Анализи
АНАЛИЗА: Картички со бенефити за патување – што нудат македонските банки?
Кога се подготвуваш за патување во странство, едно од најважните прашања што треба да си го поставиш е: Која картичка ми нуди најмногу?
Повеќето банки во Македонија нудат платежни картички што обезбедуваат бројни поволности при патување, како што се бесплатен пристап до деловните зони на аеродромите, брзо поминување низ безбедносни контроли, бесплатно патничко осигурување, бесплатни роаминг пакети и дури и поврат на средства.
Изборот на најдобрата картичка можеби не е едноставен, но може многу да ти го олесни патувањето – особено ако знаеш што добиваш од твојата картичка.
Кредитната картичка Mastercard World од Халкбанк е меѓу најдобрите кога станува збор за пристап до аеродромски бизнис салони преку Lounge Key програмата. Со неа имаш неограничен број влезови на над 1.400 салони низ светот, па дури и да понесеш придружник. Дополнително, нуди и 10% попуст при купување полиси за доброволно осигурување од Халк Осигурување, а кредитниот лимит може да достигне до 1.200.000 денари, што е повеќе од доволно за едно комфорно патување. Месечната минимална отплата е 10% од искористените средства.
Комерцијална банка, пак, ја нуди Mastercard Platinum кредитната картичка, која има кредитен лимит до 600.000 денари и дополнителни привилегии, како што се: известување за изгубена картичка, итна исплата на готовина и замена на картичка, бесплатен пристап 6 пати во годината во деловните зони на над 1.500 аеродроми, Mastercard®Travel Experiences и Fast Track услуга на над 70 аеродроми, подарок картичка во вредност од 1.000 денари за направен промет во трговија од 330.000 денари, бесплатен роаминг 3 пати во годината по 1 GB во рок од 5 последователни дена, 15% попуст на сите дополнителни пакети доколку се активираат преку Flexiroam и поврат на средства. Картичката нуди можност за плаќање на рати преку минимална месечна отплата на само 20% од искористениот кредитен лимит, бескаматен период до 40 дена и конверзија по најповолен среден курс.
Една од најсеопфатните картички на пазарот е и Visa Platinum од Шпаркасе банка. Таа нуди неограничен пристап до аеродромски салони и Fast Track поминување 2 пати годишно на бројни европски аеродроми и 10 пати во Скопје. Освен тоа, вклучува и дополнителни услуги како повлекување готовина без провизија на банкоматите на банките членки на Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе Групацијата во 10 земји, како и заштита при купување и продолжена гаранција за пропуштен лет, доцнење на лет и на багаж.
Погодности како 6 бесплатни пристапи во деловни зони на аеродроми и бесплатен роаминг обезбедува и Mastercard Debit World картичката на Комерцијална банка, со тоа што има помал кредитен лимит од Platinum, но е без членарина за првата година за корисниците на дебитна картичка во Банката кои имаат годишен промет од над 80.000 денари и без членарина за целиот период на користење, исто така за промет во трговија од над 80.000 денари.
Бесплатен пристап 6 пати во годината на над 1.500 аеродроми обезбедува и Mastercard World дебитната картичка од Прокредит банка, под услов на направени трансакции од минимум 250 евра во претходниот месец, како и бесплатен роаминг 3 пати во годината по 1 GB во рок од 5 последователни дена и Fast track услуга на над 70 аеродроми. Оваа картичка овозможува и бесплатни приливи од странство преку коресподентна банка ПроКредит Германија во рамките на ПроАктив платежната сметка.
Слични погодности нуди и Mastercard World Debit картичката од УНИ банка, со тоа што овозможува поврат на средства од 0,4% од трансакција на ПОС уред или онлајн и 6 пати во годината бесплатен пристап во деловните зони на над 1.500 аеродроми под услов во претходниот календарски месец да е реализиран промет со картичката од најмалку 250 евра.
Во оваа група на картички со привилегии за патување во странство спаѓа и Mastercard Gold кредитната картичка од НЛБ банка, наменета за лица со поголеми месечни примања, но таа овозможува 4 бесплатни пристапи годишно во деловните зони на аеродромите под услов сопственикот на картичката да има потрошено најмалку 250 евра со неа во претходниот месец, а Fast Track услугата на над 70 аеродроми ја овозможува по цена од 4 до 17 евра по лице.
И Mastercard Gold картичките од Шпаркасе банка и УНИ банка овозможуваат 4 бесплатни пристапи во деловните аеродромски зони за корисници кои имаат потрошено над 250 евра со картичката во претходниот месец. Ги нудат и брзите движења и бесплатниот роаминг.
Mastercard Gold на УНИ банка овозможува и поврат на средства од 0,5% (максимално до 3.000 мкд).
За оние кои повеќе се заинтересирани за безбедност и асистенција отколку за комфор на аеродром, картичките како Visa Travel од Халкбанк и American Express Gold од Силк Роуд банка нудат патничко осигурување, техничка помош при патување и поддршка при загубен багаж или доцнење на летови. Visa Travel, на пример, доаѓа со 10-дневна полиса за патничко осигурување и европска асистенција во случај на дефект или незгода. Има и можност за собирање бонус поени. Со American Express Gold кредитната картичка, пак, сте осигурени од следните ризици при патување: итна медицинска помош, eвакуација и трошоци за враќање, медицинска и патна поддршка, телефонски трошоци, патна придружба, губење багаж, доцнење на лет и на багаж. Картичката овозможува надоместок и доколку летот доцни или багажот е загубен.
Картичките со Fast Track услуги исто така се достапни кај повеќе банки. Visa Platinum од Халкбанк, Visa Gold од Комерцијална банка и од НЛБ банка нудат 2 до 4 пристапи до Fast Track линии, поврат на средства, како и дополнителни поволности, на пример SmartDelay или подароци по достигнување на одреден промет. Visa Platinum дебитната картичка од Халкбанк овозможува и повлекување готовина без надомест на над 1,9 милиони банкомати низ светот и 2 пати бесплатен влез во деловните зони на аеродромите.
Visa Gold кредитната картичка од Комерцијална банка, пак, овозможува бесплатен пристап за корисникот и неговата придружба во деловната зона на аеродромот доколку летот е прогласен за одложен за повеќе од 60 минути.
На крајот, изборот на картичка зависи од тоа што очекуваш од патувањето – комфор на аеродром, сигурност при патување или заштеда при купување.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
Анализи
Цените на нафтата паднаа поради послабата глобална побарувачка
Цените на нафтата се намалија во четвртокот, додека инвеститорите ги одмеруваат очекувањата за послаба глобална побарувачка наспроти ризиците од прекин во снабдувањето поради тензиите на Блискиот Исток.
Американската сурова нафта WTI поевтини за околу 2 отсто и се тргуваше по цена од 81,61 долар за барел, додека меѓународниот репер „брент“ падна за 1,8 отсто, на 87,40 долари за барел.
Меѓународната агенција за енергетика (IEA) соопшти дека глобалната побарувачка за нафта годинава се очекува да се намали повеќе од претходно проценетото, при што дополнителен притисок создава затворањето на Ормускиот Теснец.
Според IEA, обновените судири и нарушувањата во поморскиот сообраќај ги попречуваат напорите за зголемување на глобалното снабдување со нафта. Во јули, понудата била за 6,3 милиони барели дневно пониска во споредба со истиот период минатата година.
Безбедносната состојба на Блискиот Исток останува неизвесна, особено по нападите врз бродови во Оманскиот Залив и Црвеното Море, кои дополнително ги зголемија стравувањата од нарушување на снабдувањето.
Истовремено, крајбрежјето на Оман е погодено од големо излевање на нафта од танкер кој се насукал на 30 јуни, а превезувал околу 800.000 барели руска нафта. Истекувањето се случува во близина на природен резерват со значајни животински видови.
Иако има сигнали дека дипломатските напори за повторно отворање на Ормускиот Теснец продолжуваат, конфликтот кој трае повеќе од пет месеци и натаму ги нарушува енергетските текови.
Аналитичарите предупредуваат дека неизвесноста околу целосното отворање на теснецот може повторно да создаде нагорен притисок врз цените на нафтата, особено во услови на ограничена понуда.
Анализи
ЕЦБ: Готовината и натаму е најприфатен начин на плаќање во еврозоната
Готовината останува најшироко прифатениот начин на плаќање на физичките продажни места во еврозоната, и покрај силниот раст на мобилните и другите дигитални плаќања, покажува ново истражување на Европската централна банка.
Според резултатите, готовина прифаќаат 92 отсто од компаниите што продаваат стоки и услуги на физички локации, наспроти 90 отсто во 2024 година. Од ЕЦБ оценуваат дека со тоа е запрен падот на прифаќањето на готовината забележан за време и по пандемијата.
Платежни картички прифаќаат 88 отсто од компаниите, што е приближно исто ниво како пред две години. Најголем раст има кај мобилните плаќања, чија прифатеност се зголемила од 36 на 68 отсто.
Готовината е најзастапена во трговијата, рестораните и хотелите, каде што ја прифаќаат 93 отсто од анкетираните компании. Во секторот на уметноста, забавата и рекреацијата уделот е понизок и изнесува 84 отсто.
Меѓу земјите од еврозоната, највисока стапка на прифаќање на готовината имаат Грција и Италија, со по 99 отсто, додека најниска е во Белгија со 81 отсто и Кипар со 76 отсто.
Од компаниите што веќе примаат готовина, 92 отсто очекуваат дека ќе продолжат да го прават тоа и во следните пет години. Како главни предности ги наведуваат приватноста и сигурноста, а како недостатоци ризикот од грешки при враќање кусур, безбедносните ризици и можноста за внатрешни измами.
Истражувањето опфатило 8.205 компании во сите 21 земја од еврозоната, а било спроведено од февруари до април 2026 година.
Анализи
Европските берзи во плус, германскиот DAX порасна за 0,39 отсто
Европските берзи во четвртокот забележаа благ раст, поддржани од вчерашното позитивно движење на Волстрит и падот на цените на нафтата.
Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, околу 9:30 часот беше повисок за 0,16 отсто.
Германскиот DAX порасна за 0,39 отсто, на 26.435 поени, додека францускиот CAC забележа раст од 0,25 отсто, на 8.698 поени. Наспроти тоа, британскиот FTSE ослабе за 0,30 отсто, на 10.800 поени.
Позитивни движења беа забележани и на Загрепската берза. Индексот Crobex околу 10:30 часот порасна за 0,22 отсто, на 4.422 поени, додека Crobex10 се зголеми за 0,21 отсто, на 2.854 поени, со што надоместија дел од загубите од претходниот ден.
Редовниот промет со акции изнесуваше околу 100.000 евра. Најголем промет од 47.000 евра беше остварен со акциите на Končar, чија цена порасна за 0,2 отсто, на 1.010 евра.
Акциите на Valamar Riviera забележаа промет од 27.000 евра, а нивната цена се намали за 0,5 отсто, на 8,50 евра.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 1 месецИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули



