Банки
Основната каматна стапка останува на нивото од 6,30% ‒ монетарната политика и натаму е затегната
На 31 октомври 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На оваа седница на Комитетот за оперативна монетарна политика не беа направени дополнителни промени во монетарната политика. Имено, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 6,30%, со истовремено задржување на каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Тековното ниво на основната каматна стапка, во комбинација со промените кај задолжителна резерва, како и со макропрудентните мерки преземени досега, ќе придонесе за натамошно забавување на инфлацијата и задржување на стабилноста на девизниот курс. Затегнувањето на монетарната политика започна уште од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар и оптималното управување со ликвидноста, а потоа од април минатата година и преку зголемување на основната каматна стапка, во вкупно 14 наврати досега.
Последната одлука за монетарната политика главно е условена од остварените движења и оцени за клучните показатели за монетарната политика, со посебен акцент на инфлацијата. Домашната инфлација и натаму забавува но посилно, сведувајќи се на 6,6% на годишно ниво во септември 2023 година. Забавувањето на годишната стапка на инфлација е резултат на забавениот раст на цените кај сите три компоненти, со најголем придонес од прехранбената компонента. Сепак, вкупната инфлација забавува малку послабо од очекувањата според последните проекции, а нејзиното ниво сѐ уште е над историскиот просек. Од друга страна, базичната стапка на инфлација забавува во целост во согласност со очекувањата, укажувајќи на намалување на ценовните притисоци од помалку променливите ценовни категории, а во согласност и со преземените монетарни мерки. Најновите очекувања за увозните цени, односно светските цени на примарните производи, се ревидирани главно во надолна насока, при што и натаму преовладуваат очекувања за пад на цените во наредниот период. Ризиците од надворешното окружување во однос на идното движење на цените и натаму се неповолни и неизвесни, пред сѐ поради непредвидливиот карактер на војната во Украина и најново, на Блискиот Исток, како нов фактор на ризик.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), по циклус од десет последователни зголемувања, на последната седница во октомври ЕЦБ не направи дополнителни промени, односно го задржа истото ниво на основните каматни стапки, врз основа на оцени дека досегашните промени ги даваат очекуваните резултати и со очекувања за задржување на тековното високо ниво на каматните стапки подолг период.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на септември е во согласност co меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Од почетокот на годината, девизните резерви бележат раст, при поволни поместувања на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Ова е одраз на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемениот нето-откуп од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во периодот јули ‒ август 2023 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, а податоците за менувачкото работење заклучно со септември 2023 година се во согласност со очекуваните нето-приливи од приватните трансфери за третиот квартал.
Гледано од аспект на домашната економска активност, реалниот раст на БДП во вториот квартал од 2023 година забави сведувајќи се на 1,1% на годишна основа (по растот од 2,1% во претходниот квартал), при што се доближува до растот проектиран за овој квартал според априлскиот циклус проекции. Високофреквентните податоци за економската активност за третото тримесечје од 2023 година со кои се располага во моментов засега упатуваат на послаб економски раст во овој квартал, во однос на априлските очекувања. Исто така, најновите очекувања упатуваат на надолна ревизија на растот на странската побарувачка до крајот на 2024 година, со изгледи и за побавно закрепнување на домашната економија во следниот период.
Во монетарниот сектор, последните податоци заклучно со септември 2023 година и натаму упатуваат на посилен раст кај депозитите во однос на априлските очекувања, а кредитната активност и натаму забавува, во согласност со очекуваната динамика.
Општо земено, условите за водење на монетарната политика и понатаму сe неизвесни и упатуваат на неопходност од внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата, како и на инфлациските очекувања. Ова подразбира и внимателност во водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
Банки
АЛТА Банка со донација за детски духовно – образовен камп во Охрид
АЛТА Банка АД Битола, во рамки на својата определба за општествена одговорност и поддршка на иницијативи кои создаваат позитивна вредност за заедницата, го поддржа детскиот духовно-образовен камп „Православието и духовноста нè поврзуваат – Под закрила на молитвата“, кој се одржува од 22 до 29 јуни во Охрид.

Поддршката на Банката е насочена кон реализација на активностите во рамки на кампот, како и кон обезбедување практични летни подароци за децата учесници – летни торби, капи и шишиња за вода, со цел нивниот престој да биде поудобен, попријатен и исполнет со позитивни спомени.
Кампот, кој се реализира во организација на Здружението на граѓани „Мир, слога, стабилност – Скопје“, обединува околу 60 деца од социјално ранливи категории и им овозможува простор за дружење, учење, духовен и личен развој преку едукативни, креативни и рекреативни активности.

Во АЛТА банка веруваме дека грижата за децата и младите е вложување во иднината на целата заедница. Затоа продолжуваме да поддржуваме иницијативи кои поттикнуваат заедништво, солидарност, човечност и создаваат можности за подобар и посигурен развој на оние на кои поддршката им е најпотребна.
Банки
мБанка на Комерцијална банка достапна 24 часа дневно
Комерцијална банка АД Скопје ги потсетува клиентите дека преку апликацијата мБанка можат да ги користат своите банкарски производи од кое било место и во кое било време.
Услугата е достапна 24 часа на ден и овозможува целосно независно користење на банкарските услуги, без оглед на работното време на Банката.
Од Комерцијална банка ги повикуваат корисниците да ја активираат мБанка и да добијат побрз и поедноставен пристап до своите банкарски производи преку мобилен телефон.
Банки
Битолските бизниси добиваат поддршка за дигитални плаќања преку нова програма на Visa
Visa, во партнерство со Министерството за дигитална трансформација, Халк Банка АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје, ја стартува програмата „Вредноста на безготовинското плаќање Битола“, наменета за поддршка на микро, мали и средни претпријатија во градот.
Иницијативата има цел да го поттикне користењето на дигитални и безготовински плаќања кај локалните бизниси, како и да придонесе за поголема дигитализација на локалната економија. Конкурсот е отворен од 22 јуни и ќе трае до 31 август 2026 година.
Во рамки на програмата, бизнисите што ќе се пријават ќе можат да добијат Soft POS терминал без месечен надомест за одржување и без провизија по трансакција во период од три месеци од денот на инсталацијата. Дополнително, секој бизнис ќе добие Visa Business Debit картичка без годишна членарина во првите 12 месеци.
Пријавувањето се врши директно во локалните експозитури на Халк Банка и НЛБ Банка. Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да воведат или да го унапредат користењето на дигитални плаќања во своето работење.
Од Visa посочуваат дека дигиталните плаќања носат конкретни придобивки за компаниите. Според нивното B2B истражување за Северна Македонија, секое второ претпријатие кое вовело дигитални плаќања забележало раст на бројот на купувачи, додека 85 проценти од бизнисите оцениле дека ваквата промена им донела поголема вредност и профит.
„Нашата цел е да ги зајакнеме локалните бизниси, да го унапредиме корисничкото искуство и да придонесеме за понатамошно позиционирање на Битола како модерен, отворен и туристички атрактивен град“, изјави Ана Драшковиќ, потпретседателка и генерална директорка на Visa за Југоисточна Европа.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека дигитализацијата треба да носи практична корист за граѓаните и компаниите. Според него, безготовинското плаќање и Soft POS терминалите им овозможуваат на локалните бизниси поедноставен начин на работа, а на граѓаните побрза и посигурна услуга.
Од Халк Банка наведуваат дека преку иницијативата ќе продолжат да придонесуваат за развој на дигиталниот платежен екосистем, меѓу другото и преку нивната услуга Mobi POS. Од НЛБ Банка, пак, оценуваат дека ваквите решенија им помагаат на малите и средни претпријатија полесно да направат чекор кон дигитализација без дополнителен финансиски товар во почетната фаза.
Програмата е дел од пошироките активности на Visa за поддршка на дигитализацијата на локалната економија и за поттикнување на безготовинските плаќања во Северна Македонија.
-
Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 1 месец
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециСилк Роуд Банка: Пензиите за април исплатени, достапни преку експозитурите, банкоматите како и електронското банкарство
-
Советипред 2 месеци
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата
-
Банкипред 2 месециНова финансиска инјекција во НЛБ Леасе & Го Скопје
-
Продуктипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Редовното инвестирање е пат до посигурна финансиска иднина
-
Бизниспред 2 месециДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари


