Connect with us
no baners

Останато

Од локално до европско – Лидл отвора нови можности за македонското земјоделство

Објавено

на

„Потрошувачите денес имаат поголеми барања, а ние во Лидл секогаш се трудиме да ги исполниме нивните критериуми за побезбедна, поздрава и поквалитетна храна. Преку соработката со Лидл и македонските компании добиваат можности за сертификација на своите производи со Global GAP и GRASP сертификатите, а со тоа и да ги пласираат своите производи подобро на европските пазари“ изјави Милена Драгијска-Денчева, извршен претставник на Лидл на денешниот настан организиран за развој, извоз и сертификација на локалното производство на овошје и зеленчук,што се одржа во Скопје. 

Иако Лидл сè уште не ги отворил своите маркети во Северна Македонија, влијанието врз локалната економија е веќе мерливо. Само во 2024 година, повеќе од 5.500 палети сертифицирано македонско овошје и зеленчук беа извезени преку европската мрежа на Лидл. Овој извонреден резултат докажува дека македонските производители имаат капацитет да ги исполнат строгите меѓународни стандарди како Global GAP и GRASP. 

Лидл Северна Македонија, во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и „Макфреш“, организираа конференција за подигнување на стандардите на земјоделството преку сертификацијата со Global GAP и GRASP. Стандардите беа презентирани од страна на експертите во областа Васил Трпевски и Зорица Смилевска, а беа присутни претставници на релевантни институции како проф. д-р Сузана Јордановска, директорка на Државната фитосанитарна лабораторија (ДФЛ), повеќе од 100 компании и претставници од земјоделскиот сектор, со што се создаде значајна платформа за промоција на безбедноста на храната, подготвеноста за извоз и одржливите земјоделски практики.

Јан-Аксел Фос, заменик-амбасадор на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје, изјави дека „германската влада со децении наназад, го поддржува македонскиот земјоделско-прехранбен сектор во усогласување со Заедничката земјоделска политика на ЕУ, барањата за безбедност и квалитет на производите, како и воспоставување на пазарни врски. Веруваме дека овој сектор игра важна улога во економскиот развој на земјата, a со отворањето на ЛИДЛ, што ќе биде најголемата германска инвестиција во секторот, македонските производители добиваат директна и конкретна бизнис можност за проширување кон европскиот пазар“.

Михал Харари, заменик-шеф на мисијата во Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, истакна дека „преку швајцарската програма ИМЕ, воспоставивме успешни модели и примери на локални компании кои ги подобрија своите производи, стекнаа сертификати барани од различни извозни пазари и успеаја да се интегрираат во глобалните синџири на снабдување. Партнерството со Лидл нè носи чекор понатаму, обезбедувајќи можности за повеќе компании да пристапат до синџирот и пазарите на Лидл, а со тоа да достигнат поголем обеми раст.“

Соработката на Лидл, ИМЕ и ГИЗ е изразена преку проектот „Подготвени за снабдување“ 
(„Fit for Supply“), со кој Лидл ќе овозможи поддршка на земјоделските производи, ИМЕ ќе кофинансира до 50% од трошоците за сертификација, а ГИЗ ќе обезбеди консултантска експертиза. Со стратешки инвестиции, меѓународна соработка и јасна посветеност кон конкретни резултати, Лидл докажува дека македонските производи припаѓаат не само на локалните полици – туку и на европските трпези.

Останато

Делегација на ФОД учествуваше на годишното собрание и конференција на Европскиот форум на осигурители на депозити

Објавено

на

Делегација на Фондот за осигурување на депозити учествуваше на Годишното собрание и Меѓународната конференција на Европскиот форум на осигурители на депозити (EFDI), што се одржа во Букурешт од 9 до 13 јуни 2026 година.

Настанот беше организиран од Романскиот фонд за гаранција на банкарски депозити (FGDB), а ФОД го претставуваа Ирена Митровска, помошник раководител на секторот за обесштетување на депозити, меѓународна соработка, промотивни активности, односи со јавноста и ИКТ, и Антигона Сефери, помошник раководител на секторот за правни работи, општи административни работи и управување со квалитет.

На конференцијата се разговараше за најновите случувања и реформи поврзани со новата рамка за управување со кризи и осигурување на депозити (CMDI), како и за предизвиците што ги носат финансиските иновации и развојот на FinTech-секторот. Дел од дискусиите беа посветени и на прекуграничното управување со ризици во банкарскиот сектор.

Од ФОД посочуваат дека учеството на конференцијата ја потврдува нивната посветеност на понатамошно зајакнување на системот за осигурување на депозити, унапредување на структурните реформи и регулаторната рамка, како и на размена на искуства со европските институции.

Продолжи со читање

Останато

Од јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари

Објавено

на

Компаниите од приватниот сектор од 1 јули можат да започнат со исплата на регресот за годишен одмор, познат како К-15. Минималниот износ што треба да им биде исплатен на работниците годинава изнесува околу 19.116 денари.

Износот се утврдува според просечната нето-плата за претходните три месеци. За пресметката се земени платите за февруари, март и април 2026 година, кои изнесуваат 46.159, 48.433 и 48.779 денари. Просекот од овие три месеци е околу 47.790 денари, а според колективниот договор, минималниот регрес за годишен одмор изнесува 40 проценти од таа основица.

Право на К-15 имаат вработените во приватниот сектор кои во текот на календарската година имаат најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај истиот работодавач.

Работодавачите имаат можност да исплатат и повисок износ од минималниот, доколку тоа е предвидено со колективен договор, правилник или одлука на самата компанија.

Продолжи со читање

Останато

УЈП: До 30 јуни истекува рокот за првите пријави за минималниот глобален данок

Објавено

на

Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсети засегнатите даночни обврзници дека на 30 јуни 2026 година истекува рокот за поднесување на првите даночни пријави за 2024 година согласно Законот за минимален глобален данок на добивка и соодветниот правилник за пресметување и наплата на дополнителниот данок на добивка.

Законот предвидува минимално ефективно оданочување на добивката на мултинационални компании и големи домашни групи со минимална даночна стапка од 15 проценти. Обврската се однесува на субјекти со седиште во државата кои се дел од мултинационални или големи домашни групи со консолидиран годишен приход од најмалку 750 милиони евра во најмалку две фискални години во периодот од 2020 до 2023 година.

Според законските решенија, минималното ефективно оданочување се спроведува преку три механизми: квалификуван домашен дополнителен данок, правило за вклучување на добивката и правило за помалку оданочена добивка.

Од УЈП информираат дека најдоцна до 30 јуни засегнатите обврзници треба електронски да достават известување за субјектот назначен за поднесување на Пријавата за информации за дополнителен данок, како и Пријава за квалификуван домашен дополнителен данок (КДДД/П).

Дополнително, до истиот рок треба да се поднесе и Пријавата за информации за дополнителен данок преку системот е-Даночни услуги, во делот „Извештај за глобален данок“.

Пријавата за квалификуван домашен дополнителен данок се поднесува до 30 јуни, додека Пријавата за дополнителен данок (ДДД/П) треба да биде доставена најдоцна до 30 јули 2026 година.

УЈП нагласува дека даночните пријави мора да бидат поднесени и во случаите кога пресметаниот данок за плаќање изнесува нула.

Рокот за плаќање на квалификуваниот домашен дополнителен данок е 30 јули 2026 година, а дополнителниот данок на добивка треба да се плати најдоцна до 30 август 2026 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange