Банки
Како да препознаете и спречите phishing измами поврзани со банкарски услуги?
Во дигиталното доба, сајбер измамите сè почесто се таргетирани кон корисници на финансиски услуги. Една од најчестите форми е phishing – измама со која преку лажни пораки се прибираат лични или финансиски податоци.
Замислете ја следнава ситуација: додека проверувате е-пошта, добивате порака со наслов „ИТНО: Вашата сметка е загрозена!“. Притисокот од пораката и нејзината формулација често резултираат со импулсивна реакција – клик на линкот за „спас“. Но, токму тој клик може да биде отворена врата за сајбер измамниците.
Како функционира phishing?
Phishing пораките обично изгледаат како да доаѓаат од легитимна институција, банка, пошта, интернет провајдер. Измамниците користат сличен визуелен идентитет (лого, боја, стил на пишување), за да ја добијат довербата на корисникот. Целта е прибирање чувствителни информации:
- лични податоци
- корисничко име
- лозинки
- ПИН
- број на платежна картичка
- CVV број
- други лични сензитивни податоци
Некои phishing пораки водат кон страници што симулираат официјални веб-страници, но служат за внес и кражба на податоци. Други пак, инсталираат малициозен софтвер.
Како да ги препознаете?
Иако изгледаат убедливо, phishing пораките често содржат „црвени знаменца“:
- агресивен тон со барање за итна реакција
- линкови кои водат на сомнителни или нестандардни URL адреси
- барање за внес на лични или финансиски податоци
- правописни или граматички грешки
Како да се заштитите?
Најдобра заштита е внимание и смиреност.
- Никогаш не внесувајте податоци преку линкови од сомнителни пораки
- Секогаш пристапувајте до банкарските услуги преку официјалната веб-страница
- Не отворајте прилози или линкови од непознати испраќачи
- Редовно ажурирајте ги лозинките и користете двофакторска автентикација
Што ако веќе сте кликнале?
Не паничете, но реагирајте веднаш:
- Контактирајте ја вашата банка
- Променете ги сите релевантни лозинки
- Пријавете го случајот кај надлежните институции
Запомнете: Банките никогаш не бараат преку е-пошта или порака да внесувате лозинки, број на картичка, ПИН или други сензитивни информации. Ако нешто изгледа сомнително – веројатно е сомнително.
Банки
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот останува 2% и во четвртото тримесечје од 2027 година
Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на истото ниво од 2%. Одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со вториот квартал од 2026 година. Оваа стапка ќе важи од четвртото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем.
Банкарскиот систем е стабилен и отпорен на шокови, што го потврдуваат резултатите од стрес-тестовите, а се гледа и преку соодветната капитализираност и ликвидност, ниската стапка на нефункционални кредити и солидната профитабилност.
Одлуката за задржување на истата стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот е поткрепена и со макропрудентните мерки преземени на крајот од минатата година и измените кај задолжителната резерва, во билансите на банките, при што се забележува подобрување на структурата на новоодобрените кредити според висината на ЛТВ и ДСТИ, а кај депозитите на домаќинствата и натаму се бележат поволни поместувања од аспект на рочната и валутната компонента.
Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонесла за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и редовно, на квартална основа, ќе ја преоценува висината на стапката.
Банки
ТТК Банка ја исплати првата годишна камата на третата емисија корпоративни обврзници
ТТК Банка АД Скопје на 18 септември 2026 година ја исплати првата годишна камата на сопствениците на корпоративни обврзници од третата емисија, со ISIN MKTTKS200038 и шифра TTKO3.
Пресметката на камата е извршена по фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво. Право на исплата на камата имаа сите лица регистрирани во книгата на иматели на корпоративна обврзница – трета емисија во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје заклучно со 17 септември 2026 година.
Третата емисија на корпоративни обврзници ТТК Банка ја реализираше во септември 2025 година од коишто за кратко време се запишаа и уплатија 100% од понудените 1.000 обврзници по номинална вредност од 1.000 евра, со рок на доспевање од шест години, а во вкупна вредност од 1.000.000 евра и фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво.
Со исплатата на првата годишна камата, ТТК Банка ја реализира првата каматна обврска кон инвеститорите по основ на оваа емисија корпоративни обврзници.
Банки
Стопанска банка и годинава поддржувач на фестивалот „Браќа Манаки“
Стопанска банка АД – Скопје и годинава ја продолжува својата поддршка на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој од 19 до 25 септември ќе се одржува во Битола.
Фестивалот, кој веќе 47 години ја слави филмската уметност, традиционално ги собира врвните кинематографери од целиот свет, претставувајќи ги нивната визија, креативност и придонес во создавањето на филмската магија.
Под мотото „На страната на филмот“, Стопанска банка и оваа година е пријател и поддржувач на престижната културна манифестација.

Од Банката ги повикуваат љубителите на седмата уметност од 19 до 25 септември во Битола заедно да ја споделат магијата на филмот.
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 1 месецНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 1 месецОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје





