Анализи
Во што повеќе вложуваа банките – во кредити или во државни хартии од вредност?
Рекордно високите каматни стапки што ги нудат Народната банка и Министерството за финансии ги ставија банките минатата година пред „тежок“ избор – дали да вложуваат во државни хартии од вредност со високи приноси и без ризик или да даваат кредити на компаниите и граѓаните, исто така, со зголемени каматни стапки, но и со релативно поголем ризик?
Каков избор направија Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје и НЛБ банка? Финансиските извештаи на овие банки за 2023 година покажуваат дека кредитните пласмани се уште се најголема ставка во нивните биланси, но добар дел од активата завршила и во благајнички записи, депозити во централната банка и во државни обврзници, но и во странски банки.
Меѓу овие три банки, најголем износ на кредитни пласмани во минатата година објави Стопанска банкаСкопје, која во вид на кредити во стопанството и населението пласирала 92,3 милијарди денари (1,5 милијарди евра). Тоа претставува 70,05% од вкупнатаактива на Стопанска банка Скопје, што е идентично како и во 2022 година. Кредитирањето кај оваа банка бележи годишен раст од 7,5%.
Во коментарот на остварените резултати, од Стопанска банка Скопје посочуваат дека драстичниот раст на нето-приходите од камати е резултат и на зголеменото кредитно портфолио.
Во хартии од вредност, Стопанска банка вложила 11,4 милијарди денари (185,5 милиони евра), што е за 9,8% повеќе во споредба со претходната година.
Но, факт е дека процентуалниот раст на приходите од камати кај сите банки е многу поголем од растот на кредитните пласмани, па и на пласманите во хартии од вредност, што секако е резултат на исклучително високите каматни стапки како принос во билансите на банките.
НЛБ банка во кредити пласирала 74,1 милијарда денари (1,2 милијарди евра), што претставува зголемување од 4,3% во однос на 2022 година. Кредитните пласмани учествуваат со 63,63% во вкупната актива на банката во 2023 година, а во 2022 година учеството било 63%, што значи дека се одржува на исто ниво.
Пласманите во хартии од вредност на НЛБ банка во 2023 година изнесуваат 16 милијарди денари (258 милиони евра) и се помали во споредба со претходната година за околу 3%. Оваа банка речиси и да нема пласмани во други банки.
Кај Комерцијална банка се забележуваат поразлични бројки. Учеството на кредитните пласмани во вкупната активата на оваа банка изнесува 36,8% и во споредба со претходната година е намалено за околу 3 процентни поени. Билансот на состојба на Комерцијална банка покажува дека во 2023 година во кредити се пласирани 60,2 милијарди денари (979 милиони евра), што е за 0,6% повеќе во однос на 2022 година.
Во хартии од вредност Комерцијална банка има вложено 29,9 милијарди денари (486 милиони евра), односно за 10,3% повеќе во однос на 2022 година. Оваа банка значително ги зголеми и пласманите во други банки, кои изнесуваат 3 милијарди денари (48,5 милиони евра), што е за пет пати повеќе отколку во 2022 година.
Анализи
Европа под притисок од скапата енергија: Различни мерки, ист товар за буџетите
Цените на бензинот, дизелот и електричната енергија продолжуваат да растат, што ги принуди речиси сите земји од Европската унија да воведат мерки за поддршка на граѓаните и стопанството. Иако целта е иста – да се ублажи ударот врз животниот стандард и економијата – пристапите се разликуваат, а трошоците значително ги оптоваруваат државните буџети, пренесува Deutsche Welle.
Земјите низ Европа реагираат со различни пакети: директни субвенции, даночни олеснувања или административно ограничување на цените. Сепак, сите модели носат сериозен финансиски товар за јавните финансии.
Во Германија беше воведено привремено намалување на акцизите на горивата за околу 17 центи по литар во период од два месеца, како и олеснувања за вработените преку признавање на трошоците за превоз од првиот километар. Дополнително, намалена е и надоместокот за пренос на електрична енергија, што носи ограничени заштеди за домаќинствата.
Холандија се фокусира на директна финансиска помош за домаќинствата со ниски приходи, намалување на даноците за комерцијални возила за 50 проценти и зголемување на надоместоците за превоз. Во тек е и процес за одобрување субвенции за енергетска ефикасност, како што е изолација на домовите.
Во Италија е донесен пакет вреден околу три милијарди евра, кој вклучува намалување на акцизите за околу 25 центи по литар, поддршка за енергетски интензивните индустрии и даночни олеснувања за транспортниот сектор.
Грција и Австрија применуваат сличен модел со намалување на даноците на горивата.
Во Франција е усвоен пакет помош вреден околу 70 милиони евра.
Хрватска се одлучи за административно утврдување на максимални цени на горивата, кои се ажурираат на секои две недели, како и за поддршка на граѓаните при плаќањето на електричната енергија. Истовремено, намалените акцизи индиректно ги намалуваат цените, но и буџетските приходи.
Во Словенија државата директно ги ограничува цените на струјата и горивата, користејќи ја контролата на цените како клучен механизам за заштита на потрошувачите.
Србија исто така применува државно утврдување на цените на горивата, со директна регулација на пазарот.
Во Босна и Херцеговина нема директна контрола на цените, но пониските даноци придонесуваат бензинот да биде поевтин, додека дизелот е поскап во однос на регионот.
Специфичен пристап има Унгарија, каде пониските цени важат за возила со домашни регистарски таблички, додека странските возачи плаќаат повисоки цени.
И покрај различните мерки, заедничкиот предизвик останува ист – како да се заштитат граѓаните и економијата, без притоа да се наруши стабилноста на државните буџети.
Анализи
Пазарите не мируваат: Цената на нафтата повторно расте
Глобалните цени на нафтата пораснаа утринава за време на тргувањето во Азија, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Соединетите Американски Држави пресретнале и заплениле товарен брод што пловел под иранско знаме.
Ова следуваше откако Иран во саботата соопшти дека повторно го затвора пловниот пат низ Ормутскиот теснец за комерцијални бродови, со предупредување дека секој брод што ќе му се приближи ќе биде цел на напад.
Терминските договори за Brent нафтата пораснаа за 4,74% на 94,66 долари (70,11 фунти) по барел, додека американската нафта West Texas Intermediate поскапе за 5,6% на 88,55 долари.
Енергетските пазари бележат силни осцилации откако САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, по што Техеран се закани дека ќе таргетира бродови во теснецот низ кој минуваат околу 20% од светската нафта и течен природен гас (LNG).
Претходно, Трамп изјави дека американски претставници во понеделник ќе престојуваат во Пакистан на разговори. Официјален претставник на Белата куќа соопшти дека делегацијата ќе ја предводи потпретседателот Џеј Ди Венс.
Сепак, иранските државни медиуми пренесоа дека Техеран „засега нема планови да учествува“ во разговорите, иако иранските власти сè уште не го прецизирале конечниот став на земјата.
„Пазарите на нафта продолжуваат да осцилираат како одговор на променливите објави на социјалните мрежи од САД и Иран, наместо на реалните околности на теренот, кои и понатаму го отежнуваат брзото обновување на протокот на нафта“, изјави аналитичарот Саул Кавоник од финансиската компанија МСТ Марки за Би-Би-Си.
„Сето тоа е дел од преговорите што во реално време се одвиваат во Ормутскиот теснец.“
Ормутскиот теснец остана затворен и во неделата, ден откако Корпус на чуварите на исламската револуција соопшти дека го прекинува привременото отворање кое следеше по американската поморска блокада, за која тврдат дека ги крши условите од договорот за примирје. Иран наведе дека теснецот ќе остане затворен сè додека САД не ја прекинат поморската блокада.
Трамп во петокот изјави дека блокадата ќе остане на сила сè додека двете земји не постигнат договор.
Анализи
Европската економија на крстопат: Индустријата слабее, инфлацијата се смирува, вработеноста стабилна
Априлските податоци од платформата на Eurostat укажуваат на сложен и нерамномерен тек на економското закрепнување во Европската унија: додека инфлацијата слабее и невработеноста останува на историски ниско ниво, индустриското производство и натаму покажува знаци на замор.
Станува збор за интерактивен месечен преглед кој ги обединува клучните краткорочни индикатори – од БДП и инфлација, преку индустријата и цените на недвижностите, до пазарот на труд – овозможувајќи сеопфатен увид во состојбата на европската економија.
Во описот на месечниот преглед се наведува дека економското расположение дополнително се влошило, одразувајќи пониска доверба кај потрошувачите и трговците.
Инфлацијата порасна втор месец по ред, додека цените на недвижностите продолжија со стабилен растечки тренд, достигнувајќи нови рекорди.
Според последните достапни трендови, индустриското производство во ЕУ продолжува со негативната серија, потврдувајќи послаба динамика во реалниот сектор.
Овој пад доаѓа во контекст на забавување на глобалната побарувачка и повисоки трошоци за финансирање, што дополнително ги оптоварува европските производители.
Истовремено, инфлаторните притисоци во ЕУ покажуваат знаци на смирување по претходниот период на силен раст на цените.
Намалувањето на инфлацијата отвора простор за потенцијално олеснување на рестриктивната монетарна политика, но аналитичарите предупредуваат дека ризиците и натаму се присутни, особено поради геополитичките фактори и нестабилноста на цените на енергенсите.
Еден од најсилните столбови на европската економија останува пазарот на труд. Стапката на невработеност се движи блиску до историскиот минимум, што укажува на отпорност на компаниите и покрај забавувањето на економската активност.
Платформата опфаќа широк спектар на индикатори – вклучувајќи БДП, инфлација, невработеност, индустриско производство, деловен сентимент и банкроти – и се ажурира на месечно ниво за да ги одрази најновите движења во ЕУ и земјите од ЕФТА.
Комбинацијата од слабеење на индустријата и смирување на инфлацијата, заедно со стабилен пазар на труд, укажува дека европската економија се наоѓа во преодна фаза – меѓу постинфлаторно закрепнување и потенцијално забавување на растот.
За носителите на одлуки и инвеститорите, клучен предизвик во наредните месеци ќе биде балансирањето меѓу поддршката на растот и зачувувањето на макроекономската стабилност.
-
Анализипред 2 месециПросечната плата во Македонија близу 47.000 денари – раст од 7,6% на годишно ниво
-
Интервјуапред 2 месециПензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за февруари 2026 година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со информација за исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за февруари 2026 година
-
Банкипред 2 месециЗошто е сменет директорот на Развојната банка и кој е неговиот наследник!?
-
Продуктипред 1 месецДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Останатопред 2 месециМакедонските пензионери во странство останаа без покачена пензија
-
Банкипред 2 месециХалкбанк известува: Пензиите за февруари се достапни на пензионерите


