Connect with us

Банки

Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30% – oдржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика на Народната банка

Објавено

на

На 11 јуни 2024 година се одржа редовна седница на ИО за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Со тоа, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чија примена започнува од јуни, обезбедуваат дополнителна поддршка за прудентноста на монетарната политика.

Главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Инфлацијата во мај 2024 година умерено забрза и изнесува 4,5% на годишно ниво, при позитивен придонес за растот како од базичната инфлација, така и од останатите компоненти. Сепак, динамиката на инфлацијата во мај не отстапува од патеката на движење предвидена во рамките на пролетните проекции на Народната банка. Според овие проекции, за целата 2024 година се очекува просечна инфлација од 3,5%. Во однос на цените на примарните производи на берзите, најновите прогнози се ревидирани умерено нагоре, односно се очекува нивен помал пад оваа година, а нестабилниот геополитички контекст и натаму создава неизвесност и нагорни ризици за следниот период. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на монетарната политика. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во јуни беше донесена одлука за намалување на основните каматни стапки за 0,25 п.п., во согласност со очекувањата на пазарите. Притоа, ЕЦБ нагласи дека и покрај намалувањето, со новото ниво на каматните стапки сè уште се задржува затегнатоста и претпазливоста на монетарната политика.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на мај изнесува 4.293,6 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар и натаму се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината, при солиден прилив на девизи и на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во април 2024 година е во согласност со очекувањата од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар во вториот квартал, заклучно со втората декада од мај засега се близу до проектираните нето-приливи од приватните трансфери.

Економскиот раст во првиот квартал на 2024 година малку забрза, во согласност со проекциите на Народната банка, но поумерено од очекувањата. Реалниот раст на домашната економија изнесува 1,2% на годишна основа, при натамошен раст и на квартална основа. Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на висок реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, а индустриското производство бележи мал пад. Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, според првичните податоците за мај 2024 година, депозитниот потенцијал на банките и натаму расте, слично на очекувањата, при малку посилен кредитен раст од проектираниот.

Општо земено, најновите остварувања кај макроекономските показатели засега се близу до очекувањата од последните проекции, но условите за водење на монетарната политика и натаму се неизвесни. Потребно е натамошно внимателно следење на динамиката и факторите кај инфлацијата, како и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и на пазарот на трудот. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.

Банки

Народна банка: Каматите на вкупните кредити се намалија, новите заеми поскапеа во август

Објавено

на

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во август 2026 година изнесувала 4,67 проценти, што претставува намалување од 0,01 процентен поен во однос на претходниот месец и од 0,23 процентни поени на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Кај депозитите, просечната каматна стапка останала непроменета во однос на јули и изнесувала 2,18 проценти. На годишно ниво е забележано минимално намалување од 0,01 процентен поен.

Истовремено, податоците покажуваат поинакво движење кај новите банкарски производи. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во август се зголемила за 0,26 процентни поени на месечно и за 0,22 процентни поени на годишно ниво, достигнувајќи 4,70 проценти.

Повисоки камати се забележани и кај новопримените депозити. Нивната просечна каматна стапка изнесувала 2,72 проценти, што е зголемување од 0,30 процентни поени во однос на јули и од 0,66 процентни поени во однос на август минатата година.

Каматите за компаниите благо се намалуваат кај постојните кредити

Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити во август се намалила за 0,01 процентен поен и изнесувала 4,33 проценти. На годишно ниво намалувањето изнесува 0,19 процентни поени.

Кај депозитите на компаниите, пак, е забележано зголемување. Просечната каматна стапка изнесувала 2,69 проценти, што е раст од 0,06 процентни поени на месечно и од 0,16 процентни поени на годишно ниво.

Позначителен раст е регистриран кај новоодобрените корпоративни кредити. Нивната просечна каматна стапка достигнала 4,68 проценти, по месечен раст од 0,47 процентни поени. На годишна основа, по неколку месеци на намалување, каматата се зголемила за 0,35 процентни поени.

Кај новопримените депозити на компаниите каматната стапка изнесувала 2,75 проценти, при месечен раст од 0,77 и годишен раст од 0,89 процентни поени.

Каматата на кредитите за населението падна на 5 проценти

Кај домаќинствата продолжува трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити. Во август таа изнесувала 5 проценти, што е намалување од 0,02 процентни поени во однос на јули и од 0,27 процентни поени на годишно ниво.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата останала непроменета на месечно ниво и изнесувала 2,11 проценти. Во споредба со август минатата година, таа е пониска за 0,03 процентни поени.

Кај новоодобрените кредити за домаќинствата немало промена во однос на претходниот месец, па просечната каматна стапка останала на 4,73 проценти. На годишно ниво, сепак, таа е повисока за 0,05 процентни поени.

Новопримените депозити на домаќинствата во август носеле просечна камата од 2,72 проценти, што претставува зголемување од 0,07 процентни поени на месечно и од 0,54 процентни поени на годишно ниво.

Податоците на Народната банка покажуваат дека, иако просечните камати на вкупното кредитно портфолио продолжуваат благо да се намалуваат, кај новоодобрените кредити во август е забележан раст на каматните стапки. Од друга страна, повисоките камати на новопримените депозити значат и нешто подобри услови за новото штедење во банките.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја исплати септемвриската пензија

Објавено

на

НЛБ Банка информира дека е извршена исплатата на пензиите за месец септември, а средствата веќе им се достапни на пензионерите.

Од Банката посочуваат дека корисниците можат веднаш да располагаат со средствата и ги охрабруваат пензионерите да ги користат достапните дигитални и безготовински канали за плаќање.

„Ве советуваме вашето ценето време да го заштедите преку користење на мрежата на банкомати, поголемо користење на безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство“, наведуваат од НЛБ Банка.

Со ова, пензионерите кои својата пензија ја примаат преку НЛБ Банка можат да ги користат средствата уште веднаш, без потреба од чекање на шалтер.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја отвора новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ за студентите

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје на 1 октомври ќе ја отвори новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ настан во Паркчето Кино Карпош.

Настанот е најавен како неформален почеток на новата академска година и е наменет пред сè за студентите и младите.

Програмата ќе трае од 14:00 до 16:00 часот, а за атмосферата ќе се погрижи DJ THE AFT3R. Предвидени се и street food понуда и коктели.

Од НЛБ Банка ги повикуваат младите по првите предавања да се соберат во Паркчето Кино Карпош и заедно да го одбележат стартот на академската година.

Со отворањето на новата NLB Next зона, Банката продолжува со активности насочени кон помладата генерација и создавање простор за дружење, комуникација и современо банкарско искуство.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange