Connect with us
no baners

Банки

Добивката на ТТК Банка порасна за 36,4% и дојде до 1 милион евра во 2022 година

Објавено

на

Во услови на изразена економска и енергетска криза, динамичен пазар и силна конкуренција, водејќи се од основните принципи за сигурно и стабилно работење, ТТК Банка АД Скопје управуваше успешно со сите деловни аспекти од работењето што ја одразува одржливоста на деловен модел.

Во ваков специфичен амбиент со многу предизвици, преку приспособлива стратегија на работење и преку посебна интерна посветеност, ТТК Банка АД Скопје реализираше позитивен финансиски резултат, темелен на здрава основа и во согласност со амбиентот. Заклучно со 31.12.2022 година, финансискиот резултат изнесува 60,9 милиони денари, што претставува повисок резултат за 36,4 % во однос на истиот период минатата година.

Финансиски остварувања на Банката

Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2022 до 31.12.2022 година изнесуваат 249,1 милиони денари и го надминуваат планираното ниво за овој период за 2,9 %.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 199,1 милиони денари и бележат зголемување за 2,6 % во однос на претходната година, што e резултат, во најголем дел, на зголемените приходи од провизии од услугите преку проширената мрежа банкомати и зголемениот обем на работењето со картичките, како и на поволните движења во понудата и реализацијата на услугите во областа на платниот промет од секторот стопанство. Во однос на планот за овој период, нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги се остварени со 100,6 %.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 14,1 милиони денари и бележат годишен раст од 26,9 % како резултат на зголемениот обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар. Во однос на планот се остварени со 122,6 %.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 60,7 милиони денари и се повисоки за 96,5 % во однос на минатата година, како резултат, во најголем дел, од поголемиот износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства. Во однос на планот се остварени со 80,0 %.

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 374,6 милиони денари и се за 8,3 % повисоки во однос на истиот период минатата година, како резултат, во најголем дел, од зголемените материјални и административни трошоци и од повисоките трошоци за плати. Во однос на планот се остварени со 107,5 %.

Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 66,1милиони денари и истата соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката.

Во текот на 2022 година прокнижена е загуба заради оштетување на нефинансиските средства во износ од 14,1 милиони денари.

Исплатени дивиденди

На ден 3.3.2022 година Банката го објави Јавниот повик за учество на Годишното собрание на акционери коешто се одржа на 5.4.2022 година. На Седницата на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје беше донесена Одлуката за определување на износот на дивидендата и датумите на исплата на дивидендата, со којашто на 3.5.2022 година ТТК Банка АД Скопје започна со исплата на дивиденда за 2021 година во бруто-износ од 41.762.848 денари или висината на бруто-дивидендата по акција изнесува 46 денари односно 4,6 % од номиналната вредност по акција.

Материјалните средства (недвижности, постројки и опрема) се пониски за 13,5 % во однос на 31.12.2021 година, што во поголем дел се должи на реализирана продажба на недвижен имот како и на амортизација на основните средства.

Обврските по кредити во однос на 31.12.2021 година бележат зголемување за 94,8 %, главно како резултат на зголемени обврски по основ на пазар на пари, како и зголемени обврски по кредити. Во извештајниот период, TTK Банка АД Скопје започна со реализација на Кредитната линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) во соработка со Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ), која е наменета за обезбедување средства за инвестиции за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија на микро, мали и средни трговски друштва, ТП и занаетчии.

Банки

Славески: Mожна e корекција на основната каматна стапка ако има натамошни инфлациски притисоци

Објавено

на

„Доколку има натамошни притисоци врз ценовното ниво, ќе реагираме со корекција на каматните стапки нагоре, но конечната одлука ќе зависи од расположливите податоци за инфлацијата и за нејзините движења во наредниот период“, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостување во поткастот „Каде се парите“ со Горан Теменугов.

Тој нагласи дека Народната банка внимателно ги следи инфлациските движења коишто, по период на дезинфлација, повторно бележат забрзување во март и април, под влијание на надворешни фактори, пред сè на растот на цените на енергентите.

Славески појасни дека претходно економијата била блиску до стабилизирање на инфлацијата на ниво од околу 2,5%, но дека последните геополитички случувања придонесле за промена на трендот и за зголемена неизвесност кај ценовните движења.

Тој истакна дека монетарната политика мора да биде внимателна и балансирана, бидејќи пребрзото затегнување може да предизвика забавување на економскиот раст, додека задоцнетата реакција може да доведе до вградување повисоки инфлациски очекувања.

Гувернерот додаде дека основната каматна стапка е главниот инструмент во одржувањето на ценовната стабилност, но дека Народната банка располага и со други инструменти, вклучително и макропрудентни мерки за зачувување на финансиската стабилност.

Народната банка и во иднина внимателно ќе ги следи економските показатели и ќе носи одлуки врз основа на поширок збир податоци за инфлацијата и за економските движења, при што во фокусот и натаму ќе биде одржувањето на ценовната стабилност на среден рок.

Продолжи со читање

Банки

Добивката на УНИ Банка намалена за 61 отсто во првиот квартал

Објавено

на

УНИ Банка во првиот квартал од годинава остварила нето-добивка од 56,6 милиони денари, што претставува пад од 61 отсто во споредба со истиот период лани, објави SeeNews повикувајќи се на финансиските резултати на Банката.

Според објавените податоци, добивката на Банката во периодот јануари – март изнесувала околу 915 илјади евра.

Во кратката објава не се наведуваат дополнителни детали за причините за намалувањето на профитот, но резултатите покажуваат значително послаб финансиски резултат во однос на првиот квартал минатата година.

Продолжи со читање

Анализи

Монетарни движења во април: Пад на депозитите, но силен раст на кредитите

Објавено

на

Во април 2026 година паричната маса забележа месечен пад од 1,3%, главно како резултат на намалувањето на краткорочните депозити, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Вкупните депозити на месечно ниво се намалени за 1,4%, при што падот е концентриран кај корпоративниот сектор, додека депозитите на домаќинствата продолжиле да растат. На годишно ниво, депозитите бележат зголемување од 9,3%.

Во истиот период, вкупните кредити се зголемени за 1% на месечно и за 13,3% на годишно ниво, што укажува на континуирана кредитна активност кај компаниите и домаќинствата.

Кредитирањето на корпоративниот сектор бележи годишен раст од 15%, додека кредитите на домаќинствата се зголемени за 11,9%. Кај граѓаните, најизразен раст и понатаму имаат потрошувачките и станбените кредити. Потрошувачките кредити во април пораснале за 1,2% на месечно и 11,2% на годишно ниво, додека станбените кредити бележат раст од 1,3% месечно и 16,2% на годишна основа.

Од Народната банка посочуваат дека депозитите на домаќинствата во април се зголемени за 1,6% на месечно ниво и за 10,5% на годишно ниво, поттикнати од растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута.

Податоците упатуваат на комбинирани движења во монетарниот сектор – умерено забавување на депозитната динамика во корпоративниот сегмент, при истовремено засилена кредитна активност и стабилен раст кај населението.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange