Берза
[Конференција на Македонска берза] Блаж Бродњак: Да размислуваме европски – и да не ја изгубиме визијата за обединета Европа
„Ако сакаме Европа да биде конкурентна, мора да им овозможиме на нашите компании пристап до капитал – не само преку банкарски кредити, туку и преку пазарите на хартии од вредност“, порача Блаж Бродњак, Главен извршен директор на НЛБ Групацијата, на отворањето на 24. Годишна конференција на Македонската берза во Охрид.
Бродњак потенцираше дека интеграцијата на пазарите на капитал е неопходна, бидејќи банките не можат сами да го преземат целиот инвестициски товар кој е потребен за поширок регионален или глобален настап на компаниите од регионот.
Истовремено, тој предупреди и на сè поголемата технолошка зависност на Европа, особено од САД во ИКТ секторот, што според него е сериозна пречка за долгорочна конкурентност.
„Она што вчера изгледаше како гарантирана стабилност, денес веќе не е сигурно“, рече тој, алудирајќи на геополитичките тензии и конфликтите во непосредна близина на Европската унија. „Сигурноста станува приоритет број еден – од воена и политичка до сајбер заштита – но цената што ја плаќаат државите за тоа сериозно ги оптоварува јавните буџети“.
Бродњак посочи дека трошоците за одбрана и инвестициите во сајбер безбедност и ИКТ доаѓаат на веќе преоптоварени буџети, особено во земјите кои се соочуваат со дефицити поради социјални и демографски политики.

Македонија и регионот се срцето на економската иднина на Европа
Како пример за функционална регионална поврзаност и долгорочна вредност, Бродњак ја посочи НЛБ Групацијата, која котира на Љубљанската и Лондонската берза и има активно присуство во сите земји од Западен Балкан.
„НЛБ претставува пулс на домаќинствата и на стопанството во регионот – вложувањето во НЛБ е вложување во целиот регион“, истакна тој.
Бродњак ја нагласи стратешката улога на Македонија во овој контекст и потенцираше дека земјите од Западен Балкан се подготвени за членство во ЕУ повеќе од било кога досега. „Никој не може да ме убеди дека денешна Македонија е помалку подготвена за членство отколку што беа Романија и Бугарија во своето време“, изјави тој, оценувајќи дека блокирањето на проширувањето е исклучиво политичка, а не реална одлука. Според него, неприфаќањето на земјите од регионот би било најголема геостратешка грешка за Европа.
„Мораме да размислуваме европски, обединето и долгорочно, и да не заборавиме дека без нови генерации, нема ни иднина“, заврши Бродњак со силна порака за иднината на континентот.
Конференцијата на Македонската берза, која ќе се одржува и утре, традиционално е еден од најзначајните финансиски настани во земјава, со учество на клучни актери од банкарскиот, инвестицискиот и корпоративниот сектор, како и регулатори и гости од регионот.
Берза
Јанкуловски: Подготвуваме модерна рамка за развој на македонскиот пазар на капитал
Министерството за финансии работи на воспоставување модерна и сеопфатна регулаторна рамка, која треба да овозможи понатамошен развој на македонскиот пазар на капитал, поголема стабилност и повисоко ниво на заштита на инвеститорите, истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.
Во своето обраќање, Јанкуловски посочи дека новата регулатива ги опфаќа и обврските на издавачите на хартии од вредност и треба да почне да се применува во следниот период.
„Со новата регулатива воспоставуваме модерна и сеопфатна рамка за македонскиот пазар на капитал, усогласена со европските регулативи“, нагласи Јанкуловски.
Според него, во Министерството за финансии во тек се дополнителни измени на два закона, кои се очекува да бидат усвоени пред почетокот на нивната имплементација. Целта е навремено да бидат надминати евентуалните предизвици посочени од Македонската берза и од останатите учесници на пазарот.
Новата правна рамка треба да создаде услови за развој на нови производи и услуги, поголема стабилност на финансискиот пазар, зајакнат надзор и повисоко ниво на заштита на инвеститорите.
Расте интересот за граѓанските обврзници
Паралелно со промените во законската рамка, Министерството за финансии направило и практичен исчекор со воведувањето на граѓанските обврзници.
Според податоците што ги презентираше Јанкуловски, досега биле реализирани три емисии на овој тип обврзници. Во третата емисија, реализирана во декември минатата година, 1.543 граѓани запишале обврзници во вредност од над две милијарди денари, односно околу 33 милиони евра.
Обврзниците се со рок на доспевање од две години и со каматна стапка од 4,5 проценти годишно.
„Високиот интерес е потврда дека граѓанската обврзница е препознаена како сигурен и атрактивен инструмент за вложување на заштедите на граѓаните“, рече Јанкуловски.
Министерството за финансии, како што најави, ќе продолжи да работи на унапредување на регулаторната и супервизорската рамка, но и на воведување нови финансиски инструменти на домашниот пазар.
За целосен успех, според заменик-министерот, потребен е активен придонес од сите учесници на пазарот, институциите, регулаторите, Македонската берза, финансискиот сектор и инвеститорите.
Јанкуловски оцени дека размената на идеи и искуства на ваквите конференции може да понуди конкретни решенија и насоки за понатамошен развој на македонскиот пазар на капитал.
Берза
Nasdaq достигна нов рекорд, Dow Jones во пад
На Волстрит во вторникот индексот Nasdaq достигна ново рекордно ниво, поттикнат од растот на акциите на производителите на чипови, додека Dow Jones забележа пад.
Dow Jones се намали за 0,36 отсто, на 51.863 поени, додека S&P 500 остана речиси непроменет на 7.764 поени. Nasdaq, пак, порасна за 0,45 отсто, на 27.244 поени.
Растот на Nasdaq главно се припишува на зголемувањето на цените на акциите на компаниите од секторот за чипови, во услови на очекувања дека технолошките компании ќе продолжат со големи инвестиции во развојот на вештачката интелигенција.
Сепак, инвеститорите останаа внимателни. Во шест од 11-те најважни сектори во рамки на S&P 500 акциите забележаа пад, а најголемо намалување имаше во финансискиот сектор, од 1,7 отсто, и во комуникацискиот сектор, од 0,8 отсто.
Во фокусот на пазарите беше и позитивниот прием на AI асистентот „Muse“ на Meta Platforms, кој може да испраќа електронска пошта и да извршува трансакции во име на корисниците. Неговиот успех дополнително го поттикна растот на акциите на компаниите поврзани со вештачката интелигенција.
Во Азија, поголемиот дел од берзите во средата забележаа раст, додека доларот дополнително зајакна во однос на кошницата валути. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции беше во плус од 0,3 отсто, шести ден по ред.
Берза
Шахбаз: Технологијата треба да им го олесни животот на луѓето, а не да ги оддалечи од банките
Банкарскиот сектор во регионот има доволно искуство и капацитет успешно да одговори на актуелните и идните предизвици, а клучот е во правилното управување со промените, инвестициите во технологијата и задржувањето на човечкиот пристап кон клиентите.
Ова го истакна Фатих Шахбаз од Халкбанк АД Скопје, кој учествуваше како говорник на 25. Годишна конференција на Македонската берза.
Според Шахбаз, банките не можат да ги контролираат сите глобални промени, но можат успешно да управуваат со нив доколку навремено и правилно реагираат.
„Банкарскиот сектор во нашиот регион има силно искуство и капацитет да одговори на сегашните и идните предизвици“, порача Шахбаз.
Посебен акцент во неговото излагање беше ставен на рамнотежата меѓу технологијата и човечкиот фактор. Халкбанк продолжува да инвестира во дигитализација и напредни технолошки решенија, но според Шахбаз, технологијата треба пред сè да биде во функција на клиентите.
„Технологијата треба да им обезбеди удобност на луѓето, а не да ги оддалечи од банката. Во ерата на дигитализацијата, емпатијата, довербата и личните односи се повредни од кога било“, истакна Шахбаз.
Третиот важен принцип е континуираната поддршка на реалната економија. Во услови кога глобалните синџири на снабдување се менуваат, а трошоците и неизвесноста растат, Халкбанк ќе продолжи со своите активности во Македонија преку партнерски пристап кон клиентите и компаниите.
Тоа, според Шахбаз, значи банка која ги разбира бизнисите на своите клиенти, размислува долгорочно и обезбедува сигурност и во сложени економски услови.
На крајот, тој потенцираше дека водењето банка во 21 век не се сведува само на финансиските резултати.
„Оваа должност значи и голема одговорност кон економијата, општеството и средината во која работиме“, порача Фатих Шахбаз.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





