Connect with us
no baners

Анализи

АНАЛИЗА: Пресврт на пазарот – Кои инвестициски фондови се искачија на врвот, а кои паднаа?

Објавено

на

Берзанските турбуленции низ целиот свет што ги предизвика американскиот претседател Доналд Трамп со неговите царински политики имаа силно влијание врз средства вредни речиси 121 милион евра со кои управуваат инвестициските фондови во земјава. Некои во оваа бура успеаја да остварат фантастични приноси, но некои отидоа во минус. 

Анализираме кои инвестициски фондови им донесоа убава заработка на своите инвеститори, а кои ги разочараа. Кои фондови избија на врвот според вредноста на средствата и приносите, а кои отидоа надолу?

Во последните шест месеци, па и во последните 12 месеци апсолутен шампион е КБ Инвест златен фонд со 6-месечен принос од дури 33,81% и годишен од фантастични 40,16%. Порасна и нето вредноста на средствата со кои управува овој фонд, и тоа за една година од 316,4 милиони денари на 491,4 милиони денари, односно за 55,3%. За шест месеци нето вредноста на средствата на овој фонд е зголемена за 46,3%. Овие бројки се резултат на рекордниот раст на цената на златото на светско ниво.

Второто место по успешност го држи уште еден фонд на друштвото КБ Инвест, а тоа е КБ Инвест МБИ10 со годипен принос од 34,1% и 6-месечен од 6,33%. Но, на исто рамниште е и инвестицискиот фонд Вега финансии, кој има помал годишен принос (23,91%), но поголем на 6-месечно ниво (13,63%). Што се однесува до нето вредноста на средствата на овие два фонда, кај КБ Инвест МБИ10 за една година е зголемена од 1,23 милијарди денари на 2,1 милијарда денари (66,4%), а за шест месеци за 11,9%. Нето вредноста на средствата на Вега Финансии за една година е зголемена од 19,2 милиони денари на 38,8 милиони денари (102%), а за шест месеци за 37,2%. Но, Вега Финансии се уште е далеку помал фонд од КБ Инвест МБИ10.

Ако ги следиме приносите на годишно ниво, следува КБ Инвест Акции со стапка од 14,45%. Во првата половина од годината има малку поскромен резултат со остварен принос од 8,37%. Нето вредноста на средствата на овој фонд на 30 јуни 2024 година изнесуваше 198 милиони денари, а на 30 јуни оваа година дури 317,8 милиони денари, што претставува раст од 60,5%. 

И КБ Инвест Балансиран бележи двоцифрен принос за една година од 13,2%, а за шест месеци од 7,1%. Порасна и нето вредноста на средствата на овој фонд од 837,9 милиони денари на 1,5 милијарди денари. 

Групата фондови со двоцифрен принос за една година завршува со Иново Статус Балансиран, чиј принос за 12 месеци изнесува 12,49%, но за последните шест месеци е скромни 2,45%. Овој фонд на 30 јуни 2024 располагал со нето вредност на средства од 71,8 милиони денари, а една година подоцна со 80,4 милиони денари. 

Поскромен и едноцифрен годишен принос имаат НЛБ Америка (6,83%), Граве Флекс бонд евро (6,70%), Вега Технологија (6,59%), ВФП Бонд (5,70%), КБ Инвест Обврзници (5%). На годишно ниво, во минус отидоа Иново Статус Солар (-11,25%), ВФП Дивиденда Акции (-2,41%) и Вега Свет (-1,23%).

А, во првите шест месеци од оваа година многу повеќе фондови отидоа во минус со приносот: НЛБ Брик (-0,45%), НЛБ Америка (-3,47%), НЛБ Топ Брендови (-2,42%), Граве Глобал (-4,08%), ВФП Дивиденда Акции (-3,67%), Вега Свет (-0,86%), Вега Технологија (-3,01%), Иново Сатус Солар (-7,78%) и ВФП Етикс акции (-6,39%).

Вкупната вредност на средствата со кои управуваат 23-те инвестициски фондови во земјата на 30 јуни годинава достигна 7.420.557.619,59 денари, што е приближно 121 милион евра. И тука се случи голем пресврт, во кој КБ Инвест со своите фондови ја презеде лидерската позиција од ВФП Фонд менаџмент. Пресвртот се случи уште во минатата година – ако на 31 март 2024 година ВФП Фонд менаџмент имаше нето вредност на средства од 104 милиони евра, а КБ Инвест од 89 милиони евра, на крајот од годината распоредот беше друг. КБ Инвест порасна на 126 милиони евра  и го претрка ВФП Фонд менаџмент, чија нето вредност на средства изнесуваше 121,7 милиони евра. Предноста на КБ Инвест продолжува да расте и на 31 март оваа година ова друштво има нето вредност на средства од 140 милиони евра, а ВФП Фонд менаџмент од 132 милиони евра.

Анализи

Сандерс: Богатите во САД мора да почнат да плаќаат фер данок

Објавено

на

Американскиот сенатор Берни Сандерс предупредува дека економската нееднаквост во САД достигнала историски размери и бара воведување нов данок за најбогатите граѓани.

Во анализа објавена во „Гардијан“, Сандерс наведува дека 1% од најбогатите Американци поседуваат повеќе богатство отколку 93% од населението на дното на економската скала. Според него, богатството на поединци како Илон Маск е поголемо од имотот на повеќе од половина американски домаќинства.

Тој истакнува дека нееднаквоста дополнително се продлабочува, особено по даночните олеснувања воведени за време на администрацијата на Доналд Трамп, кога милијардерите значително го зголемиле своето богатство.

Според Сандерс, проблемот лежи и во даночниот систем, кој им овозможува на најбогатите да плаќаат пониски ефективни стапки од просечните работници. Тој наведува примери каде милијардери плаќаат значително помал данок од професии како наставници, медицински сестри или возачи на камиони.

Дополнително, некои големи корпорации, и покрај милијардните профити, не платиле никаков федерален данок на доход, што, според него, е резултат на законски „дупки“ креирани под влијание на корпоративни лобисти.

Сандерс предлага воведување данок од 5% на нето-богатството на милијардерите во САД. Според неговите пресметки, ова би донело околу 4,4 трилиони долари во наредната деценија.

Со тие средства, тој предлага директна финансиска помош за домаќинствата со пониски приходи, изградба на милиони достапни станови, проширување на здравственото осигурување, универзална грижа за деца и зголемување на платите во образованието.

Сандерс заклучува дека САД се соочуваат со избор меѓу демократија и концентрација на богатството кај мал број луѓе, повикувајќи на економски систем што ќе работи во интерес на сите граѓани.

Продолжи со читање

Анализи

Загриженост во финансискиот сектор: нов AI модел може да ја промени сајбер-безбедноста, но истовремено да биде и најголема закана!?

Објавено

на

Во индустријата за вештачка интелигенција се појавија информации за нов напреден модел развиен од компанијата „Anthropic“, кој, според интерни проценки, не е јавно објавен поради потенцијални безбедносни ризици.

Министрите за финансии, гувернерите на централните банки и водечките експерти од финансискиот сектор изразија сериозна загриженост поради новиот напреден и исклучително моќен модел на вештачка интелигенција, за кој стравуваат дека би можел да ја загрози безбедноста на глобалните финансиски системи.

Станува збор за модел познат како „Claude Mythos Preview“, за кој се наведува дека има напредни способности за анализа на софтверски системи и откривање на сериозни безбедносни пропусти, вклучително и таканаречените „zero-day“ ранливости.

Според достапните информации, моделот во тест-фази идентификувал повеќе критични слабости во оперативни системи и интернет прелистувачи, а неговите можности опфаќаат и симулација на потенцијални начини на нивна злоупотреба во контролирани услови.

Ова, според експертите, отвора сериозни прашања за иднината на сајбер-безбедноста, бидејќи ваквите системи истовремено можат да се користат и за заштита и за потенцијални напади во дигиталниот простор.

Поради ризиците, „Anthropic“ одлучила моделот да остане во ограничена внатрешна употреба, со пристап само за одредени партнери и големи технолошки компании, меѓу кои се „Amazon“, „Google“ и „Microsoft“.

Канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ предупреди дека ваквите технологии отвораат ризици поврзани со „непознати непознаници“ и повика на итно зајакнување на глобалните заштитни механизми.

Иако дел од експертите повикуваат на претпазливост, случајот повторно ја отвора дебатата дали вештачката интелигенција ќе биде најсилна алатка за сајбер-заштита или потенцијално најопасна алатка за дигитални напади.

Продолжи со читање

Анализи

Снабдувањето со нафта и нафтени деривати во државата е стабилно

Објавено

на

Снабдувањето со нафта и нафтени деривати во Македонија е стабилно, без нарушувања во ланецот на дистрибуција, а на пазарот има доволни количини гориво за потребите на граѓаните и бизнисите, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека државата во моментов не се соочува со предизвици во снабдувањето со дизел, бензини и керозин, при што постои постојана координација со снабдувачите за да се обезбеди непречено функционирање на пазарот.

Според него, цените на горивата во земјава се меѓу пониските во регионот, што резултира со зголемен интерес кај граѓаните од соседните држави, особено во пограничните области.

Дополнително, премиерот нагласи дека Македонија располага со доволни резерви на нафта и деривати, како и со сигурен увоз преку нафтоводот што го поврзува Солунското пристаниште со рафинеријата ОКТА, кој е целосно функционален.

Во однос на глобалните неизвесности, особено поврзани со состојбите на Блискиот Исток, Мицкоски истакна дека ситуацијата внимателно се следи и дека, доколку дојде до промени на пазарот, ќе бидат преземени соодветни мерки и ќе се прилагоди стратегијата за снабдување.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange