Connect with us

Банки

Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан

Објавено

на

Преку проектот на Светската банка за „Модернизација на плаќањата на Западниот Балкан“, во кој учествува Народната банка, како и останатите централни банки од регионот, со натамошна дигитализација и поврзување на земјите од регионот во областа на плаќањата, ќе се  работи на олеснување на прекуграничното тргување, зголемување на конкурентноста и намалување на трошоците за меѓународните плаќања, коишто во моментов се повисоки и до шестпати во однос на земјите од ЕУ.

Проектот којшто Светската банка го спроведува во соработка со Регионалниот совет за соработка, Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) и со поддршка на Европската комисија, се состои од повеќе столбови. Еден од нив се однесува на усвојувањето на регулативата на ЕУ во областа на плаќањата, што ќе им помогне на земјите од Западен Балкан за побрзо интегрирање во Единствената европска платежна област (СЕПА), во согласност со новиот План за раст на Западен Балкан на ЕУ. Понатаму, проектот го засега и унапредувањето на инфраструктурата за плаќањата, односно воспоставувањето брзи плаќања и постигнувањето интероперабилност. Брзите плаќања овозможуваат инстант пренос на парични средства 24 часа дневно, секој ден во годината. Одделни активности во рамките на овој столб се однесуваат на воведувањето иновативни финтек-решенија за извршување плаќања, како и на поврзувањето со системот за порамнување на инстант плаќањата (ТИПС) на Евросистемот.

Дигитализацијата на плаќањата носи придобивки за граѓаните, фирмите и економијата. Со дигиталните плаќања може да се намалат трошоците и да се подобри пристапот до финансии за околу 1,9 милиони луѓе на Западен Балкан, кои сега не располагаат со платежна сметка, да се намали родовата нееднаквост, како и разликите меѓу урбаните и руралните средини. За фирмите, дигиталните плаќања можат да обезбедат пристап до податочни складови (англ. big data), но и подобрување на ликвидноста. За економијата, придобивките се состојат од полесен, побрз и поевтин начин на плаќања, коишто ќе ги поддржат трговските и финансиските текови, но и поголема транспарентност, што придонесува кон намалување на корупцијата и сивата економија, којашто според истражувањата се намалува за 2%, со раст на дигиталните плаќања за 10%.

„Овој проект ја зајакнува регионалната соработка и поттикнува побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во СЕПА, што би довело до повеќе придобивки за компаниите и за граѓаните, поточно поевтини, побрзи и поудобни прекугранични плаќања“, посочува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски.

Банки

„За убави маалски дружби“, Стопанска банка донира нов футуристички плоштад пред платото на Општина Центар

Објавено

на

„За убави маалски дружби“ – граѓаните на општина Центар и сите посетители на Дебар Маало добија нов модерен плоштад, донација од Стопанска банка – АД Скопје. Новата модерна локација се наоѓа пред платото на Општина Центар на аголот од ул. „Михаил Цоков “ и ул. „Орце Николов“ и вклучува футуристичка инсталација т.н. „урбан атрактор“. Оваа урбана инсталација на платформи со неправилни облици, клупи, декоративно зеленило и паркинг за велосипеди се протега на површина од 56 метри квадратни. 

Новото место од вчера е отворено за граѓаните, а градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и г. Бојан Стојаноски, Генерален директор за управување со ризици и Член на управниот одбор при Стопанска банка АД – Скопје, при отворањето, порачаа дека ова катче ќе го оживее просторот и ќе биде ново збирно место за одмор и дружба.

„Маалото е институција која треба да се негува, а маалските дружби имаат голема улога за поголема приврзаност со домот и со соседите. Инспирацијата за оваа невообичаена урбана скулптура која зрачи со присност и топлина, потекнува од нашата традиција, веќе 80 години заедно да ја испишуваме најубавата приказна – ДОМА. Благодарни сме на Општина Центар за остварената соработка со нашиот тим како и на архитектонското студио за ова впечатливо здание.“  изјави Стојаноски.

„Ме радува што Дебар Маало добива нов простор каде граѓаните и сите минувачи ќе може да одморат. Овде има и паркинзи за велосипеди, па е одлично место за мала пауза од возењето или додека ги завршуваат обврските во околината. Слоганот „За убави маалски дружби“ доволно кажува дека плоштадот е новото место за дружење и социјализација и во вечерните часови, бидејќи ќе биде осветлено. Се надевам дека и посетитетлите, заедно со сите нас добро ќе го чуваме, со цел да го имаме и да го користиме долго време“ вели Герасимовски.  

Плоштадот е авторско дело на архитектонското студио БМА и Бесиан Мемети, архитект.

Општина Центар ќе продолжи да ги негува позитивните соработки со општествено одговорните компании и ќе работи на нови естетски уредувања и нови проекти за граѓаните. Воедно општината упатува благодарност за донацијата која е навистина ново футуристичко урбано издание кое го збогатува Центар.

Стопанска банка АД – Скопје продолжува и понатаму да создава трајни вредности за заедницата од која потекнува преку своите општетствено одговорни активности во партнерство со граѓанскиот сектор и локалната самоуправа.

Продолжи со читање

Банки

ШПАРКАСЕ СО ШП-АРТ-УМЕТНОСТ: одбрани се 10-те финалисти што ќе учествуваат на годинешното издание на „Вевчански видувања“

Објавено

на

Талентот на уметниците поттикнат од креативна слобода ја претставува суштината на создавање и креирање Бесконечно платно: безгранична креативност, тема во фокус  на сите учесници на Конкурсот за млади сликари 2024, што беше објавен од Шпаркасе Банка АД Скопје и Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.

Конкурсот, како дел од „Шп-арт-клуб“ на Шпаркасе Банка, и годинава разбуди голем интерес меѓу нашите млади уметници, а најдобрите 10 финалисти со најкреативни уметнички дела, беа заслужно избрани од организаторот и од стручното жири за да бидат дел од овогодишното издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ во Вевчани.

Финалистите на возраст од 18 до 23 години, ќе бидат поделени во две групи и во периодот од 22.6.2024 до 6.7.2024 година ќе имаат можност 5 дена да уживаат во природните убавини на Општина Вевчани, да се инспирираат и да креираат со обезбеден сликарски материјал и престој. Првата група ќе твори од 22 до 26 јуни, а втората група од 26 јуни до 30 јуни 2024 година.

Во Група 1 се избрани пет финалисти — Сара Милошевска од Куманово (уметничко дело „Пејзаж“), Марија Нешкоска од Битола(уметничко дело „Композиција 1“), Тамара Ивковиќ од Гостивар(уметничко дело „Божествена птица“), Јована Иванова од Струмица (уметничко дело „Пејзаж“) и Матеа Поповска од Прилеп (уметничко дело „Живот“). 

Во Група 2 се другите пет финалисти — Евгенија Трајковска од Скопје (уметничко дело „Рацете на еден уметник“), Дорина Тенева од Скопје (уметничко дело „Дефне“), Манели Крстиќ од Скопје (уметничко дело „Портрет на другар ми“), Азра Таири од Тетово(уметничко дело „Holy Conversations“) и Елена Петковска од Скопје (уметничко дело „Dandelion“).

По завршувањето на Колонијата, Шпаркасе Банка ќе организира хуманитарен настан, на кој сликите на младите уметници ќе бидат понудени на јавна аукција, а собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Истовремено, тројцата сликари чии дела ќе добијат најголема вредност на аукцијата, ќе бидат дополнително поддржани од Шпаркасе Банка со откуп на три други нивни дела во вредност од 1.200 евра за првиот, 1.000 евра за вториот и 800 евра за третиот сликар односно сликарка.

Шпаркасе Банка во согласност со својата корпоративна стратегија за општествена одговорност во рамките на „Sparkasse Life“ секогаш се стреми да ги промовира, да ги поддржува и да ги заштитува младите креативни умови и нивната визија за уметничките стандарди во иднина.

Продолжи со читање

Банки

Величковски од Народната банка: Се очекува раст на конкуренцијата на пазарот на платежни услуги

Објавено

на

Се очекува засилување на конкуренцијата на домашниот пазар на платежни услуги. Народната банка ги издаде првите дозволи за платежни институции, во согласност со новата законска рамка, преку кои граѓаните ќе може да извршуваат плаќања во земјата и прекугранично, истакна директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски во гостување на „Блумберг Адрија“. Тој посочи дека една од значајните придобивки на новата правна рамка во платежната сфера е отворањето на пазарот за влез на нови даватели на платежни услуги, односно покрај банките, платежни услуги може да даваат и штедилниците, а како нови учесници на пазарот може да се јават и платежните институции и институциите за електронски пари.

Новите институции треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови коишто се јасно пропишани со новата правна рамка. Во изминатиот период, поголем број субјекти се обратија до Народната банка со цел да го почнат процесот за добивање дозвола за давање платежни услуги, при што пет трговски друштва коишто даваа одредени видови платежни услуги (брз трансфер на пари или издавање кредитни картички), во согласност со претходната правна рамка, поднесоа официјално барање со потребната документација во согласност со новата правна рамка и беа позитивно оценети. Покрај тоа, Народната банка му издаде дозвола на постоечкиот оператор на платниот систем-КИБС, којшто овозможува порамнување трансакции со кредитни трансфери, при што беше лиценциран за првпат во согласност со новите законски барања коишто ги следат практиките во земјите од Европската Унија. Во однос на интересот на новите небанкарски даватели на поширока лепеза платежни услуги, Величковски истакнува дека во моментов Народната банка е во активна комуникација со повеќе субјекти, од кои еден дел веќе даваат платежни услуги на пазарот во Европската Унија и во регионот. „Очекуваме дека овие субјекти, доколку ги исполнат пропишаните услови, ќе донесат иновативни решенија за плаќања на македонскиот пазар во согласност со глобалниот тренд поврзан со финтек-услугите“, рече Величковски.  

Покрај зајакнувањето на конкуренцијата преку навлегувањето на нови даватели на платежни услуги на домашниот пазар, коишто би обезбедиле поевтини, побрзи и поудобни плаќања за граѓаните и компаниите, новата правна рамка создаде основа за поедноставување и поевтинување и на прекуграничните плаќања. „Ова би го постигнале со пристапувањето во СЕПА (Единствена област за плаќања во евра). Народната банка и релевантните државни институции со заеднички напори ја пополнија апликацијата за пристапување на нашата земја во СЕПА и на крајот на април годинава, Народната банка ја достави апликацијата до Европската комисија за добивање неформално мислење. Откако ќе го добиеме неформалното мислење и откако соодветно ќе постапиме според него, апликацијата ќе биде формално поднесена до Европскиот совет за плаќања за добивање формална оцена и одлучување за пристапот во СЕПА“, посочи Величковски.

Продолжи со читање

Популарно