Банки
ПРВ КВАРТАЛ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивката зголемена за речиси 100%!
Во периодот од 01.01-31.03.2023 година Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.039,7 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 522,6 милиони денари што претставува зголемување за 98,9%.
Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 136,4 %. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 67,9% поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на приходите од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката. Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво. Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност на пазарите, сѐуште висока инфлација која забележа мало забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 1.580,3 милиони денари и бележат зголемување од 40,6 % во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.03.2023 година истите бележат зголемување од 82,6 % во однос на истиот период од минатата година. Притоа, треба да се укаже дека заради затегнувањето на монетарната политика и зголемените каматни стапки, остварен е пораст и на приходите од камати на кредитите дадени на правните лица и населението, но тој пораст е значително, дури неколкукратно помал од порастот на приходите од камати кај нерезидентите, кај финансиските друштва, па и кај државата. На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени кај финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се единаесеткратно поголеми, а кај нерезидентите, каде доминираат пласманите во странски банки се и над четиринаесеткратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година. Тоа е затоа што во првиот квартал од минатата година каматната стапка Euribor беше околу 0 % или негативна, а оваа година достигна околу 3,5 % – 4 %. Кај благајничките записи, каматите се зголемија од 1,25 % на најновите 5,50%, а на државните записи од 0,40 % на 3,70 %, или 5,25 % кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до 7,14 % кај последната еврообврзница. Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странска валута, споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 0,25 % на 4,39 %, додека просечната пондерирана каматна стапка на пласманите во НБРСМ од 0,31 % на 3,63 %. Токму затоа, во билансот на Банката, за прв пат приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението. Или пак, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и државата се значително поголеми од приходите од камати кај правните лица. Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 55 % од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи. Како резултат на ваквите движења, нетокаматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 1,9 % во првиот квартал од минатата година, на 3,3 % во истиот период од оваа година.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2023 година изнесуваат 267,9 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 6,8 % како резултат на зголемен обем на активности кој продолжува од минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 89,2 %.
Нето приходите од курсни разлики на 31.03.2023 година изнесуваат 96,7 милиони денари и бележат зголемување од 68,8 %, во најголем дел како резултат на зголемениот промет на девизен пазар со правни лица, како и по основ на методолошка промена на евидентирањето на приходите од девизно работење почнувајќи од 01.01.2023 година. Планот за анализираниот период е остварен со 159,2 %.
Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2023 година изнесуваат 66,6 милиони денари и бележат намалување од 64,4 % во најголем дел како резултат на помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 40,6 %.
Оперативните расходи за периодот 01.01-31.03.2023 година изнесуваат 485 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 2,9 % како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот кон крајот на 2022 година, како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 92,8 %.
Во периодот од 01.01-31.03.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 1 милион денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.
Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 54,6 милиони денари, наспроти 128,8 милиони денари во истиот период минатата година.
Вкупната актива на Банката на 31.03.2023 година достигна износ од 152.815,1 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 1,2%. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемувањето кај вложувањата во хартии од вредност, а во помал дел и поради зголемените кредити на и побарувања од банки и зголемените кредити на и побарувања од други комитенти. Планот е остварен со 100,1%.
Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 9,6%, во најголем дел заради намалената состојба на пласираните депозити преку ноќ во НБРСМ, намалувањето кај орочените депозити во странски банки до 3 месеци (како резултат на достасани депозити во валута УСД и нивно орочување на подолги рокови), како и намалувањето кај девизните тековни сметки во странски банки поради пренасочување на средствата во вложување во хартии од вредност. Планот е остварен со 89,4 %.
Средствата за тргување бележат зголемување од 3,1% како резултат на купени акции.
Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 357,8 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.
Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 209,7%, кое се должи главно на зголемените девизни депозити од 3 месеци до 1 година во валута УСД. Планот е исполнет со 308,6%.
Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 0,7% како резултат на зголемено кредитирање, пред сѐ на секторот домаќинства. Планот е остварен со 99,6%.
Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 21,1 % главно како резултат на запишани континуирани државни обврзници во денари, запишани државни записи и купени македонски еврообврзници. Планот е остварен со 119,3 %.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се зголемени за 58,6% и имаат минимално учество во вкупната актива.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 134.074,6 милиони денари и бележат зголемување од 0,4 %. Планот е остварен со 99,5%.
Обврските по кредити изнесуваат 678,3 милиони денари и се намалени во однос на декември 2022 година за 2,8%, како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 103,7%.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.03.2023 година достигнаа износ од 15.462,4 милиони денари. Во нивната структура, останатите резерви бележат пораст од 8,6 %, додека задржаната добивка е намалена, согласно Одлука за распределба на добивката за 2022 година, донесена од Собранието на акционери на 29.03.2023 година. Планот е реализиран со 96,5%.
Банки
НЛБ Банка со раст на добивката од 7 отсто во првото полугодие од 2026 година
НЛБ Банка Скопје во првите шест месеци од 2026 година остварила нето-добивка од 1.722 милиони денари, што е раст од 7 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Добивката пред оданочување достигнала 1.979 милиони денари, односно е зголемена за 7,4 отсто на годишно ниво. Нето-приходите од камати изнесувале 2.451 милион денари и биле повисоки за 1,6 отсто, додека нето-приходите од провизии и надоместоци пораснале за 10 отсто, на 833 милиони денари.
На крајот на јуни, вкупната актива на Банката достигнала 158,6 милијарди денари, што претставува раст од 16,1 отсто во однос на истиот период од 2025 година.
Кредитите кон небанкарскиот сектор изнесувале 108,8 милијарди денари и забележале годишен раст од 20,3 отсто. Кредитирањето на компаниите се зголемило за 22 отсто, додека кредитите кон домаќинствата пораснале за 11,1 отсто. Кај населението, станбените кредити се зголемиле за 13,1 отсто, а потрошувачките за 10,5 отсто.
Истовремено, депозитите на комитенти достигнале 121,3 милијарди денари, со годишен раст од 13,6 отсто, додека капиталот и резервите на Банката изнесувале 21,5 милијарди денари и биле зголемени за 14 отсто.
Во првото полугодие НЛБ Банка продолжила и со инвестициите во дигитализација, воведувајќи нови услуги и производи, меѓу кои пакетот за млади „NLB Next“ и услугата Visa Direct. Банката обезбедила и 30 милиони евра финансирање од Европската банка за обнова и развој за инвестиции во зелената транзиција на корпоративниот сектор.
На крајот од полугодието почнала и исплатата на дивиденда за акционерите во вкупен бруто-износ од 2,2 милијарди денари, односно 2.571 денар по акција.
Банки
Рајфајзен го мина клучниот праг за преземање на Аддико банка
Рајфајзен банк интернешнл официјално потврди дека доброволната јавна понуда за преземање на Аддико банка успешно го надминала минималниот праг на прифаќање, со што процесот на преземање влегува во завршна фаза.
До 24 јули 2026 година биле примени изјави за прифаќање на понудата за вкупно 10.720.331 акција на Аддико банка, што претставува 55,58 отсто од сите акции опфатени со понудата.
Со тоа е исполнет клучниот услов предвиден со австрискиот Закон за преземања, според кој понудата треба да биде прифатена за повеќе од 55 отсто од акциите за да се смета за успешна.
Меѓу акциите за кои била прифатена понудата се и 1.878.167 акции на Алта груп, што претставуваат 9,63 отсто од вкупниот број издадени акции на Аддико банка. Со овој потег дополнително се зацврстува позицијата на Рајфајзен во процесот на преземање.
Рокот во кој акционерите можеа да ги повлечат своите изјави за прифаќање истече на 23 јули во 17 часот. Од Рајфајзен соопштија дека до 24 јули во 9 часот не била примена ниту една изјава за повлекување.
Надминувањето на прагот од 55 отсто претставува клучна пресвртница во процесот на преземање и му обезбедува на Рајфајзен контролен пакет и значајна позиција за следните чекори во трансакцијата.
Аддико банка е позната по фокусот на потрошувачкото кредитирање и дигиталните банкарски услуги, а работи на повеќе пазари во Југоисточна Европа. Влегувањето под контрола на Рајфајзен би можело да донесе промени во деловниот модел, дигиталната стратегија и регионалното позиционирање на банката.
Преземањето истовремено може да придонесе за зајакнување на позицијата на Рајфајзен во банкарскиот сектор во Југоисточна Европа, каде што групацијата веќе има значително присуство.
Со успешното надминување на минималниот праг на прифаќање започнува завршната фаза од преземањето. Вниманието сега е насочено кон следните чекори на Рајфајзен, како и кон можните планови за интеграција и идниот развој на Аддико банка.
Извор: EQS News / Financa.ba
Банки
Комерцијална банка: Илјадници корисници веќе плаќаат со Apple Pay
Илјадници корисници веќе го користат Apple Pay за брзо и безбедно плаќање во продавници, преку апликации и онлајн, информираат од Комерцијална банка.
Корисниците на Mastercard дебитни и кредитни картички од Комерцијална банка можат да ги додадат своите картички во Apple Wallet и да плаќаат преку iPhone, Apple Watch, iPad или Mac.
За плаќање во продавница, потребно е корисникот двапати да го притисне страничното копче на уредот, да се автентицира и да го доближи iPhone или Apple Watch до терминалот за бесконтактно плаќање.
Од Комерцијална банка посочуваат дека секоја трансакција преку Apple Pay е заштитена со Face ID, Touch ID или лозинката на уредот, како и со еднократен уникатен динамичен безбедносен код.

Apple Pay може да се користи во маркети, аптеки, ресторани, кафетерии, продавници и на други продажни места што поддржуваат бесконтактно плаќање.
Активирањето на услугата е едноставно. На iPhone потребно е да се отвори апликацијата Wallet, да се избере знакот „+“ и да се следат чекорите за додавање на Mastercard дебитна или кредитна картичка од Комерцијална банка.
Откако картичката ќе биде додадена, Apple Pay може веднаш да се користи на соодветниот Apple уред.
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
-
Интервјуапред 2 месеци„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Интервјуапред 2 месециФиломена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
-
Банкипред 2 месециНовата Централа на Стопанска банка – прва LEED Gold сертифицирана зграда во земјата
-
Банкипред 2 месециНа музиката ѝ е место и меѓу банкарските шалтери – Young Dadi со ексклузивен popup настап за клиентите на Халкбанк
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата: Бензините поевтинија, дизелот поскапе
-
Интервјуапред 1 месецДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка ги промовира Visa Business картичките за поефикасно деловно работење



