Connect with us

Банки

Советот на Народната банка го усвои Кварталниот извештај: Монетарната политика ќе придонесе за забавување на инфлацијата и задржување на стабилноста на курсот

Објавено

на

Советот на Народната банка, на 2 февруари 2024 година, ја одржа својата редовна седница, на која го усвои Кварталниот извештај за последното тримесечје од 2023 година. Во Извештајот се наведува дека во последниот квартал лани, Народната банка нема направено дополнителна промена во поставеноста на монетарната политика, соодветно на условите во економијата. Тековното ниво на основната каматна стапка, заедно со промените кај задолжителната резерва, како и со преземените макропрудентни мерки, овозможуваат забавување на инфлацијата, во согласност со очекувањата и задржување на стабилноста на девизниот курс. Со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, поставеноста на монетарната политика на Народната банка соодветствува со монетарната политика на Европската централна банка.

Најновите показатели од домашната економија упатуваат на макроекономска слика којашто главно соодветствува со октомвриските оцени. Реалниот БДП во третиот квартал бележи годишен раст од 1,2%, што е во согласност со октомврискиот циклус проекции (раст од 1,1%). Расположливите високофреквентни податоци за економската активност покажуваат рани знаци на забрзување на годишниот раст во последното тримесечје од годината, што засега е во согласност со октомвриските оцени за умерен раст на БДП во 2023 година од 1,9%, а понатаму зголемување на 3% во 2024 година и 4% во 2025 − 2026 година. Зголемените геополитички тензии поради војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и Газа и нивното евентуално проширување се клучните ризици на краток рок, коишто би можеле да предизвикаат нарушување на енергетските пазари и на глобалните трговски текови.

Во последното тримесечје од 2023 година, годишната стапка на инфлација дополнително забави, сведувајќи се на 3,4%. За целата 2023 година, просечната годишна стапка на инфлација изнесува 9,4% и е во согласност со проекцијата (9,5%). Според октомвриските оцени, за 2024 година се очекува дека просечната инфлација ќе се сведе на нивото од 3,5% до 4% и потоа ќе се стабилизира околу 2% на среден рок. Ризици околу инфлацијата сè уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи на светските берзи, поради геополитичките тензии и климатските промени, како и со промените на регулираните цени и побарувачката.

Во четвртиот квартал од 2023 година, кредитната активност на банкарскиот сектор умерено се засили во однос на претходниот квартал, што е карактеристично за крајот на годината. Сепак, на годишна основа, стапката на раст на вкупните кредити и натаму забавува, при затегнати монетарни услови, така што во последното тримесечје на 2023 година се сведе на 5,1%, што е малку под очекувањата според октомвриската проекција (5,7%). Истовремено, е забележан поизразен квартален раст кај депозитната база и натамошно забрзување на годишниот раст на депозитите, којшто достигна 9,1%, што е над очекувањата за крајот на годината според октомвриската проекција (8,4%). Притоа, и натаму има поволни придвижувања од аспект на рочната и валутната структура на штедењето (раст на долгорочните и на денарските депозити), одразувајќи ги ефектите од мерките преземени од страна на Народната банка и стабилизираните очекувања на економските субјекти.

Надворешната позиција на економијата е поволна и овозможува раст на девизните резерви. Податоците за девизните резерви за четвртото тримесечје се подобри од очекувањата според октомвриските проекции, со што за целата 2023 година тие остварија повисок раст од очекуваниот и останаа во сигурната зона.

Во Извештајот се наведува дека условите за водење на монетарната политика и натаму се неизвесни, додека ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок сѐ уште постојат, поради што е потребна натамошна претпазливост, особено при водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.

no baners

Банки

Средба Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Никол Варнс, на која беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.

На средбата беше истакнато дека Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима.

Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.

Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.

Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.

Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка како партнер на НСРР ја продолжува поддршката за родова рамноправност и финансиска независност на жените

Објавено

на

Комерцијална банка и оваа година ја потврдува својата општествена одговорност преку континуирана поддршка на Националниот совет за родова рамноправност (НСРР), продолжувајќи ја својата мисија за помагање, охрабрување и едуцирање на жените за зајакнување на нивната финансиска независност.

Како дел од оваа заложба, Комерцијална банка финансиски ќе го поддржи проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето и СОС линијата при НСРР“, со цел унапредување на пристапноста до поддршка и информации за жените кои се соочуваат со различни животни и социјални предизвици.

Во рамките на акцијата „Биди своја, биди силна!“, Комерцијална банка активно ќе придонесува кон охрабрување и мотивирање на жените да носат информирани и правилни финансиски одлуки, да изградат финансиска сигурност и полесно да ги надминат предизвиците на начин што обезбедува самостојност и заштита.

Со континуираната поддршка на активностите на НСРР, Банката ја потврдува својата заложба за родова еднаквост и за достапна, целосна поддршка на жените во сите аспекти на финансиското и социјалното делување.

Продолжи со читање

Банки

Шпаркасе Банка повторно ја доби сертификацијата „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ – потврда за транспарентност и грижа за клиентите

Објавено

на

Шпаркасе Банка АД Скопје ја обнови сертификацијата „Фер финансиски услуги за потрошувачите“, доделена од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), со што уште еднаш ја потврди својата посветеност на транспарентно, одговорно и етичко работење.

Ова признание претставува потврда за континуираниот фокус на Банката кон фер услови, јасна комуникација и заштита на интересите на клиентите, како и за примената на највисоки стандарди во односите со потрошувачите.

Обновената сертификација обезбедува дополнителна стручна поддршка, релевантни увиди за корисничкото искуство и унапредување на добрите практики во финансискиот сектор.

Со вакви активности, Шпаркасе Банка продолжува да ја гради довербата на клиентите преку јасен и коректен пристап, поставувајќи ги нивните реални потреби во центарот на своето работење и потврдувајќи ја својата улога како одговорен и стабилен финансиски партнер.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange