Connect with us

Берза

[Конференција на Македонска берза] Иван Штериев: Македонска берза и во 2025 година бележи силни резултати и останува лидер во регионот

Објавено

на

Во Охрид, денес започна 24-та традиционална годишна конференција на Македонската берза, која повторно собра значаен број учесници од финансискиот и корпоративниот сектор, инвеститори, институции и академската заедница.

Главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, во своето обраќање истакна дека оваа година конференцијата има околу 240 учесници и 36 говорници од седум држави, што уште еднаш ја потврдува регионалната важност на настанот. Посебна тежина на конференцијата, како што нагласи, ѝ дава присуството на првите луѓе на клучните институции: Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност и Народната банка.

И после ланската најдобра година во последната деценија, Македонска берза и во 2025-та функционира доста добро,“ изјави Штериев. Вкупниот промет до овој момент изнесува околу 100 милиони евра, цените на акциите бележат умерен пораст од 2,5%, а индексот МБИ10 е за 125% повисок во споредба со предпандемиската 2019 година. Со тоа, Македонска берза останува со најдобри статистички перформанси во регионот на Западен Балкан.

Тој потсети и на големото достигнување – вклучувањето на Македонска берза како единствена берза од земја која не е членка на ЕУ во новиот интеграциски проект на пазарите на капитал, заедно со земји од Централна и Источна Европа, под покровителство на ЕБРД и со силна поддршка од Европската Комисија. „Ова е признание дека и малите пазари може да бидат дел од големите приказни, кога има јасна стратегија и континуирана работа,“ нагласи Штериев.

Во однос на иднината, Штериев најави дека на конференцијата ќе следува интервју во кое подетално ќе зборува за плановите, предизвиците, причините за отсуство на успешни ИПО-а и можностите за поголема корист од пазарот на капитал за државата. „Нашата амбиција е да покажеме дека берзата не е само место за тргување, туку и мотор за економски развој и креирање нова вредност,“ додаде тој.

Конечно, тој се заблагодари на спонзорите и медиумските покровители без кои настанот не би можел да се одржи, и порача дека конференцијата е можност за квалитетен нетворкинг и размена на идеи, но и за дружење во неформалниот дел на програмата.

Фотографија: Ива Јовановиќ

Известува: Банкарство.мк од Охрид

Берза

[Конференција на Македонска берза] Горазд Поповски: Независните членови во надзорните одбори – гаранција за објективност во банките

Објавено

на

Формирањето на помошни тела на надзорните одбори, во кои клучна улога ќе имаат независните членови, е неопходно за донесување поквалитетни и пообјективни одлуки. Ова го истакна Горазд Поповски, директор на Секторот за правни работи во Стопанска банка Скопје, на 24-та Годишна конференција на Македонската берза, каде учествуваше како говорник на панел-дискусијата „Добри практики за корпоративно управување – норматива vs. пракса“.

Поповски посочи дека искуството на Стопанска банка Скопје е пример како независните членови можат да придонесат во креирањето на политики за наградување и именување.

Во нашата банка уште во 2013 година беше формиран Одбор за наградување, кој подоцна ги прошири своите надлежности и стана Одбор за наградување и именување. Благодарение на неговата работа, воведен е систем на оценување на клучните перформанси на вработените, кој претставува основа за финансиската мотивација,“ изјави Поповски.

Панел дискусија: „Добри практики за корпоративно управување – норматива vs. пракса“

Тој нагласи дека ова тело има и значајна улога во процесите на донесување одлуки за плати и бонуси на вработените. „Ова тело одлучува за растот на платите и за доделувањето на бонусите врз основа на опсежни анализи и пазарни состојби. Најинтересно е што Одборот учествува и во носењето одлука за бонусот на главниот извршен директор, кој е исклучен од самиот процес,“ објасни Поповски.

Во своето излагање, тој се осврна и на прашањето на сукцесијата и флуктуацијата на вработени. „Сукцесијата не може да даде резултати на краток рок. Таа се планира во рок од три години и потоа се следи, мониторира и надградува. Во моментов во банката работиме на идентификување на таленти и идни лидери, а сегашните лидери ќе треба да предложат наследници и да ја прифатат таа одговорност,“ додаде Поповски.

Тој посочи дека телата на надзорните одбори мора да имаат улога и во идентификување на причините за одлив на кадарот. „Флуктуацијата, односно заминувањето на вработени од компанијата најчесто произлегува од финансиски причини или работниот амбиент, но некогаш и од несакани ситуации како здравствени проблеми. Поради тоа, сукцесијата треба да обезбеди континуитет и во вакви несакани околности,“ заклучи Поповски.

Продолжи со читање

Берза

[Конференција на Македонска берза] Горан Мартиноски: Мултифондовите како иднина на пензиските фондови

Објавено

на

Различната возраст носи и различна склоност кон ризик, па затоа портфолиото на еден 25-годишен осигуреник не може да биде идентично со она на 50 или 60-годишник. Токму за ова, концептот на мултифондови претставува едно од најдобрите, ако не и најдоброто решение, бидејќи овозможува прилагодување на инвестиционите портфолија согласно возраста на членовите и годините до пензионирање.

На оваа тема на 24. Конференција на Македонската берза, како дел од панел дискусијата на тема „Што ќе донесат мултифондовите за пензиските членови и пазарот на капитал?“ говореше Горан Мартиноски, Раководител на сектор за управување со средства во КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, кој посочи дека и во Македонија се работи на подготовка на законско решение за воведување мултифондови. „Во моментов постојат работни групи, но сè уште ги немаме сите детали,“ истакна тој.

Панел дискусија: „Што ќе донесат мултифондовите за пензиските членови и пазарот на капитал?“

Искуствата од останатите земји покажуваат дека најчесто се применуваат три вида портфолија:

Растечко портфолио – за најмладите членови, од вработување до 40 години, со однос 60% во инструменти со варијабилен принос (акции, инвестициски фондови) и 40% во инструменти со фиксен принос (обврзници).

Балансирано портфолио – за лица од 40/45 години до неколку години пред пензија, со структура слична на сегашните фондови: 30–40% варијабилен и 60–70% фиксен принос.

Конзервативно портфолио – за лицата пред пензионирање и самите пензионери, со очекуван принос од околу 4%.

Според Мартиноски, ваквиот систем би ги адресирал тековните предизвици и би донел подобри резултати за членовите на пензиските фондови.

Продолжи со читање

Берза

[Конференција на Македонска берза] Блаж Бродњак: Да размислуваме европски – и да не ја изгубиме визијата за обединета Европа

Објавено

на

Ако сакаме Европа да биде конкурентна, мора да им овозможиме на нашите компании пристап до капитал – не само преку банкарски кредити, туку и преку пазарите на хартии од вредност“, порача Блаж Бродњак, Главен извршен директор на НЛБ Групацијата, на отворањето на 24. Годишна конференција на Македонската берза во Охрид.

Бродњак потенцираше дека интеграцијата на пазарите на капитал е неопходна, бидејќи банките не можат сами да го преземат целиот инвестициски товар кој е потребен за поширок регионален или глобален настап на компаниите од регионот.

Истовремено, тој предупреди и на сè поголемата технолошка зависност на Европа, особено од САД во ИКТ секторот, што според него е сериозна пречка за долгорочна конкурентност.

Она што вчера изгледаше како гарантирана стабилност, денес веќе не е сигурно“, рече тој, алудирајќи на геополитичките тензии и конфликтите во непосредна близина на Европската унија. „Сигурноста станува приоритет број еден – од воена и политичка до сајбер заштита – но цената што ја плаќаат државите за тоа сериозно ги оптоварува јавните буџети“.

Бродњак посочи дека трошоците за одбрана и инвестициите во сајбер безбедност и ИКТ доаѓаат на веќе преоптоварени буџети, особено во земјите кои се соочуваат со дефицити поради социјални и демографски политики. 

Македонија и регионот се срцето на економската иднина на Европа 

Како пример за функционална регионална поврзаност и долгорочна вредност, Бродњак ја посочи НЛБ Групацијата, која котира на Љубљанската и Лондонската берза и има активно присуство во сите земји од Западен Балкан.

 „НЛБ претставува пулс на домаќинствата и на стопанството во регионот – вложувањето во НЛБ е вложување во целиот регион“, истакна тој.

Бродњак ја нагласи стратешката улога на Македонија во овој контекст и потенцираше дека земјите од Западен Балкан се подготвени за членство во ЕУ повеќе од било кога досега. „Никој не може да ме убеди дека денешна Македонија е помалку подготвена за членство отколку што беа Романија и Бугарија во своето време“, изјави тој, оценувајќи дека блокирањето на проширувањето е исклучиво политичка, а не реална одлука. Според него, неприфаќањето на земјите од регионот би било најголема геостратешка грешка за Европа.

Мораме да размислуваме европски, обединето и долгорочно, и да не заборавиме дека без нови генерации, нема ни иднина“, заврши Бродњак со силна порака за иднината на континентот.

Конференцијата на Македонската берза, која ќе се одржува и утре, традиционално е еден од најзначајните финансиски настани во земјава, со учество на клучни актери од банкарскиот, инвестицискиот и корпоративниот сектор, како и регулатори и гости од регионот. 

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange