Криптовалути
Ричард Тенг, извршен директор на Binance: Вештачката интелигенција не го заменува човекот, туку го зајакнува
Осум години по своето основање, Binance останува глобален лидер во светот на криптовалутите – со речиси 280 милиони корисници и присуство во над 100 земји. Со стабилен раст и константна адаптација на нови технологии, платформата го одбележа овој јубилеј преку директна AMA (Ask Me Anything) сесија со извршниот директор на Binance, Ричард Тенг, каде што беа истакнати најважните достигнувања, но и планови за иднината.
„Сè што правиме, го правиме за нашата заедница“, изјави Тенг, додавајќи: „Таа доверба не ја земаме здраво за готово. Заедницата е срцето на Binance“.
Транспарентност и безбедност како приоритет
Тенг вели дека во време на голема нестабилност и пад на довербата во крипто-светот, Binance останала доследна на транспарентноста, секој месец објавувајќи докази за резерви со користење на напредна zk-SNARK технологија, овозможувајќи секој корисник самостојно да ги верификува средствата на платформата.
„Ние не само што зборуваме за доверба, ние ја градиме. Нашата Proof-of-Reserves иницијатива е пример за тоа што значи вистинска транспарентност“, истакна Тенг.
Во 2024 година, Binance го редизајнираше својот Pro режим за тргување, овозможувајќи персонализирано корисничко искуство, поддржано од вештачка интелигенција. Целта е јасна – поедноставување на тргувањето и подобрување на пристапноста за сите профили на корисници.
„Сакаме Binance да биде интуитивен и корисен за секого – од почетници до институционални инвеститори“, вели Тенг.
Дополнително, растот на Binance не застанува само кај индивидуалните корисници. Во минатата година, бројот на институционални клиенти пораснал за речиси 100%, со силна побарувачка за решенија како fund accounts и Binance Wealth, наменети за професионално управување со крипто средства.
„Институционалниот интерес е поголем од кога било досега – и ние сме подготвени да го поддржиме“, изјави Тенг.
Со создавањето на Secure Asset Fund вреден 1 милијарда долари, Binance испрати силна порака – безбедноста на средствата не е дискутабилна.
Платформата воведе и деветстепена анти-scam одбрана, како и интензивна соработка со надлежните институции ширум светот.
„Сакаме нашите корисници да чувствуваат дека Binance е нивниот безбеден простор“, вели Тенг и додава: „Но сакаме и да ги едуцираме, за и самите бидат отпорни на измами.“
Поглед кон иднината
Зборувајќи за иднината, Тенг потенцираше дека вештачката интелигенција ќе игра клучна улога во поддршката на трговците, како и во внатрешната оператива, но човекот ќе остане во центарот на одлучувањето.
„Вештачката интелигенција е моќен сојузник, но не и замена за човечката проценка. Ние ја користиме технологијата за да го зајакнеме корисникот, не да го замениме“, вели Тенг.
Во својата завршна порака, тој упати благодарност до сите кои ја поддржуваат
Binance во изминатите осум години:
„Ова патување не е наше, туку заедничко. Благодарност до секој од речиси 280 милиони корисници – вашата поддршка ни е двигател за секој следен чекор“.
Криптовалути
Биткоинот би можел да падне до 38.000 долари пред нов циклус на закрепнување
Биткоинот можеби сè уште не го достигнал дното на актуелниот пазарен циклус, оценува инвестициската компанија NYDIG во својот извештај за вториот квартал. Според анализата, сегашната корекција сè повеќе наликува на големите падови од 2014, 2018 и 2022 година, што отвора можност цената да се спушти до 38.000–39.000 долари пред да започне ново закрепнување.
Во првата половина од годината, биткоинот загуби 32,9 проценти од вредноста, вклучително и пад од 13,4 проценти во вториот квартал. Тоа се случи во период кога традиционалните финансиски пазари остварија силни резултати – технолошките акции пораснаа за 43,5 проценти, а индексот Nasdaq 100 за 27,7 проценти.
Според NYDIG, слабоста на биткоинот не е последица на поширока распродажба на финансиските пазари, туку на фактори специфични за крипто-индустријата, како што се слабата побарувачка на спот-пазарот, зголемената употреба на финансиски левериџ и промените во однесувањето на институционалните инвеститори.
Компанијата посочува дека биткоинот веќе изгубил речиси половина од вредноста во однос на рекордното ниво од околу 126.000 долари, достигнато во октомври 2025 година.
Дополнителен фактор на неизвесност е и промената во стратегијата на компанијата Strategy (поранешен MicroStrategy), која воведе механизам што ѝ овозможува продажба на дел од своите биткоини. Според NYDIG, тоа го менува досегашниот став дека компанијата исклучиво акумулира криптовалута.
Во вториот квартал американските спот ETF фондови поврзани со биткоин забележале нето-одлив од околу 4,9 милијарди долари. Најголеми повлекувања на средства имало од фондовите на BlackRock, Grayscale и Fidelity, додека новиот ETF на Morgan Stanley бил исклучок со прилив од околу 365 милиони долари.
Во исто време, NYDIG предупредува дека левериџот на пазарот расте побрзо од реалната побарувачка. Отворените позиции на фјучерс-пазарот продолжуваат да се зголемуваат, а пазарната капитализација на стабилните криптовалути е намалена за околу 11 милијарди долари, што укажува на одлив на свеж капитал од крипто-секторот.
Компанијата наведува дека понатамошното движење на биткоинот ќе зависи од повеќе фактори, меѓу кои се евентуални регулаторни одлуки во САД, монетарната политика на Федералните резерви, геополитичките тензии на Блискиот Исток и развојот на квантните технологии, кои на подолг рок би можеле да бараат дополнителни безбедносни надградби на биткоин мрежата.
Берза
Финансиската декларација на Трамп откри: Над 21.000 берзански трансакции за една година
Американскиот претседател Доналд Трамп во период од една година реализирал повеќе од 21.000 трансакции со акции и други хартии од вредност, покажува анализата на германскиот магазин „Шпигел“, изработена врз основа на неговата 900-странична финансиска декларација.
Според анализата, трансакциите биле извршени преку осум инвестициски сметки. Вкупната вредност на купувањата се проценува на меѓу 461 милион и 1,4 милијарди американски долари, додека продажбите изнесуваат меѓу 138 милиони и 433 милиони долари.
За споредба, поранешниот американски претседател Џо Бајден во текот на целиот четиригодишен мандат пријавил само 13 трансакции со хартии од вредност.
Еден од најактивните денови бил 8 април 2025 година, кога биле реализирани 327 купувања, меѓу кои и акции на компаниите Apple и Nvidia, непосредно по најавата за нови американски царини што предизвикаа пад на берзанските индекси.
„Шпигел“ нагласува дека нема докази кои би укажале на поврзаност меѓу инвестиционите активности и политичките одлуки на Трамп. Од Белата куќа соопштија дека инвестициските сметки ги управуваат независни финансиски институции, без директно учество на претседателот.
Финансиската декларација покажува и дека Трамп остварил значителни приходи од криптовалути, дивиденди, недвижности и други инвестициски средства.
Криптовалути
Во овој европски град, секој осми жител е милионер!
Швајцарскиот град Цуг бележи зголемен интерес од милијардери, инвеститори и мултинационални компании, особено по зголемената геополитичка неизвесност на Блискиот Исток, која го намали статусот на Дубаи како сигурна дестинација за капитал.
Иако има само околу 130.000 жители, Цуг е најбогатиот кантон во Швајцарија. Во него се регистрирани повеќе од 40.000 компании, а секој осми жител е милионер. Благодарение на поволниот даночен систем, политичката стабилност и предвидливата деловна средина, кантонот со децении привлекува глобални компании и инвеститори.
Покрај тоа што е седиште на големи меѓународни компании, Цуг е познат и како „Крипто Долина“, еден од водечките европски центри за блокчејн и крипто-индустријата. Посебно атрактивен е швајцарскиот модел на оданочување, кој во одредени кантони овозможува даночните обврски да се пресметуваат според животните трошоци, наместо според вкупниот приход или богатство.
Сепак, силниот прилив на капитал има и своја цена. Побарувачката за недвижности значително ги зголеми цените на становите и куќите, кои денес се меѓу највисоките во Европа, а сè повеќе локални жители се соочуваат со високи трошоци за домување.
И покрај тоа, финансиската состојба на кантонот останува исклучително стабилна. Буџетскиот суфицит овозможува пониски трошоци за јавни услуги и здравствено осигурување, што дополнително ја зголемува атрактивноста на Цуг.
Во услови на геополитички ризици, повисоки даноци во дел од европските земји и глобална економска неизвесност, Цуг продолжува да ја зацврстува својата позиција како една од најпосакуваните светски дестинации за инвеститори и мобилен капитал.
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со зголемен максимален износ на станбените кредити и нова промоција – Без манипулативни трошоци и трошоци за проценка
-
Банкипред 2 месециХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 2 месеци
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Тортевски: Само половина од овластените ревизори во Македонија работат во ревизија
-
Интервјуапред 1 месец„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Интервјуапред 1 месецFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток



