Connect with us

Криптовалути

Долгорочната стратегија во крипто: Пат до одржлив успех

Објавено

на

Како што пазарот на криптовалути продолжува да се развива, Binance испраќа силна порака до инвеститорите и ентузијастите: долгорочното размислување е клучно за траен успех. Иако насловите често се фокусираат на еуфорија и брзи профити, написот ги охрабрува корисниците да гледаат подалеку од краткорочната нестабилност и да развиваат навики засновани на трпеливост, едукација и стратегија.

Пазарот на криптовалути има доживеано циклуси на брз раст проследени со подеднакво драматични корекции. Сепак, овие флуктуации не треба да се сфатат како неуспех. Напротив, тие претставуваат природен дел од зреењето на пазарот. Binance го споредува прифаќањето на криптовалутите со претходни технолошки револуции, како интернетот, каде што првите усвојувачи кои останале посветени со текот на времето ги добиле најголемите придобивки.

Еден од клучните концепти што се истакнува е Dollar-Cost Averaging (DCA) – стратегија за инвестирање во која корисниците постојано вложуваат фиксна сума пари во одредени интервали, без оглед на пазарните услови. Овој метод го намалува стресот од обидите да се “погоди” пазарот и помага да се ублажи влијанието на волатилноста(распонот и брзината на движење на цените).

Слично на тоа, филозофијата на HODLing – задржување на дигитални средства и во периоди на раст и на пад – останува централен елемент во долгорочниот пристап. Првично создаден како печатна грешка, терминот денес претставува доверба во долгорочниот раст на крипто-екосистемот.

Покрај профитот, написот нагласува дека криптовалутите и блокчејн технологијата имаат вистинска примена во реалниот свет која го поттикнува глобалното усвојување. Тие овозможуваат пристап до отворени финансиски системи, ја зголемуваат транспарентноста и ги зајакнуваат заедниците кои традиционално биле исклучени од глобалниот финансиски систем.

Binance ги охрабрува корисниците да развијат силни навики за управување со ризик. Тоа вклучува вложување само на средства кои можете да си дозволите да ги изгубите, поставување јасни финансиски цели, периодично ребалансирање на портфолиото и постојана едукација за потенцијалните ризици. Емоционалните одлуки во крипто можат да бидат скапи, па затоа структурираниот план помага да се одржи дисциплината.

Безбедноста е уште една клучна компонента за долгорочен успех. На корисниците им се советува:

• Да користат хардверски паричници за безбедно складирање на средствата,

• Да активираат двофакторска автентикација (2FA),

• Да бидат внимателни на фишинг напади и измами,

• Редовно да ги ажурираат сите софтвери и апликации за заштита и безбедност.

Проактивните мерки за безбедност не се опција – тие се неопходност.

Во брза и често непредвидлива средина, криптовалутите ги наградуваат оние кои одвојуваат време за учење, развивање добри и корисни навики и долгорочно размислување. Краткорочните добивки може да дојдат и да исчезнат, но вистинскиот успех се наоѓа во долгорочниот пристап – преку информираност, безбедност и разбирање на пошироката цел на оваа трансформативна технологија.

Прочитај го целиот текст тука: The Long Game of Crypto – Binance Blog

Криптовалути

Во овој европски град, секој осми жител е милионер!

Објавено

на

Швајцарскиот град Цуг бележи зголемен интерес од милијардери, инвеститори и мултинационални компании, особено по зголемената геополитичка неизвесност на Блискиот Исток, која го намали статусот на Дубаи како сигурна дестинација за капитал.

Иако има само околу 130.000 жители, Цуг е најбогатиот кантон во Швајцарија. Во него се регистрирани повеќе од 40.000 компании, а секој осми жител е милионер. Благодарение на поволниот даночен систем, политичката стабилност и предвидливата деловна средина, кантонот со децении привлекува глобални компании и инвеститори.

Покрај тоа што е седиште на големи меѓународни компании, Цуг е познат и како „Крипто Долина“, еден од водечките европски центри за блокчејн и крипто-индустријата. Посебно атрактивен е швајцарскиот модел на оданочување, кој во одредени кантони овозможува даночните обврски да се пресметуваат според животните трошоци, наместо според вкупниот приход или богатство.

Сепак, силниот прилив на капитал има и своја цена. Побарувачката за недвижности значително ги зголеми цените на становите и куќите, кои денес се меѓу највисоките во Европа, а сè повеќе локални жители се соочуваат со високи трошоци за домување.

И покрај тоа, финансиската состојба на кантонот останува исклучително стабилна. Буџетскиот суфицит овозможува пониски трошоци за јавни услуги и здравствено осигурување, што дополнително ја зголемува атрактивноста на Цуг.

Во услови на геополитички ризици, повисоки даноци во дел од европските земји и глобална економска неизвесност, Цуг продолжува да ја зацврстува својата позиција како една од најпосакуваните светски дестинации за инвеститори и мобилен капитал.

Продолжи со читање

Криптовалути

Продажбата на биткоини од „Стратеџи“ ги отвори прашањата за иднината на крипто компаниите

Објавено

на

Одлуката на компанијата „Стратеџи“ да одобри дополнителна продажба на биткоини повторно го насочи вниманието кон компаниите што акумулираат криптовалути, чиј бизнис-модел е под силен притисок поради падот на цените на дигиталните средства.

Компанијата на Мајкл Сејлор годинава веќе продала биткоини во вредност од околу 218 милиони долари, со цел да исплати дивиденди и да ги зголеми резервите во американски долари. Со најновиот план е одобрена продажба на биткоини до 1,25 милијарди долари, како и програма за откуп на сопствени акции.

Овие потези отворија прашања за одржливоста на таканаречените компании за трезор на дигитални средства, кои минатата година доживеаја голем раст поради оптимизмот околу политиките наклонети кон криптовалутите во САД.

Нивниот модел се заснова на купување криптовалути преку капитал и задолжување, но станува многу ранлив кога цените на токените паѓаат. Во такви услови се намалува вредноста на нивните резерви, се отежнува прибирањето нов капитал и се намалува интересот на инвеститорите.

Биткоинот годинава во еден момент забележа пад од околу 33 проценти, под влијание на геополитичките тензии, растот на цените на нафтата и очекувањата за построга политика на американската централна банка.

Од крајот на минатата година, вкупната пазарна вредност на многу вакви компании падна под вредноста на криптовалутите што ги поседуваат. И акциите на „Стратеџи“ неодамна за првпат се тргуваа со попуст во однос на нето-вредноста на нејзините биткоин резерви.

И покрај продажбите, „Стратеџи“ и натаму е убедливо најголемиот корпоративен сопственик на криптовалути, додека „Битмајн имершн технолоџис“ го има второто најголемо портфолио, главно составено од етер.

Продолжи со читање

Анализи

Биткоинот се повлече по неуспешниот обид да го пробие отпорот од 64.400 долари

Објавено

на

Цената на биткоинот забележа пад во последното тргување, откако не успеа да го пробие клучното ниво на отпор од 64.400 долари.

Според техничката анализа, ова ниво останало стабилно и предизвикало повлекување на цената, додека негативните сигнали од индексот на релативна сила дополнително го зголемиле продажниот притисок на краток рок.

Сепак, биткоинот и натаму се движи над корективната нагорна тренд-линија, што укажува дека се обидува повторно да добие позитивен моментум и уште еднаш да го тестира отпорот од 64.400 долари.

Дополнителна поддршка на цената ѝ дава и 50-дневниот експоненцијален подвижен просек. Доколку биткоинот остане над актуелните нивоа на поддршка, и натаму постои можност за ново закрепнување и пробив над клучниот отпор.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange