Connect with us

Интервјуа

Очекувања 2023 година | ДИОМИДИС НИКОЛЕТОПУЛОС, СТОПАНСКА БАНКА АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на г-дин Диомидис Николетопулос, Генерален Извршен Директор и Претседател на Управен Одбор на Стопанска Банка АД Скопје.

Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2022 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?

г-дин Диомидис Николетопулос: Стопанска банка веќе подолг период покажува одлични остварувања и импресивни резултати, задржувајќи ја притоа стабилноста и отпорноста на шоковите кои се појавија изминатите години, во текот на кои повеќе кризни ситуации влијаеа на банкарскиот сектор и на самата Банка. Успешниот модел на делување и управување на Банката е граден со години и истиот е предмет на постојано подобрување, што резултира со одлични резултати во работењето, вклучително и оваа година. За првите 9 месеци од 2022 година кредитното портфолио забележа раст од 7,1% на годишно ниво,  со реализирана профитабилност пред оданочување од 37,2 милиони ЕУР. Овие постигнувања не прават горди и ни даваат поттик и оптимизам да продолжиме со истото успешно темпо на работење и во годините што претстојат.

За жал, во изминатите години од различни причини бевме соочени со различни кризи кои оставија сериозни последици, но сметам дека сега е многу поразлично бидејќи се соочуваме со длабока глобална криза без преседан, и она што е најважно, криза за која нема решение на повидок.

Нашата економија во голема мера е поврзана и зависна од Европската економија, а бидејќи Европа всушност трпи најмногу последици од кризата, негативното влијание несомнено ќе се одрази и на економијата на Република Северна Македонија.

Банкарство: Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2023 година во Македонија?

г-дин Диомидис Николетопулос: 2023 година се чини ќе биде тешка година, дури и да се изнајде разрешница на кризата, изгледа дека негативниот одраз ќе биде присутен подолго време. Многумина се загрижени дека високите цени ќе продолжат, дека сите обиди да се надмине инфлацијата нема да бидат многу успешни, дека ќе постои континуиран притисок за покачување на платите во економија која нема таков потенцијал, и овој маѓепсан круг може да трае подолго доведувајќи ги во ризик и компаниите и граѓаните.

Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2023 година.

г-дин Диомидис Николетопулос: Подолг период наназад, сведоци сме на околина на ниски каматни стапки, како резултат на претходната глобална економска криза и напорите кои ги презедоа централните банки за инјектирање на повеќе пари во економиите. Но, ковид пандемијата и украинската криза ги нарушија редовните синџири на снабдување и влијаеја на пораст на цените на основните производи и енергенсите, што резултираше со значително зголемување на инфлацијата во глобални рамки. Како резултат на тоа, а со цел да се справат со високата инфлација, централните банки драстично ги зголемија референтните стапки, а истите мерки беа преземени и од страна на нашата Централна банка што предизвика верижна реакција кај каматните стапки од понудата на банките.

Банките во земјава, вклучително и Стопанска банка, се многу претпазливи и постепено формираат нови цени на своите кредитни и депозитни производи, обидувајќи се да ги минимизираат последиците за нивните клиенти.

Колку долго ќе трае периодот на високи каматни стапки? Никој не може да знае, се надевам дека состојбата ќе се нормализира што поскоро, каматните стапки да се намалат и да се помогне економските активности да се вратат на пред-кризните нивоа.

Банкарство: Со какви предизвици се соочува банкарскиот сектор со имплементацијата на новиот Закон за платни системи и платежни услуги?

г-дин Диомидис Николетопулос: Новиот закон за платни системи ги следи директивите на ЕУ и PSD2 рамката, со што се создаваат услови за поблиско поврзување на земјата со ЕУ, во овој сегмент Одредбите од ЕУ регулативата се инкорпорирани во новиот закон, со што во најголема мера се регулира платниот промет кај населението, се проширува дигитализацијата и се воведува концепт на „отворено банкарство“. Со тоа се овозможува влез на нови учесници, таканаречени TPP (third party providers).

Законот ја зголемува конкуренцијата помеѓу давателите на услуги во платежните системи, ја подобрува транспарентноста на информациите и создава рамка за поврзување со други платежни системи.

Концептот на “отвореното банкарство” можеби е малку преуранет за нашата земја ако се имаат  предвид искуствата и достапните податоци за успешноста на имплементацијата, но и за нивото на користење  во многу земји, кое се уште е „претежно теоретско“. Во многу земји во Европа, банките, поради ризикот од несоодветна заштита на податоците, имаат сериозни резерви во однос на на споделувањето на овие податоци со трети страни. Станува збор за ситуација во која постојат ограничени препораки и искуства за техничките аспекти, а банките користат технички решенија за интеграција кои не секогаш се компатибилни со решенијата на надворешните даватели на услуги.

Банкарство: Наведете еден новитет што Стопанска банка АД – Скопје ќе го имплементира во 2023 година и што очекувате од имплементација на истиот?

г-дин Диомидис Николетопулос: Стопанска банка клиентите, граѓани и компании, им нуди пред се сигурни и безбедни дигитални решенија кои ги задоволуваат нивните најзначајни потреби. И повеќе од тоа, работиме на иновации и им нудиме нови производи и услуги со кои се прошируваат полињата за соработка и се зацврстува заедничката релација. Се приближуваме и кон заокружување на унапредувањата на целосниот бизнис модел, што ќе ни ја подобри ефикасноста, а поголема ефикасност интерно значи подобрена услуга и позадоволни клиенти. Дигитализацијата е процес кој непрекинато се одвива повеќе години, меѓутоа поради брзите промени во достапните технологии, како и нивното брзо прифаќање од клиентите, оваа тема е постојано актуелна. Веруваме дека сме на вистинската патека, посебно откако во изминатите неколку години нашиот тим постојано испорачуваше помали или позначајни новитети, а во подготовка се и бројни други, што значи да, клиентите може да очекуваат многу од Банката во следниот период.

no baners

Интервјуа

FinSight | Митровски: Експлозија на побарувачка за станови од 35 до 60 м² во Скопје

Објавено

на

Во новата епизода на FinSight, разговараме со Слободан Митровски од Агенцијата за недвижнини „Асторија“ за состојбата на пазарот на помали станови во Скопје – сегмент кој во моментов бележи најголема побарувачка.

Според Митровски, без разлика на локацијата, мал стан по „пристапна“ цена речиси и да не може да се најде.

„Без разлика каде се наоѓа, мал стан по пристапна цена нема шанси да се најде“, вели Митровски.

Станува збор за станови со површина од 35 до 60 квадратни метри, кои, според него, се најбараните на пазарот. Токму во овој сегмент продажбата се одвива најбрзо, а просторот за преговори е минимален.

„Продажбата кај овие станови е навистина брза, а цената тешко се преговара“, објаснува тој.

Причината е едноставна – побарувачката значително ја надминува понудата. Кога инвеститор или компанија ќе објави цена од, на пример, 2.700 евра за квадрат, интересот е моментален.

„Кога ќе се објави цена од 2.700 евра за квадрат, се јавуваат 10 до 15 клиенти за истиот стан. Во таква ситуација, продавачот нема никаква потреба да ја намали цената“, нагласува Митровски.

Ова, според него, јасно покажува дека пазарната динамика кај малите станови во моментов е целосно на страната на продавачите, а купувачите се тие што се натпреваруваат.

Целото интервју со повеќе детали и анализа на трендовите – во новата епизода на FinSight.

Продолжи со читање

Интервјуа

Слободан Митровски во FinSight: 3.000 евра за квадрат е нереално за Скопје

Објавено

на

Во новата епизода на FinSight разговараме со Слободан Митровски од Агенцијата за недвижнини „Асторија“ за тоа што навистина стои зад рекордните цени на недвижнините во Скопје.

Според Митровски, клучната причина за наглиот раст на цените не се повеќе градежните трошоци, туку недостатокот на квалитетни локации.

„Она што најмногу придонесе кон брзиот раст на цените е недостатокот на добри локации. Тоа е реалноста“, вели Митровски.

Во изминатите години, јавноста често слушаше објаснувања дека цените растат поради поскапувањето на железото, градежните материјали и работната рака. Но, од денешна перспектива, овие аргументи веќе не држат вода.

„Сите се сеќаваме на темите дека цените се покачени поради зголемени трошоци, но денес можеме слободно да кажеме дека тоа се приказни“, додава тој.

Митровски посочува дека во последната година пазарот во голема мера се стабилизирал. Иако е факт дека по пандемијата трошоците генерално пораснале, тоа не е доволна причина за цени од 3.000 евра по квадратен метар.

„Да, после пандемијата сите трошоци се зголемија, но не до тоа ниво за да дојдеме до 3.000 евра за квадрат“, нагласува Митровски.

Според него, токму атрактивните и ретки локации ја туркаат цената нагоре, но таквите износи се далеку од реални за скопскиот пазар.

„Локациите дефинитивно придонесоа цените да стигнат до 3.000 евра, но тоа е тотално нереална цена за Скопје“, заклучува Митровски.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Слободан Митровски: 3.000 евра за квадрат и 20.000 евра за паркинг – реалност или имотен балон?

Објавено

на

Цените на недвижнините во Македонија продолжуваат да уриваат рекорди. Квадратен метар станбен простор во атрактивни локации достигнува и до 3.000 евра, додека паркинг место се продава за суми кои до пред неколку години беа доволни за купување автомобил – околу 20.000 евра. Прашањето што сè почесто се поставува е дали ваквите цени се реален одраз на пазарот или сигнал за пренапумпување на вредностите.

Во новата епизода на FinSight, разговараме со Слободан Митровски, сопственик на Агенцијата за недвижнини „Асторија“, за причините кои стојат зад наглиот раст на цените и за тоа кои фактори денес најсилно го диктираат пазарот.

Недостатокот на атрактивни локации, зголемените трошоци во градежништвото, растот на побарувачката и инвестициската логика кај купувачите се само дел од елементите што влијаат врз ценовниот притисок. Но, останува дилемата – дали пазарот е одржлив на долг рок и дали може да се очекува одредена стабилизација во периодот што следи.

Во разговорот се отвора и прашањето за споредбата со регионот, особено со Србија, каде пазарот на недвижнини исто така бележи силна динамика. Колку сме навистина скапи во однос на соседството и дали македонските цени се оправдани според економските параметри?

Посебен фокус е ставен и на структурата на купувачите – дали становите навистина сè почесто се купуваат во кеш и што навистина се мисли под купување во кеш, кој купува денес и дали недвижнините остануваат доминантен облик на заштита на капиталот.

Одговорите на овие прашања носат подлабок увид во тоа каде се наоѓа пазарот на недвижнини и што можат да очекуваат купувачите, инвеститорите и граѓаните во периодот што следи.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange