Connect with us
no baners

Анализи

АНАЛИЗА: Без готовина, без чекање – Влегува ли Македонија во нова финтек фаза?

Објавено

на

Електронските пари стануваат реалност за македонските граѓани, а преку нив тие ќе ја доживеат актуелната дигитална револуција што го зафати светот на најдиректен начин. Но, дали се подготвени ментално и со знаење целосно да влезат во светот на виртуелните пари, кој би требало да им донесе побрзи и поевтини плаќања како физички лица и како фирми.

Народната банка на Македонија и новиот гувернер Трајко Славески се дефинитивно подготвени и горди на нивната иницијатива да ја воведат најсофистицираната финтек индустрија на македонскиот пазар на платежни услуги. Гувернерот Славески на мрежата Х веќе напиша “Не е лошо за почеток – модернизација преку дигитализација на системите за извршување на плаќања и зголемена конкуренција во платниот промет”.

Со ова сака да истакне дека пазарот на платежни услуги во земјата влегува во нова фаза на модетнизација со влезот на дигиталните платформи, како што се Paysera, IutePay и Apple Pay.

На финтек компаниите им беа потребни околу две години од донесувањето на измените на Законот за платежни услуги за да го истераат целиот процес до старт на работењето.

Paysera Македонија, локалната подружница на една од најстарите и најуспешни институции во Европа, е првата лиценцирана институција за издавање електронски пари во земјава, која ја доби лиценцата од НБРМ. Paysera е основана во 2004 година во Литванија, а денес има над еден милион клиенти и располага со просечна актива од 500 милиони евра.


Ова се одлични вести за граѓаните на Северна Македонија. Нудиме широк спектар на дигитални решенија за плаќање и беспрекорна интеграција со глобални платформи. Главни корисници ќе бидат фриленсерите, корисниците на Airbnb и компаниите за увоз-извоз, кои сега ќе уживаат во побрзи и попристапни трансфери на пари до и од ЕУ и другите пазари каде што работи Paysera“, изјави Башким Зеќири, основачот на Paysera Macedonia. Тој најави лансирање на услугите до крајот на годината.


Уште една финансиска институција доби лиценца од НБРМ за издавање електронски пари и за давање платежни услуги. IutePay Македонија, дел од естонската групација Iute, ќе им овозможи на своите клиенти да отворат платежни сметки, да дополнуваат средства на својот дигитален паричник, да пристапуваат до своите средства преку бескаетични банкомати, да вршат безготовински трансфери во реално време и брзи плаќања кон трговци со користење QR код.


Лиценцирањето на институцијата за електронски пари е значаен чекор, кој не претставува само регулаторно одобрување, туку почеток на револуција во начинот на кој се нудат и користат финансиските услуги во С. Македонија. Нашата мисија е јасна: да понудиме брзи, беспрекорни и кориснички ориентирани решенија, со највисоки стандарди на сигурност и иновации“, изјави Александар Петковски, Извршен директор на Iute Pay Македонија.

За издавање електронски пари се подготвува и компанијата МКПЕЈ, од каде уште во минатата година најавија дека ќе го воведат првиот македонски електронски паричник за онлајн плаќања и трансфер на електронски пари, преку кој платежните трансакции ќе се извршуваат моментално, без физички ограничувања во однос на денот и времето.

Како значајна иновација на пазарот го најавува QR кодот, кој овозможува корисниците само со едно скенирање да ги завршат платежните трансакции веднаш.

Влезот, пак, на Apple Pay во Македонија, кој ексклузивно го најави Банкарство.мк, значи брзи, безбедни и бесконтактни плаќања преку iPhone, Apple Watch и останатите прифатени уреди, за што е потребно платежната картичка издадена од банка да се додаде во Apple Wallet.

Влегувањето на Apple Pay ќе претставува нов импулс за развојот на мобилните плаќања во Македонија и ќе поттикне натамошна конкуренција меѓу банките и финтек компаниите. Тука треба да се додадат веќе присутните глобални платформи Google Pay, Garmin Pay и Visa Direct.

Институциите што нудат електронски пари го исклучуваат посредништвото на традиционалните банки, се фокусираат на последната технологија и им овозможуваат на корисниците контрола на своите лични финансии преку мобилни и онлајн платформи. Патот за нивен влез го овозможи НБРМ на почетокот на 2023 година, кога почна да важи новиот Закон за платежни услуги и платни системи и треба да донесе либерализација на пазарот на платежни услуги.


Освен банките, во улога на даватели на платежни услуги може да се јават и штедилниците, платежните и институциите за електронски пари, како и т.н. фин-тек секторот. Овие играчи освен плаќања со платни налози (кредитни трансфери) и со платежни картички, кои и досега им беа овозможени на граѓаните и на компаниите од страна на банките, може да им понудат и екектронски пари, парични дознаки во земјата, како и купување производи и услуги преку интернет без употреба на платежна картичка“, објаснија тогаш од Народната банка.


За извршување на платежните трансакции, граѓаните и фирмите ќе може да отворат сметки кај платежни институции и институции за електронски пари. Паричните средства на овие сметки нема да претставуваат депозити и на нив нема да се пресметува и исплатува камата. Паричните средства кај платежните и институциите за електронски пари ќе бидат заштитени со тоа што ќе се чуваат на посебни сметки во Народната банка, во деловните банки или во штедилниците, а нема да влегуваат во стечајната или ликвидационата маса во случај на престанок со работа на банката или штедилницата каде што се чуваат.

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Анализи

Запишани 2.472 хипотеки во првиот квартал: Банкарски обезбедувања за 246 милиони евра во недвижности

Објавено

на

Во првиот квартал од годинава во земјава се запишани вкупно 2.472 хипотеки врз недвижности, со вкупна вредност од 246,36 милиони евра и над 5,9 милијарди денари, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.

По месеци, во јануари се евидентирани 619 хипотеки, во февруари 849, а во март 1.004, што укажува на постепен раст на активноста во текот на кварталот.

Најголем дел од хипотеките се запишани во Центарот за катастар на недвижности Скопје – 1.318 хипотеки, со вредност од околу 125,7 милиони евра и 3,2 милијарди денари. Во останатите 29 подрачни одделенија се евидентирани 1.154 хипотеки.

Во споредба со истиот период лани, бројот на хипотеки е намален за 124, додека во однос на претходниот квартал (октомври – декември 2025) падот изнесува 588, кога биле регистрирани 3.060 хипотеки.

Податоците за пазарот на недвижности покажуваат и намалување на активноста кај новоизградените станови – во првите три месеци од годинава се регистрирани 712 станови од инвеститор, што е за 29% помалку во однос на претходниот квартал.

Во Катастарот досега се запишани и 28.013 листи за предбележување градба, што укажува на значителен број објекти во фаза на изградба кои во наредниот период ќе излезат на пазарот на недвижности.

Продолжи со читање

Анализи

Затворањето на Ормутскиот теснец предизвика најголем енергетски шок во современата историја

Објавено

на

Тримесечното затворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски премини во светот, предизвика најтежок енергетски шок досега и сериозно ги наруши глобалните трговски текови, покажуваат најновите анализи.

Пред прекинот на сообраќајот на 28 февруари, низ теснецот поминуваа околу 25 проценти од светската поморска трговија со нафта и 20 проценти од глобалниот течен природен гас (LNG). Денес тие количини речиси целосно исчезнаа, при што извозот на сурова нафта е намален за 95 проценти, а LNG за 99 проценти.

Последиците се чувствуваат далеку надвор од енергетскиот сектор. Преку Ормутскиот теснец годишно се транспортираат милиони тони алуминиум, метанол, сулфур и вештачки ѓубрива. Поради прекинот, цените на уреата значително пораснаа, а експертите предупредуваат дека во делови од Јужна Азија цените на храната би можеле да се зголемат за 10 до 15 проценти доколку кризата продолжи.

Најголем удар трпат азиските економии. Во 2024 година дури 84 проценти од нафтата што минувала низ теснецот била наменета за азиските пазари, додека Европа преку оваа рута добивала меѓу 12 и 14 проценти од своите испораки на LNG од Катар.

Иако Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати располагаат со одредени алтернативни нафтоводи, тие не можат целосно да ја заменат изгубената транспортна рута. Според проценките, недостига капацитет за најмалку 10 милиони барели нафта дневно, додека Катар воопшто нема алтернативен цевковод за извоз на LNG.

Аналитичарите предупредуваат дека дури и во случај на брзо постигнување мировен договор и повторно отворање на теснецот во јуни, глобалниот економски раст ќе забави во 2026 година. Во најлошото сценарио, доколку блокадата продолжи до крајот на годината, цената на нафтата би можела да достигне 200 долари за барел, а светската економија да западне во рецесија.

„Ова е историски преседан за светскиот нафтен пазар. Ниту кризите од 1970-тите, ниту војната меѓу Иран и Ирак, ниту инвазијата на Кувајт не можат да се споредат со размерите на ова нарушување“, изјави Даниел Јергин, потпретседател на S&P Global.

Продолжи со читање

Анализи

Златото порасна втор ден по ред, но е на пат кон месечен пад

Објавено

на

Цената на златото во петокот порасна втор ден по ред и достигна 4.580 долари за унца, откако се појавија информации дека САД и Иран би можеле да го продолжат примирјето, што донесе дополнителна неизвесност на финансиските пазари.

И покрај растот, благородниот метал е на пат да ја заврши месечната трговија со пад од околу 0,8 проценти. Врз цената и натаму влијаат загриженоста поради инфлацијата и очекувањата дека каматните стапки ќе останат повисоки подолг временски период.

Преговорите за завршување на тримесечниот конфликт продолжуваат, а според медиумските извештаи се разгледува можност за продолжување на примирјето за уште 60 дена за да се создадат услови за формални разговори меѓу двете страни. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не дал конечна согласност за предложениот договор.

Пазарите остануваат претпазливи бидејќи евентуалните нарушувања во транспортот и енергетската инфраструктура би можеле да ги задржат високите цени на нафтата, што дополнително го комплицира патот кон намалување на инфлацијата.

Најновите податоци покажаа дека инфлацијата во САД во април забележала најбрз раст во последните три години, што ги зацврсти очекувањата дека Федералните резерви ќе ги задржат каматните стапки непроменети подолг период.

Во меѓувреме, побарувачката за злато во Индија останува слаба поради високите цени и увозните давачки, додека во Кина, најголемиот светски потрошувач на благородниот метал, премиите се намалуваат поради внимателното расположение на пазарот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange