Connect with us
no baners

Банки

Ангеловска-Бежоска за МТВ: Пристапувањето во СЕПА ќе донесе заштеда од половина милијарда евра за земјите од Западен Балкан

Објавено

на

no baners

Доставувањето на барањето за членство во Единствената област за плаќања во евра, СЕПА e историски исчекор, којшто ќе донесе голем број придобивки, бидејќи ќе овозможува пристап до европскиот платежен систем и користење на придобивките од тој систем пред земјата да стане членка на ЕУ, истакнува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Македонската радио телевизија.

Според неа значајно ќе се намалат трошоците за прекуграничните трансакции со пристапувањето во СЕПА, а придобивките за граѓаните и за компаниите ќе бидат големи, а тоа ќе значи покрај поевтин и побрз, безбеден, едноставен и ефикасен начин за безготовински плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА (36 земји). Според студија на Светска банка прекуграничните плаќања во регионот на Западен Балкан се до 6 пати поскапи од плаќањата во ЕУ, а подолг е и нивниот период на извршување, а со влезот во СЕПА тоа ќе се промени, вели гувернерката.

„Тековно за да се изврши едно меѓународно плаќање потребни се најмалку неколку дена, а членството ќе значи плаќање, односно реализирање на платежните трансакции во тек на еден ден, а доколку се работи за користење на инстант платежен систем тогаш дури и за само 10-тина секунди ќе може да се реализира плаќањето. Поконкретно ако се фокусирам на граѓаните, ова особено ќе биде значајно за дознаките, бидејќи тие кај нас, па и во регионот на Западен Балкан играат значајна улога во економијата, достигнувајќи дури и до 15 % од БДП. Според Светска банка трошоците за извршување на дознаките можат да се преполоват на ниво од околу 3 %, а сето тоа на ниво на регион на Западен Балкан може да резултира со заштеди од дури половина милијарди евра“, посочува гувернерка Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи ја улогата на брзината на трансферот на средствата што е особено важна за компаниите при носењето на бизнис одлуките.

„Во однос на компаниите, брзината и намалувањето на трошоците се многу значајни  елементи коишто можат да ја поттикнат уште повеќе трговијата, инвестициите , секако тоа на крај да резултира со повисок економски раст. Дури има проценки дека овој процес може да ја намали и сивата економија за 2 процентни поени во регионот на Западен Балкан“, потенцира Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочи дека изминативе години Народната банка во соработка со Министерството за финансии, Управата за спречување на перење на пари и други институции интензивно работеше на усогласување на нашата регулатива со европската. Најголем исчекор е направен со Законот за платежни услуги и платежни системи којшто беше усвоен минатата година.

„Но, она што останува да се финализира е усвојување на измени на Законот за спречување на перење на пари, коишто впрочем се и веќе подготвени, се во фаза на финализација. Доколку ова се реализира во скоро време, се усвојат од страна на Собранието измените на овој Закон, мислам дека може да се надеваме на позитивен исход до крајот од оваа година“, вели Ангеловска-Бежоска. 

Гувернерката во интервјуто на вестите на МТВ се осврна на повеќе актуелни прашања во врска со тековната состојба со инфлацијата и состојбите во банкарскиот сектор.

no baners
no baners

Банки

НЛБ Банка Скопје создава ново место за дружење и навивање во срцето на градот

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје ова лето им нуди на граѓаните можност да го доживеат Светското првенство во поинаква атмосфера. Со NLB Fun Pit зоната, поставена кај „Вембли“ во Градскиот парк, банката создаде простор каде спортот, забавата и дружењето се спојуваат на едно место.

До 19 јули, секоја вечер посетителите можат бесплатно да ги следат натпреварите од Светското првенство на голем ЛЕД екран, во амбиент под отворено небо и во друштво на бројни фудбалски фанови.

Покрај организираното заедничко следење на натпреварите, НЛБ Банка Скопје се погрижи посетителите да уживаат и во дополнителни активности, како пријателски турнири во фудбалче и музичка програма, со што NLB Fun Pit прераснува во место за активна забава и нови дружби.

Со оваа иницијатива, НЛБ Банка Скопје уште еднаш ја потврдува својата посветеност на создавање позитивни искуства за заедницата и поддршка на настани што ги поврзуваат луѓето преку спортот и заедничките моменти.

NLB Fun Pit е отворен за сите посетители до 19 јули, а влезот е бесплатен.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка го модернизира системот за статистики со нов дигитален склад на податоци

Објавено

на

Народната банка ги заврши првите две фази од проектот финансиран од Европската Унија, насочен кон зајакнување на капацитетите во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи.

Проектот предвидува воспоставување современ дигитален склад на податоци, кој треба да овозможи побрза обработка, подобра анализа и поголема достапност на статистичките информации за институциите и за јавноста.

Во првата фаза била направена анализа на постојната состојба и била подготвена функционална спецификација, додека во втората фаза е изработен дизајнот на ИТ-решението и нацрт-документацијата. Во следниот период треба да продолжат развојот, тестирањето и имплементацијата на новото системско решение.

Од Народната банка посочуваат дека новиот систем ќе придонесе за целосна дигитализација и оптимизација на работните процеси, зголемување на оперативната ефикасност и обезбедување поквалитетни, посеопфатни и полесно достапни статистички податоци.

Според институцијата, поддршката од Европската Унија е важна и за исполнување на обврските во процесот на европска интеграција, како и за понатамошно усогласување со статистичките стандарди и практики на ЕУ.

Покрај воспоставувањето на новиот склад на податоци, проектот опфаќа и воведување на меѓународниот стандард ISO 20022 во Македонскиот интербанкарски платен систем, МИПС. Од Народната банка оценуваат дека тоа е уште еден значаен чекор во модернизацијата на домашниот платен систем и неговото усогласување со европските и светските стандарди.

Продолжи со читање

Банки

Лагард не исклучува предвремено заминување од ЕЦБ поради француската политика

Објавено

на

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, не ја исклучи можноста предвреме да ја напушти функцијата, во период кога во Франција се засилуваат политичките подготовки за претседателските избори во 2027 година.

Лагард, чиј мандат на чело на ЕЦБ завршува во октомври 2027 година, во интервју за францускиот весник „Les Echos“ изјави дека предвремено заминување е „можно“. Нејзините коментари доаѓаат во пресрет на претседателската трка во Франција, во која актуелниот претседател Емануел Макрон нема право повторно да се кандидира.

„Сметам дека европски глас мора да се слушне во француската претседателска дебата“, изјави Лагард. Таа додаде дека, доколку во кампањата се појави перспектива што би ја намалила улогата на Франција во Европа, ќе биде потребно да се објасни зошто таквиот пат би бил болен за земјата и за нејзините граѓани.

На прашањето дали би размислила лично да се вклучи во претседателската кампања, со поддршка за некој кандидат или со сопствена кандидатура, Лагард одговори дека ќе си „постави некои прашања“.

Според анкетите, лидерот на крајнодесничарската партија Национален собир, Жордан Бардела, во моментов е фаворит за наследник на Макрон. Бардела најавува преиспитување на позицијата на Франција во Европската Унија и тврди дека Европската комисија и ЕУ треба повторно да бидат „во служба на нациите“.

Првиот круг од претседателските избори во Франција треба да се одржи во април 2027 година, а доколку ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 проценти од гласовите, ќе следува втор круг меѓу двајцата најдобро пласирани кандидати.

Лагард, сепак, нагласи дека на краток рок останува посветена на својата функција во Европската централна банка. „Мојот мандат завршува во октомври 2027 година. Мојата мисија е да ја одржам ценовната стабилност. Бидејќи повторно сме во период на турбуленции, сметам дека капетанот на бродот на ЕЦБ мора да остане на бродот“, изјави таа.

Продолжи со читање
no baners

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange