Connect with us

Банки

Модернизација и регионално поврзување на платните системи помеѓу земјите од Западен Балкан поддржани од Банката на Италија и Европската централна банка

Објавено

на

Во Вашингтон, за време на Годишните средби на ММФ и Светската банка, гувернерот Трајко Славески, заедно со гувернерите на централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, го потпиша Писмото на намери со гувернерот на Банката на Италија, Фабио Панета, врз основа на кое Банката на Италија ќе развие клон на ТИПС (англ. Target Instant Payment Settlement) за овие пет земји од Западен Балкан, согласно одлуката на Управниот совет на Европската централна банка. 

Вклучувањето на Народната банка во овој регионален проект е во согласност со акцискиот план на владите на земјите од Западен Балкан за воспоставување Заеднички регионален пазар, којшто меѓу другото вклучува модернизација на платните системи и нивно регионално поврзување и интегрирање со ТИПС на Европската централна банка (ЕЦБ). Преку ТИПС, давателите на платежните услуги им овозможуваат на граѓаните и на компаниите во Европската Унија брз пренос на парични средства во евра, во кое било време во текот на денот, за викенди и празници. 

Гувернерот Славески истакна дека со овој чекор се официјализира почетокот на воспоставувањето современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзино регионално поврзување со земјите од Западен Балкан, како и со инфраструктурата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Клонот на ТИПС, развиен со поддршка на ЕЦБ, ќе овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата. Со неговата примена, граѓаните и компаниите ќе можат да вршат брзи, сигурни и поевтини трансакции, според стандардите на Европската Унија.

Воспоставувањето платен систем за инстант плаќања, клон на ТИПС, носи голем број придобивки за економијата. Плаќањата ќе се порамнуваат многу бргу имајќи предвид дека 99% од нив би се обработиле во рок од 5 секунди, додека останатиот 1% во рок од 10 секунди.Народната банка ќе овозможи решенија со чија помош граѓаните ќе може да иницираат плаќања на едноставен начин и ќе можат со внесување на бројот на мобилниот телефон на примачот, да извршат пренос на парични средства на друго лице чија платежна сметка не ја знаат однапред. Овие решенија ќе овозможат ефикасно иницирање плаќања на физичките и на виртуелните продажни места без користење платежни картички, што ќе им овозможи на трговците да ги примат паричните средства во рок од неколку секунди и да располагаат со нив веднаш“, изјави гувернерот Славески, при што посочи дека нашата земја прави важен чекор кон интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот платежен простор.

Клонот на ТИПС е наменет за инстантно извршување домашни плаќања во националните валути на земјите од Западен Балкан, со можност за поврзување со ТИПС за извршување плаќања во евра во СЕПА. Целта е да се обезбеди интероперабилност и единствена платежна мрежа меѓу регионот и ЕУ, што ќе го олесни движењето на капиталот и трговијата.

Оператори на платните системи за инстант плаќања ќе бидат централните банки, со тоа што информациските системи на давателите на платежните услуги во земјава ќе бидат приспособени кон барањата и стандардите на клонот на ТИПС, при што техничката инфраструктура е обезбедена од Банката на Италија, со што значително ќе се олеснат развојот и одржувањето на инфраструктурата на централните банки од Западен Балкан.

Банки

Кристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања

Објавено

на

Преку проектот „Вредноста на безготовинското плаќање – Битола“, локалните претприемачи добиваат можност полесно да ја модернизираат наплатата и да се приклучат кон дигиталната економија.

Дигиталните плаќања сè повеќе стануваат секојдневна потреба за малите и средните претпријатија. Брзината, едноставноста и безбедноста при наплатата денес се важни не само за корисничкото искуство, туку и за конкурентноста и растот на компаниите.

Во таа насока, проектот „Вредноста на безготовинското плаќање – Битола“, реализиран во соработка меѓу Министерството за дигитална трансформација, НЛБ Банка, ХалкБанк и Visa, носи конкретна поддршка за локалните бизниси. Преку проектот, 100 одбрани компании ќе добијат бесплатно Soft POS решение, од кои 50 ќе бидат обезбедени од НЛБ Банка.

Со NLB Smart POS, трговците можат да прифаќаат безготовински плаќања директно преку мобилен телефон, без потреба од дополнителна ПОС опрема. Решението е едноставно за користење, овозможува поголема мобилност и им помага на малите бизниси да ја модернизираат наплатата без високи почетни трошоци.

„Дигитализацијата денес е составен дел од современото деловно работење. Со NLB Smart POS, современата технологија станува подостапна за поширок круг трговци, особено за малите и микро бизниси, кои на овој начин добиваат практична алатка за побрза, побезбедна и поефикасна наплата“, вели Кристина Трпезановска, директор на Секторот за управување со клиенти, продукти и дигитални сервиси во НЛБ Банка во интервју за „Економија и Бизнис“.

NLB Smart POS е првата сертифицирана tap-on-phone Android апликација во земјата, која го претвора мобилниот телефон во ПОС терминал. Апликацијата бесплатно се презема од Play Store, брзо се инсталира и не бара дополнителен хардвер, што ја прави особено погодна за малите трговци, доставувачи, услужни дејности и бизниси кои работат и надвор од класична продажна локација.

Интересот за ова решение континуирано расте. Во изминатата година бројот на инсталирани NLB Smart POS решенија е зголемен за 46%, а прометот реализиран преку нив е зголемен за 100% во однос на претходната година. Овие резултати покажуваат дека безготовинските плаќања се реална потреба и важен дел од модерното работење на компаниите.

Покрај бесплатниот Soft POS, проектот обезбедува и дополнителни поволности за бизнисите – без трошоци за одржување и без провизија за трансакции во првите три месеци, како и Visa Business Debit картичка без годишна членарина во првата година. Пријавувањето трае до 31 август, во најблиската експозитура на НЛБ Банка.

Проектот е дел од пошироката заложба за развој на дигиталната економија и проширување на мрежата на трговци кои прифаќаат безготовински плаќања. Со вакви иницијативи, НЛБ Банка ја потврдува својата улога како партнер на бизнисите во нивниот раст, дигитална трансформација и приспособување кон современите потреби на пазарот.

Битола и битолскиот регион, препознатливи по претприемачкиот дух и локалните брендови, преку овој проект добиваат дополнителен поттик за модернизација на наплатата и ширење на дигиталните платежни навики.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка денеска ги исплаќа августовските пензии

Објавено

на

Исплатата на пензиите за месец август за клиентите на Стопанска банка АД – Скопје ќе се изврши денеска, 27 август 2026 година, информираат од Банката.

Средствата ќе бидат префрлени на трансакциските сметки на пензионерите и ќе бидат достапни за користење во текот на денот.

Од Стопанска банка ги известуваат своите клиенти дека исплатата ќе биде реализирана во текот на денешниот ден.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка нема да работи на 28 август поради празникот Голема Богородица

Објавено

на

Експозитурите на НЛБ Банка нема да работат во петок, 28 август 2026 година, по повод православниот празник Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица, информираат од Банката.

Од НЛБ посочуваат дека клиентите и за време на неработниот ден ќе можат да користат бројни банкарски услуги преку дигиталната платформа НЛБ мКлик.

НЛБ Контакт центарот ќе биде достапен и за време на празникот на телефонските броеви 02/15-600 и 02/3219-517, како и преку електронската адреса [email protected].

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange