Connect with us
no baners

Бизнис

КИБС донираше компјутерска опрема за Педагошкиот факултет при УКИМ

Објавено

на

Денес на пригодна средба на генералниот директор на КИБС Клириншката куќа г-дин Горан Анастасовски со претставниците на Педагошкиот факултет “Св. Климент Охридски” – Скопје при УКИМ, деканот проф. д-р Билјана Камчевска и продеканот за финансии проф. д-р Весна Хорватовиќ, КИБС донираше компјутерска опрема за потребите на Педагошкиот факултет.

Оваа донација е дел од иницијативата на КИБС да ги поддржи студентите и персоналот во напорите за постигнување значајни резултати во нивната академска работа и студии, како и да ја стимулира иновативноста во имплементацијата на образовните програми.

Со повеќе од 20 години постоење и искуство, КИБС се позиционираше како куќа на доверба и сигурност, играјќи витална улога во обезбедувањето стабилност на постојната платежна инфраструктура и нудејќи други висококвалитетни доверливи и ИКТ услуги. Паралелно на тоа, КИБС посветено работи и на поддршката и развојот на заедницата и општото добро. Во тој контекст, оваа донација ја демонстрира силната и недвосмислена поддршка за новите академски генерации и нивните ментори, како и важноста тие да учат и да работат во една модерна и иновативна средина.

Високите претставници од Педагошкиот факултет изразија посебна благодарност за донацијата со која на студентите ќе им се олесни и подобри квалитетот на образовниот процес, особено поради фактот што токму од овој факултет ќе излезат кадри кои ќе образуваат и едуцираат многу нови генерации.

Тимот на КИБС продолжува со својата посветеност кон обезбедување позитивен придонес и импакт за општеството, убеден дека со ваквите и слични иницијативи се креираат нови трајни вредности и солидна подлога за развој на целата држава.

Бизнис

Финансиските друштва пред нови правила: Кредитите ќе се исплаќаат само на трансакциска сметка

Објавено

на

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за финансиските друштва со кои се предвидува заострување на контролите и воведување нови правила за работа на овие компании.

Според најавите, една од клучните промени е укинувањето на можноста кредитните средства да се исплаќаат во готовина. Во иднина, исплатата на кредити ќе се врши исклучиво преку банкарска сметка, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и следливост на финансиските трансакции.

Предложените измени предвидуваат и формирање задолжителни внатрешни тела во финансиските друштва, меѓу кои одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор. Дополнително, отворањето нови деловни простории ќе биде условено со претходна согласност од Министерството за финансии и исполнување на пропишани критериуми.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за Телма изјави дека потребата од законските измени произлегла од спроведените контроли, при кои биле утврдени слабости и недоречености во постојната регулатива.

Таа посочи дека дел од контролите откриле неправилности во работењето на одредени финансиски друштва, а во поединечни случаи биле преземени и санкции, вклучително и одземање лиценци. Како што нагласи, значаен придонес во откривањето на неправилностите имале и пријавите од граѓаните.

Со новите законски решенија, Министерството за финансии очекува да се зајакне надзорот врз секторот и да се воспостават повисоки стандарди за работење на финансиските друштва.

Продолжи со читање

Бизнис

Бензините поевтинија, дизелот со повисока цена од полноќ

Објавено

на

Од полноќ на сила се новите цени на горивата, со кои бензините бележат намалување, додека дизелот поскапува.

Според новиот ценовник, ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава за 86 денари по литар, а цената на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 88 денари за литар. И двата бензина се поевтини за 2 денари во однос на претходните цени.

За разлика од нив, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) поскапува за 1,50 денари и од денеска се продава по цена од 87 денари за литар.

Новите малопродажни цени стапија во сила од 00:01 часот.

Продолжи со читање

Бизнис

УЈП го претстави процесот за е-фактурирање: Дигитален систем за побезбедно и побрзо издавање фактури

Објавено

на

Управата за јавни приходи (УЈП) го претстави начинот на функционирање на новиот систем за е-фактурирање, кој треба да овозможи поедноставен, побезбеден и целосно дигитализиран процес за издавање и прием на фактури.

Според презентираниот модел, процесот започнува со креирање на фактура од страна на издавачот во сопствениот систем или преку веб-портал. Потоа документот се потпишува со квалификуван дигитален сертификат и електронски се испраќа до системот на УЈП.

По приемот, системот автоматски врши валидација на фактурата, при што проверува дали се пополнети сите задолжителни полиња, дали документот е електронски потпишан и дали ги исполнува техничките услови. Доколку фактурата ги помине проверките, ѝ се доделува единствен идентификациски број (еИД), кој се смета за официјален момент на нејзино издавање и прием.

По успешната обработка, и издавачот и примачот добиваат известување дека е-фактурата е доставена и може да биде преземена.

PDF-документот ќе служи само како визуелен приказ за преглед, печатење или интерна евиденција, додека правно валиден документ ќе биде единствено електронската фактура во пропишаниот формат со доделен еИД. Дополнително, секој печатен PDF ќе содржи QR-код преку кој ќе може веднаш да се провери валидноста на фактурата на веб-страницата на УЈП.

Од институцијата оценуваат дека новото решение ќе придонесе за помодерна и поефикасна даночна администрација, усогласена со концептот Tax Administration 3.0, кој се темели на дигитализација, интероперабилност и подобрено корисничко искуство.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange