Connect with us

Останато

Иуте Македонија: Интегритет, усогласеност и управување со ризици – темели на одржливиот раст

Објавено

на

Во динамично и строго регулирано финансиско опкружување, Иуте Македонија поставува јасен пример за тоа како ефективното корпоративно управување преку воспоставени функции на усогласеност со прописи и управување со ризици претставува основа за долгорочна стабилност и раст. Компанијата работи во целосна усогласеност со локалните и меѓународните регулативи, применувајќи интерни политики и процедури кои го следат темпото на глобалните трендови во финансиските услуги. Овој пристап обезбедува не само исполнување на законските обврски, туку и поставување на цврст, транспарентен и одговорен деловен модел кој ја зголемува довербата на клиентите, вработените и партнерите.

Усогласеност со прописи – повеќе од законска обврска

Во Иуте Македонија, усогласеноста е дел од нашата корпоративна култура. Секој нов производ, услуга или процес минува низ детална правна и регулаторна проверка, за да се гарантира дека сме во согласност со сите применливи прописи. Веруваме дека превенцијата и континуираното усовршување се клучни за намалување на ризиците и заштита на сите засегнати страни: клиентите, сопствениците и самата компанија. Во нашето секојдневно работење Иуте мора да се усогласува со законот за финансиски друштва, врз основа на кој нѝ е издадена дозволата за работа, но и со законите за заштита на лични податоци, спречување на перење пари, заштита на потрошувачи при договори за потрошувачки кредити и многу други. Затоа овој тим се грижи сите процеси да бидат усогласени со овие прописи, но и етички исправни. Усогласеноста гради доверба. Не се работи само за избегнување казни, туку за креирање на долгорочна стабилност и сигурност,“ вели Татјана Давчев, Директор за правни работи и усогласеност со прописи.

Компанијата исто така има воспоставен систем на редовни обуки за вработените, при што ниту еден нов вработен не може активно да започне со работа додека не помине воведни обуки со секоја организациона единица, како и механизми за пријавување и справување со потенцијални прекршувања, што овозможува брза реакција и целосна транспарентност.

Управување со ризици – стратегија за одржливост

Ризиците постојат во секој бизнис, но клучот е како ги идентификуваме, проценуваме и контролираме. Кај нас, управувањето со ризици е интегрирано во сите деловни процеси – од кредитното одобрување, до оперативните активности и технолошките решенија. На тој начин, ние не само што ги минимизираме негативните влијанија, туку и создадовме флексибилен систем кој може брзо да се прилагоди на пазарните промени. Управувањето со ризикот помага во донесување паметни одлуки. Не е поентата да се избегнува секој ризик, туку да се знае кои ризици се вредни за преземање,“ посочува Бојан Богоев, Директор на сектор ризици.

Иуте Македонија користи современи аналитички алатки и методологии за процена на ризици, кои овозможуваат проактивно донесување на одлуки и зголемување на отпорноста на компанијата. Тимот за управување со ризици обезбедува навремена анализа, предвидување и управување со тие ризици, со цел да се заштити компанијата и клиентите.

Ревизија – гаранција за интегритет и ефикасност

Целта на внатрешната ревизија, како независна функција во компанијата, е да овозможи објективно уверување и да врши советодавна улога преку кои ќе се унапредат воспоставените процеси и контроли. Нашиот придонес во остварување на организациските цели е имплементација на систематски пристап за оцена и подобрување на организациското управување и контролните процеси. Едни од најважните компоненти за одржување на висок степен на интегритет и транспарентност се објективното известување и прикажување на реалната состојба, наместо шаблон проверки на разни формалности. Оваа поставеност е клучна за градење на доверба – како внатре во компанијата, така и кон клиентите и регулаторите,“ вели Никола Димчев, Внатрешен ревизор.

Клучот е во поврзаноста на овие три функции. Кога соработуваат, разменуваат информации и користат заеднички алатки, управувањето станува вистинска додадена вредност.

Корпоративно управување – темел на довербата

Иуте Македонија ја третира корпоративната одговорност како стратешки приоритет. Тимот се води од принципите на транспарентност, отчетност и етичко работење, со јасно дефинирани улоги, одговорности и механизми за контрола.

Веруваме дека доброто корпоративно управување е предуслов за стабилен и одржлив раст. Тоа значи не само почитување на прописите, туку и воспоставување на култура во која интегритетот е водилка во секоја одлука,“ истакнуваат од компанијата.

Со вакви практики, Иуте Македонија покажува дека усогласеноста и корпоративното управување не се административни формалности, туку суштински двигатели на стабилноста, репутацијата и конкурентноста на пазарот. Овој пристап ѝ овозможува на компанијата да остане посветен партнер за клиентите и одговорен играч во финансискиот сектор.

Овој текст е изработен од Иуте Македонија. Сите изнесени мислења и информации се соопштени од страна на нарачателот.

Останато

Професорите по економија во Македонија основаа национално професионално здружение

Објавено

на

Здружението на професори по економија на Северна Македонија беше официјално основано на Основачкото собрание, одржано во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Скопје.

Основачите го потпишаа Основачкиот акт и го усвоија Статутот на Здружението, одбележувајќи го основањето на професионална организација посветена на унапредување на наставата по економија и зајакнување на економската писменост во Северна Македонија.

Формирањето на Здружението претставува резултат на четиригодишната соработка помеѓу професорите по економија од целата држава и Либерал Алтернативниот Институт (ЛАИ). Преку иницијативи како што се Националната олимпијада по економија, Програмите за обука на наставници, EconLit Caravans и други активности, професорите континуирано ја истакнуваа потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини, ќе ја зајакне меѓусебната соработка, ќе го промовира професионалниот развој и ќе обезбеди одржлива платформа за понатамошно унапредување на наставата по економија. Одговарајќи на оваа заедничка визија, ЛАИ го поддржа основањето на Здружението како дел од својата долгорочна стратегија за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Северна Македонија.

„Во изминатите четири години имавме привилегија тесно да соработуваме со професорите по економија од цела Северна Македонија. Во текот на ова патување, една порака постојано се повторуваше – потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини едукаторите и ќе обезбеди платформа за соработка, професионален развој и заедничко дејствување. Денес сме горди што гледаме како таа визија станува реалност. Веруваме дека ова Здружение ќе има клучна улога во зајакнувањето на економската писменост, поддршката на професорите и создавањето нови можности за учениците низ целата држава. ЛАИ останува посветен на поддршката на Здружението како долгорочен партнер во остварувањето на овие заеднички цели“, Орхан Цека Извршен директор, Либерал Алтернативен Институт.

Во иднина, ЛАИ ќе продолжи да го поддржува Здружението и заеднички ќе
реализира активности што се во рамките на неговата мисија. Водечките иницијативи, како што се Националната олимпијада по економија, EconLit Caravans и Програмите за обука на наставници, ќе се организираат во партнерство со Здружението, со што дополнително ќе се зајакне активната улога на професорите и ќе се обезбеди долгорочна одржливост и понатамошен развој на овие програми.

Здружението ќе претставува национална платформа за соработка меѓу професорите по економија, ќе ги застапува нивните стручни интереси и ќе придонесува за промовирање на извонредноста, иновациите и континуираниот професионален развој во наставата по економија.

За време на Основачкото собрание, членовите ги избраа органите на управување на Здружението. Абил Идризи (СМЕК „Гостивар“, Гостивар) беше избран за прв претседател на Здружението, додека Весна Ефремова (СОУ „Љупчо Сантов“, Кочани) и Авни Арифи (Универзитет на Југоисточна Европа) беа избрани за потпретседатели.

Извршниот одбор го сочинуваат и Биљана Стаматовска (ОСУ „Мирко Милески“, Кичево), Арта Љеши (СХМК „28 Ноември“, Дебар), Џемал Ибраими (СХМК Гимназија „Сами Фрашери“, Куманово), Дашурије Мехмеди (СМЕК „Гостивар“, Гостивар), Марина Перуновска (NOVA International School, Скопје) и Снежана Кичукова (СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија).

„Како прв претседател на Здружението, ми претставува чест укажаната доверба. Ова Здружение им припаѓа на професорите по економија од цела Северна Македонија. Заедно ќе изградиме активна професионална заедница која ќе промовира извонредност во наставата, ќе поттикнува соработка и ќе придонесува кон подготовка на младите луѓе со знаењата и вештините потребни за разбирање и обликување на економијата на иднината“, Абил Идризи Претседател, Здружение на професори по економија на Северна Македонија.

Надзорниот одбор на Здружението го сочинуваат Викторија Атанасовска Новевски (University American College Skopje), Али Максути (Универзитет во Тетово), Лиза Алил Сулејмани (Меѓународен балкански универзитет, Скопје), Емилија Митева (Универзитет „Гоце Делчев“, Штип) и Шенај Хаџимустафа (Универзитет на Југоисточна Европа, Тетово).

Иако членството на Здружението првенствено ги обединува професорите по економија од средните училишта низ целата држава, вклучувањето на универзитетски професори во Надзорниот одбор создава силен институционален мост помеѓу средното и високото образование. Оваа структура на управување се очекува да поттикне поблиска соработка, размена на експертиза и поддршка на заеднички иницијативи кои ќе придонесат за унапредување на економското образование и економската писменост на национално ниво.

Економската писменост не е само уште еден училишен предмет – таа е животна вештина која им овозможува на младите да носат информирани одлуки, да размислуваат критички и активно да учествуваат во општеството. Со основањето на ова Здружение, ние инвестираме не само во нашата професија како едукатори, туку и во иднината на нашите ученици, граѓани и нашата држава. Вистинските промени започнуваат кога наставниците ќе се обединат околу заедничка цел“, Весна Ефремова Потпретседател, Здружение на професори по економија на Северна Македонија.

Основaњето на Здружението претставува значаен чекор за економското образование во Северна Македонија. Со обединување на едукаторите од училиштата и универзитетите во рамките на една професионална платформа, Здружението има за цел да придонесе кон повисоки стандарди во наставата, посилни професионални мрежи и поголеми можности за учениците да ги развијат знаењата и вештините потребни за разбирање и успешно снаоѓање во денешната економија.

Во следните месеци, Здружението ќе започне со проширување на своето членство, со што ќе ги опфати професорите по економија од цела Северна Македонија и ќе изгради национална професионална мрежа посветена на унапредување на економското образование, промовирање на економската писменост и поддршка на континуираниот професионален развој.

Основањето на Здружението е дел од пошироките напори на ЛАИ за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Северна Македонија и е овозможено со поддршка од Economic Fundamentals Initiative (EFI) и Atlas Network.

Продолжи со читање

Останато

Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот: Повеќе пари за инвестиции, земјоделство, социјалната заштита и општините

Објавено

на

Со дополнетиот Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година се предвидуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, земјоделството, социјалната заштита и општините, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред пратениците во Собранието.

Според неа, измените се направени за усогласување на буџетските проекции со актуелните економски услови, но и за обезбедување средства за законските обврски и владините развојни приоритети.

Со ребалансот вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари, што е за 1,2 проценти повеќе во споредба со првично планираниот Буџет. Даночните приходи се проектирани на 213,2 милијарди денари и остануваат речиси на претходно планираното ниво.

Вкупните расходи, пак, се зголемуваат на 425,8 милијарди денари. Дополнителните средства се насочуваат кон исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, земјоделството, социјалната заштита, општините и капиталните инвестиции.

Во исто време, расходите за стоки и услуги се намалуваат за околу 800 милиони денари преку прераспределба на средствата.

Најголемо зголемување има кај капиталните расходи, кои со ребалансот се предвидени на околу 46 милијарди денари, односно за 5,8 милијарди денари повеќе од првичниот Буџет.

Средствата ќе се користат за инфраструктурни проекти, меѓу кои Коридорите 8 и 10-д, железничката инфраструктура, комунални и енергетски проекти, водоснабдување, управување со отпад, како и инвестиции во образованието, здравството, земјоделството и општините.

Димитриеска-Кочоска информираше дека капиталните расходи во периодот од јануари до јуни годинава достигнале 19,4 милијарди денари, што е раст од 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година.

Во рамки на измените, за Министерството за земјоделство се предвидени дополнителни 170 милиони денари за изградба на дистрибутивни центри во Скопје и Струмица, како и за реновирање и адаптација на зградата на ИПАРД.

Дополнително, предвидени се 10 милиони денари за реконструкција на факултети, 12 милиони денари за Јавното обвинителство за продолжување на лиценца за софтвер, шест милиони денари за транспорт на вода за населението во Општина Гостивар поради прогласената епидемија и еден милион денари за Управата за извршување на санкции.

Со прифатените амандмани се обезбедуваат и средства за поддршка на жените кои се занимаваат со земјоделство, воспоставување национална СОС линија за жртви на семејно и родово базирано насилство и отворање два згрижувачки центри за жртви на насилство.

Владините проекции за 2026 година предвидуваат реален раст на БДП од 3,5 проценти, раст на инвестициите од 7,2 проценти и на просечната нето-плата од 8,3 проценти. Стапката на невработеност се очекува да се намали на 11 проценти, додека проектираната просечна инфлација изнесува 4,5 проценти.

Министерката порача дека ребалансот не значи промена на економската политика, туку приспособување на буџетот на новите околности, и ги повика пратениците да го поддржат предложениот документ.

Собраниската расправа за ребалансот, согласно Деловникот, може да трае до пет дена.

Продолжи со читање

Останато

УЈП со засилени контроли во туристичката сезона: Приходите од издавање апартмани и соби мора да се пријават

Објавено

на

Управата за јавни приходи (УЈП) започна со засилени активности во текот на летната туристичка сезона, со посебен фокус на приходите што физичките лица ги остваруваат од краткотрајно издавање сместувачки капацитети.

Од УЈП информираат дека активностите се насочени кон поттикнување на доброволната даночна усогласеност и обезбедување еднакви услови за сите што вршат дејност во туристичкиот сектор.

Во фокусот се приходите од издавање апартмани, станови, куќи, викендички, соби и други сместувачки капацитети, како и приходите од други сезонски дејности поврзани со туризмот.

УЈП најавува практични насоки за пријавување на доходот, директна комуникација со даночните обврзници, размена на информации со други институции на државно и локално ниво, анализи на ризик и насочени контроли. Предвидена е и информативна кампања преку медиумите и социјалните мрежи.

Од институцијата потсетуваат дека секој приход остварен од издавање сместувачки капацитети подлежи на оданочување согласно законските прописи и ги повикуваат граѓаните навремено да ги исполнат своите даночни обврски.

„Целта не е само да укажеме на законските обврски, туку да им помогнеме на граѓаните навремено и правилно да ги исполнат“, посочуваат од УЈП.

Управата најавува дека ќе продолжи со анализи и контроли базирани на ризик, со цел еднаква примена на законите и спречување нелојална конкуренција кон оние што редовно ги исполнуваат своите обврски.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange