Connect with us

Берза

[Конференција на Македонска берза] Горазд Поповски: Независните членови во надзорните одбори – гаранција за објективност во банките

Објавено

на

Формирањето на помошни тела на надзорните одбори, во кои клучна улога ќе имаат независните членови, е неопходно за донесување поквалитетни и пообјективни одлуки. Ова го истакна Горазд Поповски, директор на Секторот за правни работи во Стопанска банка Скопје, на 24-та Годишна конференција на Македонската берза, каде учествуваше како говорник на панел-дискусијата „Добри практики за корпоративно управување – норматива vs. пракса“.

Поповски посочи дека искуството на Стопанска банка Скопје е пример како независните членови можат да придонесат во креирањето на политики за наградување и именување.

Во нашата банка уште во 2013 година беше формиран Одбор за наградување, кој подоцна ги прошири своите надлежности и стана Одбор за наградување и именување. Благодарение на неговата работа, воведен е систем на оценување на клучните перформанси на вработените, кој претставува основа за финансиската мотивација,“ изјави Поповски.

Панел дискусија: „Добри практики за корпоративно управување – норматива vs. пракса“

Тој нагласи дека ова тело има и значајна улога во процесите на донесување одлуки за плати и бонуси на вработените. „Ова тело одлучува за растот на платите и за доделувањето на бонусите врз основа на опсежни анализи и пазарни состојби. Најинтересно е што Одборот учествува и во носењето одлука за бонусот на главниот извршен директор, кој е исклучен од самиот процес,“ објасни Поповски.

Во своето излагање, тој се осврна и на прашањето на сукцесијата и флуктуацијата на вработени. „Сукцесијата не може да даде резултати на краток рок. Таа се планира во рок од три години и потоа се следи, мониторира и надградува. Во моментов во банката работиме на идентификување на таленти и идни лидери, а сегашните лидери ќе треба да предложат наследници и да ја прифатат таа одговорност,“ додаде Поповски.

Тој посочи дека телата на надзорните одбори мора да имаат улога и во идентификување на причините за одлив на кадарот. „Флуктуацијата, односно заминувањето на вработени од компанијата најчесто произлегува од финансиски причини или работниот амбиент, но некогаш и од несакани ситуации како здравствени проблеми. Поради тоа, сукцесијата треба да обезбеди континуитет и во вакви несакани околности,“ заклучи Поповски.

Берза

Златото скокна над 5% за една недела – инвеститорите го чекаат клучниот извештај од САД

Објавено

на

Цените на златото пораснаа во петокот и се на пат да ја забележат најдобрата недела од почетокот на годината, поттикнати од падот на цените на нафтата и намалените инфлациски очекувања, додека инвеститорите со внимание го очекуваат извештајот за вработеноста во САД, кој би можел да даде нови сигнали за идната политика на Федералните резерви.

Спот-цената на златото се зголеми за 0,6% и достигна цена од 4.262,39 долари за унца, по седумнеделен максимум забележан ден претходно. На неделно ниво, благородниот метал бележи раст од над 5%, што е негов најсилен неделен перформанс од јануари. Американските фјучерси на златото исто така пораснаа за 0,5%, на 4.321,50 долари за унца.

Позитивното расположение на пазарот е поддржано и од надежите за деескалација на тензиите на Блискиот Исток, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува конфликтот со Иран наскоро да заврши. Истовремено, падот на цените на суровата нафта ги намали очекувањата за инфлациски притисоци, што дополнително го поддржа растот на златото.

Фокусот на инвеститорите денес е насочен кон податоците за платите во неземјоделскиот сектор во САД (Nonfarm Payrolls), кои ќе понудат нови насоки за можните идни одлуки на Федералните резерви за каматните стапки. Според алатката CME FedWatch, пазарите моментално проценуваат 55% веројатност за зголемување на каматните стапки во септември, што е помалку од 63% пред една недела.

И останатите благородни метали бележат позитивно движење. Среброто порасна за 1,3%, платината за 0,5%, додека паладиумот забележа благо намалување. Сепак, сите три метали се на пат да ја завршат неделата со добивки.

Продолжи со читање

Берза

Европските берзи продолжија да растат, индексот Stoxx 600 достигна рекорд

Објавено

на

Европските берзи во четвртокот претпладне продолжија со раст, а цените на акциите достигнаа нови рекордни нивоа.

Паневропскиот индекс Stoxx 600 околу 10 часот беше во плус од 0,4 проценти, со што повторно достигна рекордно ниво. Истовремено, германскиот DAX порасна за 0,11 проценти, на 26.151 поен, лондонскиот FTSE за 0,19 проценти, на 10.910 поени, а парискиот CAC за 0,65 проценти, на 8.725 поени.

Раст беше забележан и на Загрепската берза, каде што главните индекси се зголемија за околу 0,3 проценти.

Индексот Crobex околу 10:45 часот беше во плус од 0,27 проценти, на 4.448 поени, додека Crobex10 порасна за 0,25 проценти, на 2.874 поени.

Редовниот промет со акции достигна речиси 700.000 евра, што е за 14.000 евра помалку во споредба со истиот период во вторникот.

Најголем промет беше остварен со акциите на „Кончар“, во вредност од 523.000 евра, а нивната цена се зголеми за 0,4 проценти, на 1.010 евра.

Следуваа акциите на „Далековод“ со промет од 32.000 евра и раст на цената од 1,19 проценти, на 17 евра. Повластените акции на „Кончар Д&СТ“ остварија промет од 30.000 евра, додека нивната цена остана непроменета на 4.250 евра.

Најголем раст на цената забележаа акциите на „Јадран“ од Цриквеница, кои поскапеа за 2,5 проценти, на 1,64 евра. Најголем пад, пак, имаа акциите на „Токиќ“, кои се намалија за 3,53 проценти, на 16,4 евра.

Извор: Finansije.hr

Продолжи со читање

Берза

41 милион евра нов државен долг: Три државни обврзници од денес се тргуваат на Македонска берза, каматите достигнуваат до 5,20 проценти

Објавено

на

Министерството за финансии издаде три нови државни обврзници во вкупна вредност од 2,523 милијарди денари, односно околу 41 милион евра, кои од денес официјално котираат на пазарот на Македонската берза. Новите хартии од вредност се дел од редовните активности за обезбедување финансиски средства преку домашниот пазар на капитал, а на инвеститорите им нудат фиксни каматни стапки од над четири до над пет проценти.

Најголем дел од емисијата се 202.370 долгорочни државни обврзници без девизна клаузула, со вкупна вредност од 2,024 милијарди денари (околу 32,9 милиони евра). Обврзниците имаат рок на достасување до 30 јули 2041 година и носат фиксна годишна каматна стапка од 5,20 проценти.

Покрај нив, на официјалниот пазар започнува тргување и со 37.676 државни обврзници со девизна клаузула, во вкупна вредност од 376,8 милиони денари (околу 6,1 милион евра). И овие обврзници достасуваат во 2041 година, а на инвеститорите им обезбедуваат фиксна каматна стапка од 5 проценти.

Во котацијата е вклучена и трета емисија на 12.321 државни обврзници без девизна клаузула во вредност од 123,2 милиони денари (околу 2 милиони евра). Овие обврзници достасуваат на 30 јули 2029 година, а на инвеститорите им обезбедуваат фиксна каматна стапка од 4,35 проценти.

Со издавањето на новите емисии, државата продолжува да го користи домашниот пазар на капитал како извор за финансирање, додека инвеститорите добиваат нови можности за вложување во државни хартии од вредност со долг рок на доспевање и однапред утврден принос.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange