Connect with us

Банки

Комерцијална банка со моќен резултат чекори кон заземање на банкарскиот трон – за девет месеци оствари добивка од неверојатни 49,6 милиони евра!

Објавено

на

Во периодот од 01.01-30.09.2023 година, Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 3.047,7 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.850,8 милиони денари што претставува зголемување за 64,7 %. Планираната бруто-добивка за трите квартали од 2023 година е остварена со 133,2%. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 49,5% поголема во однос на истиот период минатата година.

Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените приходи од редовно работење,
односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката. Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво. Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност поврзана со случувањата на меѓународните финансиски пазари, сѐуште висока инфлација која бележи одредено забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.115,7 милиони денари и бележат зголемување од 31,6 % во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2023 година истите бележат зголемување од 80,7% во однос на истиот период од минатата година. Притоа треба да се укаже дека иако пораст бележат сите категории каматни приходи, најголемо влијание има порастот на каматата од финансиски друштва, а во помал обем влијае и порастот на приходите од камати од нефинансиски друштва, нерезиденти и држава. На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се деветкратно поголеми, а кај нерезидентите, каде преовладуваат пласманите во странски банки се петкратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година. Во текот на минатата година започна циклус на затегнување на монетарната политика преку зголемување на каматните стапки, како во ЕУ и САД, така и кај нас. Така, каматната стапка Euribor, која во третиот квартал од 2022 година се движеше од минимално под нула до околу 2 % кај 12-месечниот Euribor, оваа година достигна околу 3,5 % – 4%. Кај благајничките записи, каматната стапка започна да се зголемува во април 2022 година и на 30.09.2022 година изнесуваше 3,00%, додека на 30.09.2023 година истата достигна 6,30%. Истовремено, Народната банка ги зголемуваше каматните стапки на депозитите пласирани преку ноќ и до 7 дена, при што истата се зголеми од 0,90 % и 0,95% соодветно во септември 2022 година, на 4,20 % и 4,25 % соодветно во септември 2023 година. Каматната стапка на државните записи во периодот јануари-септември 2022 година од 0,40% се зголеми на 4,25% во истиот период од 2023 година, или 5,25% кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до околу 7,00 % кај еврообврзниците. Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странски банки со состојба 30.09.2023 година, споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 2,39% на 4,49%. Токму затоа, во билансот на Банката, приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението. Исто така, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и државата се поголеми од приходите од камати кај правните лица. Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 56% од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи. Како резултат на ваквите движења, нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 2,10% заклучно со крајот на третиот квартал од минатата година, на 3,56% со 30.09.2023 година.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2023 година изнесуваат 797,3 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 2,4%. Планот за анализираниот период е остварен со 88,4%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2023 година изнесуваат 271,3 милиони денари и бележат зголемување од 19,6%, како резултат на одржувањето на зголемено ниво на отворената девизна позиција (ОДП) во однос на сопствените средства кое
овозможуваше да се максимизираат нето-позитивните курсни разлики од тековно работење без да се загрозат исполнувањето на вкупните капитални барања и потребите за девизи на клиентите. Одредено влијание во оваа позиција има и евидентирањето на курсните разлики од арбитражи на девизен пазар и со странство, кои во истиот период минатата година се евидентирани во останати приходи/останати расходи, соодветно. Планот за анализираниот период е остварен со 148,9%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2023 година изнесуваат 222 милиони денари и бележат намалување од 70,8% во најголем дел како резултат на значително помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 48,0%.

Оперативните расходи за периодот 01.01-30.09.2023 година изнесуваат 1.520,6 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 2,6% како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот во два наврати (кон крајот на 2022 година и во вториот квартал од 2023 година), како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 96,9%.

Во периодот од 01.01-30.09.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 2 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 545,3 милиони денари, наспроти 546,8 милиони денари во истиот период минатата година.

Биланс на состојба

Вкупната актива на Банката на 30.09.2023 година достигна износ од 159.123,3 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 5,4 %.

Зголемувањето на вкупната актива се должи на зголемените парични средства и парични еквиваленти, вложувањата во хартии од вредност, кредитите на комитенти и кредитите и побарувања од банки. Планот е остварен со 102,0 %.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 4,4%, во најголем дел заради зголемената состојба на пласираните денарски депозити во НБРСМ и зголемената состојба на денарската сметка и благајната на Банката, а во помал обем и поради зголемувањето кај орочените депозити во странски банки до 3 месеци и зголемената состојба на пласираните средства во КИБС – Резервен гарантен фонд. Планот е остварен со 101,0%.

Средствата за тргување бележат зголемување од 0,8 % како резултат на купени акции.

Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 361,6 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 194,5%, кое се должи главно на зголемените девизни депозити од 3 месеци до 1 година во валута УСД, со цел остварување повисоки приходи во рамки на утврденото прифатливо ниво на ризик, при изразено променливи услови на работење на странските пазари. Планот за анализираниот период е исполнет со 293,4%.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 3,2% како резултат на зголемено кредитирање, пред сѐ на секторот домаќинства, а во помал обем и на секторот нефинансиски друштва. Планот за анализираниот период е остварен со 100,0%.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 9,2 % главно како резултат на запишани континуирани државни обврзници во денари, запишани државни записи со рочност над 3 месеци и државни обврзници издадени од нерезиденти. Планот за анализираниот период е остварен со 104,1 %.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се зголемени за 73,4% по основ на платен данок на промет и новопреземен имот, но истите имаат минимално учество во вкупната актива од 0,02 %.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 139.685,0 милиони денари и бележат зголемување од 4,6 %. Планот е остварен со 101,8%.

Обврските по кредити изнесуваат 639,0 милиони денари и се намалени во однос на декември 2022 година за 8,5 %, како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 112,2%.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2023 година достигнаа износ од 17.476,8 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележат зголемување од 12,4 % како резултат на зголемените останати резерви и зголемената задржана добивка согласно Одлука за распределба на добивката за 2022 година, донесена од Собранието на акционери на 29.03.2023 година. Планот за анализираниот период е реализиран со 102,9 %.

Банки

Вкупната актива на банките во ЕУ порасна на 34,33 трилиони евра

Објавено

на

Вкупната актива на кредитните институции со седиште во Европската Унија достигна 34,33 трилиони евра на крајот на март 2026 година, што претставува раст од 3,63 отсто во однос на 33,13 трилиони евра во март минатата година, покажуваат најновите консолидирани банкарски податоци објавени од Европската централна банка (ЕЦБ).

Во истиот период, уделот на нефункционални кредити во банките во ЕУ се зголемил за 0,02 процентни поени на годишно ниво и во март изнесувал 1,98 отсто.

Според ЕЦБ, агрегатниот принос на капиталот на кредитните институции во ЕУ изнесувал 2,44 отсто, додека стапката на основен сопствен капитал од највисок квалитет, односно CET1, била 16,27 отсто.

Објавените квартални податоци опфаќаат 335 банкарски групации и 2.284 самостојни кредитни институции, како и подружници и филијали под контрола на субјекти надвор од ЕУ кои работат на европскиот пазар. Според ЕЦБ, податоците покриваат речиси 100 отсто од билансот на банкарскиот сектор во Европската Унија.

Базата содржи показатели за профитабилноста и ефикасноста на банките, структурата на билансите, ликвидноста и финансирањето, квалитетот на активата, капиталната адекватност и солвентноста.

ЕЦБ посочува дека повеќето институции ги применуваат Меѓународните стандарди за финансиско известување и техничките стандарди на Европската банкарска управа, иако дел од малите и средните институции користат национални сметководствени стандарди.

Поради недостапност на податоците за Данска за првиот квартал од 2026 година, при пресметката на агрегатните податоци за ЕУ биле користени податоците од четвртиот квартал од 2025 година, а кај одредени показатели и податоци од првиот квартал од 2025 година.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка со каматна стапка од 4,9% за купувања со Mastercard Standard

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје нуди каматна стапка од 4,9 проценти за сите купувања направени со Mastercard Standard кредитна картичка до крајот на годината.

Од банката информираат дека заинтересираните граѓани можат да поднесат барање за кредитната картичка онлајн преку интернет-страницата на Стопанска банка, преку услугата 24/7 АлоКредит на телефонскиот број (02) 15 110 или во најблиската филијала.

Понудата е наменета за корисниците кои сакаат да ги користат можностите на кредитната картичка за своите секојдневни и летни купувања, со промотивна каматна стапка до крајот на годината.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк со поволности за корисниците на Mastercard World Debit

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје нуди повеќе поволности и премиум привилегии за корисниците на Mastercard World Debit картичката, меѓу кои и бесплатен пристап до аеродромски салони ширум светот.

Според информациите објавени од банката, корисниците на картичката добиваат шест бесплатни посети во повеќе од 1.500 Lounge Key аеродромски салони низ светот, при што поволноста важи за сопственикот на картичката и неговиот сопатник.

Во пакетот е вклучена и асистенција на пат за Европа преку Халк Осигурување.

Дополнително, корисниците имаат бесплатно електронско и мобилно банкарство, бесплатно СМС информирање, како и можност за повлекување готовина без надомест од сите банкомати во земјата.

Со овие поволности, Mastercard World Debit е насочена кон корисници кои бараат дополнителни услуги при патување, но и поедноставно секојдневно банкарско работење.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange