Connect with us

Анализи

Има пари, ама се скапи!

Објавено

на

Во услови на силно изразени инфлаторни притисоци и финансиска криза кај населението како последица на високите цени, сепак не може да се каже дека нема пари. Напротив има пари во македонската економија, и тоа многу пари, ама се многу скапи.

Доказ за тоа се високите каматни стапки, кои кај некои финансиски инструменти постигнаа и рекордно високи нивоа. Високи се каматите што ги дава државата за државните хартии од вредност (државни записи и и државни обврзници), а високи се и каматните стапки на финансиските инструменти со кои Народната банка на Македонија собира пари од банките. Споредено со изминатите десетина години, високи се и каматите за штедните депозити во банките.

Како цена на парите, овие каматни стапки во минатата година и на почетокот од новата година поради својата атрактивност привлекуваат огромни суми пари од банките, граѓаните и од другите институционални инвеститори. Факт е дека каматните стапки на централната банка се високи заради високата инфлација, односно со нив НБРСМ го собира вишокот ликвидност и се бори против инфлацијата. Министерството за финансии, пак, со високите каматни стапки се обидува да го наполни буџетот за да го финансира огромниот државен апарат, што пак на долг рок значи се поголем јавен долг и позадолжена држава. Поради високите камати на НБРСМ, пораснаа и каматите за штедење во банките, а секако и каматите на кредитите.

Во вакви услови најтешко поминуваат граѓаните и компаниите кои имаат потреба од кредитна поддршка бидејќи мораат да се задолжуваат кај банките со повисоки камати. Граѓаните се изложени и на високи цени во малопродажба, а компаниите при набавка на суровини, репроматеријали и разни други услуги.

Нашата анализа покажа дека само во јануари и првата недела од февруари оваа година веќе се собрани од економијата околу 8,9 милијарди денари (околу 145 милиони евра) од страна на Народната банка и на Министерството за финансии.

  • 10 милиони денари преку благајнички записи со каматна стапка од 6,30%
  • 42,583 милиони денари преку депозити на седум дена со камата од 4,25%
  • 1.815.470.000 денари преку државни записи со камата од 4%
  • 2.314.010.000 денари преку државни записи со камата од 4,10%
  • 2.414.030.000 денари преку државни записи со камата од 4,10%
  • 700.000.000 денари преку 5-годишни државни обврзници со камата од 4,5%
  • 1.300.000.000 денари преку 15-годишни државни обврзници со камата од 5,9%
  • 300.000.000 денари преку 15-годишни државни обврзници со камата од 6%

Овој тренд започна во текот на минатата година и очигледно е дека продолжува и оваа година и тоа од повеќе причини.

Инфалторните притисоци не попуштаат и Народната банка не се откажува од рестриктивните монетарни политики. Уште поголем притисок прави моментот на се уште замрзнати цени во маркетите, мерка на Владата која, барем засега, останува на сила уште еден месец. Економистите стравуваат дека по укинувањето на мерката ќе има нов значителен притисок врз инфлацијата во земјава, така што е тешко да се очекува во првата половина од 2024 НБРСМ да се откаже од високите каматни стапки.

Изборите во мај, пак, нема да и дозволат на Владата да се откаже од натамошни задолжувања со цел да обезбеди доволно пари што за редовните потреби на државата, што за враќање на доспеаните долгови, а што за популистички мерки пред избори, како што се зголемени пензии и слично. 

Токму затоа парите остануваа скапи иако ги има во изобилство.

Анализи

ЕУ од суфицит премина во дефицит, трговскиот биланс се влоши за 89 милијарди евра

Објавено

на

Европската унија го заврши првото полугодие од 2026 година со дефицит во стоковната размена со остатокот од светот од 14,9 милијарди евра, откако во истиот период минатата година имаше суфицит од 74,1 милијарда евра, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Тоа значи дека трговскиот биланс на ЕУ за една година се влошил за дури 89 милијарди евра.

Од јануари до крајот на јуни, извозот на стоки од ЕУ во земјите надвор од Унијата изнесувал 1.317 милијарди евра, што е намалување од 2,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Во исто време, увозот се зголемил за 4,7 отсто, на 1.331,9 милијарди евра.

Само во јуни, ЕУ остварила суфицит од 3,9 милијарди евра, во споредба со 5,2 милијарди евра во истиот месец минатата година. Извозот на годишно ниво пораснал за 12,5 отсто, на 241,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,5 отсто, на 237,7 милијарди евра.

Евростат наведува дека трговскиот биланс во јуни се влошил за 1,3 милијарди евра во споредба со истиот месец во 2025 година. Главната причина е зголемениот дефицит во трговијата со енергенси, кој делумно бил ублажен со поголемиот суфицит кај хемиските и сродните производи.

ЕУ во јуни извезла енергенси во вредност од 12,2 милијарди евра, додека увозот достигнал 42,6 милијарди евра. Со тоа, дефицитот во оваа категорија изнесувал 30,4 милијарди евра, наспроти 23,8 милијарди евра една година претходно.

Најголем суфицит бил забележан во трговијата со хемиски производи, во износ од 17,3 милијарди евра, додека кај машините и возилата бил остварен вишок од 14,6 милијарди евра.

Најголем трговски дефицит ЕУ имала со Кина, во износ од 35,1 милијарда евра. Со Соединетите Американски Држави бил остварен суфицит од 11,2 милијарди евра, а со Обединетото Кралство од 17,1 милијарда евра.

Еврозоната, пак, во јуни повторно се вратила во суфицит, кој изнесувал 8,6 милијарди евра, по дефицитот од девет милијарди евра во мај. Во јуни минатата година суфицитот изнесувал 4,8 милијарди евра.

Извозот од еврозоната во јуни пораснал за 14,4 отсто, на 272,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,1 отсто, на 264 милијарди евра.

Сепак, резултатот за целото прво полугодие е значително послаб од лани. Суфицитот на еврозоната се намалил од 82,2 милијарди евра во првите шест месеци од 2025 година на само 9,8 милијарди евра во истиот период годинава.

Продолжи со читање

Анализи

Европските берзи тргуваат претпазливо и покрај рекордот на Волстрит

Објавено

на

На европските берзи во петокот претпладне се тргуваше претпазливо, и покрај растот на Волстрит претходниот ден и новото рекордно ниво на американскиот индекс S&P 500.

Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, околу 9:30 часот беше речиси непроменет во однос на претходниот ден.

Лондонскиот FTSE се намали за 0,12 отсто, на 10.758 поени, додека германскиот DAX порасна за 0,55 отсто, на 26.445 поени. Парискиот CAC забележа минимален раст од 0,02 отсто и достигна 8.650 поени.

Мирно тргување беше забележано и на Загрепската берза, каде прометот остана релативно скромен.

Околу 10:30 часот индексот Crobex беше во плус од 0,09 отсто, на 4.433 поени, додека Crobex10 порасна за 0,06 отсто, на 2.865 поени.

Редовниот промет со акции до тој момент изнесуваше околу 370.000 евра, што е приближно 270.000 евра повеќе во споредба со истиот период претходниот ден.

Најголем промет, од околу 250.000 евра, беше остварен со акциите на Končar, чија цена остана непроменета на 1.010 евра.

Акциите на Maistra забележаа промет од околу 36.000 евра, а нивната цена се намали за 0,8 отсто, на 65,50 евра.

Промет поголем од 20.000 евра беше остварен и со уште две акции. Акциите на Zagrebačka banka поевтинија за 0,4 отсто, на 22,40 евра, додека повластените акции на Adris grupa пораснаа за 0,5 отсто, на 107 евра, пренесува Хина.

Продолжи со читање

Анализи

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, Северна Македонија на 30. место

Објавено

на

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, покажуваат податоците од Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), кој ја оценува подготвеноста на државите да спречат и да одговорат на сајбер-напади.

На ранг-листата што ја изработува естонската Академија за е-управа се опфатени 155 држави и територии, а Албанија го освои првото место со 98,33 од максимални 100 поени.

Со овој резултат, балканската земја зад себе остави некои од технолошки најразвиените држави во светот, меѓу кои Германија и САД, како и второпласираната Чешка.

Особено впечатлив е напредокот на Албанија во последните неколку години. Минатата година земјата се наоѓала на 15. место, додека во 2023 година била дури на 54. позиција.

Индексот ја оценува способноста на земјите да спречуваат сајбер-закани, да ја заштитат критичната инфраструктура и најважните услуги, да реагираат на сајбер-инциденти, да развиваат национални стратегии, да ги подобруваат стручните капацитети и да ја зајакнуваат меѓународната соработка.

Некои од најголемите светски економии се пласираа значително пониско. Франција е на 16. место, Германија на 19., а Соединетите Американски Држави се на 31. позиција.

Северна Македонија се најде на високото 30. место, една позиција пред САД. Од земјите во регионот, Словенија е на 15. место, Хрватска на 35., додека Србија е на 40. позиција.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange