 и 300 милиони евра. Групацијата планира понатамошно зајакнување на обемот на своето работење, при што ќе внимава на диверзификација и од географски и од продуктно-услужен аспект, како и на зајакнување на своето присуство на пазарите надвор од Словенија. Групацијата ја зголемува својата видливост како меѓународна осигурителна и финансиска групација, што претставува и нејзина визија. Планирано е вкупниот обем на работење во 2025-та година да надмине 1,8 милијарди евра, со амбиција до 2030-та година да достигне износ од 2,5 до 3 милијарди евра. Групацијата има за цел да ги зајакне средствата под управување, при што нејзината амбиција е тие да надминат 10 милијарди евра до 2030-та година. Групацијата ќе го надградува амбициозно планираниот органски раст со можни преземања, доколку се појават соодветни услови за тоа.
ГРУПАЦИЈА ТРИГЛАВ НА МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР
Групацијата Триглав на македонскиот пазар ја сочинуваат компаниите Триглав Осигурување, Триглав Осигурување Живот и Триглав Пензиско друштво. Триглав Осигурување и Триглав Осигурување Живот, во 2024-та година го зголемија вкупниот обем на деловно работење за 15 проценти и достигнаа 38 милиони евра, додека вкупната бруто полисирана премија изнесуваше 35,9 милиони евра (31,3 милиони евра претходната година). Со пазарен удел од 13,8 проценти, Групацијата го задржа третото место на пазарот, на кој што моментално работат 17 осигурителни друштва и премијата во 2024-та година е зголемена за 11,3 проценти.
Триглав Осигурување Скопје во 2024-та година оствари раст на премија во доменот на неживотни осигурувања од скоро 10%, споредено со претходната година. Компанијата ја заврши 2024-та година со пазарен удел од 12,4 проценти, задржувајќи го трендот од 2023-та година. „Триглав Осигурување континуирано ја добива највисоката оцена за углед на македонскиот пазар на осигурување и претставува прв избор на клиентите кога станува збор за осигурување. Посветени сме на искористување на моќта на технологијата, за да им обезбедиме на нашите клиенти одлично корисничко искуство. Во 2024-та година воведовме можност за онлајн пријава на осигурени случаи по доброволното приватно здравствено осигурување, што им користи и на клиентите, кои можат брзо и безбедно да поднесат барање за поврат на трошоци од далечина, и на нас, бидејќи решението значително ги оптимизира процесите на управување со побарувања и обезбедува транспарентност на процесот на пријава,“ изјави Главниот извршен директор на компанијата, г. Ѓорѓе Војновиќ.
Триглав Осигурување Живот Скопје го зголеми својот удел на пазарот на животно осигурување на 20,5 проценти, со висок раст на премијата за осигурување (индекс 131). „Горди сме што со нашето работење придонесуваме кон развојот на целиот осигурителен пазар. Веруваме дека преку иновации, стабилност, одговорност и посветеност на клиентите ја зајакнуваме нивнота доверба во осигурувањето. Во 2024-та година, воведовме дигитални услуги, кои што им овозможуваат на надворешните продажни канали, како што се банките, во реално време да издаваат понуди за животно осигурување на своите клиенти. Со директно поврзување на нивните деловни системи со нашиот, тие можат да пристапат до соодветни понуди без потреба од повторно внесување на податоци преку нашиот продажен портал. Ова значително ја намалува можноста за грешки и го поедноставува процесот на издавање понуди, обезбедувајќи поголема точност и ефикасност,“ изјави Христина Џамбазовска Анастасов, генерална директорка на Триглав Осигурување Живот Скопје.
И Триглав Пензиско друштво оствари добри резултати, управувајќи со средства од речиси 209 милиони евра на крајот од 2024-та година (индекс 141 во однос на 2023-та година). „Во 2024-та година, сите наши развојни активности беа насочени кон полесен дигитален пристап и подобро корисничко искуство. Успеавме да ги унапредиме и надградиме постојните дигитални решенија, како и да развиеме, тестираме и лансираме нова мобилна апликација за увид во пензиските сметки. И во 2025-та година, остануваме посветени на нашите деловни цели, преку совесно, ефикасно и транспарентно работење, со кое овозможуваме подобри услови и поголема сигурност за нашите осигуреници и вработени,“ изјави г. Тихомир Петрески, претседател на Управниот одбор на Триглав Пензиско друштво.
Осигурување
Еуролинк осигурување го зголеми капиталот на над 20,5 милиони евра
Еуролинк осигурување го зголемува капиталот за 5,85 милиони евра, со средства обезбедени од матичната компанија Grazer Wechselseitige Versicherung AG, дел од групацијата ГРАВЕ со седиште во Грац, Австрија.
Одлуката за докапитализација беше разгледана на Собранието на акционери, а по нејзиното усвојување вкупниот капитал на компанијата надминува 20,5 милиони евра, односно достигнува 1,26 милијарди денари.
Со ова капитално зајакнување, Еуролинк осигурување ја зацврстува својата финансиска позиција на домашниот пазар. Според компанијата, капиталот сега е 6,8 пати повисок од законски пропишаниот гарантен фонд и 5,5 пати повисок од потребното ниво на солвентност.
Од компанијата наведуваат дека докапитализацијата е дел од стратешките планови за идни инвестиции, развој на нови деловни можности и проширување на присуството во нови сегменти на финансискиот пазар.
Претседателката на Управниот одбор на Еуролинк осигурување, Марија Томеска, оцени дека инвестицијата е потврда за довербата што акционерот ГРАВЕ ја има во компанијата и во македонскиот осигурителен пазар.
„Ни претставува особена чест што нашиот акционер ГРАВЕ продолжува да го препознава потенцијалот на македонскиот осигурителен пазар и преку Еуролинк осигурување ја реализира својата стратегија за понатамошно зајакнување и развој на своето присуство во земјата“, изјави Томеска.
Таа додаде дека новото капитално зајакнување доаѓа во период кога компанијата веќе има високо ниво на капитална адекватност и солвентност, што, според неа, отвора простор за дополнителни инвестиции, иновации и раст.
Претседателот на Одборот на директори на групацијата ГРАВЕ и претседател на Надзорниот одбор на Еуролинк осигурување, Клаус Шајтегел, посочи дека македонскиот пазар е меѓу пазарите во кои групацијата гледа долгорочен потенцијал.
„Оваа докапитализација е дел од нашата долгорочна стратегија за развој во регионот и претставува инвестиција во идните можности на македонскиот финансиски пазар“, изјави Шајтегел.
Еуролинк осигурување најавува дека и натаму ќе се фокусира на унапредување на услугите, дигитализација на процесите и развој на современи осигурителни и финансиски решенија прилагодени на потребите на клиентите.
Осигурување
Halk Insurance со порака до возачите: Возете со доверба и заштитено
Halk Insurance АД Скопје преку објава на социјалните мрежи ја истакна важноста на сигурноста при секое патување и потсети на придобивките од каско осигурувањето.
Од компанијата порачуваат дека секое патување е поубаво кога возачите можат да се фокусираат на патот, друштвото и моментите што ги создаваат, а чувството на сигурност зад воланот го прави секој километар полесен и секоја дестинација поблиска.
„Возете со доверба. Возете заштитено“, стои во пораката на Halk Insurance.
Објавата е дел од комуникацијата на компанијата за промоција на каско осигурувањето, со акцент на безбедното возење, мирната глава и сигурноста на патот.
Осигурување
Македонија Осигурување и Винер меѓу најголемите корисници на брокерскиот канал во првиот квартал
Брокерските и застапничките друштва во првиот квартал од годинава пласирале милионски износи премија кон осигурителните компании, а најголем дел од средствата завршиле кај водечките компании во сегментот на неживотно осигурување.
Според податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување, преку посредниците најмногу премија е реализирана кон Македонија Осигурување, која во повеќе случаи е доминантен примател на договореното осигурување.
Значителен удел имаат и Триглав Осигурување, Сава Осигурување, Винер Виена Иншуренс Груп, Еуролинк Осигурување и Халк Осигурување.
Меѓу најактивните посредници се издвојуваат Актива Осигурување и Тренд МР, кои во првиот квартал реализирале значителен број договори во повеќе класи на осигурување.
Податоците покажуваат дека најголем интерес кај клиентите и натаму има за автомобилската одговорност, осигурувањето од незгода и имотното осигурување. Само кај Актива Осигурување биле склучени 4.887 договори за автомобилска одговорност, додека Тренд МР реализирал повеќе од 4.000 договори во оваа категорија.
Во сегментот на имотно осигурување од пожар и други опасности, како и туристичка помош, исто така се бележи значителна активност, што упатува на постепено проширување на интересот на граѓаните и компаниите кон различни видови осигурителна заштита надвор од задолжителното автомобилско осигурување.
Овие показатели потврдуваат дека неживотното осигурување останува најголемиот сегмент на домашниот осигурителен пазар, а водечките компании продолжуваат да се натпреваруваат за поголем удел преку брокерите и застапничките мрежи.
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата
-
Бизниспред 2 месециДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со кредитна линија за поддршка и развој на одржлива земјоделска активност во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со зголемен максимален износ на станбените кредити и нова промоција – Без манипулативни трошоци и трошоци за проценка
-
Банкипред 1 месецХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 1 месецАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 1 месец
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги

