Кариера
Јавен оглас за пријавување на заинтересирани лица за избор на еден предлог – член од Народната банка на Република Северна Македонија во Фискалниот совет
Врз основа на член 11 став (7) од Законот за буџети („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 203/22, 76/24 и 272/24), Народната банка на Република Северна Македонија распишува
ЈАВЕН ОГЛАС
за пријавување на заинтересирани лица за избор на еден (1) предлог – член од Народната банка на Република Северна Македонија во Фискалниот совет
1. ВОВЕД
Фискалниот совет е независно тело кое врши активности од својот делокруг и надлежност, определени со Законот за буџети („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.203/22, 76/24 и 272/24) и за својата работа одговара пред Собранието на Република Северна Македонија.
2. ПРЕДМЕТ НА РАБОТА НА ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ
Согласно членот 11 од Законот за буџети, Фискалниот совет на независна, објективна и професионална основа, изработува анализи и мислења за:
· макроекономските и фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија;
· фискалната стратегија, Буџетот на државата, Измената и дополнувањето на Буџетот на државата, Полугодишниот извештај за реализација на буџетот, Завршната сметка на Буџетот и друга документација поднесена пред Собранието на Република Северна Македонија или објавена согласно со Законот за буџети;
· фискалните ризици и веројатноста на исполнување на Буџетот на државата и фискалната стратегија;
· исполнувањето на фискалните правила од Законот за буџети, како и за ризиците за отстапување од фискалните правила;
· настанувањето на исклучителни околности кои водат до привремено отстапување од примената на фискалните правила согласно со членот 10 став (6) од Законот за буџети, како и за условите за привремено отстапување за инвестиции согласно со членот 10 став (7) од Законот за буџети;
· спроведувањето корективни мерки наведени во членот 10 ставови (4) и (8) од Законот за буџети.
Фискалниот совет може, на сопствена инцијатива, односно на барање на Владата на Република Северна Македонија или Собранието на Република Северна Македонија да изработи и анализи и мислења за фискалните ефекти на одделни предлог-закони, како и за други прашања во делот на фискалната политика и управувањето со јавните финансии.
Анализите и мислењата на Фискалниот совет се составен дел на соодветните документи при поднесувањето до Владата на Република Северна Македонија или Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и усвојување. Доколку постојат забелешки во анализите и мислењата на Фискалниот совет, Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за финансии, задолжително треба да подготви одговор во кој ќе се образложат причините за отстапувањата од анализите и мислењата на Фискалниот совет, кој е, исто така, составен дел на соодветниот документ.
3. ОДГОВОРНОСТ НА ЧЛЕНОВИТЕ ЗА НИВНАТА РАБОТА ВО ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ
Фискалниот совет за својата работа одговара пред Собранието на Република Северна Македонија.
Членовите на Фискалниот совет во својата работа дејствуваат самостојно, независно и непристрасно во согласност со највисоките професионални и етички стандарди. Ставовите кои членовите ги изнесуваат во работата на Фискалниот совет или при јавни настапи поврзани со активностите на Фискалниот совет, не претставуваат став на институциите кои ги предложиле или институциите со кои се поврзани.
4. НАДОМЕСТОК ЗА РАБОТАТА НА ЧЛЕН ВО ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ
Сите членови на Фискалниот совет ги вршат своите активности во Советот без засновање работен однос. За нивната активност во Фискалниот совет им се утврдува месечен надоместок на нето-основа во висина од две нето просечни плати исплатени во Република Северна Македонија во текот на претходната година.
5. МАНДАТ НА ЧЛЕНОТ НА ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ КОЈ Е ИЗБРАН ПО ПРЕДЛОГ ОД НАРОДНАТА БАНКА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Членовите на Фискалниот совет ги именува Собранието на Република Северна Македонија. Мандатот на членовите на Фискалниот совет е шест години, без право на повторен избор.
Сите останати прашања поврзани со статусот на членовите, надлежностите и работењето на Фискалниот совет се уредени со Законот за буџети.
6. УСЛОВИ КОИ ТРЕБА ДА ГИ ИСПОЛНУВААТ ЛИЦАТА ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ДА БИДАТ ПРЕДЛОЖЕНИ ЗА ЧЛЕН НА ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ НА ПРЕДЛОГ НА НАРОДНАТА БАНКА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Член на Фискалниот совет може да биде лице:
1) кое е државјанин на Република Северна Македонија;
2) кое има соодветна репутација, најмалку високо образование и најмалку десет години соодветно професионално или академско искуство на полето на економијата, јавните финансии, сметководство и ревизијата или друга сродна област;
3) на кое со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција, забрана за вршење професија, дејност или должност;
4) кое не е пратеник во Собранието на Република Северна Македонија;
5) кое не е член на Владата на Република Северна Македонија;
6) кое не е вработено во буџетски корисник или во друг јавен субјект на државно или на локално ниво, освен по исклучок уреден со одредбата од член 11 став (10) точка 4 од Законот за буџети, односно ќе се смета дека лицето го исполнува овој услов ако истото е универзитетски професор или вработен, односно ангажиран во научно-истражувачка институција или времено ангажиран во меѓународна финансиска институција;
7) кое не е член на органи на политичка партија; и
8) кое не било носител на јавна функција во претходните пет години.
7. ДОКУМЕНТИ КОИ ТРЕБА ДА ГИ ПОДНЕСАТ ЗАИНТЕРЕСИРАНИТЕ ЛИЦА КАКО ДОКАЗ ДЕКА ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕ ДА БИДАТ ПРЕДМЕТ НА РАЗГЛЕДУВАЊЕ ЗА ИЗБОР НА ПРЕДЛОГ ЧЛЕН НА ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ ПО ПРЕДЛОГ НА НАРОДНАТА БАНКА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
1) Уверение за државјанство на Република Северна Македонија (оригинал или заверено на нотар);
2) Уверение или диплома за завршено високо образование (оригинал или заверено на нотар), Лична биографија (CV) и Мотивационо писмо (во хартиена форма и своерачно потпишани) во кои треба да бидат наведени активностите со кои е остварено соодветно, професионално или академско искуство на полето на економијата, јавните финансии, сметководство и ревизијата или друга сродна област кои ќе се евалуираат преку професионално институционално искуство, академска работа, публикации во сферата и нивна научна вредност, работа врз научни и апликативни проекти и друг вид сврзана интелектуална работа;
3) Потврда од казнена евиденција дека не е изречена казна што се состои во забрана за вршење професија, дејност или должност, која ја издава надлежен суд според местото на раѓање;
4) Потврда дека со правосилна судска пресуда не му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност, која ја издава Централниот регистар на Република Северна Македонија или надлежен суд според местото на раѓање;
5) Изјава (заверена на нотар) со која лицето изјавува дека:
– не е пратеник во Собранието на Република Северна Македонија,
– не е член на Владата на Република Северна Македонија,
– не е член на органи на политичка партија,
– не било носител на јавна функција во претходните пет години со исклучок на член на Фискалниот совет
– не е вработено во буџетски корисник или во друг јавен субјект на државно или на локално ниво.
Во случај ако за лицето по однос на алинеја 5 од оваа точка важи исклучокот уреден со одредбата од член 11 став (10) точка 4 од Законот за буџети, во изјавата треба да биде наведено истото како фактичка состојба и во прилог кон Изјавата заверена на нотар, лицето треба да достави потврда (во оригинал или заверена на нотар) дека е универзитетски професор од соодветниот Универзитет, или потврда (во оригинал или заверена на нотар) дека е вработен односно ангажиран од научно–истражувачка институција или времено ангажиран од меѓународна финансиска институција.
Народната банка на Република Северна Македонија за целите на проверка на веродостојноста на поднесените документи односно дадени изјави од заинтересираните лица, може службено да комуницира со надлежните органи и правни лица.
8. ДОСТАВА НА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Заинтересираните лица аплицираат со доставување на документите наведени во Дел 7 од Јавниот оглас во хартиена форма во непроѕирен плик на кој во горниот лев агол треба да пишува: „НЕ ОТВОРАЈ“ додека во долниот десен агол треба да пишува:
„За Јавен оглас број 1/2025“
Друг текст пликот не смее да содржи.
Пликот треба да биде доставен по пошта до Архивата на Народната банка на Република Северна Македонија, на адреса:
„Народна банка на Република Северна Македонија, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ број 1, 1000 Скопје“
Доставата на документацијата задолжително мора да биде по пошта заради запазување на висок степен на интегритет и доверливост, заради што за целите на овој Јавен оглас доставата по електронски пат или лична достава се неприфатливи.
9. КРАЕН РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ ПО НАВЕДЕНИОТ ОГЛАС: 15 календарски денови од денот на објавување на огласот.
Дополнителни прашања по однос на технички аспекти за наведениот Јавен оглас може да се достават на адреса на [email protected] при што во насловот на електронската порака треба да биде наведено „Јавен оглас број 1/2025“, најдоцна три (3) дена пред крајниот рок за поднесување на документацијата за аплицирање по наведениот оглас.
10. ИЗБОР НА ЛИЦЕ КОЕ ЌЕ БИДЕ ПРЕДЛОЖЕНО ОД НАРОДНАТА БАНКА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ЧЛЕН НА ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ
По истекот на рокот за аплицирање на овој Јавен оглас, во Народната банка на Република Северна Македонија ќе биде формирана Комисија којашто најпрво ќе ги разгледа пристигнатите апликации по однос на нивната форма и комплетност односно:
– Дали се формално исправни, односно поднесени во форма на затворен плик и означени како што е наведено во Дел 8;
– Дали се навремени, односно доставени во рокот определен во Дел 9; и
– Дали се целосни, односно дали ја содржат целосната комплетна документација наведена во Дел 7 од овој Јавен оглас за докажување на исполнетоста на условите наведени во Дел 6.
Комисијата ќе изврши разгледување само на формално исправните, навремените и целосни апликации, и до Советот на Народната банка на Република Северна Македонија ќе достави список на лица коишто ги исполнуваат условите за предлог член во првиот состав на Фискалниот совет, по што Советот на Народната банка на Република Северна Македонија ќе донесе Одлука со предлог за именување на член на Фискалниот совет.
Кариера
АЛТА Банка објави оглас за вработување во секторот за организација и ИТ
АЛТА Банка објави оглас за вработување во Секторот за организација и ИТ, за позицијата Самостоен стручен соработник за организација, односно Team Leader.
Од банката информираат дека позицијата е наменета за кандидати со искуство во банкарско работење, познавање на T-SQL и Microsoft SQL Database, како и аналитички пристап и интерес за работа со апликативни процеси.
Заинтересираните кандидати треба да испратат кратка биографија, односно CV на македонски јазик, на електронската адреса [email protected]. Во насловот на пораката треба да биде наведено: „Самостоен стручен соработник за организација (Team Leader)“.
Огласот е отворен до пополнување на работната позиција, соопштија од АЛТА Банка.
Кариера
Стопанска банка бара агент за грижа на корисници
Стопанска банка АД – Скопје објави оглас за вработување на позицијата агент за грижа на корисници во рамки на контакт-центарот на банката.
Од банката посочуваат дека контакт-центарот има значајна улога во континуираната грижа за корисниците на нивните производи и услуги. Вработените во овој тим, како што наведуваат, добиваат можност темелно да ги запознаат производите и услугите на банката, но и да учествуваат во продажба, поддршка и унапредување на понудата.
Според објавата, позицијата нуди можност за градење просперитетна банкарска кариера во рамки на тимот на Стопанска банка.
Заинтересираните кандидати можат да аплицираат преку официјалната веб-страница на банката, во делот за кариера.
Кариера
НЛБ Банка вработува банкарски советник во Струмица
НЛБ Банка објави оглас за вработување на банкарски советник во експозитурата во Струмица, а рокот за пријавување е до 3 јули 2026 година.
Избраниот кандидат ќе биде задолжен за спроведување благајнички и менувачки работи, платен промет и банкоматско работење, како и за промоција, понуда и продажба на банкарски производи и услуги. Работната позиција вклучува и континуирана грижа за клиентите, унапредување на продажните процеси и активно привлекување нови клиенти.
Од кандидатите се очекува да имаат универзитетско образование или да бидат студенти на додипломски или постдипломски студии, при што предност ќе имаат кандидатите од економска насока. Претходно искуство во работа со готовина ќе се смета за дополнителна предност.
Банката нуди современо работно опкружување, можности за професионален развој и менторство, конкурентна плата и пакет бенефиции, меѓу кои приватно здравствено осигурување, трет пензиски фонд, дополнителни слободни денови и програми за наградување на успешноста.
Од НЛБ Банка информираат дека само кандидатите кои ги исполнуваат основните критериуми ќе бидат контактирани за интервју.
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со зголемен максимален износ на станбените кредити и нова промоција – Без манипулативни трошоци и трошоци за проценка
-
Банкипред 2 месециХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 2 месеци
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни
-
Колумнипред 2 месеци
Најважни менаџерски вештини во дигиталното деловно опкружување
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Тортевски: Само половина од овластените ревизори во Македонија работат во ревизија

