Connect with us
no baners

Банки

Гувернерот Славески учествува на Годишните средби на ММФ и СБ

Објавено

на

Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат оваа седмица во Вашингтон, САД. Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Емилија Нацевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерот Славески, вицегувернерката Нацевска и советничката Стојчевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.  

Економските состојби и предизвиците во контекст на геоекономските тензии и ефектите од трговскиот протекционизам, финансиската стабилност и монетарната политика се дел од темите коишто ќе бидат обработени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика, за правни работи и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка. 

Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.

На маргините на средбите, гувернерот Славески ќе го потпише писмото за намери за остварување на проектот за клонот на ТИПС. Овој систем ќе ги унапреди брзината, сигурноста и ефикасноста на финансиските трансакции и значително ќе ги намали трошоците и ќе ги поедностави секојдневните финансиски активности преку извршување инстант плаќања во реално време 24 часа дневно, седум дена во неделата.

Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за повеќе суштински теми, како намалувањето на сиромаштијата, меѓународниот економски развој и финансии, развојот на човечкиот капитал и зајакнувањето на отпорноста и одржливоста. 

Банки

СТАБИЛНОСТ И СИГУРНОСТ НА МОНЕТАРНИОТ СИСТЕМ – Девизните резерви на Македонија продолжуваат да растат!

Објавено

на

Според најновите податоци на Народната банка, девизните резерви на крајот на октомври 2025 година изнесуваат 4.843,2 милиони евра, што претставува зголемување од 120,5 милиони евра во споредба со претходниот месец.

Овој пораст ја потврдува стабилната надворешна позиција на економијата и способноста на монетарните власти да одржуваат сигурна и ликвидна девизна позиција во услови на глобални економски предизвици.

Најголем дел од резервите се пласирани во хартии од вредност (71,1%), потоа следуваат монетарното злато (15,9%) и валутите и депозитите (13%), што ја одразува конзервативната и диверзифицирана стратегија на управување со резервите.

Стабилноста на девизните резерви останува клучен фактор за довербата во денарот, поддршката на финансиската стабилност и отпорноста на македонската економија.

Продолжи со читање

Банки

40 кошаркарски табли за 40 години НЛБ Банка – Донација за основните училишта по повод Месецот на штедење

Објавено

на

НЛБ Банка и оваа година, по 14-ти пат, го одбележа Месецот на штедење со низа активности посветени на најмладите, со цел да ја поттикне нивната финансиска едукација и да ја зголеми свеста за важноста од штедењето уште од најрана возраст.

Во рамките на активностите по повод Месецот на штедење, а во чест на значајниот јубилеј – 40 години успешно работење, Банката реализираше донација на 40 нови кошаркарски табли за основни училишта ширум земјава. Иницијатива е дел од активностите со кои НЛБ Банка во текот на годината го одбележува својот 40-годишен јубилеј и континуирано придонесува за подобри услови за спорт и рекреација на најмладите во училишните дворови.

Месецот на штедење за нас е секогаш посебен период во кој се трудиме да ја приближиме важноста од штедењето и финансиската писменост на најмладите. Оваа година, кога одбележуваме 40 години успешно работење, посакавме да оставиме симболичен, но значаен белег во заедницата со донација на 40 кошаркарски табли за 40 основни училишта низ земјата. Веруваме дека тие во училишните дворови не се само спортска опрема, тие се место каде децата учат да соработуваат, да сонуваат и да веруваат во себе. Токму таму се градат првите тимови, првите победи и трајните пријателства.“ – изјави Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на Банката.

Во текот на месецот беа одржани и едукативни настани за најмладите штедачи, каде децата преку игра, забава и дружење со омилените маскоти Тиби и Штуки се запознаа со тајните на штедењето, одговорното користење на парите и финансиската култура.

Како општествено одговорна институција која веќе четири децении е синоним за стабилност, доверба и посветеност, НЛБ Банка продолжува да инвестира во подобра иднина преку поддршка на заедницата, поттикнување на здрави финансиски навики и градење генерации кои ќе растат со трајни вредности.

Продолжи со читање

Банки

Владимир Тренески ќе го предводи корпоративното банкарство на Стопанска банка АД – Скопје

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје со задоволство го објавува назначувањето на г-дин Владимир Тренески за Генерален директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор на Банката, со мандат од 1 година.

„Стопанска банка АД – Скопје ја информира јавноста дека согласно одлуката за именување од страна на Надзорниот одбор бр. 84/2025 од 31.07.2025 година и добиената согласност односно Решението на Извршниот одбор на Народна банка на Република Северна Македонија бр. 15-29578/7 од 31.10.2025 година, г-дин Владимир Тренески се именува за Генерален директор за корпоративно банкарство и член на Управен одбор на Банката, со мандат од 1 година“, соопштува Банката преку Македонска берза.

Г-дин Тренески носи речиси 30 години искуство во банкарството, минувајќи ги сите хиерархиски нивоа во Банката, вклучувајќи раководни позиции како Сениор менаџер за корпоративно банкарство, Раководител на корпоративно банкарство, управување со ризици, одобрување на кредити и мрежа на филијали.

Како Генерален директор за корпоративно банкарство, г-дин Тренески ќе ја води стратегијата на Банката во корпоративниот сегмент, со фокус на проширување на пазарниот удел, унапредување на односите со клиентите и одржување високи стандарди за квалитет. Неговото длабоко разбирање на пазарот, потребите на клиентите и организациската култура на Банката ќе продолжи да биде клучен двигател на растот и угледот на Банката во корпоративниот сегмент.

Неговото лидерство ќе биде од суштинско значење и за спроведување на корпоративниот дел од трансформациската програма на Банката – поедноставување на процесите за кредитирање, зголемување на оперативната ефикасност и обезбедување на прилагодени финансиски решенија кои ги задоволуваат растечките потреби на компаниите низ целата земја.

Г-дин Тренески е дипломиран економист од Економскиот факултет во Скопје а има завршено и бројни програми за професионален развој на INSEAD Франција, NBG Атина и други реномирани меѓународни институции.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange