Connect with us

Анализи

АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?

Објавено

на

Секој месец носи свои предизвици за паричникот, но еден од нив се издвојува како апсолутен шампион во трошењето на Македонците. Дали попустите за Black Friday, сезонските попусти или пак празничната еуфорија најмногу го празнат паричникот на граѓаните и буџетот на фирмите?

Македонците имаат јасна шема кога се парите во прашање и, иако попустите се примамливи, само еден месец ги собира желбите, навиките и непланираните трошоци во едно. Декември, со сета своја магија, се чини дека не е само месец на подароци, туку и месец на најголеми финансиски авантури.

А, овој тренд може да биде и финансиски неодговорен. Наместо да ги искористат попустите од претходните месеци, како Black Friday или сезонските акции, навиката да се купува во очи новогодишните празници, кога цените се често повисоки, значи преплатени производи и услуги. Трговците веројатно добро го знаат овој тренд и умешно го користат.

Дали декември е најнеодговорниот финансиски месец во годината? Статистиката на Народната банка на Македонија вели да. Секој декември во изминатите 9 години и граѓаните и компаниите едноставно не го штеделе својот буџет. Предновогодишната еуфорија, проследена со забави и подароци, ги тера да не ги штедат своите сметки и картички. Платежната статистика на НБРМ покажува дека во декември 2024 вредноста на вкупните платежни трансакции со картички изнесува 38,2 милијарди денари (622 милиони евра) и тоа е рекорд од 2016 година досега. Во декември претходната година биле извршени трансакции со картички во вредност од 33,2 милијарди денари (539 милиони евра).

Најмногу пари граѓаните повлекуваат како готовина од банкомат. Во декември лани вкупно биле пивлечени 20,6 милијарди денари (336 милиони евра), од кои само граѓаните повлекле 20,2 милијарди денари. За разлика од нив, најмногу трансакции вршат со плаќања на ПОС терминали.

Во јануари веќе започнува финансискиот пост. Во јануари 2024 година биле извршени трансакции во вредност од 27,1 милијарда денари (441 милион евра), што значи околу 100 милиони евра помалку отколку претходниот месец. И така е секој јануари. Граѓаните потрошиле 25,8 милијарди денари, а компаниите 1,3 милијарди денари.

Интересно е дека после декември како месеци со најмногу плаќања во 2024 биле јули и ноември. За време на летните одмори повторно не се штедат пари, ниту на личните ниту на бизнис картичките. Вкупно биле извршени трансакции во вредност од 32,9 милијарди денари (535 милиони евра), од кои на граѓаните отпаѓаат 31,2 милијарди денари (485 милиони евра), а на компаниите 1,7 милијарди денари (28 милиони евра).

Исто така и во ноември, кој се совпаѓа со Black Friday попустите, се трошело и вкупно биле извршени трансакции со картички во вредност од 32,9 милијарди денари (535 милиони евра). Притоа граѓаните потрошиле 509 милиони евра, а компаниите 26 милиони евра.

Кога Македонците трошат најмногу пари?

Месец/КатегоријаДекемвриНоемвриЈули
Вкупна вредност на трансакции со картички622 мил. евра535 мил. евра535 мил. евра
Трансакции на физички лица593 мил. евра509 мил. евра485 мил. Евра
Трансакции на правни лица29 мил. евра26 мил. евра28 мил. евра

Што се однесува до платежните навики на македонските граѓани, e-трговијата зема се поголемо учество во трошоците. Од декември 2016 до декември 2024 година, вредноста на платежните трансакции со картички на ПОС терминали пораснала за помалку од 3 пати, а вредноста на трансакциите на места за е-трговија е зголемена за 13,5 пати. Иако и во е-трговијата најмногу се троши во декември, сепак тоа не е правило секоја година. Во 2022 година најмногу се трошело онлајн во март, а од 2016 до 2018 година тоа било случај во февруари.

Странците во Македонија најмногу пари на картичка трошат во август, кога си доаѓаат македонските иселеници. Во август минатата година потрошиле 8,8 милијарди денари (143 милиони евра). Следен месец кога најмногу придонесуваат за македонската економија е јули, а за третото место се натпреваруваат септември и декември.

Македонците во странство, пак, најмногу пари трошат во нули или во август, што повторно се поклопува со годишните одмори. Лани во јули и во август вкупно потрошиле 7,7 милијарди денари (125 милиони евра). Од статистиката може да се заклучи и дека странците во Македонија во лето трошат многу повеќе пари на картички отколку Македонците како туристи во странство. Сепак, треба да се има предвид и фактот дека Македонците на одмор почесто одат со пари во џеб отколку на картичка.

Анализи

Најголемиот државен инвестициски фонд во светот планира да ги намали американските државни обврзници

Објавено

на

Норвешкиот државен инвестициски фонд, вреден околу 2,3 билиони долари, предлага да ја намали изложеноста кон државни обврзници, при што најголемо намалување би имало кај американските државни обврзници. Целта е поголема диверзификација на ризикот и можност за повисоки приноси од други инвестиции.

Раководството на Norges Bank Investment Management предложило уделот на државните обврзници во обврзничкото портфолио да се намали од 70 на 50 отсто. Според фондот, тоа ниво би обезбедило доволна ликвидност во периоди на пазарни турбуленции, но истовремено би оставило повеќе простор за вложување во други средства.

Според предложеното ребалансирање, уделот на американските државни обврзници постепено би се намалил од 34,1 на 21,9 отсто, а уделот на обврзниците од еврозоната од 16,8 на 14,1 отсто. Истовремено, уделот на јапонските државни обврзници би се зголемил од 4,6 на 7,4 отсто.

Фондот планира да го зголеми и уделот на американски недржавен долг, вклучително и корпоративни обврзници, од 16,2 на 27,6 отсто. Во плановите се споменуваат и инвестиции во хартии од вредност обезбедени со хипотеки.

Промените доаѓаат во период кога американскиот пазар на државни обврзници е под притисок, а приносите на долгорочните обврзници достигнуваат највисоки нивоа во последната деценија поради загриженоста за фискалната состојба и растечкиот американски долг.

Норвешкиот фонд моментално поседува околу 1,65 билиони долари во акции и околу 592 милијарди долари во инструменти со фиксен принос. Тој поседува речиси 1,5 отсто од акциите на сите котирани компании во светот.

Фондот во последните квартали бележи рекордни добивки благодарение на инвестициите во американски и азиски технолошки компании и компании поврзани со развојот на вештачката интелигенција. Сепак, стрес-тест на фондот покажал дека посериозна корекција кај компаниите поврзани со вештачката интелигенција би можела да ја намали неговата вредност за околу 740 милијарди долари, односно 35 отсто.

Извор: CNBC

Продолжи со читање

Анализи

Златото продолжува да поскапува, но се појавуваат сигнали за можна краткорочна корекција

Објавено

на

Цената на златото продолжува да бележи последователни добивки во најновото тргување, иако техничките показатели укажуваат дека благородниот метал влегол во зона на силна прекупеност, објави Economies.com.

Златото во моментов се соочува со отпор кај 50-периодниот експоненцијален подвижен просек (EMA50), додека индикаторите за релативна сила почнуваат да испраќаат негативни сигнали.

Според анализата, ваквата состојба би можела да доведе до краткорочно прибирање профит од страна на инвеститорите и до благо повлекување на цената, со што би се намалиле нивоата на прекупеност.

Сепак, негативните технички сигнали сè уште не се одразиле значително врз движењето на цената. Тоа, според аналитичарите, покажува дека интересот за купување останува силен и дека златото сè уште има потенцијал да продолжи со растот на краток рок.

Во моментов, цената се обидува да собере нов позитивен моментум кој би можел да помогне во надминување на притисокот од подвижниот просек и да отвори простор за нови добивки.

Продолжи со читање

Анализи

Голдман Сакс предупредува: Инвеститорите да очекуваат пониски приноси на берзите во следните 12 месеци

Објавено

на

Инвеститорите треба да ги намалат очекувањата за приносите на берзите во следните 12 месеци, предупредува главниот глобален стратег за акции на Голдман Сакс, Питер Опенхајмер.

Во интервју за „Yahoo Finance“, Опенхајмер посочи дека индексот S&P 500, како и другите големи берзански пазари ширум светот, веќе оствариле исклучително силни приноси во изминатата година и од почетокот на 2026 година.

„Веќе имавме многу добри приноси зад нас. Оттука очекуваме пониски приноси“, изјави Опенхајмер.

Според неговите очекувања, во повеќето случаи приносите на акциите во следните 12 месеци би можеле да се движат во средниот до повисокиот едноцифрен процентуален опсег. Тоа би било значително помалку од растот забележан на повеќето пазари во изминатите 12 месеци, но и натаму би претставувало солиден резултат доколку продолжи економскиот раст.

S&P 500 од почетокот на 2026 година забележал раст од околу 12 проценти, што дополнително ги зголемува очекувањата дека темпото на раст во наредниот период би можело да биде поумерено.

Дополнителен притисок врз пазарите создава и растот на приносите на државните обврзници. Приносот на десетгодишните американски државни обврзници неодамна достигна највисоко ниво од 2023 година, додека приносот на 30-годишните обврзници се наоѓа во близина на највисоките нивоа во последните две децении.

Растот на приносите не е ограничен само на САД. Десетгодишните јапонски државни обврзници надминаа принос од 3 проценти за првпат од 1996 година, британските десетгодишни обврзници достигнаа највисоки нивоа од средината на 2007 година, додека германските обврзници се на нивоа последен пат забележани во 2011 година, за време на европската должничка криза.

Според аналитичарите, истовременото зголемување на приносите на обврзниците во повеќе големи економии може да претставува дополнителен ризик за берзанските пазари. Повисоките каматни стапки и приноси ја зголемуваат цената на задолжувањето и можат да го намалат интересот на инвеститорите за поризични средства како акциите.

Дополнителен фактор е и растот на цената на нафтата, која повторно се искачи над 90 долари за барел поради зголемените геополитички тензии поврзани со Иран и влијанието врз Ормутскиот теснец.

Повисоките енергетски трошоци веќе се пренесуваат врз пошироката економија преку поскап транспорт, земјоделско производство и индустриски суровини, што дополнително може да го засили инфлацискиот притисок.

„Повисоката цена на нафтата ги турка приносите нагоре, а повисоките приноси вршат притисок врз акциите“, оценува Том Есеј, основач на Sevens Report Research.

Поради комбинацијата од веќе силниот раст на берзите, повисоките приноси на обврзниците и растечките цени на енергенсите, Голдман Сакс очекува дека во следните 12 месеци инвеститорите ќе мора да се задоволат со поумерени приноси отколку во периодот што измина.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange