Connect with us

Интервјуа

Интервју | ВЛАТКО ПЕТРЕВСКИ: Corvus Pay – Повеќе од 15 години во служба на дигиталните плаќања

Објавено

на

Во време кога дигиталната трансформација станува императив за секоја индустрија, Corvus Pay веќе 15 години успешно ја обликува иднината на онлајн плаќањата во регионот. Како еден од пионерите во оваа област, компанијата не само што ги следи светските трендови, туку и активно придонесува за нивното креирање преку развој на иновативни решенија, сигурност на трансакциите и беспрекорно корисничко искуство.

Со сè поголемо присуство и на македонскиот пазар, Corvus Pay има јасна визија – да биде клучен играч во дигитализацијата на локалната економија, поврзувајќи ги трговците и потрошувачите со европските стандарди за брзо, безбедно и едноставно плаќање.

Во интервју за Банкарство.мк, разговараме со Влатко Петревски, Country Manager за Македонија во Corvus Pay, кој споделува детали за развојот на компанијата, клучните иновации и идните планови за локалниот пазар.

Банкарство: Corvus Pay е присутен на пазарот повеќе од петнаесет години. Како се менуваа трендовите во дигиталните плаќања и која беше вашата улога во тие промени?

Влатко Петревски: Во изминатите 15 години, светот на дигиталните плаќања помина низ значителни трансформации – од основни интернет-трансакции, преку мобилни плаќања, до токенизација и дигитални паричници. Corvus Pay е еден од пионерите во регионот во онлајн плаќањата – сите овие години ја унапредуваме нашата услуга и додаваме нови начини на плаќање имајќи ги предвид трендовите, потребите на трговците и купувачите, како и специфичностите на поединечни пазари. Го следиме чекорот со новите регулативи и можностите што тие ги нудат. Некои услуги ги развивавме од нула и буквално ги пробивавме пазарите, креирајќи патишта. Од самиот почеток сме усогласени со строгите барања на картичната индустрија и постојано го поседуваме PCI DSS Level 1 сертификатот кој претставува највисоко ниво на безбедност во нашата дејност. Континуирано ги едуцираме трговците и нивните купувачи, но и ги слушаме и учиме од нив и така доаѓаме до нови идеи. Сето тоа пазарот го препозна и ни даде доверба, и затоа сме денес тука каде што сме.

Банкарство: Кои иновации доаѓаат од Corvus Pay и која би ја издвоиле како најважна технолошка предност за корисниците?

Влатко Петревски: На пазарите на кои што сме присутни, сакаме на трговците да им овозможиме со една интеграција на CorvusPay да понудат различни методи на плаќање на своите купувачи – вклучувајќи ги и оние што ние сме ги развиле, но и методи развиени од други со кои сме интегрирани.
Во рамки на нашиот Internet Payment Gateway, целта ни се едноставни, брзи и сигурни плаќања. Имаме повеќе опции на располагање каде што плаќањето се сведува на еден клик или дури оди и без клик, ако купувачот ја сочува картичката и даде согласност трговецот периодично да го задолжува директно од својот систем – на пример за претплати за ТВ-содржини.

Врз основа на PSD2 регулативата, веднаш по стапување на сила на законот, добивме лиценца за услуга на плаќање директно од сметка на сметка во процесот на наплата, без користење картички, како и услуга за прифаќање плаќања. Лиценцата моментално важи за територијата на Европската унија, но очекуваме да се прошири и на други пазари во регионот.

Меѓу најновите услуги што ги интегриравме се Google Pay и Apple Pay плаќањата. Google и Appleимаат ограничувања во однос на достапноста на услугите по пазари, па на пример во Македонија тие сè уште не се достапни, но очекуваме тоа да се промени, а ние сме подготвени веднаш.

Банкарство: Како вашата платформа овозможува едноставно и безбедно дигитално плаќање за различни типови деловни субјекти и индивидуални корисници?

Влатко Петревски: Нашата платформа е флексибилна и лесно прилагодлива на различни големини на деловни субјекти и на различни бизнис-потреби. Трговците можат да користат и плаќаат само за тоа што им треба – ниту повеќе, ниту помалку. За популарните e-commerce платформи како WordPress, Shopify, Presta или Magento имаме сопствени plugin-и кои значително ја олеснуваат и забрзуваат интеграцијата. Големите трговци се интегрираат со нас преку API, па можат да управуваат со трансакциите директно од сопствениот систем и така целосно да го дигитализираат односно автоматизираат процесот на продажба.

Банкарство: Колку се важни готовите додатоци (plugin-и) за платформи како WooCommerce, Shopify и Magento во контекст на вашиот развој?

Влатко Петревски: Како што веќе спомнав, тие значително ја забрзуваат интеграцијата. Откако трговецот ќе го постави веб-продавницата, благодарение на plugin-от, во рамките на платформата го избира CorvusPay како давател на платни услуги, ги внесува соодветните параметри и многу брзо е подготвен за работа. Секако, административно треба да се договори нашата услуга и услугите со банките (кога тие се поврзани), но технички со plugin-ите тоа оди многу брзо. Plugin-итесамите ги развивме и целосно ги контролираме, така што можеме брзо да ги унапредуваме и прилагодуваме кога има нешто ново – не зависиме од трети страни.

Банкарство: Кои индустрии најчесто ги користат вашите услуги и дали има некоја индустрија што предничи според бројот на трансакции?

Влатко Петревски: Нашиот систем го користат повеќе од 4.000 трговци и мислам дека нема индустрија во која не сме присутни. Најголем број трансакции и промет доаѓаат од продажба на туристички капацитети и услуги, телекомуникации, игри на среќа, патнички превоз, патарини, паркинг, билети за секакви настани, достава и слично.

Банкарство: Што нудите за деловни, а што за приватни корисници? Како вашите услуги го олеснуваат секојдневното работење и плаќање?

Влатко Петревски: На двата типа корисници сакаме да им бидеме партнер кој ги следи нивните потреби и желби. Сакаме да им го поедноставиме работењето и животот така што ќе трошат што помалку време на процесите на наплата и плаќање и да не се грижат за безбедноста. За деловни корисници преку една интеграција нудиме сѐопфатна платформа со различни платни методи прилагодени на пазарот и трговецот, напредни опции за најдобро корисничко искуство при плаќање и алати за следење и анализа на трансакции – сето тоа со максимална безбедност. За приватни корисници овозможуваме брзо, едноставно и сигурно плаќање со што помалку повторувања на внес на податоци, а апликацијата CorvusPay им заштедува време за поважни работи во животот. Како што вели нашето мото – „послободно плаќање, послободен живот“.

Банкарство: Како ја обезбедувате безбедноста на дигиталните трансакции и заштитата на корисничките податоци?

Влатко Петревски: Безбедноста е основата на сѐ што го работиме. Имаме повеќекратни сертификати и лиценци, па така веќе 14 години континуирано поседуваме PCI DSS Level 1сертификат, кој претставува највисоко ниво на безбедност и усогласеност со мандатите на картичните куќи. За тоа секоја година поминуваме строг audit. За услугата иницирање на плаќања и услугата прифаќање, имаме лиценца од Хрватската народна банка која докажува усогласеност со најновите директиви на Европската унија – таа лиценца важи и во целата Европска унија. Обезбедуваме и дополнителни слоеви на заштита усогласени со барањата за силна автентикација на корисници, а развивме и сопствен anti-fraudсистем.

Банкарство: Како ја гледате иднината на дигиталните плаќања во Македонија и регионот? Дали пазарот е подготвен за нови fintech иновации?

Влатко Петревски: Регионот, вклучувајќи ја и Македонија, поминува низ забрзан процес на дигитализација. Сѐ уште заостануваме зад западна и централна Европа, што значи дека има многу простор за раст. Сѐ поголемиот интерес за fintech решенија, поддржан од регулаторите и зголемената финансиска писменост, создава плодна основа за напредни начини на плаќање со складирање картични податоци, мобилни паричници и модели како „купи сега – плати подоцна“.

Банкарство: Кои се најголемите предизвици во дигитализацијата на плаќањата во Македонија и како Corvus Pay може да помогне во нивното надминување?

Влатко Петревски: Главните предизвици се ниско ниво на дигитална писменост, недоверба во онлајн плаќања и потреба од помодерна регулатива. Во соработка со другите учесници во екосистемот на онлајн плаќања, во Corvus Pay се обидуваме да го развиваме пазарот преку едукација, промоција на безбедни дигитални плаќања и иновативни, кориснички едноставни решенија.

Банкарство: CorvusPay веќе е активен на македонскиот пазар – можете ли да ги споделите досегашните искуства и плановите за понатамошен развој?

Влатко Петревски: CorvusPay соработува со повеќе од 25 банки и финансиски институции во регионот, вклучувајќи неколку во Македонија, со што им овозможуваме на корисниците безбедна и брза обработка на трансакции, во и надвор од земјата. Во последниот период ги интензивиравме интеграциите со локални банки и трговци кои покажуваат сѐ поголем интерес за дигитална трансформација. Нашиот план е дополнително проширување на присуството преку нови партнерства и локализирани услуги, вклучувајќи мобилни плаќања и други напредни методи. Нашата стратешка цел е поврзување на македонскиот e-commerce пазар со регионот и Европската унија.

Интервјуа

Интервју | Самоил Крстевски | Сопственик на маркетинг агенција Media Lab Solution

Објавено

на

Во време кога дигитализацијата забрзано го менува начинот на кој брендовите комуницираат со публиката, маркетингот станува сè поважен дел од деловната стратегија. Но, поголемата брзина, бројот на канали и достапноста на новите технологии носат и нови предизвици, од одржување на квалитетот на комуникацијата до градење и зачувување на довербата.

За современите трендови во маркетингот, влијанието на дигитализацијата, значењето на практичното знаење и ризикот од површен пристап во маркетингот и комуникацијата, разговараме со Самоил Крстевски, сопственик на маркетинг агенцијата „Media Lab Solution“, кој има долгогодишно искуство во маркетингот, високото образование и работењето со компании, особено од финансискиот и осигурителниот сектор.

Банкарство: Вашиот професионален пат опфаќа искуство во високото образование, работа како маркетинг менаџер во неколку компании од осигурителниот сектор, а денес управувате со маркетинг агенција која работи на брендирање и позиционирање на сериозни компании, особено од финансискиот сектор. Како сите овие различни професионални искуства го обликуваа вашиот пристап кон бизнисот и градењето доверба со клиентите?

Самоил Крстевски: Работата во различни професионални сфери ми овозможи оформување на поширок и посуштински поглед кон пазарот, човечкиот фактор и вредноста на стратешки поставениот деловен пристап.

Многу често зборувам за тоа дека работата со студентите носи посебно задоволство и енергија. Искуството во високото образование ми овозможи континуирано и одблизу да следам многу генерации млади луѓе, да го разберам нивниот начин на размислување, нивните очекувања, амбиции и поглед кон иднината, но и да бидам во тек со промените што ги носи секоја нова генерација. Таа поврзаност со младите продолжува и денес. Дел од мојот тим го сочинуваат млади луѓе кои со своите идеи, енергија и поинаков поглед кон работата внесуваат свежина во секојдневието. Верувам дека токму спојот на искуството и новата енергија создава средина во која и едните и другите постојано учиме, се надградуваме и се движиме напред.

Осигурителниот сектор, од друга страна, претставува сериозна индустрија што гради силно чувство за одговорност кон клиентите и бара прецизна и јасна комуникација.

Денес, како сопственик на маркетинг агенција, овие искуства се спојуваат и маркетингот не се гледа само како промоција, туку како сериозна деловна функција што директно влијае врз кредибилитетот, репутацијата и долгорочната позиција на брендот.

Банкарство: Колку образованието денес има значење во создавањето професионалци што можат да одговорат на современиот пазар?

Самоил Крстевски: Образованието и понатаму има исклучително важна улога затоа што ги поставува темелите на знаењето, аналитичкото размислување и професионалната зрелост.

Но, денес не е доволно да се поседува само формално образование, најголема вредност има кога по завршеното образование се надградувате со добро практично професионално искуство. Неформалното образование, за жал, кај нас се уште е на многу ниско ниво и најчесто е сведено на обуки и школувања од некомпетентни предавачи. Така, често се случува и кај нас да пристигне навидум одлично “CV” од кандидати кои аплицираат за работа, а суштински се слаби познавачи на индустријата, алатките за работа и немаат чувство за оваа проблематика. Не е доволно да се наведе само дали е посетен некој курс или академија кога реалноста е поинаква и тој кандидат не е подготвен за работа на реални проекти.

Банкарство: Управувате со маркетинг агенција која соработува со реномирани домашни и странски компании. Како тоа го менува пристапот кон маркетингот?

Самоил Крстевски: Работата со различни компании, а особено оние од финансискиот сектор, наметнува многу повисоко ниво на одговорност. Во таков контекст, маркетингот не се сведува само на комуникација и видливост, туку станува дел од пошироката
деловна стратегија. Секоја порака мора да биде внимателно поставена, секој канал внимателно избран, а секоја кампања усогласена со законските прописи, регулативите, вредностите и репутацијата на клиентот. Тоа покажува дека во маркетинг комуницирањето мора да бидеме одмерени, аналитички поткрепени и суштински поврзани со деловните цели и очекувања.

Денешниот маркетинг свет се движи многу побрзо, а воедно е покомплексен и поконкурентен од кога било досега. Компаниите имаат на располагање повеќе канали, повеќе формати и повеќе алатки, но истовремено се соочуваат со многу поголем притисок да бидат релевантни, прецизни и доследни. Пазарот повеќе не наградува само присуство. Се повеќе се вреднува способноста да се изгради порака што има тежина, комуникација што создава доверба и стратегија што носи реална деловна вредност. Еден од најголемите предизвици е да се задржи квалитетот и сериозноста на комуникацијата во средина што постојано бара брзина и видливост.

Вториот предизвик е засилената конкуренција затоа што многумина имаат пристап до истите платформи и формати, а третиот и најважен е довербата. Денешната публика многу брзо препознава кога комуникацијата е неавтентична, пренагласена или без вистинска содржина. Токму затоа, брендовите мора да градат позрел, попрецизен и поодговорен однос со публиката.

Банкарство: Каква улога има дигитализацијата во современиот маркетинг?

Самоил Крстевски: Дигитализацијата денес има суштинска улога и веќе не се гледа како дополнување, туку како основа на современиот маркетинг. Таа овозможува попрецизно таргетирање, подобра сегментација, анализа на однесувањето на публиката, управување со кампањи во реално време и поефикасна дистрибуција на содржината.

Практично, дигитализацијата му овозможува на маркетингот да биде побрз, “попаметен” и многу поприлагоден на конкретниот корисник.

Генерално, сметам дека дигитализацијата и кај нас е навлезена на завидно ниво и не заостануваме многу од светските трендови, иако се уште се зборува дека треба да се воведе и дека се уште не е доволно застапена кај нас, па се организираат форуми, панел-дискусии на кој се зборува за недостатоците и проблемите, но никогаш не слушаме кое е всушност решението, како да се подигне свеста или да слушнеме некое практично искуство од имплементација на дигитализацијата.

Банкарство: На кој начин дигитализацијата најмногу ќе се користи во маркетингот во периодот што следи?

Самоил Крстевски: Моја лична проценка е дека најголема примена ќе има во прилагодениот пристап, автоматизацијата и аналитиката. Тоа значи дека брендовите се повеќе ќе се насочуваат кон комуникација што е приспособена на интересите, навиките и однесувањето на конкретниот корисник. Технологијата ќе зазема се поголема улога, но нема да го замени човечкиот фактор. Таа може да ја зголеми ефикасноста, да помогне во анализата и да го забрза извршувањето, но не може да ја замени проценката, интуицијата, стратешкото размислување и чувството за контекст. Маркетингот и понатаму ќе зависи од знаењето, зрелоста и способноста на луѓето да донесат правилни одлуки и да изградат вистинска врска со публиката.

Банкарство: Дали постои ризик дигитализацијата да доведе до премногу површен маркетинг?

Самоил Крстевски: Да, тој ризик е реален. Кога комуникацијата се сведува само на брзина, формат и постојано присуство, постои опасност да се изгуби тежината на пораката. Во обидот да бидат модерни и видливи, дел од брендовите стануваат премногу лесни во тонот и недоволно внимателни кон сопствениот идентитет.

Банкарство: Што денес бараат компаниите од една маркетинг агенција?

Самоил Крстевски: Тие бараат повеќе од креативно решение. Бараат партнер што пред се ја разбира индустријата, деловниот контекст, пазарот и специфичните цели на клиентот. Ние кои сме дел од оваа индустрија, често сме сведоци на лоши стратегии и погрешно комуницирање при презентација на одреден производ или услуга.

Секоја индустрија има свои правила и зборови што се користат за одредена публика. Мора да се внимава кога ќе се помине прагот и наместо одлична промоција ќе се создаде несакан ефект.

Современиот маркетинг не е прашање на видливост по секоја цена, туку на стратешко, одговорно и доследно градење доверба, репутација и долгорочна вредност.

Продолжи со читање

Интервјуа

Дигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight

Објавено

на

Македонскиот банкарски сектор во изминатите години поминува низ значајна трансформација, поттикната од дигитализацијата, променетите навики на клиентите и растечкиот интерес за нови форми на инвестирање. Во такви услови, банките сè повеќе се позиционираат како финансиски партнери кои, покрај традиционалните услуги, нудат пристап до современи инвестициски решенија и дигитални финансиски алатки.

Во најновото издание на емисијата FinSight, гостин е Беркан Имери, член на Управниот одбор на Халк Банка, една од најбрзорастечките банки на македонскиот пазар во последните години.

Во интервјуто, Имери говори за развојниот пат на банката, промените во финансиското однесување на граѓаните и компаниите, како и за предизвиците и можностите што ги носи новата економска реалност.

Посебен акцент е ставен на сè поголемиот интерес на домашните инвеститори за вложување во хартии од вредност на меѓународните пазари, тема која добива на значење во услови на глобализирани финансиски текови и потреба од диверзификација на инвестициите.

Во разговорот се анализираат и актуелните движења на каматните стапки на депозитите и кредитите, побарувачката за станбени кредити, како и најчестите причини поради кои граѓаните се задолжуваат.

Дополнително, Имери зборува за искористеноста на средствата од унгарската кредитна линија од страна на македонските компании, улогата на банките во поддршката на бизнис-секторот и можностите за понатамошен економски развој.

Во време кога дигиталните услуги стануваат стандард, интервјуто отвора и важни прашања поврзани со сајбер безбедноста, заштитата од финансиски измами и иднината на безготовинските плаќања. Дали мобилниот телефон ќе стане главна алатка за плаќање и дали класичните платежни картички постепено ќе ја губат својата улога се дел од темите на кои Имери дава свој осврт.

На крајот од разговорот, тој ги открива и стратешките приоритети на Халк Банка за следните пет години, визијата за понатамошен раст и позиционирање на банката во сè поконкурентна финансиска средина.

Целото интервју со Беркан Имери во FinSight можете да го проследите во продолжение.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

Филомена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?

Објавено

на

Како изгледа иднината на плаќањата во време кога дигитализацијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на кој купуваме, плаќаме и управуваме со сопствените финансии?

На овие и на многу други актуелни прашања одговори дава Филомена Пљакоска Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на CaSys, во најновата епизода на поткастот FinSight, реализирана со поддршка на GEA – Алијансата за родова еднаквост при АЕТСМ.

Во разговорот се отвораат теми поврзани со улогата на CaSys во развојот на современата платежна инфраструктура во земјата, како и предизвиците и можностите што ги носи забрзаната дигитална трансформација на финансискиот сектор.

Дали мобилниот телефон постепено го заменува традиционалниот паричник? Се менуваат ли навиките на граѓаните кога станува збор за плаќањата и дали пластичната платежна картичка ќе остане дел од нашето секојдневие и во иднина? Ова се само дел од прашањата за кои се дискутира во интервјуто.

Пљакоска Аспровска зборува и за подготвеноста на македонското општество за безготовински плаќања, трендовите во користењето на платежните картички, како и за улогата на институциите во градењето поголема доверба кај граѓаните во дигиталните начини на плаќање.

Во фокусот на разговорот е и развојот на е-трговијата во Македонија. Каде се наоѓаме во споредба со земјите од регионот и со развиените европски пазари? Зошто дел од граѓаните сè уште се воздржани кога станува збор за онлајн купување и како можат подобро да се заштитат од злоупотреби и интернет измами?

Интервјуто обработува и теми поврзани со токенизираните плаќања, нивната безбедност и разликите во однос на традиционалните картични трансакции, како и очекувањата за тоа како ќе изгледаат плаќањата во следната деценија.

Дополнително, се разговара и за трансформацијата на банките во дигиталната ера, односно дали финансиските институции постепено стануваат технолошки компании, како и за активностите на Casys во областа на родовата еднаквост и намалувањето на разликите меѓу мажите и жените на работното место.

Новата епизода на FinSight е достапна на YouTube каналот на Банкарство.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange